Corner Извештаи

Месечен извештај - јули 2017 22 Август 2017

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за јули 2017 година опфаќа теми од областите: Дискриминација, Говор на омраза, Бегалска криза и Текстилни работнички.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк

ДИСКРИМИНАЦИЈА

Лицата во инвалидски колички дискриминирани од страна на Олимпискиот базен Центар

Во текот на месец јули Хелсиншкиот комитет за човекови права и македонската јавност, преку социјалните мрежи беа запознаени со случај во кој мајка на дете во инвалидска количка направи безуспешен обид да оствари влез во Олимпискиот базен во Скопје. Родителката се јавила телефонски за да се распраша околу термините за пливање, гужвата, пристапноста до соблекувалните и базенот, како и за тоа дали има лице вработено во базенот кое би и помогнало околу поткревањето на инвалидската количка. Одговорот од вработената на базенот бил дека за жал за лицата со хендикеп не е дозволен влез во базенот. Дополнително вработената ја информирала дека базенот за жал нема обезбедено посебен влез за лица со хендикеп и дека од хигиенски и безбедносни причини движење со количка низ просториите на базенот не е дозволено. Родителката била упатена да провери по другите базени, по што разговорот бил завршен.

По бурните реакции од страна на јавноста, за овој случај со своја изјава излезе директорот на базенот, кој наведе дека никој никому не му забранил да дојде на базенот и дека проблемот не е во пристапот до базенот туку во технолошкото користење на базенската вода. Според директорот кога ќе дошло инвалидизирано лице со количка, истото треба да влезе во соблекувална и да помине низ дезо – бариера пред да влезе во базен, кои очигледно не се приспособени за лица во инвалидски колички. За директорот нејасно е како тоа лице ќе влезе во вода, бидејќи базенот немал посебни лифтови за спуштање во вода и според него во овој случај не се работи за скратувањена нечие право. Уште поголем проблем за директорот е тоа што немаат ниту технички, ниту финансиски можности да гарантираат безбедност на лице во инвалидска количка кога во базенот има стотина лица.

Согласно Конвенцијата за правата на лицата со попреченост[1], која е ратификувана од страна на Република Македонија на 05.12.2011 година, во која има посебен дел за пристапноста, државите членки се обврзуваат да преземат соодветни мерки за обезбедување на приватните ентитети кои нудат капацитети и сервисни служби кои се отворени или обезбедени за јавноста, да ги земаат предвид сите аспекти на пристапност на лицата со попреченост. Понатаму со Конвенцијата државите членки се обврзуваат да ги преземат сите соодветни мерки за овозможување на лицата со попреченост да учествуваат на еднаква основа со другите во рекреативни, слободни и спортски активности и се обврзуваат за таа цел да им обезбедат непречен пристап до спортски, рекреативни и туристички објекти.

Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, за дискриминација на лицата со ментална и физичка попреченост се смета и тогаш кога нема да се преземат мерки за отстранување на ограничувањата, односно прилагодување на инфраструктурата и просторот, користење на јавно достапни ресурси, или учество во јавниот и општествениот живот.

Од горенаведените причини неосновани се оправдувањата на сопственикот на базенот дека од технички и финансиски причини не може да се овозможи пристап за лицата со попреченост. Уште повеќе нејасно е како овој спортски објект добил дозвола за работа и покрај неисполнувањето на условите за пристапност согласно законската регулатива. Напоменуваме дека се работи за спортски објект кој дава јавни услуги и кој има законски обврска за исполнување на норми и стандарди без разлика на тоа дали е во јавна или приватна сопственост. Сакаме и да истакнеме дека најголемиот дел од објектите во државата се непристапни за лица со попреченост, поради што овие лица се оневозможени да ги остварат своите права и активно да учествуваат во општествениот и културниот живот.

Препорака:Најстрого го осудуваме дискриминирачкиот однос на Олимпискиот базен Центар кон лицата со инвалидски колички. Хелсиншкиот комитет за човекови права обезбедува правна помош и поддршка за овој случај и ќе ги преземе сите мерки во насока на заштита на дискриминираните лица и продолжување на борбата за овозможување на целосна пристапност за лицата со попреченост во сите објекти.

ГОВОР НА ОМРАЗА

Хомофобичен говор на омраза во јавноста мора да се спречи

Појавата на говорот на омраза често пати е резултат на актуелни политички случувања или општествени прашања покренати во јавноста. Таков е и случајот во текот на јули, 2017 година, кога на самиот почеток на месецот се покрена прашањето за легализација на истополови бракови од страна на пратеникот Бранко Манојловски. Неговиот став дека во Република Македонија треба да се легализираат истополовите бракови беше проследен со бројни примери на говор на омраза на интернет просторот односно на социјалните мрежи, Фејсбук и Твитер. Дополнително, елементи на говор на омраза и хомофобични изјави беа забележани во објави на јавни личности и политичари.

Хелсиншкиот комитет нагласува дека ширењето говор на омраза врз основа на сексуална ориентација претставува кривично дело, согласно член 319 од Кривичниот законик на РМ, и тоа може да предизвика дела од омраза. Особено значајни елементи кои го предодредуваат говорот на омраза се намерата на говорникот, контекстот на искажаниот говор, како и негативните последици кои може да се предизвикаат со тој говор. Имајќи предвид дека хомофобични изјави се искажани од страна на јавни личности и политичари, опасноста да предизвикаат сериозни негативни последици се поголеми поради нивната влијателност и улога во општествениот контекст.

Препорака: Хелсиншкиот комитет најстрого го осудува ширењето говор на омраза врз сексуална ориентација и ги повикува јавните личности да се оградат од таквиот говор.

БЕГАЛСКА КРИЗА

Полициска акција во прифатниот камп ,,Табановце

Состојбата со бегалците во текот на јули остана релативно мирна, со мал број на бегалци присутни во Прифатно-транзитните центри на двете погранични линии во Винојуг и Табановце. Во кампот во Винојуг, Гевгелија престојуваат околу 14 бегалци, додека во кампот во Табановце престојуваат околу 25 бегалци, меѓу кои има регистрирани и нерегистрирани бегалци.

На 16.07.2017 година, во раните утрински часови, во Прифатно-транзитниот центар Табановце беше спроведена полициска акција во која полициски службеници привеле десетина бегалци кои престојуваат во кампот, но не се регистрирани. Според сведочењата на бегалците кои престојуваат во кампот, полициските службеници користеле средства за присилба, како и прекумерна сила, со цел да ги совладаат и приведат бегалците, кои започнале да бегаат. Не е позната причината зошто е спроведена полициската акција, како и дали постоела оправданост за употреба на физичка сила и средства за присилба. Неколкумина од бегалците успеале да побегнат во околината на кампот, а оние кои се приведени, се однесени во непознат правец. Хелсиншкиот комитет смета дека ваквото постапување на полицијата е несоодветно и противправно, особено бидејќи бегалците се примени во кампот од страна на надлежните институции за да се згрижат и да добијат основна помош од храна и вода. Притоа, доколку постоело сомневање дека се сторители на кривично дело, полицијата требало да постапува согласно Законот за полиција и Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, а не да ја злоупотребува својата положба и да се служи со нечовечки и деградирачки постапувања кон бегалците. За овој настан, Хелсиншкиот комитет писмено се обрати до Министерството за внатрешни работи со цел да добие целосни информации за спроведената акција.

Препорака: Хелсиншкиот комитет бара од Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи да спроведе соодветна истрага за опишаниот настан, да се утврди одговорност на полициските службеници кои ја злоупотребиле својата положба и тие да бидат соодветно казнети.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

ОДРЖАНА СРЕДБА СО ПРЕМИЕРОТ НА РМ И МИНИСТЕРКАТА ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА ЗА РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА НА ТЕКСТИЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ

На 21.07.2017 година претставник на Хелсиншкиот комитет учествуваше на средба во Штип организирана од кабинетот на Премиерот на РМ, на која се разговараше за работничките права на текстилните работнички и работници, условите за работа во текстилните конфекции и предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија. На средбата присуствуваа Премиерот на Република Македонија Зоран Заев, Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, пратеникот Благој Бочварски, претставници на здруженија на граѓани кои работат на заштита, промоција и унапредување на работничките права на текстилните и кожарсните работнички и работници, претставници на гранковиот Синдикат на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија на Република Македонија и текстилни работнички и работници.

На средбата претставникот на Хелсиншкиот комитет ги изнесе наводите и сознанијата во однос на прекршувањето на работничките права на текстилните работнички и работници, кои Комитетот ги има добиено преку документираните студии на случаи и редовните средби со текстилните работнички и работници.

Премиерот и Министерката за труд и социјална политика, беа информирани за следниве прекршувања на работничките права во текстилната и кожарската индустрија:

-работнички и работници се соочуваат со доцнење и неисплаќање на платите и придонесите на плати;

-работничките и работниците работат прекувремена работа далеку над законски предвидениот максимум од 190 часа годишно, а истата ретко се евидентира и исплаќа;

-на работничките и работниците не им се исплаќа додаток за минат труд, ниту регрес за годишен одмор согласно Општиот колективен договор за приватниот сектор;

-работничките и работниците често работат во време на празници и неработни денови, а работодавачите за ваквото работење ретко го информираат Државниот инспекторат за труд, согласно Законот за работни односи, ниту им исплаќаат додаток за работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон;

-работничките и работниците добиваат дел од својата плата во плик;

-работничките и работниците работат во лоши хигиенски, здравствени, санитарни и безбедносни услови;

-работничките и работниците не го остваруваат правото на годишен одмор согласно Законот за работни односи и Општиот колективен договор во приватниот сектор;

-работничките и работниците потпишуваат бланко листови, кои подоцна се злоупотребуваат од работодавачите, најчесто за “спогодбено” раскинување на договорите за вработување.

Претставникот на Хелсиншкиот комитет го поздрави Предлог законот за минимална плата, согласно кој минималната плата ќе изнесува 12.000 денари и во кој ќе се избрише делот за нормиран учинок во текстилната и кожарската индустрија, но воедно истакна дека две минимални плати во овој износ сè уште не можат да ги покријат минималните месечни трошоци за живот на четиричлено семејство, согласно минималната потрошувачка кошница на Сојузот на синдикати на РМ.

Исто така на средбата беше разговарано за неефикасното и неажурното постапување на подрачните единици на Државниот инспекторат за труд, на кои често пати им се потребни и по неколку месеци за да излезат на терен и да спроведат вонреден инспекциски надзор по поднесено барање, па беше предложен зголемен и засилен надзор врз работата на Државниот инспекторат за труд.

На средбата беше разговарано и за отежнатиот пристап до правда на текстилните работнички и работници. Заради високите судски, адвокатски и административни трошоци, текстилните работнички и работници речиси никогаш не се во можност да побараат судска заштита на своите работнички права, ниту пак да побараат намирување на паричните побарувања кон своите работодавци. Претставникот на Хелсиншкиот комитет предложи измени и дополнувања на Законот за бесплатна правна помош, во делот кој се однесува на условите за користење на правото на бесплатна правна помош, како би се проширил опфатот на лица кои би можеле да го користат ова право.

Препорака: Хелсиншкиот комитет ја поздравува иницијативата на Премиерот на Република Македонија за ваква заедничка средба и стремежот заеднички да се работи на подобрување и унапредување на работничките права на текстилните работнички и работници. Останува да го видиме резултатот од овие средби и очекуваме промени кои ќе резултираат со подобрување на условите за работа во текстилната индустрија и почитување на законите.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo