Corner Извештаи

Месечен извештај - Октомври 2017 21 Ноември 2017

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за октомври 2017 година опфаќа теми од областите: Правосудство, Дискриминација, Говор на омраза, Дела од омраза, Текстилни работнички, Полициска бруталност, Законодавство, Предлог закон за бесплатна правна помош.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк.  

ПРАВОСУДСТВО

Погрешно утврдување на фактичката состојба и погрешна примена на материјалното право

Во текот на месец октомври 2016 година, во Хелсиншкиот комитет се обрати лицето Стојче Поповски од Гостивар, поранешен инспектор во Надворшената канцеларија за криминалистички работи.Поповски во 2013 година бил уапсен и му била одредена мерка домашен притвор под сомнение дека го сторил кривичното дело Злоупотреба на службената должност од член 353, ст. 2 од Кривичниот законик. Тој се товари дека како овластен инспектор за поднесување царински пријави таква пријава не поднел во еден случај кога лицето кое се јавува како оштетено во посатапката побарло да му се оцарини одземено возило купено надвор од земјата кое му е одземено бидејќи сторило прекршок - возилото не го оцаринил во рок од 6 месеци од внесувањето во Р. Македонија.

Во текот на првостепената постапка пред Основниот суд Гостивар, претседателката на советот Емине Мурати не ги прифати сведоците предложени од одбраната (вработени во полициската станица во Гостивар). Како дел од доказите кои ги приложи одбраната беше и спорната царинска пријава која по барање на сопругата на обвинетиот ја изнајде и достави Секторот за внатрешна контрола и стандарди при МВР. Советот донесе осудителна пресуда и го казни обвинетиот со 2 години и 3 месеци ефективна затворска казна.

По пријавената жалба од одбраната, Апелациониот суд во Гостивар ја укина пресудата и го врати предметот на повторно одлучување со насоки да се сослушаат предложените сведоци од полициската станицаи да се утврди решителниот факт дали е поднесена царинската пријава.

По завршувањето на повторената постапка пред Основниот суд Гостивар, советот повторно донесе осудителна пресуда со истата затворска казна, овојпат признавајќи дека царинската пријава е поднесена, но пресудата ја темели на фактот дека пријавата не била поднесена истиот месец кога обвинетиот бил задолжен од надлежно лице со службена белешка туку истата ја поднел наредниот месец (од приложена службена белешка се утврди дека Попоски е задолжен на 30.09.2013 а царинската пријава ја поднел на 03.10.2013).

И оваа пресуда е обжалена пред Апелациониот суд во Гостивар кој сè уште нема донесено решение.

Постапката трае од декември 2013 година.

Повреда на начелото на презумпција на невиност

До Хелсиншкиот комитет за човекови права во месец октомври се обрати странка која наведе дека во постапката пред управните органи и Управниот суд му била повредена презумпцијата на невиност.

Од документацијата која што ја достави до Хелсиншкиот комитет беше утврдено дека при одлучување во органите од прв степен, како доказ била прифатена и изведена кривична пријава против странката за давање лажен исказ. Првостепениот орган, имајќи ги предвид тогаш важечките одредби од Законот за општата управна постапка, при изведување на ваквиот доказ морал да ја прекине постапката, сè до завршување на кривичната постапка како претходно прашање. Незадоволен од одлуката на првостепениот орган, поднел жалба до второстепениот орган, кој повторно при одлучување по неговата жалба како доказ ја земал предвид кривичната пријава. Во постапката по тужба против второстепениот орган, Управниот суд во својата пресуда исто така се повикува на кривичната пријава.

Со ваквото постапување упавните органи од прв и втор степен и Управниот суд сториле повреда во постапката, со тоа што не ја прекинале постапката сè до завршување на кривичната постапка како претходно прашање. Наместо тоа, иако своите одлуки не ги темелат изрично врз кривичната пријава поднесена против странката, со самиот факт што кривичната пријава ја изведуваат како релевантен доказ дека странката во постапката дала лажен исказ, начелото на презумпција на невиност на странката е повредено на суптилен начин.

Препорака:Начелото презумпција на невиност е еден од правните темели чија примена и почитување го легитимира владеењето на правото во една држава. Начелото предвидува дека секој осомничен или обвинет за кривично дело, се смета за невин се додека со правосилна судска одлука не се докаже дека е виновен.

Повреда на кривичната постапка

Хелсиншкиот комитет за човекови права за остварување на својата цел за заштита и унапредување на човековите права и слободи загарантирани со законите и Уставот, врши мониторинг на судски рочишта во постапки од различни области.

Во текот на мониторингот на судските рочишта во кривичните постапки, набљудувачите на Хелсиншкиот комитет забележаа неправилности во односот меѓу судиите и јавните обвинители во постапките и начинот на кој се врши директното и вкрстеното испитување на сведоците.

Со напуштање на таканаречениот судски патернализам со инквизиторната постапка и преминувањето во акузаторна постапка со новиот Законот за кривична постапка, судот ја губи улога која се состоеше во утврдување на материјалната вистина и товарот на докажувањето паѓа врз странките. Тоа би претпоставувало детална подготовка на предметот и умешност во испитувањето од страна на обвинителството.

Меѓутоа иако поминаа речиси 5 години од стапувањето на сила на новиот Закон, набљудувачите забележаа дека повторно преовладува прераскажување и диктирање од страна на Судот при изготвувањето на записникот за главна расправа. Имено, согласно новиот Закон за кривичната постапка записникот за главна расправа повеќе не се диктира од страна на претседателот на советот и дадените искази на лицата кои се сослушани во текот на главната расправа повеќе не се внесуваат во форма на прераскажување на нивниот даден исказ. Законот предвидува да текот на главната расправа се снима тонски или визуелно-тонски, а доколку пак не постојат технички услови за снимање на главната расправа, Судот има можност да нареди записникот за главната расправа да се води стенографски. Предностите се состојат во тоа што преку тонското или визуелно-тонското снимање на главната расправа или преку стенографското водење на записникот, се овозможува целосно и детално без никакви пропусти да биде евидентирано се што се случувало и се рекло во текот на главната расправа, со што би се оневозможило да биде направен било каков пропуст при внесувањето на содржината во записникот за главната расправа. Следствено претставува гаранција за неговата веродостојност.

Во однос на подготвеноста и умешноста во испитувањето од страна на обвинителството во постапките кои ги мониторираше Хелсиншкиот комитет се забележани пропусти во однос на испитувањето на сведоците. Забележано е дека обвинителите при испитувањето на сведоците не ги формулираат јасно и концизно прашањата согласно Законот, па најчесто Судот е тој што ги коригира при внесување во записникот. Оттаму често се провлекува свесно наведување на сведокот од страна на обвинителот да го одговори прашањето на начин што би бил подобен за тезата на обвинителството.

Препорака: Судиите и јавните обвинители се должни доследно да ги почитуваат одредбите на Законот за кривична постапка, бидејќи и навидум „баналните“ пропусти како што се цитирањето на записникот за главна расправа и начинот на водење на испитувањето на сведоците можат да придонесат до прекршување на начелото за правично судење во кривичната постапка.

ПРЕДЛОЖЕНИ НИЗА НОВИ ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА КАКО ДЕЛ ОД ПРОЦЕСОТ ЗА РЕФОРМА НА ПРАВОСУДНИОТ СЕКТОР

Министерството за правда го објави и стави на јавен увид на стручната и пошироката јавност текстот на предложените законски измени за значаен дел од законите кои се од значење за спроведување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор и на владиниот „План 3-6-9“.

Со предлог-Законот за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија (Совет за утврдување на факти) се предвидува целосно укинување на ова тело кое беше формирано пред само две години, во 2015 година, со што дел од надлежностите на Судскиот совет беше пренесена врз овој орган. Уште од самиот почеток неговото воспоставување наиде на остри и во голема мера аргументирани критики кај домашните експерти, од аспект на непостоењето на вистинска потреба од негово формирање, имајќи предвид дека истите функции би можел да ги извршува Судскиот совет. Воедно, и Венецијанската комисија при Советот на Европа во нејзиното мислење од 2015 година критички се осврна кон тогашните решенија кои се однесуваа на формирањето на Советот за утврдување на факти.[1] Притоа, Комисијата особено истакна дека „Функциите на Советот за утврдување на фактите треба да бидат префрлени на Судскиот совет, со тоа што членовите или телата на Судскиот совет инволвирани во иницијалната фаза на дисциплинската постапка во својство на „обвинители“ или „истражители“ не би учествувалепри донесувањето на конечната одлука како „судии“.

Хелсиншкиот комитет го поздравува овој чекор на укинување на Законот за Советот за утврдување на факти и пренесувањето на целокупната постапка за разрешување на судиите во надлежност на Судскиот совет, со тоа што членовите кои ја покренале постапката, како и членовите кои учествуваат во истрагата нема да имаат право на глас при одлучувањето за дисциплинска одговорност, заради што се предлага итна измена на потојните одредби од Законот за Судскиот совет. Со тоа ќе се поедностави дисциплинската постапка за утврдување на одговорноста на судија согласно меѓународните препораки и ќе се спречи постоењето на „паралелни“ институции во правосудниот систем, кои имаат исти или слични надлежности во поглед на утврдувањето одговорност на судиите и нивно разрешување.

Од увидот во Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) во кој предлог- Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите беше поставен на самиот крај на октомври, произлегува дека овие измени се изготвени со цел да се изврши негово усогласување со препораките од мислењето на Венецијанската комисија коишто се однесуваат на основите за разрешување на судија, основите за утврдување на одговорност на судија и изрекување на дисциплинска мерка, редефинирање на условите за избор на судија, како и зајакнување на надзорната функција на Министерството за правда во поглед на примената на одредбите од Судскиот деловник. Истовремено, како цел на предлог законот се посочува зајакнувањето на независноста и интегритетот на судијата и нивната специјализација по области како и утврдување на јасни критериуми за одговорност во вршењето на судиската функција и внесување на квалитативни критериуми при изготвувањето на оценката за работа. Сепак, овие предлог-законски решенија засега остануваат непознати и неопходно е да бидат предмет на натамошна расправа во која што би биле вклучени и претставници на граѓанските организации на начин на кој тоа беше направено во врска со останатите законски проекти кои произлегоа од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор.

Препорака: Хелсиншкиот комитет ја поздравува зголемената транспарентност на надлежните државни институции, вклучително и на Министерството за правда во постапката на подготвување на значајни законски проекти кои треба да придонесат кон реформи во областа на правосудството како клучно поле во коешто треба да се остваруваат и штитат човековите слободи и права. Треба да се истакне дека укинувањето на Советот за утврдување на фактите, и промената во надлежностите на Судскиот совет ќе придонесе кон воспоставување на поедноставена постапка за утврдување на одговорност на судиите, со цел да се отстранат какви било сомнежи во тој поглед, и стави крај на лошите практики од изминатиот период, што придонесоа за уривање на угледот на Судскиот совет. Сепак, Хелсиншкиот комитет упатува на потребата од посуштински реформи во моделот на Судскиот совет, кои ќе овозможат посоодветен избор на неговите членови, но и депрофесионализација на нивната функција, а што би било предмет на натамошни законски измени. Конечно, Хелсиншкиот комитет препорачува поактивна вклученост на граѓанските организации во финалната фаза на подготовка на измените во Законот за судовите, како гаранција дека нивните предлози од Стратегијата за реформа на правосудството кои се однесуваат на вградувањето на квалитативни и објективни критериуми за оценување на судиите ќе бидат на правилен начин имплементирани низ новите законски решенија и ќе се превенираат позначајни проблеми во нивното спроведување низ практичната примена на законот.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

ДИСКРИМИНАТОРСКА КАМПАЊА ПО ОСНОВ НА ПОЛ, РОД И СОЦИЈАЛЕН СТАТУС

Хелсиншкиот комитет најстрого ја осудува кампањата за “Пре-еманципираните жени” која во изминатиов период беше емитувана на програмата на Сити, Метрополис и КЛУБ ФМ радио. Сметаме дека аудио спотовите кои беа дел од оваа кампања беа дискриминирачки врз основа на пол, род, и социјален статус,спротивно на член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, поттикнувајќи и ширејќи сексизам, мисогинија и дискриминација врз основа на истите.

Истовремено, сметаме дека извинувањето дадено од страна на посочените радија е неадекватно и недоволно. Најпрвин, борбата за еманципација на жените треба да е приоритет во едно напредно и модерно општество. Под еманципација на жените се смета ослободување на истите од застарени социјални норми и општествени верувања, ограничувања или обичаи, како и осамостојување и ослободување од зависност. Кампањата не само што не помага во оваа цел, туку и ги наметнува истите тие норми и општествени верувања од кои еманципацијата како процес се стреми да се оддели. Ваквата пракса во јавната сфера може да има огромни последици на процесот на еманципација и да ги помогне патријархалните структури кои овозможуваат за нееднаков статус помеѓу родовите во општеството. Имајќи го ова предвид, изјавата дека оваа кампања немала за намера да го навреди интегритетот на жената, ниту па некого да дискриминира е спротивна со ефектот што кампањата го предизвика врз многу жени, како и сите оние коишто се борат противродовата нееднаквост и машката доминација во општествените процеси, вклучувајќи ги и мажите.

Препорака:Хелсиншкиот комитет целосно се согласува со заклучокот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги[2] дека именуваните радиодифузери сториле дискриминација и прекршување на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги. Хелсиншкиот комитет препорачува редовно спроведување на обуки на радиодифузерите за недискриминација и толеранција кон различните групи во општеството за да се спречат идни дискриминаторски кампањи и да се спречи поттикнувањето и ширењето на говор на омраза.

ГОВОР НА ОМРАЗА

ГОВОР НА ОМРАЗА ВО ПРЕДИЗБОРИЕТО

Во пресрет на локалните избори кои се одржаа на 15.10.2017 година, говорот на омраза го одбележа почетокот на октомври. Хелсиншкиот комитет ја забележа вообичаената фрекфенција на говор на омраза во предизборието, со најзастапените основи, политичката припадност и сексуалната ориентација. Покрај овие основи, не изостана и говорот на омраза кон бегалците, чие прашање беше често злоупотребено за политички цели.

Најкарактеристичниот пример на говор на омраза кој го одбележа месецот е говорот на кандидатот за градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Имено, на предизборен митинг кој се одржа на 13.10.2017 година, кандидатот за градоначалник и досегашен градоначалник на општина Карпош, во својот говор го „нападна" политичкиот противник, наведувајќи дека за него се зборува дека е хомосексуалец. Притоа, се користеше со навредливи и деградирачки зборови упатени кон ЛГБТИ заедницата, нарекувајќи ја „најопасна хомосексуална мафија која има за цел да се инсталира во општината". Со овој говор кој претставува говор на омраза, лицето го исполнува битието на кривичното дело ,,Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа”, согласно член 319 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Хелсиншкиот комитет најостро го осудува ваквиот говор, за кој соодветно ќе биде поднесена кривична пријава против Стевчо Јакимовски. Ширењето говор на омраза од страна на јавни личности, во конкретниот случај политичар, е апсолутно неприфатливо поради ефектот кој го има врз општеството, но и врз поединецот. Дотолку повеќе, фактот што говор на омраза се шири на јавен собир и има влијание врз пошироката јавност, ја зголемува опасноста од предизвикување негативни последици односно дела од омраза кон групата кон која е насочен.

Препорака: Хелсиншкиот комитет апелира до политичарите да се воздржат од употребата на говор на омраза, земајќи ја предвид нивната влијателност и опасноста од предизвикување негативни последици. Истовремено, го повикуваме јавното обвинителство и надлежните органи за прогон, соодветно да постапат по пријавата за кривичното дело говор на омраза, со цел да се спречи неговото понатамошно ширење.

ДЕЛА ОД ОМРАЗА

ПРОДОЛЖИ РАСТОТ НА ИНЦИДЕНТИ ОД ОМРАЗА ВО ПРЕДИЗБОРНИОТ И ИЗБОРНИОТ ПЕРИОД

Хелсиншкиот комитет, преку порталот www.zlostorstvaodomraza.mk , од 2013 година го регистрира криминалот сторен од омраза, односно инцидентите мотивирани од нетолеранција или предрасуди кон припадници на одредена група во општеството. Зголемување на бројот на ваквите инциденти особено е забележливо пред и за време на изборните циклуси. Пораст на ваквите инциденти беше регистриран пред и за време на Предвремените парламентарни избори од 2014 година, Претседателските избори истата година и Предвремените парламентарни избори од 2016 година. Во текот на кампањата за локалните избори, како и за време на оддржувањето на првиот и вториот круг од изборите, повторно беше забележано зголемување на бројот на ваквите инциденти.

Во текот на октомври беа регистрирани 18 кривични дела од омраза. Четиринаесет од нив, односно речиси 80 проценти од вкупниот број на инциденти регистрирани во месец октомври се сторени поради политичка припадност или политичко уверување.

Праксата на оштетување на партиски штабови од месец септември продолжи и во текот на октомври, па така десет од инцидентите вклучуваа демолирање на партиски штабови на разни политички партии. До крајот на месецот, оштетувањето на партиските штабови продолжи секојдневно, а како резултат на тоа оштетени беа партиските штабови на шест политички партии, и тоа четири на политичката партија ВМРО ДПМНЕ, два на ДУИ, еден на СДСМ, еден на Обединети за Македонија, еден на ГРОМ и еден на БЕСА. Освен оштетување на партиски штабови, во текот на изборната кампања беа забележани и инциденти кои вклучуваа физичко насислство. Во текот на предизборната кампања, при физички напад беше повреден кандидатот за градоначалник на Општина Шуто Оризари. Во текот на вечерта на 15ти Октомври, денот на оддржување на вториот круг на локалните избори, регистриран беше случајот на лице кое со нож им се закануваше на кандидатот за градоначалник на Општина Карпош и граѓаните насобрани пред партискиот штаб. Во Свети Николе, брачен пар беше физични нападнат и повреден непосредно по прославата на политичката партија СДСМ во центарот на градот.

Препорака: Хелсиншкиот комитет најстрого го осудува насилството во предизборниот и изборниот период и бара од Министерството за внатрешни работи да вложи напори кон откривање на сторителите на регистрираните кривични дела, како и да делува превентивно во насока на спречување на ваквите инциденти во иднина. Комитетот потсетува и дека секое насилство и инцидент во изборниот процес е спротивно и на Кодексот за фер и демократски избори.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗА ТРУД УТВРДИ НЕПРАВИЛНОСТИ ВО РАБОТАТА НА ТЕКСТИЛНА ФАБРИКА ВО КРИВА ПАЛАНКА

На 17.10.2017 година Државниот инспекторат за труд - подрачна единица Крива Паланка донесе решенија со кои утврди неправилности во работата на ДПТУ ЛО-МА СХОЕС ДООЕЛ. По поднесена претставка од Хелсиншкиот комитет, државен инспектор на труд од подрачната единица на инспекторатот во Крива Паланка изврши вонреден инспекциски надзор во споменатата конфекција и утврди неправилности и недостатоци во водењето на електронската евиденција за присуство на вработените. Инспекторот при инспекцискиот надзор утврдил дека работодавачот не им исплатил регрес за годишен одмор за 2016 на тројца вработени. Дополнително инспекторот утврдил недостатоци и неправилности во областа на безбедноста и здравјето при работа. За сите утврдени недостатоци инспекторот издал решенија со кои го задолжил работодавачот да ги отстрани детектираните недостатоци. До сега работодавачот постапил по решението за отстранување на недостатоците во однос на безбедност и здравје при работа.

Препорака:Ги поздравуваме ваквите решенија на Државниот инспекторат за труд - подрачна единица Крива Паланка. Хелсиншкиот комитет и во иднина ќе продолжи да го мониторира овој случај, односно ќе следи дали работодавачот постапил по решенјата на Државниот инспекторат за труд – Крива Паланка и им го исплатил регресот за годишен одмор за 2016 година на своите вработени и дали ги отстранил недостатоците и неправилностите во водењето на електронската евиденција за присуство на вработените.

ПОЛИЦИСКА БРУТАЛНОСТ

ПРЕКУМЕРНА УПОТРЕБА НА СИЛА ОД ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБЕНИЦИ

До Хелсиншкиот комитет за човекови права се обратија странки со наводи дека биле жртви на полициска бруталност од страна на полициските службеници кои ги привеле од нивниот дом.

Правниот тим на Хелсиншкиот комитет за човекови права оствари посета во домот на странките со цел утврдување на фактичката состојба. Во разговор странките наведоа дека на денот на настанот, околу 08:30 часот изутрина настапила вербална расправија помеѓу нив и нивниот сосед, со кого се во лоши односи поради имотен спор. Нивниот сосед повикал полиција, која што кога пристигнала насилно влегла во дворот на странките и употребиле прекумерена сила и навредливи зборови. Имено, полициските службеници ја влечеле странката од нејзиниот двор до улицата надвор, каде што и ставиле лисици на рацете и ја внеле во службеното возило. Нејзината мајка, жена од 70тина години, исто така била приведена со груба употреба на сила.

Како докази за ваквиот настан странките приложија медицинска документација и фотографии каде што видно се гледа нагрдувањето по телото на странката сторено со прекумерената употреба на сила од страна на полициските службеници.

На странките им е понудена помош во изготвување на кривична пријава против Н.Н. полициските службеници за сторено кривично дело „Малтретирање во вршење на службата“ по член 143 од Кривичниот законик во стек со „Тешка телесна повреда“ по член 131 од Кривичниот законик. Од нивна страна бевме известени дека случајот е пријавен до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди.

Препорака:Како и во повеќе наврати претходно во случаи поврзани со полициска бруталност пријавени до Хелсиншкиот комитет за човекови права, беше воочен феноменот на неказнивост, односно солидаризирање на јавните обвинителства со припадници на полициските единици. Поради тоа апелираме јавното обвинителство сериозно да се заинтересира случаите поврзани со полициската бруталност и прекумерена употреба на сила и да поведе постапка против полициските службеници.

ЗАКОНОДАВСТВО

Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување

Во текот на месец октомври објавен беше Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Со предложените измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување се врши измена и дополнување на член 61 став 5 и додавање на нови ставови 6 и 7 во истиот член.

Во член 61 ставот (5) се менува и гласи:

„По исклучок од став (1), (2), (3) и (4) од овој член, право на семејна пензија по смртта на родителот има и дете со статус на лице со инвалидност утврден според прописите за социјална заштита и прописите за вработување на лица со инвалидност, без оглед дали бил издржувано лице од осигуреникот или корисникот на пензија.

По ставот (5) се додаваат два нови ставови (6) и (7) кои гласат:

„ (6) На дете корисник на семејна пензија од став (5) на овој член кое ќе заснова работен однос или врши самостојна дејност според прописите за вработување на лица со инвалидност, а по кој основ има задолжително социјално осигурување му се запира исплатата на семејната пензија. По престанокот на задолжителното социјално осигурување продолжува исплатата на семејната пензија.

(7) Дете со статус на лице со инвалидност според прописите за вработување на лица со инвалидност кое пред смртта на родителот засновал работен однос или започнал да врши самостојна дејност со задолжително социјално осигурување, има право на семејна пензија по смртта на родителот.“

Со измената на член 61 став 5, односно со допрецизирање на одредбата кога дете-инвалид остварува право на семејна пензија, се предлага право на семејна пензија по смртта на родителот да остварува и дете со статус на лице со инвалидност утврден според прописите за социјална заштита и прописите за вработување на лица со инвалидност, без оглед дали бил издржувано лице од осигуреникот или корисникот на пензија. Позитивно е изменувањето кое е во насока на проширување на правото на остварување на семејна пензија и на децата со статус на инвалидност кои не биле издржувани од осигуреникот или корисникот на пензијата, а се негови деца.

Со дополнувањето на овој член со нов став 6, се предлага уредување на случајот кога дете-инвалид корисник на семејна пензија кое ќе заснова работен однос или врши самостојна дејност според прописите за вработување на лица со инвалидност, а по која основ има задолжително социјално осигурување и му е запрена исплатата на семејната пензија, по престанокот на задолжителното социјално осигурување да му продолжува исплатата на семејната пензија. На овој начин лицата кои остваруваат право на семајна пензија, а на кои им е запрена исплатата поради вработување согласно прописите за вработување на лица со инвалидност, сега би имале право на подолжување на исплатата на семејната пензија.

Со дополнувањето на овој член со став 7, се предлага дете со статус на лице со инвалидност според прописите за вработување на лица со инвалидност кое пред смртта на родителот засновал работен однос или започнал да врши самостојна дејност со задолжително социјално осигурување, да има право на семејна пензија по смртта на родителот. До сега немаше законско решение за лицата со инвалидност кои некогаш биле вработени, односно законското решение беше дека тие го губат правото на семејна пензија по смртта на родителот доколку некогаш биле вработени и на овој начин беа оставени во незавидна положба. Истото важеше и доколку додека остваруваат право на семејна пензија се вработат, односно по престанокот на работниот однос губеа право на семејна пензија.

Препорака:Во работата на Хелсиншкиот комитет нотирани се неколку вакви случаи на лица кои се засегнати од начинот на кој е уредено остварувањето на правото на семејна пензија и за таа цел предложените измени сметаме дека ќе донесат позитивен исход за лицата со инвалидност. Ја поздравуваме предложена измена и дополнување на овој член која ќе донесе позитивни промени и проширување на правата на лицата со инвалидност.

ПРЕДЛОГ ЗАКОН ЗА БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ

Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, како дел од мрежата за ПРИСТАП ДО ПРАВДА во Република Македонија, предводена од Фондација Отворено Опшество – Македонија изготви коментари на новиот Предлог-закон за бесплатна правна помош. Покрај тоа што овој Предлог-закон е подобар од постоечкиот Закон и голем дел од предлозите и коментарите за подобрување се прифатени, сепак сметаме дека и овој Предлог – закон содржи слабости и недоречености особено во делот на: (1) претесен опсег на претходната правна помош, (2) непредвидување на механизми за информирање и едукација на граѓаните и (3) неуреденост и потреба од дообјаснување на членовите кои се однесуваат на условите кои лицето треба да ги исполни за да добие секундарна правна помош. Сепак, веруваме дека овие недоречености ќе бидат надминати и корегирани.

1.Значење на изразите од предлог – законот

Делот наречен „Значење на изразите во Законот“ е непрецизен и наместо да служи како поимник кој треба да помогне да се сфатат употребените изрази, тој повеќе одмага, односно збунува до степен што општоприфатени изрази во правниот речник во државата ги прави нерзабирливи и неконцизни. На пример, наместо да се дефинира поимот адвокат, во овој дел многу поцелисходно е да биде утврдено значењето на поимите претходна и секундарна правна помош и сл. Потребно е сите битни изрази во предлог – законот повторно да се издвојат и правилно да се дефинираат.

1.Тесен опсег на претходната правна помош

Предлог – законот дава претесен опфат на претходната правна помош која повторно е ограничена само на:

- иницијален правен совет за правото на користење на правната помош;

- општа правна информација и општ правен совет;

- помош при комплетирање на барањето за секундарна правна помош.

Овие три форми на претходна правна помош ги ограничуваат како здруженијата, така и подрачните одделенија на Министерството за правда, кои секојдневно се во ситуации кога од нив граѓаните бараат составување на едноставни писмена во управна постапка, како и мирно решавање на спорови и медијација. Преку вклучувањето на овие форми на претходна правна помош во законот би се добила потребната смисла на „претходна“ затоа што ќе овозможи граѓаните да добијат информации за правната уреденост на некое правно прашање, потоа правен совет како да го решат нивниот проблем, помош при утврдувањето на сите околности на случајот и при составувањето на едноставни писмена во управна постапка, со цел запазување на кусите рокови кои многу често се пробиваат додека се чека одговор на барањето за бесплатна правна помош.

За водење управни постапки најчесто не се неопходни адвокати, бидејќи согласно начелото на ЗОУП за помош на неука странка, самите јавни органи се должни да и помогнат на странката да го реализира своето право. Тогаш кога тие затајуваат во извршувањето на оваа своја обврска, странката има потреба од правен совет, од примарна правна помош (пополнување образец, упатување на конкретен шалтер, укажување на законска одредба од нејзина полза, прибавување документ од друг јавен орган и сл.).

Резултатите од истражувањето за задоволството на граѓаните од добиената бесплатна правна помош покажуваат дека 66% од испитаниците се исклучително задоволни од квалитетот на добиената бесплатна правна помош од здруженијата. Тие имаатизградени капацитети и ангажиран правник со положен правосуден испит и искуство во заштита на правата на ранливите групи и подрачните одделенија може да го олеснат пристапот до информации и совети за сиромашните граѓани.Од нивната пракса составувањето на едноставни писмена се покажа како честа потреба на граѓаните, посебно во случај кога тие се обраќаат до и комуницираат во пишана форма со државните органи и институции.

Постапката за одобрување на претходна правна помош при составување на едноставни писмена во управна постапка од страна на овластените здруженија и подрачните одделенија на Министерството за правда да биде уредена исто како и барањето секундарна правна помош, според постапката од членовите 25,26 и 27 од Предлог – законот, односно по претходно добиено одобрение како што е случај со секундарната правна помош. На овој начин би се заштедиле и средства од државниот буџет, бидејќи на граѓаните ќе им се овозможи решавање на конкретниот проблем без притоа да се покренуваат судски постапки.

2.Предлог – законот треба да содржи одредби со кои постапката пред Управниот суд се уредува како итна

Во член 26 став 3 од предлог - законот се вели: „Против решението на Министерството со кое се одобрува или одбива секундарната правна помош барателот може да поведе управен спор пред надлежен суд ..“ За каква целисходност на ова законско решение станува збор ако странка којашто бара бесплатна правна помош доколку не и е одобрена, треба да го тужи министерството? Штом на барателот му е потребна секундарна правна помош за управна или граѓанска работа, зарем нема да му биде уште повеќе потребна таква помош за водење управен спор против државата?Понатаму, управните спорови траат исклучително долго време, а на барателите на секундарната правна помош таа им е најчесто итно потребна.

Доколку е неизбежно со тужба да се бара заштита на правата на барателот на секундарна правна помош, би можело да се предвиди општа одредба дека за Управниот суд таквите предмети ќе бидат ургентни, но реалната имплементација на таквото законско решение не може да се гарантира однапред.

3.Предлог- законот треба да опфати одредби за надзор врз работата на подрачните одделенија на Министерството за правда, како и критериуми кои овластеното службено лице вработено во подрачното одделение треба да ги исполни.

Во предлог – законот потребно еда се прецизираат условите за едно лице да биде вработено како службено лице во подрачното одделение на Министерството за правда за давање на претходна правна помош. Во член 11 од предлог законот кој се однесува на уписот во регистарот на здруженијата се вели дека: „Здружението ќе се запише во Регистарот на здруженија доколку кумулативно ги исполнува следните услови: .... да има вработено или ангажирано најмалку еден правник со положен правосуден испит...“, водејќи се од оваа одредба сметаме дека истиот услов треба да го исполнуваат и подрачните одделенија на Министерството за правда. Ваквото дефинирање на условите е особено важно и поради тоа што во член 10 кој се однесува на надзорот над дадената правна помош се вели дека:... „При вршење на надзорот од ставот 1 на овој член, Министерството има право и обврска да ги собере сите неопходни податоци, вклучувајќи ги и мислењата на подрачното одделение, овластеното здружение и лицето кое добило претходна правна помош...“

4.Да се избрише делот во кој актот за основање е предвиден како услов за добивање на овластување

Актот за основање е непроменлив акт и оттука не е потребно да се бара во него да биде опфатено давањето на претходната правна помош. Многу од веќе постоечките здруженија се основани уште пред давањето на претходна правна помош во важечкиот закон да постои како област и оттаму тие не можеле да го дефинираат давањето на претходна правна помош во својот основачки акт. Од оваа причина сметаме дека членот 11 од предлог- законот треба да претрпи промени и од него да се избрише делот: „ ако во актот за основање и во статутот на здружението една од целите на основањето е давање на претходна правна помош во областа за која е основано “

5.Предлог – законот требада предвиди електронско прибирање на податоци и регистрирање на барателите и корисниците на правна помош

Неформалната мрежа Пристап до правда во Македонија во изминатиот период разви база на податоци во кој се внесува секој баратели кој се обратил до здруженијата овластени за давање на БПП. Вакво решение можеме да понудиме и за подрачните одделенија кои наместо да пополнуваат обрасци и да ги испраќаат до Министерството ќе може секојдневно даги регистрираат странките, а притоа Министерството во секое време ќе има увид за лицата кои се обратиле за правна помош, кои се најчестите правни области во кои се бара правна помош, роковите за одлучување и други податоци.

6.Предлог – законот потребно е да ги допрецизира вонсудското давање на правна помош

Вонсудското давање на правна помош потребно е да биде пошироко дефинирано, а доколку се земе предвид дефиницијата од коментарите на предлог – законот се исклучуваат медијацијата, нотарската и извршната постапка како вонсудски постапки за кои во праксата има интерес од страна на странките. Особено е важно на пример расправањето на оставина, која во моментот е уредена како вонсудска постапка пред нотар да биде опфатена со предлог – законот, бидејќи согласно новиот Закон за нотаријат странките во постапка за расправање на оставина пред нотар потребно е да бидат застапувани од адвокат. Предлог – законот не содржи одредби со кои трошоците за застапување на адвокатот пред нотар ќе бидат покриени со правото на секундарна правна помош. Во овие случаи адвокатите својата награда ќе ја делат со нотарот, согласно Нотарската тарифа, па токму затоа се јавува потребата ова да се уреди во предлог – законот.

7.Предлог – законот во своите одредби не ја прецизира постапката за утврдување на финансиската состојба на барателот и членовите на неговото семејство со кое живее во исто домаќинство

Не е јасно на кој начин ќе се добиваат овие податоци, доколку го земеме предвид фактот дека УЈП не издава податоци за приходите на граѓаните за изминатите шест месеци, туку за изминатата година, па така доколку барателот поднесе барање за секундарна правна помош во декември 2017 Министерството ќе има увид за приходите остварени во 2016 година. Исто така, не е објаснето дали ќе се води сметка за бруто или нето приходите на барателот и на членовите на неговото семејство.

8.Во член 21 потребно е дообјаснување или корекција на условите за имотот на барателот

Во овој член се вели дека на барателот ќе му се одобри секундарна правна помош доколку „... барателот и членовите на неговото семејство поседуваат само едно регистрирано моторно возило, кое не го оттуѓил во последните 6 месеци пред поднесување на барањето за секундарна правна помош...“ Сметаме дека отуѓувањето на возилото не би требало да биде пречка за остварување на правото на секундарна правна помош, бидејќи во член 20 веќе е предвиден прагот за заштедата на барателот и на членовите на неговото семејство, која не смее да надминува десет минимални нето плати.

Сепак, стекнувањето со сопственост врз моторно возило шест месеци пред поднесувањето на барањето за секундарна правна помош би можело да се смета за основ за одбивање на барањето, доколку вредноста на патничкото моторно возило го надминува утврдениот износ на максимално дозволена заштеда, согласно член 20 од предлог – законот.

9.Во член 23 од предлог – законот потребно е да се допрецизираат другите услови кои лицето треба да ги исполни за да добие секундарна правна помош и на кој начин ќе се оцени дали истите се исполнети

Вака како што е уреден овој член во предлог – законот се остава дискрециско право на службеното лице да оцени дали барателот ги исполнува другите услови. Оттука, потребно е да се дефинираат критериумите, но и доказите потребни за службеното лице да утврди дали другите услови предвидени во член 23 се исполнети или не.

10.Во Предлог- законот не се предвидени механизми за информирање и едукација на граѓаните за роковите кои е потребно да ги почитуваат

Не е објаснето кој е рокот од член 24 за навремено поднесување на барањето кој лицето мора да го почитува за истото да не биде отфрлено („...барателот навремено не го поднел барањето за секундарна правна помош...)

Финалните наоди на истражувањето за јавната перцепција и запознаеноста на граѓаните со Законот за бесплатна правна помош покажуваат дека само 32,6% од испитаниците знаат што претставува бесплатната правна помош, што значи дека висок процент не се запознаени со ова нивно право и токму ова ќе придонесе кон голем број отфрлени барања поради ненавременост.

Оттука, треба да се води сметка за информирањето, но и за едукацијата на граѓаните со особен акцент на рокот од еден ден за поднесување на барање во итна постапка согласно членот 27 од предлог –законот кој вели : „... Барателот во случаите од ставот 1 на овој член е должен барањето за секундарна правна помош да го поднесе истиот, односно најдоцна наредниот ден од денот кога дознал за рокот определен од судот или друг надлежен орган.„ Наш предлог е наместо рокот од еден ден да се наведе „... Барателот во случаите од ставот 1 на овој член е должен барањето за секундарна правна помош да го поднесе истиот, односно најдоцна три дена од денот кога дознал за рокот определен од судот или друг надлежен орган.„

11.Финансиската програма на Министерството за правда треба да вклучува и правно описменување и зајакнување и запознавање со правото на пристап до правда на граѓаните

Министерството за правда освен финансиска програма за правна помош треба да носи и програма во која ќе предвидува тренинзи, колегиуми и координација, надзор итн.

Со цел подобро запознавање на потенцијалните баратели на бесплатна правна помош со ова нивно право, Програмата на Министерството треба да предвидува активности преку кои се врши правно зајакнување и описменување на определени маргинализирани групи. На пример, да се одобруваат средства за обуки за работнички права; програми за пара-правници кои помагаат на специфични групи како што се: ромите, лицата со посебни потреби, невработени млади лица, жртвите на семејно насилство и сл. Ваквото одобрување на средства треба да се врши преку едно годишни и повеќегодишни повици за одобрување средства врз основа на претходно утврдена програма кој ќе ги отсликува правните потреби и проблематичните области за кои во дадениот период постои најголема потреба.

Понатаму, во моментов не постои механизам преку кој ќе се врши евалуација и оценка, но и ќе се дадат конкретни насоки за подобрување на квалитетот на бесплатната правна помош. Детектирана е потреба од изготвување програма по која ќе работат овластените здруженија и подрачните одделенија на Министерството за правда и врз основа на која ќе се следи нивната работа и ќе им дава насоки за подобрување на услугата и пристапот кон граѓаните. Ваквата програма треба да ги рефлектира актуелните состојби и промени кои настануваат во општеството и треба да одговара на правните потреби на луѓето.

12.Прекршоците треба да се опфатени со предлог – законот за правна помош

И покрај тоа што претставуваат управна работа и се решаваат во управна постапка пред управни органи, предлагачот прекршоците ги сместил во основи за одбивање на барањето за секундарна правна помош. Потребно е работната група да даде образложение зошто прекршоците не се опфатени со предлог – законот како управни работи за кои се одобрува секундарна правна помош.

13.Предлог - законот треба да ги уреди и постапките каде баратели се жртвите на семејно насилство како итни постапки

Во контекстот на итна потреба од обезбедување на БПП, Законот треба да ги опфати жртвите на семејно насилство и во рок од 2 дена да има обврска да издаде потврда, без да ја проверува финансиската состојба на барателот и на членовите на неговото семејство. Во овој дел треба да се прошири и членот 22 и како категорија (во посебна алинеја) да се впишат жртвите на семејно насилство.

14.Предлог- законот треба да предвиди кога странката може да побара промена на адвокатот

Во праксата чести се случаите кога странката е незадоволна од постапувањето на претходно избраниот адвокат, односно адвокатот не постапува во корист на својот клиент и сака на негово место да ангажира друг адвокат. Овој предлог- закон не содржи одредби за тоа кога, под кои услови и во која постапка барателот може да побара промена на избраниот адвокат.

Од клучно значење е подрачното одделение да се обврзе да ја организира првата средба помеѓу барателот и избраниот адвокат, а не да му се остави на подрачното одделение доколку може да ја организира средбата, како што е предвидено во членот 25 од предлог – законот.

15.Предлог – законот да предвиди правен лек во случај кога подрачното одделение на Министерството за правда нема да постапи согласно член 27, во итна постапка

Сметаме дека треба да се предвиди правен лек доколку и покрај итноста на постапката и навремено поднесеното барање подрачното одделение не постапи согласно овој член. Во спротивно не може да се гарантира дека подрачните одделенија ќе постапуваат согласно оваа одредба, односно и покрај итноста на постапката им се дава можност барањето да го проследат до Министерството за правда во редовна постапка.

Хелсиншки комитет активно ќе работи на подобрување на Законот за бесплатна правна помош и во иднина.


Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo