Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово - декември, 2017 година 17 Јануари 2018

Месечниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово кој ги опфаќа темите: просторни капацитети и услови во камповите, институционално постапување и нерегуларната миграција, за периодот 01.12.2017 – 31.12.2017 година, може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија 

Во текот на декември, 2017 година состојбата во кампот е релативно непроменета во споредба со претходниот месец. Бројот на бегалци е релативно мал и не надмина 20 лица кои престојуваат во кампот. Бегалците кои транзитираат се со потекло најчесто од Авганистан, Ирак, Сирија и Пакистан. Карактеристично е што во кампот се затекнати неколку турски државјани кои поднеле барање за азил врз основ на политички прогон. На крајот од месецот, во кампот престојуваат шест бегалци.

Просторни капацитети и услови

На почетокот на месецот во кампот се затекнати 18 бегалци, од кои 8 Авганистанци се веднаш вратени кон Грција. Останатите со кампот се со потекло од Ирак и Авганистан.

На самиот почеток на месецот во кампот и „камен 59“ остварија посета заменик министерот за внатрешни работи, г. Агим Нухиу во придружба на претставник од Република Чешка.

Од страна на организациите Ла страда и Легис, во кампот се одржани креативни работилници по повод новогодишните празници. Во остатокот од времето, Легис одржува креативни работилници за жените во кампот.

Бегалците кои се сместени во кампот можат да излезат на прошетка во градот единствено со придружба од надлежните институции.

10 бегалци со потекло од Ирак и Турција кои престојуваат во кампот околу 2 недели, поднеле барање за азил. По само еден ден сите се пренесени во Прифатниот центар за баратели на азил.

Институционално постапување

Во текот на овој месец, вкупно 103 бегалци се вратени кон Грција од страна на македонските служби. Најголем дел од нив се враќаат своеволно, поради неможноста да го продолжат своето патување.

Ноќта помеѓу 01-02 декември, 2017 година, во кампот се донесени 8 бегалци со потекло од Авганистан, четворица мажи и четири жени, кои полицијата ги пренела од автобуската станица во Гевгелија. Тие се вратиле од Србија и се веднаш пренесени на грчка страна. Наредниот ден (02.12.2017), 8 бегалци со потекло од Авганистан кои во кампот престојуваат еден ден, по нивно барање се пренесени кон Грција, и покрај препораките на лекарите да не го сторат тоа поради настинка на едно од децата во групата. Истиот ден, во кампот се донесени уште осуммина бегалци со потекло од Авганистан, кои повеќе години живееле во Иран. По одредено време престој во Србија, одлучиле да се вратат назад во Грција. Откако им се обезбедени храна, вода и топла облека од страна на Црвен крст, вратени се кон Грција. Наредниот ден се донесени 10 лица со потекло од Авганистан (5 мажи и 5 жени) кои веднаш се депортирани кон Грчка страна. Според добиените информации тие исто така се враќале од Србија. Истиот ден, во кампот донесени се тројца мажи, Курди, со потекло од Ирак. Тие прв пат ја поминале грчко- македонската граница преку жичаната ограда со помош на криумчари, кои подоцна биле фатени од полицијата. Откако им е обезбедена хуманитарна помош и се регистрирани од страна на полицијата, тие се пренесени кон Грција.

Истиот ден, во кампот е донесена група од 14 бегалци, меѓу кои мажи, жени и едно дете со потекло од Ирак и Сирија. Групата е фатена во товарен камион при рутинска контрола на македонско-грчката граница. Според нивните кажувања, на криумчарите им платиле од 2 од 3 илјади евра за да ги пренесат до Италија, но биле излажани во однос на рутата по која требало да се движат. Од страна на Црвен крст им е доделена храна, вода и топла облека. Откако се регистрирани од страна на полицијата, сите се пренесени на грчка страна. Со тоа, во само првите три дена од месецот, вкупно 51 бегалци се пренесени кон грчка страна, од кои најголем дел се вратиле од Србија и по свое барање се пренесени кон Грција.

На 4ти декември, 2017 година во кампот се донесени 10 бегалци со потекло од Пакистан и Турција, фатени од страна на полицијата во близина на граничниот премин Богородица. Според кажувањата на турските државјани, тие избегале од Турција заради политички прогон. Меѓу нив има и едно дете. Тие се сместени во кампот. Подоцна во денот, донесени се уште тројца бегалци со потекло од Алжир, кои по процедурата за регистрирање, заедно со Пакистанците од претходната група се пренесени кон грчка страна.

На 5ти, во кампот донесени се 12 бегалци со потекло од Авганистан и еден од Сирија. Подоцна во текот на денот, сите се пренесени кон грчка страна.

На 10.12.2017 година во кампот се донесени 5 лица со потекло од Пакистан. Еден дел од нив не успеале да ја премина македонско-српската граница, а неколку од нив биле вратени од страна на српската полиција. Сите од нив бараат да бидат вратени кон Грција. По добивањето на хуманитарната помош и регистрацијата од страна на полицијата, сите се пренесени кон Грција, заедно со едно лице со потекло од Авганистан, кое два дена престојува во кампот.

На 15.12.2017 година, во кампот се повторно донесени три лица со потекло од Турција, фатени од страна на полицијата во близина на село Богородица, Гевгелија. Според нивните кажувања им биле украдени пари. Додека полицијата го истражува случајот тие се сместени во контејнер, а по неколку дена се пренесени кон Грција. На 18ти пак, во кампот се донесени 3 бегалци со потекло од Пакистан и еден од Индија, кои од страна на полицијата се фатени во Куманово. После неуспешен обид за премин на македонско- српската граница, тие своеволно се враќаат кон Гевгелија (Грција). Откако им е обезбедена хуманитарна помош и се регистрирани од страна на полицијата, веднаш се пренесени кон грчка страна. Со тоа бројот на бегалци кои престојуваат во кампот се намали на 4.

На 23.12.2017 година, полицијата информира дека во полициската станица во Гевгелија наоѓаат двајца бегалци со потекло од Сирија и четворица бегалци со потекло од Пакистан кои со автобус патувале од Куманово до Гевгелија. Наводно, тие престојувале неколку месеци во Србија, но непознати се причините зошто се враќаат назад.

На 27.12.2017 година ноќта во кампот е донесена група од 9 бегалци од кои 8 со потекло од Авганистан и еден со потекло од Палестина. По регистрација од полицијата сите се веднаш депортирани во Грција. 28.12.2017 во кампот се донесени 5 бегалци со потекло од Авганистан кои претходно биле испрашувани во полициската станица во Гевгелија. По регистрацијата се веднаш пренесени кон Грција.

На 31.12.2017 година во кампот се донесени 4 бегалци со потекло од Авганистан сте мажи, кои претходно неколку месеци престојувале во камп во Атина. Од страна на полицијата се фатени во близина на с. Смоквица, како се движат пеш во близина на железничката пруга со цел да стигнат во Скопје. Тројца од нив поседуваат грчки документи, во кои се гледа дека имаат поднесено барање за азил во Грција. По регистрацијата и извршениот разговор со полицијата тие се вратени во Грција. Истиот ден подоцна, во кампот се донесени уште тројца бегалци меѓу кои, маж и неговата бремена жена со потекло од Сирија, и еден маж со потекло од Ирак. Тие се задржани во кампот со што бројот на бегалци се искачи на 6.

Куманово

Состојбата во кампот во декември, 2017 година е релативно непроменета. Фреквенцијата на движење на бегалците и понатаму е динамична, иако бројот на бегалци кои престојуваат во кампот со одредено време не надмина 18. Карактеристични случаи во овој месец се инцидентот кој во кампот го предизвика бегалец во агресивна состојба и самиот се повреди, како и група на бегалци донесени во кампот откако преживеале сообраќајна незгода.

Просторни капацитети и услови

На почетокот на месецот во кампот се присутни 8 бегалци, од кои 6 регистрирани и 2 нерегистрирани. По потекло се од Либија, Пакистан, Авганистан, Сирија и повремено лица од Мароко. Најголем дел е мажи.

Нови бегалци со различно потекло пристигнуваат секојдневно. Најголем дел од нив се вратени од Србија.

На бегалците им е достапна медицинска помош и терапија, а оние кои имаат потреба од детални прегледи се пренесуваат до болницата во Куманово.

Во кампот се одржуваат координативни состаноци помеѓу институциите и организациите со цел да се утврдат состојбите и потребите на бегалците кои се сместени.

Легис повторно организира акција, во која на бегалците им подели облека и обувки.

Институционално постапување

На 10.12.2017 година, во кампот пристигна поголема група од 12 бегалци која била фатена од страна на полицијата во околните села, а со помош на Црвен крст е донесена во кампот. Меѓу нив, има едно 5 члено семејство со потекло од Сирија, односно двајца браќа од кои еден со своето семејство (сопруга и две малолетни деца, 3 години и 9 месечно бебе). Семејството доброволно се вратило од Германија, со цел преку Турција да се вратат во Сирија. Семејството побара да биде вратно кон Грција и неколку дена чекаше за да се организира нивниот превоз. Конечно, на 19.12.2017 година, семејството е пренесено кон Грција. Остатокот од бегалците во групата се вратени од страна на српската полиција. Нивната намера е да останат во кампот неколку дена додека да одморат и повторно да се обидат да ја преминат границата.

На 12.12.2017 година, кампот го напуштиле 7 бегалци од кои шест Пакистанци и еден со потекло од Иран. Во попладневните часови пак, во кампот пристигнала нова група од 7 бегалци од кои 5 до потекло од Авганистан и двајца од Пакистан. Веднаш се прифатени и сместени во кампот. Тие биле депортирани од страна на српската полиција, откако наводно учествувале во физичка пресметка во прифатен камп во Србија.

Две лица со потекло од Либија, изразија интерес за барање за азил, по што им е целосно објаснета постапката. На 14.12.2017 година, тие се пренесени во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово, каде што Секторот за азил ќе спроведе интервју. По нив, лице со потекло од Мароко кое престојува во кампот, исто така изразило намера за барање азил.

На 14.12.2017 година во кампот се случи инцидент во кој еден од бегалците во алкохолизирана состојба покажал агресивно однесување. Лицето е со потекло од Авганистан, а во кампот пристигнал пред 2 дена, со медицинска документација од Србија. По неколкучасовен излез од кампот, лицето се вратило во алкохолизирана состојба и поради банална расправа со друго лице, започнал да се заканува на останатите со камења. По бавната и речиси отсутна реакција на полицијата, лицето започнало да си нанесува повреди на себеси. Откако бил совладан од страна на присутните, пренесен е во болницата во Куманово, каде што му се санирани повредите и е кратко задржан за отрезнување. На инцидентот присуствувал и раководителот на кампот, кој го пријавил инцидентот до надлежните институции и побарал зголемување на полициското присуство во иднина.

Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагира на непостапувањето од страна на полицијата при инцидентот. Присуството на полициските службеници во кампот мора да биде зголемено согласно потребите, а присутните полициски службеници мора да ги применуваат своите овластувања согласно законот со цел да ја зачуваат безбедноста на сите лица во прифатно- транзитниот камп.

На 22.12.2017 година, во кампот пристигнаа 3 бегалци (мажи) со потекло од Либија, кои најпрво се задржаа на главната капија во кампот. По краток разговор со полицијата, тие не влегоа во кампот туку им беше само обезбедена храна, облека и средства за хигиена. Откако бегалците се оддалечија од кампот, по кажувањето на полицијата, тие самите сакале да го продолжат патот кон Грција, а полицијата им дозволила.

На 23.12.2017 година, во кампот се донесени 5 бегалци со потекло од Пакистан кои во текот на претходниот ден доживеале сообраќајна несреќа. Сите од нив се здобиле со повреди (скршеници) поради што претходно биле пренесени и задржани во Ургентниот центар- Куманово каде што им е укажана помош. Во наредните денови секојдневно добиваат преглед кај тимовите на Црвен крст и примаат соодветна терапија.

Нерегуларна миграција

Во текот на овој месец, Министерството за внатрешни работи во својот билтен регистрирало 3 кривично- правни настани поврзани со криумчарењето и бегалците. Во првиот настан, на 03.12.2017 година, мешовита полициска патрола забележала моторно возило во близина на с. Милетково, кое наместо да ја намали брзината на дадениот знак на полицијата, за зголемила и се дало во бегство. По запирањето на возилото и приведувањето на возачот, во возилото се пронајдени десет бегалци со потекло од Пакистан и Авганистан и две лица со потекло од Шри Ланка. Како што известува Министерството, по наредба на јавен обвинител, две од лицата се пренесени во Прифатен центар во Скопје, а останатите во ПТЦ Гевгелија. Наредниот ден е вториот регистриран случај, односно во товарно возило на граничниот премин Богородица, откриени се 14 бегалци сите со потекло од Сирија.

Последниот регистриран случај е сообраќајната несреќа која се случила на 22.12.2017 година во близина на с. Никуштак, Кумановско во која возило во кое се превезувале 8 пакистански државјани излетало од патот. Поради добиените повреди, сите од нив се пренесени во кумановската болница, а потоа и во кампот. 


 „Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo