Corner Reports

Месечен извештај за состојбата со човековите права во РМ за јануари 2018 година 12 February 2018

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за јануари 2018 година опфаќа теми од областите: Дискриминација, Говор на омраза, Родово базирано насилство, Полиција, Работнички права и Текстилни работнички.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк 

ДИСКРИМИНАЦИЈА

Дискриминацијата во огласите за вработување продолжува

Во минатото Хелсиншкиот комитет има регистрирано и реагирано на дискриминаторските услови за вработување кои во себе ги содржеа низа огласи за вработување. За жал и покрај сите поранешни реакции, ваквите услови продолжуваат да се појавуваат во огласите за вработување. Во изминатиот месец извршивме мониторинг на актуелните огласи за вработување и регистриравме неколку огласи чии услови се дискриминирачки. Голем дел од огласите бараат женски или машки лица за одредено работно место или бараат потенцијалните кандидати да бидат на одредена возраст, а не ретко поставуваат услови и по однос на пол и по однос на возраст. Во месец мај минатата година имавме случај за кој Комисијата за заштита од дискриминација донесе мислење со кое утврди директна повеќекратна дискриминација, односно дискриминација врз повеќе од еден основ, по претставка поднесена од Хелсиншкиот комитет. Се работеше за оглас за вработување во кој се бараше "женска особа на возраст од 30 до 45 години за работа во кујна - сервирање појадок (шведска маса)". Комисијата постапувајќи по претставката во конкретниот случај утврди директна повеќекратна дискриминација, бидејќи со ваквиот оглас се оневозможува пристап до работното место за мажите, со што е направена директна дискриминација врз основа на пол, но во исто време се оневозможува пристап до работното место за жените кои се помлади од 30 години и постари од 45 години, со што е направена директна дискриминација врз основа на возраст.

И покрај ваквите мислења на Комисијата за заштита од дискриминација, огласите со дискриминирачки услови за вработување сè уште се појавуваат на веб страните за вработување. Хелсиншкиот комитет подготвува претставки за секој од огласите кај кои се јавува услов за пол, возраст или било кој друг услов кој е ограничувачки. Со поставување на услови за пол, род, возраст или некој друг услов, се врши дискриминација и ограничување на пристапот до вработување кое работодавците свесно или несвесно го прават.

Препорака: Хелсиншкиот комитет ќе продолжи активно да работи на следење на огласите за вработување и ќе испраќа реакции за секој дискриминирачки оглас, меѓутоа, имајќи предвид дека праксата на објавување на ваков вид на огласи продолжува, сметаме дека неизбежно е да се преземат други дополнителни мерки кои ќе го намалат бројот на дискриминирачки огласи. Нашата препорака оди во насока на едукација на работодавците и едукација на посредниците за вработување во делот на дозволени услови за вработување кои не го ограничуваат пристапот до вработување по било кој основ.

Јавниот превоз во скопје мора да биде пристапен за сите

Хелсиншкиот комитет за човекови права во текот на месец јануари испрати реакција до Јавното сообраќајно претпријатие Скопје за некористењето на звучниот систем на автобуски постојки. Причината за реакцијата беа пријавите од различни лица со оштетен вид и слепи лица за проблемите со кои тие се соочуваат при користењето на јавниот превоз во Град Скопје. Лицата посочија дека во ниту еден автобус на ЈСП во кој се возат не се користи звучниот систем на кажување на автобуските постојки и тие не знаат на која станица се наоѓаат и каде и кога треба да се симнат од автобус, па мора да прашуваат случајни патници. Во нашата реакција испратена до ЈСП посочивме дека некористењето на звучните автобуски постојки е форма на дискриминација, бидејќи лицата со оштетен вид и слепите лица се оневозможени под еднакви услови да ги користат услугите на јавниот превоз поради нивната попреченост. Сметаме дека од особено значење е овие лица да можат самостојно и независно да го користат јавниот превоз, без притоа да бараат помош од другите патници. Предност на набавката на новите автобуси беше токму пристапноста за секого, а користењето на веќе вграден звучен систем за автобуски постојки не бара дополнително финансиско вложување бидејќи веќе постои и неговото користење само ќе ги подобри услугите на јавен превоз на сите патници.

На ваквата реакција, ЈСП испрати допис до Хелсиншкиот комитет со кој нè информираше дека како претпријатие кое го врши јавниот, градскиот и приградскиот превоз на патници во Град Скопје, ќе ги запознае и задолжи сите возачи задолжително да го активираат звучниот сигнал за најава на автобуските постојки, како би им го олесниле патувањето со автобусите на лицата со попреченост.

Препорака: Ја поздравуваме брзата реакција на ЈСП и задолжението до сите возачи, се надеваме дека истото нема да остане само на формално задолжение и ќе биде спроведено и во пракса. Доколку граѓаните и во иднина повторно се соочат со проблем при користењето на јавниот превоз поради некористење на звучниот систем на автобуски постојки, ги повикуваме истото да го пријават во Хелсиншкиот комитет.

Исплатата на регрес за годишен одмор е дискриминирачка по основ на род

Во изминатиот период Хелсиншкиот комитет регистрираше случаи на различна примена на одредбите од колективниот договор за стопанството кои се однесуваат на регресот на годишен одмор. Имено, се појавија случаи каде по пријави до трудовиот инспекторат испратени од Хелсиншкиот комитет по однос на неисплата на регрес за годишен одмор, наречен к-15, инспекторатот утврдил дека на работничките кои во текот на календарската година користеле породилно отсуство не им следува регрес за годишен одмор. Ваквиот став се „оправдува” со толкување на одредбата од член 35 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството (Службен весник на РМ број 115/2014 од 01.08.2014 година) согласно која „работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работа меѓу кои е и правото на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач”. Користењето на породилно отсуство во текот на календарската година, дел од инспекторите го сметаат за неисполнување на условот работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Од друга страна дел од инспекторите сметаат дека правото на регрес на годишен одмор им следува на работничките кои користеле породилно отсуство.

Ова е апсолутно погрешна и невоедначена примена на оваа одредба од колективниот договор за приватниот сектор, со кое толкување се предизвикува правна несигурност. Потенцираме дека породилното отсуство во никој случај не може да се смета за прекин на работниот однос кај работодавачот или одново започнување на работен однос и да биде причина за неисплата на регрес на годишен одмор за работниците/чките кои го искористиле правото на породилно отсуство. И самиот термин породилното отсуство или како што е уредено во законот „Отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство” укажува дека се работи за отсуство, а не прекин на работниот односи никако не смее произволно да се толкува. Впрочем, работниците кои користат породилно отсуство не го губат правото на годишен одмор, кое пак е тесно поврзано со исплатата на регресот. Оттука е нејасно врз основа на која одредба трудовите инспектори одлучуваат дека се губи правото на регрес за годишен одмор, кога не се губи правото на годишен одмор. Ваквото толкување и различна примена на одредбите за регрес на годишен одмор се спротивни на начелата за недискриминација и еднакви можности и третман на мажите и жените гарантирани со Уставот и законите, земајќи предвид дека најголем дел од работниците кои користат породилно отсуство се жени.

Овој проблем се надоврзува на досега идентификуваните проблеми поврзани со третирањето и засметувањето на породилното отсуство, а тоа е незасметувањето на породилното отсуство како дел од бенифициран стаж. Регистрирани се случаи во Министерството за внатреши работи дека месеците во кои се користи отсутво поради бременост, раѓање и родителство, не се засметуваат во бенифицираниот стаж на вработените кои го користат овој тип на отсуство. Со оваа пракса вработените во Министерството за внатрешни работи кои користеле породилно отсуство, најмногу жени, остваруваат право на пензија 3 месеци подоцна од вработените кои не користеле породилно отсуство, најчесто мажи, а кои работеле подеднакво долго во министерството.

Препорака: Хелсиншкиот комитет смета дека Министерството за труд и социјална политика треба да испрати насоки до Државниот трудов инспекторат со цел воедначена пракса при примена на законските одредби кои се однесуваат на регрес на годишен одмор, бидејќи очигледно е дека имаме различна примена на колективниот договор на штета на работничките. Доколку Државниот трудов инспекторат не ја промени ваквата пракса, работничките можат да иницираат соодветни постапки за заштита на нивните права.

ГОВОР НА ОМРАЗА

Говор на омраза НЕ Е СЛОБОДА НА ИЗРАЗУВАЊЕ!

Во текот на јануари 2018 година, говорот на омраза застапен на социјалните мрежи и во јавниот простор е последица на општествено политичките случувања и значајни настани во државата во овој период. Во тој контекст, процесот на донесувањето на Закон за употреба на јазиците, потпишувањето на договорот за добрососедство со Р. Бугарија, како и процесот насочен кон преговори за промена на името на државата, предизвикаа реакции кај граѓаните често исполнети со говор на омраза.

Од регистрираните случаи на говор на омраза кои се затекнаа во јавниот простор, Хелсиншкиот комитет ги издвојува следните: на почетокот на јануари 2018, на социјалната мрежа Фејсбук е забележана страна насловена „CIgano mundi- Здружение за заштита на Роми“. Целосната содржина на креираната страна се состои од расистички коментари, навредливи и омаловажувачки содржини кон Ромите, поистоветувајќи ги со животни. Дополнително вознемирувачки е фактот што на страната се објавени слики од деца, на чии објави повторно се затекнува експлицитен говор на омраза. Хелсиншкиот комитет најостро го осудува креирањето на ваква страна која до моментот на пријавување веќе 22 лица одбрале дека им се допаѓа. Особено важно е брзото постапување на надлежните институции да се отстранат ваквите содржини, со цел да се избегне понатамошно споделување. По бројните пријави и реакции од граѓаните страната беше отстранета. Хелсиншкиот комитет го пријави случајот до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, со цел да се утврди креаторот на страната и кон него да се поведе соодветна судска постапка.

Во вториот регистриран случај, станува збор за испишан графит на јавен простор во Битола кој претставува говор на омраза врз етничка припадност. Графитот повикува на „Смрт на шиптари“, алудирајќи на Законот за употреба на јазиците. За жал, ова не е првиот регистриран случај на говор на омраза во Битола врз основа на етничка припадност. Во текот на изминатите години, регистрирани се 10 случаи на говор на омраза (од кои 7 врз основа на етничка припадност), а неколку пати во изминатите години е регистрирано и демолирањето на Музејот на Албанската азбука во Битола како дело од омраза. Хелсиншкиот комитет го нагласува негативното влијание на говорот на омраза кон поединецот и во општеството, кој неретко предизвикува дела од омраза.

Препораки: Хелсиншкиот комитет апелира до граѓаните да се воздржат од употребата на говор на омраза во јавните простори и на социјалните мрежи и да го изразуваат своето мислење без да користат навредлив, понижувачки и дискриминаторски говор насочен кон ранливи групи или етнички заедници. Повикуваме на итна и неодложна реакција на надлежните органи (Министерството за внатрешни работи, локалните самоуправи) за отстранување на сите примери на говор на омраза во јавниот простор.

РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

КАМПАЊА #СЕГАКАЖУВАМ

Хелсиншкиот Комитет на Република Македонија ја поддржа кампањата #СегаКажувам, чија цел е подигнување на свеста за сексуалното вознемирување врз жените и охрабрување на сите жртви, особено жените како најзасегнати од овој проблем, да ги изразат своите потресни искуства и да ја кренат свесноста за овој проблем.

Кампањата ја организираа неколку независни активистки од Македонија, поттикнати од светските случувања во 2017 година во САД, која ја одбележаа токму жените кои споделуваа вакви искуства за повеќе познати личности. Под хаштаговите #СегаКажувам и #TaniTregoj десетици Македонки ги споделија своите приказни или искуствата на нивни блиски кои биле жртви на сексуално вознемирување или насилство.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ги охрабрува жртвите на сексуално вознемирување и насилство јавно да ја споделат својата приказна и со тоа да ја подигнат свеста во нашето општество за постоењето на овој проблем. Споделените приказни ќе ги охрабрат жртвите, не само да ги споделат искуствата, туку и да побараат заштита, што претставува есенцијален чекор во борбата против насилството врз жената.

Состојбата со родово базираното насилство во државата алармантна

Во текот на своето работење Хелсиншкиот комитет има регистрирано и постапувано во голем број на случаи на насилство врз жени и семејно насилство. Имајќи ги предвид последните регистрирани случаи на родово базирано насилство, каде имаме случај на жена која се фрли во Вардар и беше тепана по нејзиното вадење, за кој случај имаме сомненија дека е случај на договорен брак и давање отпор кон истиот, и имаме случај на полициски службеник кој ја претепал сопругата до бессознание, сметаме дека од особена важност е да посочиме неколку работи. Ова се случаи пренесени во медиумите само во последниот период, а реалната бројка на вакви и слични случаи е многу голема. Не гледаме речиси никаков забележителен прогрес во третирањето и постапувањето со овие случаи од страна на полицијата и надлежните служби и институции. Жената продолжува да биде предмет на насилство, а заштитата од страна на државата продолжува да биде неефикасна.

Во последниот извештај на државата испратен до Комитететот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената (ЦЕДАВ Комитетот), посочени се низа прогресивни мерки и измени кои државата ги има преземено во насока на поголема заштита на жените од насилство. Меѓутоа, сведоци сме на поинаква реална состојба и за таа цел како организација која се залага за почитување и промоција на човековите права и работи на заштита на жените од секаков вид на насилство и дискриминација, испративме Листа на прашања (List of issues) до Комитетот, кои предлагаме Комитетот да ѝ ги постави на државата и тоа по однос на неколку области: дискриминација на жени од рурални средини, родово базирано насилство, дискриминација и прекршување на права на текстилните работнички, дискриминација на жените бегалки и малолетнички бракови.

Во делот на родово базираното насилство, му предложивме на Комитетот да побара од државата да даде одговор на прашања за тоа каква е постојната законска рамка, услуги и нивните капацитети за превенција и заштита на сите форми на родово засновано насилство, како и државата да даде информации за резултатите од Законот за бесплатна правна помош за обезбедување пристап до правдата на жените жртви на насилство, особено за потврдување на нивниот статус како жртва, времето потребно за донесување на одлука по поднесено барање за бесплатна правна помош и бројот на одобрени барања за бесплатна правна помош за жртвите на семејно насилство.

ПОЛИЦИЈА

Повреда на достоинството на личноста при претрес на домот

До Хелсиншкиот комитет во месец јануари се обрати странка од Гевгелија со наводи за неправилно постапување на полициски службеници при претрес на нивниот дом.

На 24.01.2018 година во 05:15 часот изутрина, во домот на странката бил извршен претрес во нивниот дом и помошни простории по наредба на судија од претходна постапка. Полициските службеници при влегувањето во домот со огнено оружје се упатиле кон нејзините малолетни деца.За време на претресот, свекорот на странката бил приведен од полициските службеници, при што му нанеле телесни повреди со прекумерна употреба на сила во присуство на нејзините две малолетни деца, со што видно ги вознемириле и им нанеле душевна болка. За ваквото постапување на полициските службеници, странката поседува фотодокументација и медицинска документација, за што е пријавено и во Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, како и до Народниот Правобранител.

Во согласност со чл. 26 од Уставот на Р.М, претресот на дом и на други простории може да се изведе само доколку постои веројатност дека со претресот ќе се фати сторителот на кривичното дело, ќе се пронајдат траги или предмети што може да бидат од големо значење за текот на постапката. Претресот на дом е интензивно правно регулиран. Претресувањето на дом, други простории или на лица, треба да се врши внимателно со почитување на достоинството на личноста и правото на интимност и без непотребно нарушување на куќниот ред.

Препорака: Постапувањето на полициските службеници при претресот на домот отвара основано сомнение за сторено кривично дело „Малтретирање во вршење на служба“ согласно член 143 од Кривичниот Законик. Имајќи предвид дека бевме известени дека од страна на Народниот правобранител е поднесена кривична пријава против полициските службеници за ова кривично дело, апелираме до надлежното јавно обвинителство во рамките на своите надлежности детално да го испита овој случај.

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

Повреда на правата на работницита кои работат во ноќно време

До Хелсиншкиот комитет во месец јануари 2018 година, се обратија повеќе лица вработени кај ист работодавач, а во врска со исплата на парични побарувања поради работа во ноќно време.

Странките поради карактерот на дејноста која ја вршат, вршат и работи во ноќно време. Согласно член 128 став 1 од Законот за работните односи, работникот кој работи ноќе барем три часа од својата редовна дневна работна обврска, односно работникот кој одработува ноќе третина од полното работно време од својата годишна работна обврска, има право на посебна заштита за ноќна работа.

Во повеќе наврати со барања до работодавачот, со претставки до Синдикатот, тивок штрајк, се обидувале да им се обезбедат правата кои им следуваат како работници кои работат во ноќно време, меѓутоа истото било без резултат. На 14.10.2016 година, Управниот одбор на работодавачот донел одлука со која се уредува исплатата на надоместоците на работниците кои работат ноќно време, која стапила на сила со денот на нејзиното донесување.

Бидејќи на странките не им биле исплатени надоместоците пред донесувањето на Одлуката, поднеле тужба пред надлежниот суд за исплата на парично побарување. Тужбеното барање им се однесува на периодот од 01.04.2014 до 31.10.2016. Станува збор за 47 тужители кои по решение на првостепениот суд за раздвојување на постапката, водат посебни раздвоени постапки со ист правен основ против истиот работодавач.

Предметот во овој момент се наоѓа пред Апелациониот суд, откако првостепениот суд го одбил тужбеното барање на странките како неосновано. Според Хелсиншкиот комитет, погрешен е заклучокот во пресудите дека, според тужбеното барање станува збор за ретроактивна примена на Одлуката од 14.10.2016 година. Во овој случај станува збор за законско право на работникот кое како такво е утврдено со член 128 од Законот за работните односи кој бил во примена во периодот за кој се поставени побарувањата, а самата Одлука на работодавачот не го воспоставува ова право на работникот, туку само го операционализира.

Препорака: Работникот кој работи ноќе барем три часа од својата редовна дневна работна обврска, односно работникот кој одработува ноќе третина од полното работно време од својата годишна работна обврска, има право на посебна заштита за ноќна работа. Работодавачот, на негов трошок е должен на работниците кои работат ноќно време да им обезбеди: подолг одмор, соодветна храна, стручно раководство на работниот, односно производниот процес и лекарски прегледи, пред нивно ангажирање во ноќна работа и во редовни временски периоди утврдени со закон. Работодавачот не смее да го распореди на ноќна работа работникот на кој нема да му обезбеди услови за превоз до и од работа.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

Недореченост во Општиот колективен договор во делот на утврдување на регрес на годишен одмор

Хелсиншкиот комитет документираше повеќе случаи во кои работодавачите исплатиле далеку пониски износи за регрес на годишен одмор од минимално утврдениот износ, износи кои во одредени случаи беа во висина од 100 денари. Ова е од причина што Колективниот договор има нејаснотии и прецизно не регулира како се утврдува дали одреден работодавач има финансиски потешкотии во работењето и врз основа на кои критериуми се пресметува понискиот износ за исплата на регрес за годишен одмор. Од друга страна во текстилните, кожарските и чевларските конфекции во кои нема синдикален претставник често има нетранспарентен избор на претставник на работниците кој со работодавачот го договара износот за регрес на годишен одмор во случаи на финансиски потешкотии на работодавачот, па често се случува да има злоупотреби. Ваквата ситуација им создава проблеми и потешкотии и на државните инспектори за труд при вршење на инспекциските надзори бидејќи нема утврдени критериуми по кои инспекторите би можеле да оценат дали работодавачот има и колкави се финансиските потешкотии во работењето и дали исплатениот регрес на годишен одмор во помал износ од минималниот соодветствува на финансиските потешкотии во работењето на работодавачот. Во случаите кога државните инспектори за труд ќе утврдат дека одреден работодавач нема исплатено регрес за годишен одмор, а има финансииски потешкотии во работењето, одредувањето на висината за регресот за годишен одмор се врши од страна на државните инспектори за труд, кои повторно немаат критериуми по кои би утврдиле колкава би требала да биде висината на истиот.

Согласно Општиот колективен договор за стопанството, вработените во приватниот сектор, вклучително и вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија, во 2017 година имаа право на регрес за годишен одмор или во јавноста познат како К-15. Исплатата на регресот се врши до крајот на годината во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Основицата за пресметување на надоместоците на работниците, вклучително и регресот за годишен одмор преставува просечната месечна нето плата по работник во Република Македонија исплатена во последните три месеци. Тоа значи дека вработените во приватниот сектор имаат право на регрес за годишен одмор во минимален износ од околу 9000 денари.

Сепак, Колективниот договор остава простор работодавачите во случај на финансиски потешкотии во работењето да исплаќаат понизок износ за регрес на годишен одмор од минимално утврдениот, по претходен договор со синдикалниот претставник или избраниот претставник на работниците. Оваа можност и во 2017 година беше (зло)употребена од многу работодавачи во текстилната, кожарската и чевларската индустрија.

Препорака: Хелсиншкиот комитет апелира да се изврши дополнување и прецизирање на Општиот колективен договор за стопанството во делот на утврдување на регресот за годишен одмор во слуачите кога работодавачот има финансиски потешкотии во работењето, со поставување на јасни критериуми за утврдување на финансиските потешкотии и поставување на јасни критериуми за утврдување на висината на регресот за годишен одмор во случаи на финансиски потешкотии во работењето на работодавачот. Во меѓувреме ги охрабруваме работничките и работниците од текстилната, кожараската и чевларската индустрија и понатаму да продолжат со пријавувањето на прекршувањата на работничките права.


Хелсиншкиот комитет за човекови права е институционален грантист во програмата Цивика Мобилитас. Содржината на овој тект е единствена одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-en Normal___________ang Normal_banner-lgbti Normal_banner-ws-en Normal_banner-program-en