Corner Извештаи

Месечен извештај - август 2017 14 Септември 2017

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за јули 2017 година опфаќа теми од областите: Дискриминација, Говор на омраза, Слобода на изразување и Текстилни работнички.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

ГРАДСКИОТ БАЗЕН ВО ПРИЛЕП ДИСКРИМИНИРАЧКИ НАСТРОЕН КОН РОМИТЕ

До Хелсиншкиот комитет за човекови права и здружението Ромска солза од Прилеп, се обратија повеќе од 400 лица од ромска етничка припадност, наведувајќи дека во повеќе наврати во изминатиот месец и половина, биле спречени да го посетат Градскиот базен ,,Маркови кули” во Прилеп. Согласно нивните изјави, од отварањето на Градскиот базен ,,Маркови кули” во Прилеп на 01 јули оваа летна сезона 2017 година, Ромите од градот Прилеп се соочиле со забранет влез во градскиот базен за прв пат. Во изминатите години никогаш не се случило ниту едно лице, од ниту една етничка припадност да биде вратено од градскиот базен и да не му се дозволи влез. Лицата кои ги пријавија овие случаи се на различна возраст и од различен пол, и секој од нив поединечно го наведе своето искуство од обидот да го посети градскиот базен. Од изјавите може да се заклучи дека лицата се обиделе да влезат на базенот во различни денови, поединечно и во групи, со семејството, со пријатели од различна етничка припадност и во еден или повеќе наврати. При обидот за влез во базенот лицата биле враќани од обезбедувањето со образложение дека од оваа година, по налог на сопственикот на базенот, нема да се примаат Роми. На дел од нив им било кажано дека оваа одлука на сопственикот треба да ја пренесат и на другите Роми кои ги познаваат бидејќи нема да бидат примени ниту тие. Дел од нив кои пристигнувале на базенот со лица кои немаат темна боја на кожата, биле спречувани да влезат додека нивните пријатели кои имале светла боја на кожата биле пуштани.

Од ваквите наводи несомнено може да се заклучи дека градскиот базен ,,Маркови кули” во Прилеп не ги прима Ромите и дека ваквата пракса е воспоставена по налог на сопственикот. Во оваа прилика би сакале да посочиме дека ваквата пракса и ограничување на овие лица е директна дискриминација врз основа на боја на кожа. Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација (Службен весник на РМ број 50/2010 од 13.04.2010 година) Дискриминација е секое неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување, односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи кое се заснова на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа, додека Дискриминаторско однесување и постапување е секое активно или пасивно однесување на секое лице од страна на јавните власти, како и од страна на правни и физички лица од приватниот и јавниот сектор во јавниот живот, кое создава основи за привилегирање или депривилегирање на некое лице на неоправдан начин, или кое го изложува на неправеден и деградирачки однос во споредба со други лица во слична ситуација, базирано на која било од дискриминаторските основи. Со овој закон се забранува секоја директна или индиректна дискриминација по било која основа и истиот се применува од страна на сите државни органи, органи на единицата на локалната самоуправа, правни лица со јавни правни овластувања и правни и физички лица во сите области, меѓу кои и пристапот до добра и услуги. Законот понатаму предвидува прекршочни глоби за дискриминаторско постапување, а дава и можност за судска заштита од дискриминација на лицето кое е дискриминирано.

Бидејќи во случајот се работи за градски јавен базен кој се наоѓа на земјиште кое е во државна сопственост, односно во сопственост на општината, а е дадено под концесија на правно лице согласно Законот за концесиии и јавно приватно партнерство (Службен весник на РМ број 6/2012 од 13.01.2012 година) како добро од општ интерес, сметаме дека обврска на општината е да преземе итни мерки за овој случај. Хелсиншкиот комитет за овој случај испрати допис до градоначалникот на општина Прилеп, повикувајќи го веднаш да преземе мерки против оваа дискриминаторска политика на градскиот базен ,,Маркови кули” во Прилеп и да испрати опомена и насоки до базенот за итна промена на ваквата политика и воведување на еднакво постапување од страна на базенот кон сите етнички заедници и воопшто сите лица кои сакаат да го посетат базенот без никакво ограничување и дискриминација врз било која основа. Хелсиншкиот комитет испрати и допис до самиот базен повикувајќи го сопственикот на градскиот базен ,,Маркови кули” во Прилеп, веднаш да преземе мерки за воведување на еднакво постапување од страна на обезбедувањето на базенот кон сите етнички заедници и воопшто сите лица кои сакаат да го посетат базенот без никакво ограничување и дискриминација врз било која основа. Ниту од општина Прилеп, ниту од базенот не добивме никаков повратен одговор, а од страна на пријавителите бевме известени дека дискриминаторската пракса од страна на базенот продолжува.

Препорака:Најстрого го осудуваме дискриминирачкиот однос на градскиот базен ,,Маркови кули” во Прилеп кон лицата од ромска етничка припадност. Хелсиншкиот комитет за човекови права обезбедува правна помош и поддршка за овој случај и ќе ги преземе сите мерки во насока на заштита на дискриминираните лица и продолжување на борбата за овозможување на целосна пристапност на Ромите до сите јавни објекти.

НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ УТВРДИ ДИСКРИМИНАЦИЈА ВО УЧЕБНИК ПО ГРАЃАНСКО ОБРАЗОВАНИЕ

Народниот правобранител во свое мислење по поднесена претставка против учебникот "Граѓанско образование" за 8-мо одделение, утврди дека постои дискриминација врз основа на род, пол, здравствена состојба, попреченост и религија во областа на образованието. Случајот беше презентиран од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права, а инициран пред Народниот правобранител од страна на Мрежата за заштита од дискриминација.

Во поднесена претставка од Мрежата за заштита од дискриминација во врска со дискриминаторски содржини во учебникот „Граѓанско образование“ за 8-мо одделение, се наведува дека во учебникот на страна 34 и 35, се учи за правата на жената и меѓу другото се вели дека само почитуваните жени и здрави мајки може да обезбедат здрави семејства, од што зависи и понатамошниот развој на општеството. Во прилог на истата лекција има две фотографии, на едната фотографија е прикажана жена со престилка која истовремено готви и стои пред компјутер, а на другата фотографија жената седи со прекрстени нозе и списание во рака, додека пред неа маж чисти со правосмукалка. Под фотографиите стои прашање: „Која од овие жени се изборила за своите права?” Ваквите фотографии воопшто не се соодветни за темата која се разработува во лекцијата, ниту пак може да даде одговор на прашањето „Која од овие жени се изборила за своите права” бидејќи ниту една од сликите не покажува дека некоја од жените на фотографиите не се избориле за своите права. Во понатамошниот дел од истата лекција авторите прават осврт на улогата на жената во времето кога Адам и Ева живееле во рајот, со што се фаворизира христијанската религија, наспроти сите останати религии кои постојат во Република Македонија, со што се врши дискриминација врз основа на религија и верско уверување кон жените и учениците кои припаѓаат на други религии или не се религиозни. Обидувајќи се да ги објаснат женските права низ призмата на религијата, авторите велат дека „се смета дека жената го сторила првиот грев во рајот. Го вкусила забранетото овошје, го довела Адам во искушение и оттогаш страда. Во првата книга „Постанок” на Мојсеј, Бог и вели на жената „Ќе ти ги зголемам маките кога си бремена, со болки ќе раѓаш деца, ќе бидеш под власта на мажот свој и тој ќе ти биде господар”.

Ваквиот обид за објаснување на женските права низ призма на една религија, со цитат во кој се наложува покорност на жената кон мажот, покрај тоа што претставува дискриминација врз основа на религија и верско убедување, поттикнува и промовира дискриминација кон жените и родови предрасуди. Дополнително, ова претставува прекршување на принципот на секуларност во образованието, бидејќи религиски текстови се претставуваат како легитимни извори на информации за женски права.

Поспроведенатапостапкаиутврденатадискриминација, НародниотправобранителдоМинистерствотозаобразованиедоставилПрепораказаначинотнаостварувањенаконстатиратнитеповреди, којасодржелаконкретнинапатствијазапостапувањенаресорното министерство. Министерството за образование и наука ги прифати препораките на Народиот правобранител и донесе одлука за повлекување од употреба на спорниот учебник. Препорака: Го поздравуваме мислењето на Народниот правобранител и решението за повлекување на учебникот од употреба на Министерката за образование и се надеваме дека ваквата пракса ќе продолжи и во иднина за сите учебници со дискриминаторска содржина. Воедно, бараме од Министерството за образование и наука да ја вклучи Мрежата за заштита од дискриминација во процесите на ревизија на учебниците и наставните содржини, со цел да обезбеди партиципативност во процесот и почитување на забраната на дискриминација во образованието.

ГОВОР НА ОМРАЗА

НЕДОЗВОЛИВО Е ШИРЕЊЕ НА КСЕНОФОБИЧЕН ГОВОР!

Во текот на август 2017 година, Хелсиншкиот комитет забележа значително зголемување на појавата на говор кој промовира и поттикнува омраза насочен кон бегалците и мигрантите кои како дел од светската бегалска криза, транзитираат низ Република Македонија. Ксенофобичниот говор кој е најзастапен на социјалните мрежи, се појави како реакција на предложената Стратегија за интеграција на бегалци и странци во Република Македонија од страна на Министерството за труд и социјална политика, предвидена за 2017 – 2027 година. Следствено на предложената Стратегија, се наметна јавна дискусија поттикната од политичките партии во која се наведува дека во државата ќе се населат илјадници бегалци за кои ќе се градат и станбени објекти. Ксенофобични пораки и говор кој разгорува и поттикнува омраза беше забележан и во говорите на јавни и личности. Истовремено, произлегоа неколку граѓански иницијативи, „Излези и ти“, „Будење“, чии пораки беа исклучиво насочени кон ширење страв и паника кај граѓаните кон бегалците и мигрантите. Објавите на социјалните мрежи на овие граѓански иницијативи, беа проследени со коментари со говор на омраза кој се состои во омаловажување и навредување на бегалците, како и повици за нивно истребување.

Во текот на месецот, Хелсиншкиот комитет испрати претставки за 4 случаи до Министерството за внатрешни работи - Оддел за истраги за компјутерски криминал, во кои побара од Министерството будно да ги следи случаите на говор на омраза на интернет, како и објавите кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза кон бегалците.

Препорака: Хелсиншкиот комитет опоменува дека недозволиво е поттикнувањето и ширењето говор на омраза врз етничка припадност, националност и верско уверување кон бегалците и мигрантите, особено од страна на јавни личности и граѓански инцијативи. Бараме од Министерството за внатрешни работи внимателно да ги следи случаите на говор на омраза, кои лесно може да преминат во злосторства од омраза.

СЛОБОДА НА ИЗРАЗУВАЊЕ

ПРОДОЛЖУВА НАСИЛСТВОТО ВРЗ МЕДИУМСКИТЕ РАБОТНИЦИ

Во текот на месец август, насилството врз медиумските работници продолжи и тоа во случајот на напад на новинарската екипа на „НОВА ТВ“, како и инцидентот со екипата на интернет порталот „Курир.“ Во првиот случај при нападот на новинарската екипа на „НОВА ТВ“, повторно се работи за таргетирање на „политички непријателски“ медиум и пружање отпор кон новинарските работници кои работат во правец на информирање на јавноста. Во врска со овој случај, МВР го утврди идентитетот на напаѓачот[1], а Основното јавно обвинителство – Скопје за овој настан што се случи на 23 август оформи предмет, при што од страна на назначениот обвинител се издадени наредби и насоки кои имаат за цел целосно расветлување на настанот, по што ќе следи мериторна јавнообвинителска одлука.[2] Во вториот случај се работи за отстранување на снимателот на „Курир“ за време на јавна седница на Државната изборна комисија. Покрај осудата за случајот на напад врз новинарската екипа на „НОВА ТВ“ од страна на Здружението на новинари на Македонија, осуда и за овој и за инцидентот со снимателот на „Курир“ дојде и од Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ).[3]

Препораки: Хелсиншкиот комитет ги поздравува навремените иницијални постапувања на МВР и Јавното обвинителство и повикува на брза и решителна правна развршница на кривично правниот настан. Потесетуваме дека Владата на Република Македонија во Планот 3-6-9 се обврза да ги заштити медиумските работници од вакви напади и без одлагање да ги изнесе сторителите пред лицето на правдата со што ќе обезбеди ефикасна заштита на правото на слободно изразување и слободно новинарско известување.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

НЕОСНОВАНО ОТПУШТАЊЕ НА ТЕКСТИЛНА РАБОТНИЧКА

Хелсиншкиот комитет за човекови права доби барање за бесплатна правна помош од текстилна работничка од Пробиштип на која неосновано и бил откажан договорот за вработување од страна на нејзиниот работодавач. Според тврдењата на работничката, работодавачот ја отпуштил од работа без отказен рок поради вина и од лични причини. Имено, работничката добила писмено предупредување од работодавачот во кое било наведено дека работодавачот не е задоволен од начинот на кој таа ги извршува работните обврски. Пред добивањето на ова предупредување работничката немала никакви сознанија за тоа дека работодавачот е незадоволен од нејзината работа и за тоа не била ниту усно предупредена. Во писменото предупредување и бил даден рок од 15 дена да го поправи своето работење. По приемот на предупредувањето работничката побарала писмено образложение од работодавачот за неговото незадоволство, во кој дел од нејзиното работење работодавачот не е задоволен и на кој начин би требало да го подобри работењето со цел да ја поправи евентуалната грешка при извршувањето на работните обврски, но не добила никаков одговор од работодавачот. Само неколку дена подоцна работничката се здобила со повреда на работно место и заминала на боледување. При враќањето од боледување на работа не и било физички дозволено да влезе во просториите на конфекцијата, односно на нејзиното работно место, со образложение дека таа е отпуштена и дека веќе не работи во конфекцијата.

Хелсиншкиот комитет за овој случај го извести Државниот инспекторат за труд – подрачна единица Пробиштип. Загрижувачки е непрофесионалниот однос на инспекторката со која комунициравме во однос на случајот, oд која добивме одговор дека подрачната единица на инспекторатот од Пробиштип нема да постапува по случајот и дека по истиот постапуваат инспектори од Скопје. Oбразложението за ваквата одлука, според кажувањата на инспекторката, е затоа што станувало збор за “проблематична работничка” која “лаже”. Дополнително, за време на телефонскиот разговоринспекторката неколку пати повтори дека работниката е отпуштена согласно закон и дека нема никакви прекршувања на нејзините работнички права, иако на почетокот на разговорот не информираше дека не постапува по случајот, па оттука се доведува во прашање објективноста и непристрасноста на инспекторката.

Препорака: Хелсиншкиот комитет остро реагира на незаконското отпуштање на тескстилната работничка и пасивното однесување на Државниот инспекторат за труд – подрачна единица Пробиштит. Апелираме до Државниот инспекторат за труд – Подрачна единица Пробиштип, во иднина да постапува согласно законските прописи и при вршење на надзор и утврдување на евентуални неправилности да се води од законските прописи, а не од субјективните и пристрасни убедувања на инспекторите кои постапуваат по случаите.


[1] http://fokus.mk/mvr

[2]http://www.pravdiko.mk/ojo-skopje

[3]http://www.avmu.mk/index.phphttp://www.avmu.mk/index.php

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo