Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово - август, 2017 година 16 Септември 2017

Месечниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово кој ги опфаќа темите: просторни капацитети и услови во камповите, институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и нерегуларната миграција, за периодот 01.08.2017 – 31.08.2017 година, може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија

Во текот на август, бројот на бегалци кои престојуваат во кампот остана релативно мал, со повремени промени во однос на поединци или група на бегалци кои доаѓаа и си заминуваа. Високите временски температури придонесоа за помала раздвиженост на бегалците во кампот. И понатаму продолжува праксата на враќање на бегалците кон Грција на илегален начин.

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци од почетокот на месецот кога изнесуваше 12, се промени во неколку наврати поради заминувањето на едни, а доаѓањето на други лица во кампот. На крајот на месецот бројот на бегалци се искачи на 19 бегалци, со потекло од Ирак и Авганистан. Поради високите температури, бегалците поголем дел од денот го поминуваат во своите контејнери.

Во кампот нема поголеми инфраструктурни измени. Хигиената во кампот е подобрена, по промената на хигиеничарите на почетокот на месецот.

Од страна на невладината организација Легис на бегалците им се служат топли и ладни пијалаци.

На бегалците им се обезбедува прошетка до кампот, кога имаат потреба за тоа. Исто така, се обезбедуваат редовни медицински прегледи, како и посети на педијатар за децата.

На 23.08.2017 година, во кампот остварија посета претставници од Министерството за внатрешни работи, Европска унија и Меѓународната организација за миграции. Целта на посетата е запознавање со состојбата во кампот. На 29.08.2017 пак, во кампот оствари посета Амбасадорот од Ирак од Софија, со цел да се сретне со семејство со потекло од Ирак кое се подготвува да се врати во матичната земја истиот ден.

Институционално постапување

Во кампот и околината сè уште се забележува присуство на странските полициски едници односно полициските службеници на Австрија, Полска, Чешка и Унгарија. На 17.08.2017 година, во кампот пристигна нов контингент на полициски службеници од Полска.

На самиот почеток на месецот, на 02.08.2017 година, семејство од Ирак е пренесено кон Грција на свое барање. На 14.08.2017 пак, лице со потекло од Ирак кој во кампот престојуваше 17 месеци е пренесен кон Грција, по свое барање.

На 03.08.2017 година, во кампот е регистриран случај на семејно насилство каде што била обезбедена и полициска интервенција. По настанот, семејството е поделено во два контејнери.

Во текот на месецот, во неколку наврати се донесени бегалци кои се затекнати по илегални патишта низ државата. Така, на 16.08.2017 во кампот се донесени 5 бегалци, фатени во близина на Неготино од страна на полицијата. Сите се возрасни мажи со потекло од Алжир, кои претходно престојувале во бегалските кампови во Грција, а неколку пати се обиделе да преминат преку „Балканската рута“. Од страна на Црвен Крст им е укажана медицинска и хуманитарна помош, а откако се испрашани од полицијата, веднаш се вратени на грчка страна. На 19.08.2017 во кампот е донесено едно лице со потекло од Пакистан, а по испрашувањето на полицијата е вратен на грчка страна. Наредниот ден пак, двајца бегалци со непознато потекло кои се фатени во близина на железничката станица, директно се пренесени кон грчка страна, без да бидат спроведени во кампот. На 22.08.2017 во кампот е донесено петчлено семејство со потекло од Ирак кое е привремено згрижено во кампот со што бројот на бегалци во кампот се зголеми на 12. Семејството искажало намера дека нема да остане долго во кампот. На 26.08.2017 година, донесени се двајца бегалци со потекло од Авганистан, кои се фатени во близина на железничката станица во Гевгелија. Откако се испрашани и регистрирани од страна на полицијата, веднаш се пренесени кон Грција.

На 29.08.2017 година, во полициската станица во Гевгелија се донесени 25 бегалци од Табановце, кои без да бидат донесени во кампот, во неколку групи се пренесени кон Грција. Не е познато дали им е обезбедена правна помош, ниту пак медицинска или хуманитарна помош.

На 31.08.2017, во кампот се донесени девет бегалци од кои едно 8 члено семејство од Ирак и еден бегалец со потекло од Авганистан кои се задржани во кампот. Со тоа, бројот на бегалци во кампот на крајот од месецот се искачи на 17.

Куманово

Во текот на август, инфраструктурната состојба во кампот е непроменета, додека бројната состојба на бегалците се менува секојдневно. Во краток период се пропуштаа во кампот сите бегалци кои ќе пристапат од надвор, при што ѝм беше обезбедена храна, но потоа повторно се врати старата пракса на селективно пропуштање и забранет влез за бегалците од надвор. Бегалците генерално не се жртви на прекршување на нивните права, со исклучок на нелегалното „депортирање“ кон Грција.

Просторни капацитети и услови

Не почетокот на месецот во кампот беа затекнати околу 75 бегалци, откако бројот продолжи да се зголемува од крајот на минатиот месец. Од нив. 26 бегалци се регистрирани, а 17 се водат како нерегистрирани, иако целокупниот број за време на ручек се движи од 70 до 80 поради бегалците кои доаѓаат од околу кампот. Храна се обезбедува за најголем дел од нив.

Бројот на регистрирани бегалци се намалува кога некои од нив ќе го напуштат кампот со цел да ја преминат македонско-српската граница. Доколку не се вратат во кампот во рок од 24 часа, тие се бришат од листата на регистрирани бегалци во кампот.

На 24.08.2017 година, во кампот остварија посета претставници од канцеларијата на Народниот правобранител.

Институционално постапување

Последното семејство со потекло од Ирак (маж, жена и три деца) кое чекаше операција на ногата на синот, го напушти кампот на 07.08.2017 година, во обид да ја премине границата.

На 10.08.2017 година, од страна на граничната полиција, во кампот се донесени две семејства со потекло од Авганистан, меѓу кои мажи, жени и 7 деца. После неколку дена престој во кампот, тие се одлучија да го напуштат кампот и да заминат за Грција. На 14.08.2017 година, беа пренесени со возило на Црвен Крст.

Полицијата повремено прави листа на бегалци кои изразуваат желба да бидат вратени назад кон Грција, за кои подоцна е организиран превоз.

На средина на месецот, во кампот се засили полициското присуство со тоа што полициски службеници беа распоредени и во должина на мрежата околу кампот. Нивното распоредување беше со цел да се спречат бегалците околу кампот да влезат во кампот. Се воспостави и пракса да не се дозволува повторно влез на бегалците кои веќе престојувале во кампот, а го напуштиле со цел да се обидат да ја преминат границата со Србија. Со тоа, бројот на бегалци се намали на 13- 18 бегалци.

На 26.08.2017 година, од страна на граничната полиција во кампот беа донесени две групи бегалци со потекло од Авганистан кои се вратени од Србија. Првата група се состои од 16 лица, од кои 6 возрасни и 10 деца. Другата група се состои од 5 членови, исто така со потекло од Авганистан. Сите се сместени во кампот.

На 29.082017 година, во текот на утринските часови, во нивите околу кампот од страна на полицијата се пронајдени тројца бегалци. Околу 10 часот, тројцата бегалци, заедно со уште 21 бегалец од кампот, од страна на полициски екипи и мобилниот тим на Црвен Крст, беа сместени во две комбиња и една кола и беа пренесени кон Грција.

Во кампот останаа 17 бегалци, од кои 10 нерегистрирани и 7 регистрирани.

Состојба во Прифатни центри во Република Македонија

Бројот на лица кои сместени во Прифатните центри е недостапен.

Нерегуларна миграција

Во текот на август, во дневните билтени на Министерството за внатрешни работи, не е регистриран ниту еден кривично-правен настан поврзан со бегалците или криумчарење мигранти. 


 „Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo