Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово - септември, 2017 година 19 Октомври 2017

Месечниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово кој ги опфаќа темите: просторни капацитети и услови во камповите, институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и нерегуларната миграција, за периодот 01.09.2017 – 30.09.2017 година, може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија

Во текот на септември, 2017 година, во прифатно- транзитниот центар Винојуг, Гевгелија нема настанато поголеми промени, односно ситуацијата е мирна со минимални придвижувања. Бројот на бегалци кои престојуваат во кампот е намален, но зголемена е раздвиженоста на поголеми групи бегалци во овој регион. Не се забележани позначителни прекршувања на правата на бегалците, но праксата на илегално депортирање на индивидуалци и поголеми групи кон Грција, сè уште продолжува.

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалците кои се сместени во кампот, на почетокот на месецот беше 18 од кои 4 бегалци со потекло од Авганистан, еден со потекло од Пакистан и 13 бегалци со потекло од Ирак. Но поради пристигнувањето на нови и заминувањето од кампот на повеќе бегалци, до крајот на месецот бројот се намали на 4.

Не се забележани поголеми инфраструктурни промени во кампот. Хигиената во кампот е на задоволително ниво, но со оглед на намалувањето на температурата, во кампот недостига соодветна облека за бегалците.

Бегалците во кампот се жалат на квалитетот на храната која ја добиваат, односно дека поголем дел од времето добиваат конзервирана и сува храна.

Повремено се одржуваат работилници за возрасните и децата во кампот. Со зголемувањето на бројот на децата, повторно се активираат едукативните работилници од страна на невладините организации.

Во кампот во Гевгелија е забележано присуството на полициски единици од Република Чешка. На 06.09.2017 година во кампот е остварена посета од страна на претставници на Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Македонија.

На бегалка во кампот која што е бремена, ѝ е обезбеден гинеколошки преглед во болницата во Гевгелија. Гинеколошки преглед повремено се обезбедува и за останатите жени во кампот. За децата пак обезбеден е педијатар три дена во седмицата.

Институционално постапување

Во текот на овој месец, во кампот се донесени вкупно 66 бегалци во кампот и 9 бегалци во полициската станица во Гевгелија. Најголем дел од нив, по остверн разговор со безбедносните служби се пренесени во Грција.

Така ан пример, на 01.09.2017 година, во кампот се донесени 7 бегалци во три групи, од кои пет од Пакистан и двајца од Бангладеш сите мажи, затекнати од страна на полицијата по нерегуларни патишта. откако сите од нив се испрашани и регистрирани од страна на службите во кампот, веднаш се вратени на грчка страна. Во текот на претходната вечер, во кампот е донесено едно лице со потекло од Пакистан, кое било дел од групата од 20 Пакистанци затекнати од страна на полицијата во близина на Богородица во текот на минатиот месец. Лицето е сместено во кампот поради повреда на ногата и потреба за медицинска помош, а останатите лица се веднаш пренесени кон Грција. Во наредните денови лицето е пренесено до локалната болница за рентген снимка на ногата.

На 02.09.2017 година, во кампот се донесени двајца бегалци, мажи со потекло од Пакистан, на 18 и 34 годишна возраст. Едниот од нив побарал медицинска помош, која му била укажана од страна на Црвен крст. Според нивните кажувања, поголем дел од својот пат го минале пеш, преку Иран и Турција пристигнале во Грција каде што престојувале околу 5 месеци. По прв пат преминуваат низ Република Македонија, а нивната крајна дестинација е Германија. Откако се регистрирани и испрашани од страна на безбедносните служби, депортирани се на грчка страна.

Во текот на ноќта на 06.09.2017 година, во кампот е донесена поголема група на бегалци односно вкупно 30 бегалци, од кои 21 се донесени во кампот, а 9 се донесени во полициската станица во Гевгелија. Од страна на тимот на Црвен Крст им е укажана хуманитарна помош, но немало потреба за медицинска помош. Полицијата ја затекнала групата на самата граница при обид за влез во државата. Групата се состоела исклучиво од мажи, но нивното потекло не е познато. По неколку часа, цела група е пренесена на грчка страна. Ова е втор ваков случај во текот на изминатиот месец, откако пред петнаесетина дена беше исто така затекната поголема група од страна на полицијата, која успеа да фати само 35 бегалци кои се веднаш вратени на грчка страна.

Хелсиншкиот комитет потсетува дека групното „депортирање“ на бегалци кон Грција е недозволено според меѓународните стандарди и претставува прекршување на човековите права, кога секој индивидуален случај не е разгледан поединечно и не постои законска процедура и решение за нивно „депортирање“ од земјата.

Истиот ден во кампот е пристигнато семејство со потекло од Ирак, односно маж и жена со нивните 4 деца. Наредната вечер повторно во кампот е пристигнато петчлено семејство со потекло од Ирак, маж, жена и три деца, кои се сместени во кампот. После неколку дневен престој во кампот, на сопствено барање тие се пренесени кон Грција. Со нивното доаѓање во кампот бројот на бегалци кои се сместени во кампот се искачи на 29.

Во неколку наврати, кога полицијата ќе забележи оштетување на жичената ограда која веројатно е направена од бегалци кои се обидуваат да ја преминат границата, по што безбедносните служби веднаш ја поправаат.

На 09.09.2017 година, во текот на утринските часови во кампот е повторно донесена поголема група бегалци, односно 23 бегалци со потекло од Пакистан и еден бегалец од Сирија, кои биле фатени од страна на полицијата во околината на Гевгелија. Тие се задржани во кампот во текот на целиот ден, при што се регистрирани од страна на безбедносните служби и на секој поединечно им се проверени личните работи. Од страна на Црвен крст им е обезбедена храна и вода. До 15 часот, поделени во две групи, пренесени се на грчка страна кај камен 59. Истиот ден, во подоцните часови еден бегалец со потекло од Авганистан е вратен кон Грција на свое барање. Наредниот ден пак, повторно е донесен бегалецот со потекло од Сирија, кој беше дел од групата со Пакистанци кои претходниот ден беа пренесени кон Грција. Според него, се разделил од групата и се изгубил, при што е затекнат од страна на полицијата во близина на село Прдејци.

На 11.09.2017 година, 14 бегалци од кампот се пренесени кон Грција на нивно барање. Со тоа, бројот на бегалци во кампот се намали на 16, меѓу кои бегалци со потекло од Сирија, Ирак и Авганистан. Наредниот ден во кампот е донесен бегалец со потекло од Пакистан, фатен во близина на с. Прдејци. По само неколку часа, донесени се уште двајца бегалци фатени во с. Пепелиште во Неготино. Според нив, патувале со криумчар кој им наплатил 500 евра за еден човек, по што ги оставил на непозната локација и ги напуштил. Од страна на полициските служби и припадници на УБК е извршен разговор со секој од нив, при што им е извршен претрес и проверка на мобилните телефони. До 12 часот во денот, сите тројца се пренесени кон грчка страна.

На 15.09.2017 година, во раните утрински часови во кампот е донесен малолетник со потекло од Пакистан. Во текот на денот е испрашуван, но не сака да комуницира. Регистрирано е дека малолетникот и претходно престојувал во кампот, но со различни податоци од неговите документи за идентификација. Наводно, тој еднаш веќе стигнал до Србија, по што бил вратен на македонска територија и по втор пат се обидува да ја премине државата. Засега е сместен во кампот, но претставниците од министерството за труд и социјална работа треба да одлучат за негово преместување во безбедната куќа во Скопје. Истиот ден, еден бегалец со потекло од Сирија кој престојува во кампот неколку дена, на негово барање е вратен кон Грција. Со тоа, бројот на бегалци во кампот се намали на 6.

Бегалец со потекло од Бангладеш, кој во кампот престојува неколку дена според одредени наводи има симптоми на туберкулоза. Сместен е во кампот и упатен на медицински прегледи на инфективна клиника во Скопје за да се утврди неговата состојба. Преземени се и мерки за заштита на останатите лица во кампот. По неколку дена, поради случајот, во кампот беше извршена проверка од ЈЗУ Јавно здравје – Велес, при што беше направена дезинфекција на сите контејнери во кои се сместени бегалците, како и просториите на вработените. Подоцна резултатите од испитувањата биле негативни, односно лицето немало туберкулоза.

На 22.09.2017 година, во кампот се донесени тројца бегалци со потекло од Иран, кои биле затекнати од страна на полицијата на автобуската станица во Гевгелија, откако сами се вратиле од Србија. Тие веднаш беа испрашани од полицијата и вратени на грчка страна. На 25.09.2017 година пак, во кампот се донесени 14 бегалци со потекло од Палестина. Од страна на Црвен крст им беше обезбедена храна и вода, додека од полициските служби беа испрашани. Во текот на денот, во возила на гранична полиција беа депортирани на грчка страна. На 28.09.2017 година, едно лице со потекло од Иран кое беше сместено во кампот, по свое барање беше вратено во Грција.

Куманово

Во текот на овој месец, состојбата во Прифатно- транзитниот камп Табановце е релативно мирна, со намален број на бегалци, но континуирана раздвиженост околу и во кампот. Не се забележани поголеми прекршувања на нивните права.

Просторни капацитети и услови

Во кампот е релативно мирно, без поголеми промени. Бројот е се движи од 14 до 17, при што присутни се бегалци со различно потекло и тоа: Пакистан, Авганистан, Иран, Алжир и Сирија. До крајот на месецот, по заминувањето на неколку бегалци и пристигнувањето на други, во кампот бројот достигна до 27, од кои 17 регистрирани и 8 нерегистрирани. Меѓу нив има 8 не придружувани малолетници.

Бегалците имаат можност да излезат од кампот два пати дневно по два часа, кога може да пазаруваат во градот, но потоа мора да се вратат назад. Тие се генерално задоволни од условите во кампот и немаат поплаки околу почитувањето на нивните права.

На бегалците кои престојуваат во кампот им се обезбедува соодветна медицинска заштита во кампот, а кога има потреба од дополнителни прегледи или медицинска интервенција, тие се пренесуваат во болница во Гевгелија или Скопје.

Институционално постапување

На 03.09.2017 во кампот се пристигнати 7 нови бегалци. Во текот на 04.09.2017 година, во кампот е пристигнато семејство со потекло од Ирак, маж, жена со своите 4 деца. Тие се пронајдени од страна на мобилниот тим на Црвен крст, а нивната намера е да бидат вратени во Грција.

На 09.09.2017 во текот на ноќта во кампот се донесени 3 бегалци кои се регистрирани во кампот. Со тоа бројот на бегалци се искачи на 17.

На 15.09.2017 година, бројот на бегалци во кампот е намален за 7 бегалци, кои наводно во текот на претходната ноќ избегале од кампот во Табановце со цел да ја преминат границата кон Србија. Наредниот ден, четворица од нив се вратиле во кампот, додека останатите тројца ја преминале границата.

Дополнително во кампот се дојдени двајца нови бегалци со потекло од Авганистан кои во државата влегле од Србија, а нивната намера е да се вратат кон Грција.

На 21.09.2017 година во текот на ноќта во кампот пристигнале 4 нови бегалци во кампот кои по потекло се од Алжир. Во текот на наредната ноќ (на 22.09.2017) во кампот повторно се пристигнати уште 4 бегалци, кои биле затекнати од полицијата во село Лојане, а нивната намера била да ја преминат границата кон Србија. Во текот на ноќта на 23ти пак, околу 8 бегалци го напуштиле кампот со цел да ја преминат границата кон Србија. Со тоа, во наредните денови бројот на бегалци во кампот се намали на 8.

Состојба во Прифатни центри во Република Македонија

Бројот на лица сместени во Прифатниот центар за странци, како и Прифатниот Центар за баратели на азил во Визбегово е недостапен.

Нерегуларна миграција

Во текот на септември, 2017 година, Министерството за внатрешни работи регистрирало 2 кривично правни настани поврзани со бегалците. Имено, на 11.09.2017 година, во непосредна близина на граничен премин Табановце, Куманово, од страна на полициски службеник се забележани 8 бегалци со потекло од Пакистан кои излегле од патничко возило. На сигнал од полицискиот службеник, возилото го напуштило местото по што се упатило на магистралниот пат кон Крива Паланка. Бегалците се пренесени во полициска станица, а се работи на расчистување на случајот.

На 17.09.2017 година пак, во влизина на село Прдејци, мешани полициски тимови со полициски службеници од Македонија и Хрватска, забележале патничко возило кое се обиделе да го сопрат. На дадениот сигнал, возилото не застанало туку продолжило да се движи. Подоцна, возилото е пронајдено без возач, а во негова близина се пронајдени 9 бегалци со потекло од Пакистан, кои се пренесени во Прифатен центар за странци во Скопје за понатамошно процесирање. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo