Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово - јуни, 2017 година 20 Јули 2017

Месечниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово кој ги опфаќа темите: просторни капацитети и услови во камповите, институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и нерегуларната миграција, за периодот 01.06.2017 – 30.06.2017 година, може да се преземе на следниов линк. 

Гевгелија 

Состојбата во кампот Винојуг, Гевгелија е генерално непроменета во споредба со минатиот месец, со повремени движења на бегалци во мали бројки. Бројната состојба на бегалците во кампот е исто така мала и не се забележани значителни прекршувања на нивните права. Капацитетите и условите во кампот се задоволителни, со ретки пропусти во кои се можни подобрувања. 

Со одлука на Владата на Република Македонија, донесена на 29.06.2017 година е продолжена кризната состојба на граничните подрачја, на југ со Грција и на север со Србија која ќе трае до 31 декември, 2017 година. 

Просторни капацитети и услови 

Бројот на бегалци во кампот на почетокот на месецот изнесуваше 9, а до крајот на месецот се искачи на 14, откако во кампот е задржано едно семејство со потекло од Ирак и едно малолетно лице со потекло од Либија на кое му е назначен старател. 

Поради високите температури, бегалците не се движат низ кампот сè до подоцнежните часови од денот, туку престојуваат во своите контејнери. Иако контејнерите се опремени со климатизери, бегалците се жалат дека немаат обезбедено доволно летна облека и обувки. Со донација на невладината организација Легис е обезбедена облека за децата во кампот. 

На бегалците им се обезбедуваат редовни здравствени прегледи или интервенции во болница, доколку има потреба. Исто така, им е обезбеден пристап до стоматолог и гинеколог за жените кои престојуваат во кампот. 

За децата во кампот редовно се организираат креативни и едукативни работилници од страна на граѓанските организации, како и прошетки во градот со придружба на претставници од организациите. Возрасните пак, пројавуваат интерес за курсеви за странски јазици. 

Хигиената во кампот е на задоволително ниво бидејќи хигиеничарите редовно и соодветно ги завршуваат работните обврски. 

Во текот на месецот е пристигнат нов тим на полициски службеници од Словачка. 

На 23.06.2017 година, во кампот остварија посета министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и амбасадорот на Р. Словачка во Република Македонија, Мартин Безак. Целта на посетата е запознавање со состојбите во кампот и работата на безбедносните сили. 

На 29.06.2017 пак, во кампот е остварена посета од поголема делегација на полициски и воени лица од земјите во регионот, во придружба со македонски полициски и воени службеници. 

Институционално постапување 

Во текот на јуни, 2017 година, од Република Македонија се забележани 35 бегалци кои биле пренесени кон Република Грција, според забележувањето на Хелсиншкиот комитет. Покрај нив, четиричлено семејство со потекло од Ирак и едно малолетно лице со потекло до Либија се задржани и престојуваат во кампот како ранливи групи. 

Едно лице со потекло од Косово и двајца албански државјани кои се фатени од страна на полицијата се донесени во кампот за испрашување, по што се пренесени во непознат правец. Вакви случаи се нотирани и во текот на минатиот месец и останува непознато како и зошто државјани од соседските земји се затекнати по илегален пат во државата. 

Во останатите случаи, затекнати се бегалци со потекло од Авганистан, Ирак, Пакистан, Иран и Етиопија, како поединци или во помали групи од 3 или 4 лица кои живееле или престојувале во Турција и Грција, по што со помош на криумчари тргнале по „Балканската рута“. Речиси сите од нив стигнале до Србија, од каде што по краток престој се вратени кон Македонија од страна на српската полиција. Сите од нив платиле значителна сума пари на криумчарските групи за да стигнат до Србија. Откако од Србија се вратени кон Македонија, најчесто доброволно се одлучуваат да се вратат кон Грција. Карактеристичен е случајот на поголема група од 20 бегалци со различно потекло, во најголем дел од Алжир и Мароко, кои во текот на ноќта помеѓу 23 и 24 јуни, полицијата ги затекнала во близина на Удово. По испрашувањето од страна на полицијата во кампот се пренесени кон Грција во текот на истата ноќ. 

