Corner Извештаи

Месечен извештај - септември 2017 16 Октомври 2017

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за јули 2017 година опфаќа теми од областите: Правосудство, Дела од омраза, Затворени институции, Дискриминација, Социјална заштита и Текстилни работнички.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк.

ПРАВОСУДСТВО

ПРИБЕ ГО ОБЈАВИ ВТОРИОТ ЕКСПЕРТСКИ ИЗВЕШТАЈ

Кон средината на месецот, експертската група на Европската комисија, предводена од Рајнхард Прибе, го објави вториот извештај за системските проблеми со владеењето на правото во Република Македонија.

Во овој извештај се поздравуваат започнатите реформи во областа на правосудството, при што се укажува на потребата од инклузивност и транспарентност на овој процес. Воедно, во извештајот се упатува како на неопходноста од соодветно планирање, така и на потребата да се избегне непотребно одолговлекување на долгоочекуваните реформи.

Експертите уште еднаш потенцираат дека не запрела контролата и злоупотребата на правосудниот систем од страна на мал број судии на моќни позиции, кои и натаму продолжиле да вршат притисоци врз нивните помлади колеги, и кои преку преку својата моќ да ги именуваат, оценуваат, дисциплинираат и разрешуваат колегите од пониските рангови врз нив вршат притисоци заради остварување на одредени политички цели.

Во извештајот се посочува дека е нужно да се реформираат постапките за дисциплинирање и оценување на судиите, но истовремено се изнесува и позитивна забелешка дека и покрај злоупотребите нотирани кај мал број судии, мнозинството од судиите ја спроведуваат правдата на чесен и правичен начин. Во таа смисла, се нагласува дека и покрај тоа што новите власти се овластени, но и должни да преземат одредени дејствија против оние судии кои ја злоупотребиле нивната положба, не е препорачлив генералниот реизбор на судии од причина што однесувањето на судиите во никој случај не може да се смета како нешто универзално, а „чистката“ во судството би можела да биде политички злоупотребена. Оттука, се повикува на целосно почитување на начелото на поделба на власта, со тоа што судиите кои се под политички влијанијаби биле подложени на ефективни етички и професионални правила, а таму каде што има докази и основани сомненија за сторен криминал од страна на судиите да се спроведат соодветни постапки во коишто ним им било изречена трајна забрана за какво било практикување на правото.

Експертите ги изразија нивните сомнежи за кредибилноста на АКМИС системот за распределба на предметите, со посебен акцент на неговото функционирање во Основниот суд Скопје 1. Според нив, можно е истиот да бил манипулиран на повеќе начини, и тоа: 1) прераспределба на „неподобни“ судии во други оддели кога треба да се распределуваат чувствителни предмети; 2)заминување на боледување или друг вид отсуство во периодот на распределба на такви предмети од страна на судиите кои сакале да избегнат притисоци; 3)можност разликите во постапките кои се водат по стариот и новиот ЗКП да бидат користени за да се олесни манипулацијата на системот, како и 4) злоупотреба на системот преку директен пристап на овластени лица, како претседателите на судовите. Со оглед дека никогаш не бил спроведен темелен надзор врз функционирањето на АКМИС системот, експертската група предлага да се пристапи кон таков надзор, без политички мешања, и по потреба со учество на меѓународни институции и претставници, кој надзор би имал за цел утврдување на евентуално сторените противзаконски дејствија.

Извештајот опсежно се осврнува и на Судскиот совет, при што се наведува дека Советот не ги исполнува своите должности за да обезбеди независност на судството, и истиот носи голема одговорност за несоодветната распределба на предмети. Експертите искажаа и загриженост дека позицијата член на Советот како редовна функција со полно работно време предизвикува одвојување на судиите од реалноста во правосудството. Воедно, се нотира непреземањето какви било мерки од страна на Советот во насока на повторување на постапките за разрешување на одделни судии, како мерки за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права со кои била утврдена повреда на членот 6 од Европската конвенција поради неправичноста на постапката.

Додека моделот на Судскиот совет се остава да се дефинира со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, експертската група во принцип предлага длабинско преиспитување на неговата улога и разгледување на можноста за одговорност на неговите членови. Истовремено, се повторува дека е потребно постојниот систем на мерење и оценување на перформансите и учинокот на судиите кој е базиран врз квантитативните критериуми да биде заменет со нов систем кој ќе биде фокусиран врз квалитетот на правдата, со што би се намалила можноста за манипулации а разрешувањето на судиите би била крајна мерка кон која се прибегнува само во исклучителни ситуации.[1]

ПРЕПОРАКА:Хелсиншкиот комитет препорачува Владата сериозно да ги земе во предвид наодите на експертската група од извештајот во наредната фаза на реформирањето на правосудниот сектор. Значителен дел од препораките се веќе вклучениво нацрт-Стратегијата за реформа, како резултат на заедничките напори на граѓанските организации кои активно го следеа процесот на подготовка на нацрт-Стратегијата и во повеќе наврати поднесоа нивни детални предлози до работната група формирана во Минситерството за правда. Исто така, на линија на заклучоците содржани во вториот извештај на Прибе, Хелсиншкиот комитет препорачува под итно, по завршувањето на локалните избори, да се пристапи кон дефинирање на натамошната позиција и улога на Специјалното јавно обвинителство и начинот на постапување со предметите кои произлегоа од „бомбите“ во насока на продолжување на неговиот мандат или, пак, негово преминување како одделение на редовното Јавно обвинителство, со цел да се избегне неоправданото одлагање на спроведувањето на правдата во поглед на кривичните случаи од висок профил. Воедно, заради поефективно извршување на неговите надлежности, неминовно е усвојување на законски измени во Законот за заштита на сведоци.


ДЕЛА ОД ОМРАЗА

ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ИНЦИДЕНТИ ОД ОМРАЗА ВО ПРЕДИЗБОРНИОТ ПЕРИОД

Хелсиншкиот комитет, преку порталот www.zlostorstvaodomraza.mk, од 2013 година горе ги рестрира криминалот сторен од омраза, односно инцидентите мотивирани од нетолеранција или предрасуди кон припадници на одредена група во општеството. Зголемување на бројот на ваквите инциденти особено е забележливо пред и за време на изборните циклуси. Пораст на ваквите инцидентибеше регистриран пред и за време на Предвремените парламентарни избори од 2014 година, Претседателските избори истата година и Предвремените парламентарни избори од 2016 година. Во 2017 година, ваквиот вид на дела од омраза продолжија и по завршувањето на предвремените парламентарни избори, како и откако политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не успеа да обезбеди мнозинство пратеници за формирање на Влада. Сега, додека е актуелна кампањата за локалните избори, повторно се забележува зголемување на бројот на ваквите инциденти.

Во текот на септември беа регистрирани осум кривични дела од омраза. Пет од нив се сторени поради политичка припадност или политичко уверување.

Изборната кампања за локалните избори во Македонија започна на 25ти септември. На истиот датум е регистриран првиот инцидент од омраза сторен поради политичка припадност односно политичко уверување. Овој инцидент, како и останатите четири, вклучува демолирање на партиски штаб. До крајот на месецот, оштетувањето на партиските штабови продолжи секојдневно, при што оштетени беа партиските штабови на три политички партии, и тоа два штабови на политичката партија СДСМ, два на ВМРО-ДПМНЕ и еден на Демократската партија на Србите во Македонија.

ПРЕПОРАКА: Хелсиншкиот комитет бара одМинистерството за внатрешни работи да вложи повеќе напори кон откривање на сторителите и да делува превентивно во насока на спречување на ваквите инциденти во иднина, имајќи ја предвид нивната фреквенција, како и фактот дека кампањата за локалните избори ќе трае дваесет дена. Комитетот потсетува и дека секоe насилство и инцидент во изборниот процес е спротивно и на Кодексот за фер и демократски избори.

ЗАТВОPЕНИ ИНСТИТУЦИИ

СО ГАНГРЕНА НА ДВЕТЕ НОЗЕ СМЕСТЕН ВО ПСИХИЈАТРИСКА БОЛНИЦА БАРДОВЦИ

Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува сериозна загриженост за здравствената состојба на бездомното лице Муарем Демиров, на кој му е утврдена гангрена на двете нозе и кој веќе три и половина месеци несоодветно е сместен во ЈЗУ Психијатриската болница Скопје во Бардовци.

Претставници на Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска, 21.09.2017 година, извршија посета на лицето Муарем Демиров и го затекнаа во многу лоша здравствена состојба.

Имено, и покрај ветувањето на Министерот за здравство дадено на 05.06.2017 година дека на пациентот Муарем Демиров ќе биде соодветно хоспитализиран во ЈЗУ Клиниката за торакално васкуларна хирургија и ќе биде во итна програма за соодветна интервенција, а по завршувањето на интервенцијата постоперативно ќе биде сместен во ЈЗУ Геронтолошки завод “13 Ноември” каде што ќе биде овозможено целосно закрепнување. По оваа изјава дека пациентот е во “сигурни раце “ на 08.06.2017 годинаистиот несоодветно бил хоспитализиран во ЈЗУ Психијатриската болница Скопје, без да биде извршена операција и без да постојат услови за соодветна здравствена грижа.

Со оглед дека не постои основ за задржување на лицето Муарем Демиров во психијатриската болница, ниту пак може да му биде обезбедена соодветна здравствена грижа, вработените во ЈЗУ Психијатриската болница Скопје, барале од Центарот за социјална работа Скопје лицето да биде сместено во друга установа каде ќе може да му биде пружена соодветна грижа. Особено важно е што во истиот допис се потенцира дека лицето Муарем Демиров нема психички нарушувања и не може да биде понатаму држен во ЈЗУ Психијатриската болница Скопје.

Препорака: Препорака: Хелсиншкиот комитет бара итна реакција од здравствените институции и итно хоспитализирање на лицето Муарем Демиров, со цел да му биде извршена итна операција и да му биде обезбедена соодветна здравстевна нега. Бараме одговорност од Министерот за здравство Арбен Таравари поради очигледниот пропуст во неговото работење во однос на овој случај. Со оглед на фактот дека министерот даде изјава во јавноста дека пациентот ќе ја добие целосната медицинска грижа, истиот морал да биде информиран за исходот од неговото лекување и третман. Сметаме дека поради непостапувањето од страна на здравствените институции има основано сомнение дека е исполнето битието на кривичните дела Несовесно лекување болни (член 207) и Неукажување лекарска помош (член 208) од Кривичниот законик, поради што бараме јавното обвинителство да отвори постапка по службена должност и да спроведе истрага со цел утврдување на одговорност на страна на докторите кои несовесно постапувале во овој случај.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

МОН ГО ПОВЛЕЧЕ УЧЕБНИКОТ ‘’ГРАЃАНСКО ОБРАЗОВАНИЕ’’ ЗА ОСМО ОДДЕЛЕНИЕ

По поднесена претставка од Мрежата за заштита од дискриминација во врска со дискриминаторски содржини во учебникот „Граѓанско образование“ за 8-мо одделение, се наведува дека во учебникот, на страна 34 и 35 се учи за правата на жената и, меѓу другото, се вели дека само почитуваните жени и здрави мајки може да обезбедат здрави семејства, од што зависи и понатамошниот развој на општеството. Во прилог на истата лекција има две фотографии, на едната фотографија е прикажана жена со престилка која истовремено готви и стои пред компјутер, а на другата фотографија жената седи со прекрстени нозе и списание во рака, додека пред неа маж чисти со правосмукалка. Под фотографиите стои прашање: „Која од овие жени се изборила за своите права?” Ваквите фотографии воопшто не се соодветни за темата која се разработува во лекцијата, ниту пак може да даде одговор на прашањето „Која од овие жени се изборила за своите права” бидејќи ниту една од сликите не покажува дека некоја од жените на фотографиите не се избориле за своите права. Во понатамошниот дел од истата лекција авторите прават осврт на улогата на жената во времето кога Адам и Ева живееле во рајот, со што се фаворизира христијанската религија, наспроти сите останати религии кои постојат во Република Македонија, со што се врши дискриминација врз основа на религија и верско уверување кон жените и учениците кои припаѓаат на други религии или не се религиозни. Обидувајќи да ги објаснат женските права низ призмата на религијата, авторите велат дека „се смета дека жената го сторила првиот грев во рајот. Го вкусила забранетото овошје, го довела Адам во искушение и оттогаш страда. Во првата книга „Постанок” на Мојсеј, Бог и вели на жената „Ќе ти ги зголемам маките кога си бремена, со болки ќе раѓаш деца, ќе бидеш под власта на мажот свој и тој ќе ти биде господар”.

Ваквиот обид за објаснување на женските права низ призма на една религија, со цитат во кој се наложува покорност на жената кон мажот, покрај тоа што претставува дискриминација врз основа на религија и верско убедување, поттикнува и промовира дискриминација кон жените и родови предрасуди. Дополнително, ова претставува прекршување на принципот на секулаларност во образованието, бидејќи религиски текстови се претставуваат како легитимни извори на информации за женски права.

По спроведената постапка и утврдената дискриминација, Народниот правобранител до Министерството за образование доставил Препорака за начинот на остварување на констатиратните повреди, која содржела конкретни напатствија за постапување на ресорното министерство. Министерството за образование и наука ги прифати препораките на Народиот правобрнител и донесе одлука за повлекување од употреба на спорниот учебник.

Препорака: Го поздравуваме мислењето на Народниот правобранител и решението за повлекување на учебникот од употреба на Министерката за образование и се надеваме дека ваквата пракса ќе продолжи и во иднина, за сите учебници со дискриминаторска содржина. Воедно, бараме од Министерството за образование и наука да ја вклучи Мрежата за заштита од дискриминација во процесите на ревизија на учебниците и наставните содржини, со цел да обезбеди партиципативност во процесот и почитување на забраната на дискриминација во образованието.

СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА

НЕЗАДОВОЛСТВО ОД РАБОТАТА НА ЦЕНТРИТЕ ЗА СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА

До Хелсиншкиот комитет за човекови права во септември се обратија повеќе странки со претставки против работењето на надлежните центри за социјална заштита во однос на нивните права од социјална работа.

Во еден од случаите станува збор за странка која е невработена, на возраст од педесетина години и без реална можност за вработување поради фактот што подлежи на редовна хемотерапија, а била одбиена од надлежниот центар за социјални работи да го оствари своето право на социјална парична помош. Странката е одбиена поради тоа што истата е сосопственик на 1/8 идеален дел од недвижен имот од 40м2, што всушност пресметано претставува 5м2 станбена површина врз кој се спроведува извршување на парично побарување и не може да оттуѓи. Одбивањето на барањето за социјална парична помош со образложение дека тужителката поседува идеален дел од имотот што фактички е со незначителна површина и е предмет на извршување е неприфатлив аргумент дека странката поседува имот и имотни права од кои може да е издржува.

Во друг случај, друга странка во своето барање пред Хелсиншкиот комитет за човекови права наведе дека надлежниот центар за социјални работи постапувајќи по службена должност му го ограничил правото на социјална парична помош со решение поради тоа што примил износ од 1.112,00 денари поради изработка на рамки за слика преку општината во која што живее во 2013 година, па според тоа Центарот утврдил дека странката во периодот од 01.01.2014 до 01.02.2015 година имал незаконска наплата од 15.925,00 денари. Посочениот износ воопшто не може да се смета за остварен приход поради тоа што не го надминува ниту износот кој странката го прима од социјална парична помош, односно 1.200,00 денари, како што е впрочем наведено и во Законот за социјална заштита. Спорниот примен износ од 1.112,00 денари е понизок од износот кој тужителот го добива како социјална парична помош, поради што не може да се смета за приход кој ја менува материјалната и имотната состојба на странката. Ова е износ кој е еднократен и засметан на годишно ниво, така што доколку истиот се подели на месечно ниво произлегува дека месечно примал по 92 денари, што никако не може да се смета за приход кој ја менува неговата материјална и имотна состојба.

И во двата горенаведени предмети, надлежнитецентри за социјална помош ригидно ги цитираат одредбите од Правилникот за начинот на утврдување на состојбата на приходите и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална помош, без притоа да ги утврдат сите факти и околности што се од битно значење за правилно утврдување на фактичката состојба во управната постапка согласно начелото за материјална вистина.

Препорака: Центрите за социјална работа кога станува збор за правата од социјална заштита во своето постапување неопходно е да воспостават реална заштита и почитување на начелото на материјална вистина, односноде факто да обезбедат пракса на работење која ќе резултира со воспоставување на систем за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот во текот на животот, за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост и за јакнење на неговиот капацитет за сопствена заштита.

ИГНОРАНТЕН ОДНОС НА СТРУЧНАТА ЛЕКАРСКА КОМИСИЈА И СЕКТОРОТ ЗА ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ПРИ МТСП

До Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати странка за правна помош од областа на социјална заштита, односно во делот на остварување на правото на паричен надоместок за помоши нега од друго лице. Станува збор за лице кое е материјално необезбедено и не оставрува никаков приход и се наоѓа во тешка здравствена состојба.

Имено пред да поднесе барање до надлежниот Центар за социјални работи, прибавила конзлијарно мислење од тројца специјалисти-неврохирурзи кои констатирале дека лицето има потреба од помош и нега од друго лице. По доставувањето на барањето од страна на странката од страна на Стручната комисија за давање наод, оценка и мислење за потребите од помош и нега од друго лице кои констатирале дека лицето нема потреба од помош и нега од друго лице.

Поради контрадикторноста на мислењата, Хелсиншкиот комитет за човекови права прати барање за информации до Стручната комисија, од која барање одговор врз основа на кој критериум Стручната комисија дала мислење. Од комисијата ден денес нема одговор.

Поради игнорантниот однос на комисијата, Хелсиншкиот комитет поднесе барање за спроведување на надзор до надлежното Министерство за труд и социјална политика заради утврдување на евентуалните неправилности при работењето на Комисијата. Поради тоа што повеќе од 30 дена, Министерството за труд и социјална политика не достави одговор по претставката, Хелсиншкиот комитет ќе се обрати до Народниот правобранител со цел заштита на правата на лицето.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

НОРМИРАНИОТ УЧИНОК И ВО ИДНИНА ЌЕ ПРЕТСТАВУВА ПРЕЧКА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА МИНИМАЛНА ПЛАТА

Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува загриженост за измените на Законот за минимална плата во Република Македонија, кој беше донесен на 12тата седница на Собранието на Република Македонија по скратена постапка. Иако со споменатите законски измени номиналниот износ на минималната исплатена плата во Република Македонија за периодот септември 2017 – февруари 2018 се зголемува на 12.000 денари, сепак остануваат одредбите за исполнување на нормиран учинок како услов за исплата на минимална плата. Поради ова Законот се уште не нуди гаранција дека работниците од сите сектори ќе ја остваруваат законски пропишаната минимална плата и остава простор за манипулации, притисоци и злоупотреби од страна на работодавачите..

Членот 1 од Законот предвидува дека нормираниот учинок ќе се утврдува од страна на работодавачот секоја година во февруари врз основа на критериуми за ефикасност во производниот процес утврдени од страна на работодавачот во соработка со работниците. Нормираниот учинок треба да е остварлив за најмалку 80% од бројот на вработените за секоја техничко – технолошка целина, пооделно. Секторите каде што треба да се утврди нормиранниот учинок и каде се наоѓа најголемиот процент на работници кои остваруваат минимална плата, како текстилната, кожарската, чевларската, рударската индустрија, се всушност сектори каде се јавуваат најголемите прекршувања на работничките права. Константниот мобинг, прекршувањето на работничките права во однос на работното време, користењето денови од одмор, работа за време на неработни денови и празници, неисплаќањето на додатоци на плата, исплата на плата на рака, враќање на дел од платата на работниците, потпишување бланко документи од страна на работниците, работа во лоши хигиенско-санитарни и безбедносни услови, неефикасноста на инспекцискиот надзор се само дел од проблемите со кои се соочуваат работниците во овие сектори. Во вакво опркужување тешко е да се верува дека работодавачите и работниците ќе имаат фер и конструктивен дијалог околу утврдувањето на критериумите за ефикасност во производниот процес и дека ќе донесат заедничка, согласна и објективна одлука.

Законските измени не утврдуваат прецизни одредби што значи “соработката на работодавачот со работниците” при утврдувањето на нормираниот учинок. Нејасно е дали овие критериуми се утврдуваат со консензус на сите вработени, со мнозинство гласови на вработените, дали во преговарањето за утврдување на критериумите се вклучени сите вработени или претставник на вработените или пак претставник на синдикатот, кај оние работодавачи во кои вработените имаат основано синдикат.

Дополнително загрижувачки се и тврдењата на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство дека текстот на измените на законот кој бил усогласен на јавна расправа и потврден на Економско-социјалниот совет на 18.07.2017 од страна на трите социјални партнери воопшто не содржел одредби со кои се предвидува и дефинира нормираниот учинок.

Препорака: Хелсиншкиот комитет смета дека усвојувањето на ваквиот закон суштински нема да ја зголеми минималната плата во секторите каде се бара исполнување на нормиран учинок и бараме итно менување на Законот за минимална плата во насока на отстранување на одредбите за нормиран учинок.

ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗА ТРУД НАРЕДИ ИСПЛАТА НА РЕГРЕС ВО ТЕКСТИЛНА ФАБРИКА ВО ШТИП

На 19.09.2017 година Државниот инспекторат за труд - подрачна единица Штип донесе решение со кое му нареди на управителот на Друштвото за производство и промет ЗОГОРИ увоз-извоз ДОО Штип да им исплати на вработените регрес за годишен одмор. По поднесена претставка од страна на Хелсиншкиот комитет, државен инспектор за труд од подрачната единица на инспекторатот изврши вонреден инспекциски надзор во споменатата конфекција при што констатира дека работодавачот не им исплатил регрес на работниците за платен годишен одмор за 2016 година. Во решението со кое се задолжува работодавачот да ги исправи неправилностите, државниот инспектор за труд му дал рок од 30 дена на работодавачот за исплата на регресот.

Препорака:Го поздравуваме ваквото решение на Државниот инспекторат за труд - подрачна единица Штип и проактивниот однос и залагањето на државниот инспектор кој постапуваше во конкретниот случај. Хелсиншкиот комитет и во иднина ќе продолжи да го мониторира овој случај, односно ќе следи дали работодавачот постапил по решението на Државниот инспекторат за труд и им го исплатил регресот за годишен одмор за 2016 година на своите вработени.


[1]https://ec.europa.eu/neighbourhood-enlargement/sites/near/files/2017.09.14_seg_report_on_systemic_rol_issues_for_publication.pdf

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo