Corner Raporte

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово - октомври, 2017 година 08 Nёntor 2017

 Месечниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово кој ги опфаќа темите: просторни капацитети и услови во камповите, институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и нерегуларната миграција, за периодот 01.10.2017 – 31.10.2017 година, може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија

Во текот на цел месец, повторно е забележана зголемена фреквенција на поголеми групи кои полицијата ги затекнала по илегални патишта или пак се најдени во превозни средства на криумчарите. По потекло, најчесто се затекнати Пакистанци, а во помал број бегалци со потекло од Авганистан, Иран, Сирија и Алжир. Условите и состојбата во кампот се релативно исти и мирни, со само 3ца бегалци сместени во кампот во текот на целиот месец.

Просторни капацитети и услови

На почетокот на месецот, бројот на бегалци во кампот е релативно мал, престојуваат само 5 бегалци, односно едно тричлено семејство со потекло од Авганистан, едно малолетно лице од Пакистан и едно лице од Сирија.

На бегалците им се обезбедува редовен пристап до здравствени услуги, доколку има потреба за тоа. Исто така, им се обезбедува излез и прошетка во Гевгелија, доколку побараат.

Во почетокот на месецот, во кампот остварија посета претставници на канцеларијата на УНХЦР од Скопје.

Кон средината на месецот, во кампот е пристигнат нов контингент на полициски службеници од Унгарија.

Во текот на месецот, обезбеден е гинеколошки преглед за жените во кампот, а редовно добиваат и соодветна здравствена заштита.

Институционално постапување

Во текот на овој месец, вкупно 118 бегалци се затекнати од страна на полицијата на територијата на Република Македонија и за кратко време се вратени кон Грција.

Загрижувачки е случајот на малолетно лице со потекло од Пакистан, на кое Министерството за труд и социјална политика му е старател, во самиот почеток на месецот, избегало од кампот и му се губи секаква трага.

Хелсиншкиот комитет апелира да постои поголем надзор од страна на институтиците кога станува збор за малолетните лица на кои старател им се назначува од страна на Министерството за труд и социјална политика. Недозволиво е да се губат без никаква трага, бидејќи се ранлива група и може лесно да бидат жртви на сторување на кривични дела, меѓу кои и жртви на трговија со луѓе. 

На 03.10.2017 година, во кампот се донесени двајца бегалци со потекло од Ирак. Во кампот се испрашани од страна на безбедносните служби и им е извршен преглед на личните документи и мобилните телефони. Од страна на Црвен крст им се доделени храна и вода, а пократко време се пренесени на грчка страна. Наредниот ден пак, во кампот од страна на полицијата беа донесени 3ца бегалци со курдско потекло од Турција, кои биле фатени во близина на Дојран. Исто и нив, полицијата им изврши прегледна личните документи и на мобилните телефони. По неколку часа во кампот, пренесени се на грчка страна.

Во текот на месецот, продолжува откривањето на поголеми групи на бегалци, кои или се фатени во возила на криумчарите или по илегални патишта во обид да ја поминат земјата. Така, поголеми групи се фатени во 8 наврати. Најмалиот број на бегалци во една група изнесува 5, додека најбројната група е со 23 бегалци. Меѓу нив, затекнати се групи со потекло од Пакистан, Авганистан, Алжир, Сирија, но и Курди од Иран. Според кажувањата на некои од бегалците во нив, тие им наплаќаат на криумчарите дури и по 6 илјади евра. На сите поединечно им е обезбедена хуманитарна помош од страна на Црвен крст, а воглавно немаше лица со повреди и потреба од медицинска помош освен изнемоштени и прегладнети лица од долгото патување. Во скоро сите групи станува збор за возрасни мажи, а само во еден случај во групата се затекнати и малолетни лица. Од страна на полицијата, групите се редовно регистрирани и профилирани во кампот, по што сите веднаш се пренесени кон Грција, уште истиот ден кога се фатени. Само во два случаи, задржани се по двајца бегалци од група, кои се однесени во полициска станица за да дадат изјава како сведоци во постапките за криумчарење.

На 07.10.2017 година, во кампот е донесено едно лице со потекло од Пакистан. Лицето е испрашано од страна на полицијата, а од Црвен крст доби соодветна хуманитарна помош, храна, вода и потопла облека. По испрашувањето е сместен во кампот во посебен контејнер. Една недела подоцна, лицето избегало од кампот, по што полицијата повторно го фатила и веднаш го пренела на грчка страна.

Карактеристичен е случајот кога на автобуската станица во Гевгелија, жена со потекло од Куба е приведена од страна на полицијата и донесена во кампот. Патувала со автобус од Белград кон Грција, но непознато е зошто полицијата ја донела во кампот. По кратко време, од кампот е пренесена во полициската станица во Гевгелија за расчистување на случајот.

На 16.10.2017 година, лицето со потекло од Сирија кое престојуваше во кампот, на свое барање го напушти кампот и побара од полицијата да биде пренесен кон Грција. Со тоа, во кампот остана само тричленото семејство со потекло од Авганистан.

На 19ти, во кампот е донесен еден бегалец со потекло од Пакистан, кој престојувал во Грција 14 месеци и има поднесено барање за азил. Откако полицијата го регистрира, вратен е на грчка страна. Истиот ден, донесени се тројца бегалци со потекло од Иран, кои исто така доброволно се враќаат од Србија. Наредниот ден, се донесени двајца бегалци, татко и ќерка со потекло од Авганистан, кои престојувале во Белград, но доброволно се враќаат за Грција.

Во текот на месецот, во два наврати во кампот се донесени албански државјани кои илегално ја преминале границата, кои по регистрацијата во кампот, се пренесени во полициска станица за понатамошно процесирање.

Куманово

Во текот на октомври, продолжува намалување на фреквенцијата на бегалци кои се движат во овој регион. Во текот на цел месец, бројот на бегалци не надмина 25, а се почести се случаите на бегалци кои доброволно се враќаат од Србија, а бараат да бидат пренесени кон Грција.

Просторни капацитети и услови

На почетокот на месецот во кампот се присутни 23 бегалци од кои 16 се водат како регистрирани, а 7 како нерегистрирани. Меѓу нив има бегалци со потекло од Алжир, Авганистан, Пакистан, Либија и Палестина. Најголемиот дел од нив се мажи, со исклучок на две жени кои со своите семејства беа сместени само краток период. Во текот на месецот имаше и 5 не придружувани малолетници. Бројот на бегалци до крајот на месецот се намали на околу 15, откако неколку лица од кампот си заминаа, а пристигнаа неколку нови.

Хигиената во кампот е на задоволително ниво. На бегалците им се достапни здравствените услуги и интервенции доколку има потреба. Така на пример, на едно лице во кампот му е обезбедена терапија бидејќи бил каснат од куче, а на неколку бегалци кои пристигнаа им се вршат преврски на рани на нозете.

Во кампот се одржуваат креативни и едукативни работилници за бегалците, во кои е организирано учење на јазици, креативно изразување и друштвени игри.

За работа со малолетниците во кампот, од страна на Министерството за труд и социјална политика се обезбедени психолог и педагог.

Институционално постапување

Неколку од бегалците во кампот изразиле желба да им биде објаснета постапката за азил. Откако ги добиле потребните информации, биле повикани на разговор при Секторот на азил на Министерството за внатрешни работи, каде што соопштиле дека се откажале од намерата, поради семејни причини. Исто така, претставници од Секторот за азил остварија посета во кампот за да им ја објаснат процедурата за азил на двајца бегалци со потекло од Пакистан и двајца со потекло од Алжир. Од нив, двајцата бегалци со потекло од Алжир изразиле намера за поднесување азил. Едниот од нив, по неколку дена е пренесен во Центарот за баратели на азил- Визбегово, а другиот го повлекол барањето за азил.

На 04.10.2017 година, во кампот се пристигнати 6 нови бегалци, односно две семејства. Тие се згрижени во кампот откако тимовите на Црвен крст, по информација на УНХЦР, ги пресретнале во близина на граничната зона. Тие претходно биле во Прешево, Србија, а во нивните искази се жалеле на третманот од страна на полицијата во Србија, која им ги уништила документите за престој во Прешево, по што ги вратила на македонска територија. Тие од самиот почеток изразија желба да бидат вратени кон Грција, што им се исполни на 09.10.2017 година. Превозот беше организиран од полицијата и Црвен крст.

Во најголем дел од случаите на бегалците кои што ќе пристигнат им се дозволува влез во кампот. Но во еден случај, пристигнале 5 бегалци на кои сепак не им бил дозволен влез.

Во кампот е пристигнат и бегалец со потекло од Сирија, кој е сместен во кампот привремено. Според неговите кажувања, престојувал одредено време во Прешево, Србија, а неговата желба е да се врати кон Грција.

На 11.10.2017 година, кампот го напуштил еден од не придружуваните малолетни лица со потекло од Авганистан. Не е познато каде се упатил.

На 14.10.2017 година, во кампот е пристигнато едно лице со потекло од Пакистан, на кое му е обезбедена храна и медицински преглед, но не му е дозволен подолг престој од непознати причини. По кратко задржување во кампот од еден час, лицето го напуштило кампот и се упати кон Србија. Наредниот ден пак, во кампот се сместени две лица со потекло од Сирија, од кои едниот не придружуван малолетник. И двајцата се вратени од Србија. Во интервјуто остварено со малолетното лице, тој изјавил дека неговото семејство е во Турција, но тој не сакал да остане таму, поради што неколку пати се обидува да стигне до западните држави. Еднаш само стигнал до Словенија, но потоа бил вратен назад во неколку наврати. Притоа, лицето се пожали дека било тепано од страна на хрватската и српската полиција.

На 17.10.2017 година, во текот на ноќта кампот го напуштиле 6 бегалци кои најверојатно се упатиле кон Србија. Со тоа бројот на бегалци кои престојуваат во кампот се намали на 8, од кои 6 регистрирани и двајца нерегистрирани. Наредниот ден пак, во кампот пристигнале 4 бегалци со потекло од Пакистан и Авганистан, кои се сместени во кампот. Тие се вратени од Србија, а нивната желба е доброволно да се вратат кон Грција. Заедно со татко и ќерка со потекло од Авганистан кои подолг период престојувале во Србија и доброволно се вратиле кон Македонија, ќе бидат транспортирани кон Грција.

На 25.10.2017 година, во кампот се донесени 13 бегалци со потекло од Пакистан, кои биле затекнати од страна на Црвен крст. Бегалците имале видливи повреди на насилство, а според нивните кажувања, биле тепани од страна на српската полиција, пред да бидат вратени кон Македонија. Во кампот им се обезбедени медицинска и хуманитарна помош и се примени за престој. Веднаш наредната вечер, 8 од нив го напуштиле кампот. Наредното утро, во кампот се пристигнати 5 бегалци со потекло од Авганистан и Иран. Сите се примени во кампот и им е обезбедена хуманитарна помош. Според нивните кажувања, околу 9 месеци престојувале во Србија, од каде што биле депортирани. За околу 1 час, заминале од кампот и се упатиле кон Грција.

Состојба во Прифатни центри во Република Македонија

Бројот на бегалци во Прифатните центри во Република Македонија е недостапен за Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Нерегуларна миграција

Во текот на овој месец, Министерството за внатрешни работи во своите извештаи регистрирало 3 кривично-правни настани поврзани со бегалците. Првиот настан е регистриран на 08.10.2017 година, при што полициски службеници во близина на село Удово, Валандово, пронашле возило со скопски регистарски таблици, во кое имало 14 лица бегалци со потекло од Пакистан. Возилото било напуштено од страна на возачот. Повикан е јавен обвинител, а бегалците се однесени во Прифатен центар за странци во Скопје за понатамошна постапка. Вториот настан се случил на 16.10.2017 година, кога полициски службеници од полициска станица за граничен надзор Сопот, забележале дека застанало возило од кое излегле 15 бегалци, а возачот се дал во бегство. Бегалците, по потекло од Сирија и Пакистан, се пренесени во Прифатно- транзитниот центар Гевгелија, а се работи на расчистување на случајот. Последниот регистриран случај се случил на 23.10.2017 година, кога на автопатот Гевгелија – Скопје, во близина на с. Прдејци, полициски службеници се обиделе да сопрат товарно возило. Возилото не застанало веднаш, туку било сопрено на влез на Неготино. Притоа биле откриени 10 бегалци со потекло од Пакистан (7) и Сирија (3), а возачот е лишен од слобода. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-sq Normal___________alb Normal_banner-lgbti Normal_banner-ws-sq Normal_screenshot_2017-10-24_13.29.57