Куманово 

Прифатно-транзитниот центар Табановце нема претрпено значителни промени во инфраструктурата и просторните капацитети. Бројот на бегалци кои престојуваат е мал и меѓу нив има регистрирани и нерегистрирани. Во текот на месецот не се забележани посериозни прекршувања на правата на бегалците. 

Просторни капацитети и услови 

Бројот на бегалци во кампот варира од 20 до 25, од кои околу 13 се регистрирани, додека останатите се нерегистрирани. Нерегистрираните бегалци престојуваат привремено во кампот и нивната бројка секојдневно варира, зависно од групите кои доаѓаат и заминуваат. 

Поради високите температури и рамазанските пости, бегалците во кампот остануваат во своите контејнери до доцните попладневни часови и раздвиженоста во кампот е мала. 

На почетокот на месецот во кампот е донесена одлука дека редовно ќе се врши дезинфекција и дератизација поради појавата на змии и стаорци и таа се спроведува секоја недела. 

Од страна на Центарот за управување со кризи, во текот на месецот е дозволено донирање храна од страна на невладините организации поради рамазанските пости. Покрај тоа, подобрен е и квалитетот на храната која редовно им се служи на бегалците. 

Во организација на Легис и останатите невладини организации, во кампот е одржан настан по повод рамазанскиот празник. 

Институционално постапување 

Од страна на Центарот за управување со кризи е известено дека донесена е одлука за неселективно пропуштање на бегалци во кампот, за подолг или привремен престој, обезбедување храна, вода и медицинска помош. Ова особено се однесува на ранливите групи, бремени жени и деца, не придружувани малолетници или лица со повреди. 

На 05.06.2017 година, од страна на гранична полиција е пронајдено пет члено семејство во камион на македонско-српската граница, во обид да ја преминат границата. Според нивните кажувања, платиле 5000 евра на криумчари за да бидат пренесени до Белград. Семејството е згрижено во кампот. На 08.06.2017 година во кампот им е обезбеден пристап на маж и неговата бремена жена, на која веднаш ѝ е обезбеден гинеколошки преглед. Двајцата се сместени во кампот. До крајот на седмицата, по своја желба семејството го напуштиле кампот со цел да се вратат кон Грција. На 17.06.2017 година, во кампот пристигна група од 11 бегалци меѓу кои тројца мажи, две жени и шест деца. Бегалците се згрижен во кампот, но немаат желба да останат, туку сакаат да бидат вратени во Грција. Наредниот ден е организиран превоз со комбе за новопристигнатите бегалци да се вратат кон Грција. 

Помали групи бегалци се забележуваат во околината на кампот, иако не се присутни секојдневно поради високите температури. Нивното пропуштање во кампот зависи од одлуката на полициските службеници кои се присутни на смена (иако беше најавена одлука за неселективно пропуштање на бегалци во кампот), па не секогаш им се дозволува влез во кампот. 

Во втората половина на месецот, бројот на бегалци во кампот се зголеми поради пристигнувањето на повеќе групи, кои или беа прифатени и сместени во кампот или по краток престој во кампот самите го напуштија. Така, две групи пристигнаа на 22.06.2017 година, од кои едната група по краток престој во кампот по своја волја го напушти, а другата група од тројца бегалци со потекло од Иран се прифатени и згрижени во кампот. Наредниот ден пак, повторно се пристигнати две групи, една со 9 бегалци со потекло од Либан и Ирак, а потоа уште една група од 5 бегалци со потекло од Ирак. Сите се прифатени и згрижени во кампот. Со тоа, бројот на бегалци во кампот се искачи на 35. 

Кон крајот на месецот, од страна на надлежните институции во кампот е направена листа на бегалците кои по своја волја сакаат да се вратат кон Грција. До 30.06.2017 година е организиран превозот, при што наредниот ден вкупно 18 бегалци со комбе се вратени кон Грција. 

Состојба во Прифатни центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци и баратели на азил сместени во прифатните центри е недостапен. 

Нерегуларна миграција

Во текот на јуни, Министерството за внатрешни работи не регистрирало ниту еден кривично-правен настан поврзан со бегалците или криумчарските групи. 


   „Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo