Corner Извештаи

Месечен извештај - јуни 2017 24 Јули 2017

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за јуни 2017 година опфаќа теми од областите: Специјално јавно обвинителство, Дискриминација, Затворени институции, Говор на омраза и Текстилни работнички.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк.  

СПЕЦИЈАЛНО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО

Нови обвиненија и барања за заштита на законитоста

СЈО поднесе Барање за заштита на законитоста при постапувањето по предметот „Талир“

СЈО поднесе барање за заштита на законитоста до Врховниот суд за предметот „Талир“, кој се однесува на финансирањето на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.[1]Како што се наведува во известувањето до јавноста, со барањето за заштита на законитоста се бара Врховниот суд да утврди дека решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје I Скопје, со кое е одбиено барањето на ова Јавно обвинителство за обезбедување на дел од имотот на една политичка партија било незаконито. Од СЈО потсетуваат дека на 22 мај оваа година Јавното обвинителство поднело барање за привремено одземање на имот заради обезбедување, односно за определување на привремена мерка – забрана за отуѓување на недвижен имот со ставање хипотека на тој имот поради основано сомневање дека потекнува од кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување, кое било одбиено.

Од СЈО наведуваат и дека со Барањето за заштита на законитоста е укажано на неопходноста од толкување на Законот за финансирање на политичките партии во согласност со меѓународните стандарди врз основа на кои овој закон е донесен, како и на околноста дека рестриктивното толкување на првостепениот суд на споменатиот закон е во спротивност и со заложбите за спречување на корупцијата како неопходен услов за градење демократско општество и почитување на принципот на владеењето на правото.

На 19.06.2017 година пред Врховниот суд беше закажано да се расправа по две други барања за заштита на законитоста на СЈО (за градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко,како и за битолскиот градоначалник Владимир Талевски), кои веќе еднаш беа одлучени, но по промената на Кривичниот совет, повторно се отвораат. Третото поднесено БЗЗ – кое се однесува на единствениот осуден во случајот „Пуч“, Звонко Костовски, сè уште не е ставено на дневен ред бидејќи предметот се наоѓа во Советот на јавни обвинители и не се доставени сите списи околу овој предмет до Врховниот суд.

СЈО поднесе обвиненија на еден ден од истекот на рокот и бара притвор за водечки политичари

Специјалното јавно обвинителство поднесе обвиненија против 94 физички и 7 правни лица за серија кривични дела откриени во прислушуваните разговори, соопшти првиот човек на СЈО Катица Јанева на прес-конференција. Јанева очекува сите предмети да бидат преземени од судовите во итна постапка и да почнат да одлучуваат во рок од 24 часа. За поголемиот дел од обвинетите, СЈО ќе бара мерка притвор, а меѓу нив има и претседател на политичка партија, но и други високи, актуелни и поранешни, функционери. Вкупно се поднесени 17 обвинителни акти, и имајќи предвид дека три случаи веќе од претходно се процесираат, бројката на вкупно поднесени обвиненија е 20.

Обвинителката Катица Јанева најави дека очекува сите обвиненија да се процесуираат во итна постапка и притоа ќе се бара притвор за поголемиот дел од обвинетите.[2]

Од досега најавените истраги не е поднесено обвинение за случаите „Талир“ и „Табла“, додека „Таргет“ и „Тврдина“ се споени во едно. Јанева рече дека за првиот случај немало доволно време да се заврши истрагата бидејќи 8 годишното нелегално финансирање на партијата не можело да за се истражи за 1 месец. Што се однесува до „Табла“, обвинителстото соопшти дека тој и натаму се работи и е проширен со други лица - високи функционери. Јанева соопшти дека „засега“ нема обвиненија за високи функционери на владеачката ДУИ.

Во однос на преземањето на надлежноста за случајот „Монструм“, обвинителката го обвини Советот на Јавни обвинители за „несоработка“ поради што не можел да биде извршен увид во предметот и да се утврди дали е СЈО надлежен за него. Јанева соопшти дека на СЈО му останале уште 55 проценти непреслушани разговори од оние кои беа добиени од СДСМ, а од преслушаните не се сите анализирани. Коментирајќи го завршувањето на рокот за работа на СЈО, Јанева изрази надеж дека ќе се најде законски начин за продолжување на неговиот мандат. Таа испрати порака до јавноста дека денешниот ден не менува ништо во фактот што ова Јавно обвинителство како професионална и независна институција ќе продолжи преку независни и темелни истраги во соодветни законски постапки да остварува обезбедување на правдата.

Препорака: Хелсиншкиот комитет препорачува на партиите кои имаат претставници во законодавниот дом – Собранието на РМ, во најбрз можен рок да постигнат консензус за продолжување на мандатот на СЈО, нешто што е реформски приоритет на државата. Продолжувањето на мандатот е неопходно за Македонија да го врати владеењето на правото како темелна вредност на општеството. Исто така, го потенцираме она што е потенцирано на многу наврати во минатото, а тоа е органите на правосудството, јавната администрација и приватниот сектор да ги стават на располагање сите информации потребни за водење на истраги на ова Јавно обвинителство. Оваа препорака се однесува и на Советот на јавни обвинители кој Јанева го обвини за „несоработка“ во врска со преземањето на надлежноста за случајот „Монструм“. Обвинителката Јанева тврди дека Советот не дозволува увид во предметот со што би се утврдила надлежноста. Потсетуваме дека според Законот за СЈО, ова обвинителство има исклучива надлежност за сите случаи кои се поврзани и произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

Препораки за законски измени за лицата со попреченост

Во текот на месец јуни Хелсиншкиот комитет изрази поддршка и се вклучи во Граѓанската иницијатива 5до12, која има за цел изедначување на правата на лицата со посебни потреби. Иницијативата 5до12 се бори за стратешки долгорочни решенија за инклузија и интеграција на лицата со посебни потреби во сите сфери на општественото живеење, вклучително здравство, спорт, образование и наука, вработување.Поддршката која Хелсиншкиот комитет ја даде на оваа иницијатива, меѓу другото, беше во правно пишување на препораки за измена на законски решенија во повеќе закони од неколку различни области меѓу кои образование, здравство, социјална заштита и вработување.[3]

Препораките по однос на образованието беа во насока на измена на неколку закони и подзаконски акти, со кои измени ќе се подобрат условите за едукација на лицата со попреченост и ќе се зголеми инклузивноста во образованието. Во барањата посебно внимание се дава на потребата од приспособени индивидуални наставни планови, приспособени учебници, приспособени и пристапни училишни згради, добро обучени дефектолози во сите училишта и уште неколку други промени.

 Во однос на социјалната заштита препораките се однесуваат на редефинирање на поимот попреченост во законите, донесување на нов Закон за персонална асистенција, нов пристап кон категоризацијата на лицата со попреченост, бришење на возрасните ограничувања за стекнување на некои права за додатоци по основ на попреченост, приспособување на институциите во насока на пристапност и сл.

Во однос на здравствената заштита препораките се во насока на предвидување на попреченоста како основа за дискриминација, воведување задолжителни обуки на медицинскиот персонал, вработување логопед во сите здравствено установи, непречен пристап до сите здравствени објекти, континуирано користење на ортопедски помагала без возрасни ограничувања и сл.

 Во делот на вработување дадовме препораки за донесување на нов Закон за вработување на лица со попреченост, воведување на систем на професионална рехабилитација, преиспитување на критериумот општа здравствена способност како еден од условите за вработување и уште многу други препораки.

Препорака:Бидејќи во тек се средби со надлежните Министерства со цел презентирање на барањата и препораките од граѓанската иницијатива и условите за нивна имплементација и идни законски измени, имаме надеж дека преку формирање на работни групи на кои детално ќе се разработат предлог измените, ќе се издејствуваат законски измени со кои ќе се подобри статусот на лицата со попреченост

ЗАТВОРЕНИ ИНСТИТУЦИИ

ЗАШТИТА НА ЧОВЕКОВАТА ЛИЧНОСТ И ДОСТОИНСТВО ВО ЗАТВОРЕНИТЕ ИНСТИТУЦИИ

До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија се обратија десетина осудени лица кои издржуваат казна затвор во казнено-поправните установи во Македонија.

Во своите претставки се пожалија на лошите услови и неповолиот третман кој го добиваат од страна на казнено-поправните како осудени лица, воедно и неукажување на медицинска помош и болничко лекување. Согласно член 45 став 2 од Законот за извршување на санкциите, спроведувањето на дисциплината во установата за извршување на казна затвор се остварува строго, но справедливо и со почитување на човековата личност. Согласно член 46 и член 124 од истиот закон на осудените лица им се обезбедува здравствена заштита, медицинска помош и болничко лекување. Казнено-проправните установи се должни да постапуваат согласно Законот, додека Управата за извршување на санкциите со непосреден надзор и преку информации ја следи и проучува примената на прописите за извршување на санкциите, непосредно презема или на надлежните тела им предлага мерки за подобрување на условите за извршување на санкциите. Управата преку свои инспектори врши стручно-инструкторски надзор врз работата на установите, што опфаќа надзор на третманот, безбедност и условите и положбата на осудените лица кои издржуваат казна затвор. Доколку при надзорот се утврдат неправилности, директорот на Управата за извршување на санкциите донесува наредба за нивно отстранување.

Голем дел од осудените лица кои се обраќаат до Хелсиншкиот комитет, бараа посета од претставници на Хелсиншкиот комитет, со цел да обават разговор и да ги образложат причините според кои сметаат дека нивните права се повредени при издржување на затворската казна. Хелсиншкиот комитет по барањата на осудените лица редовно доставува барања за нивна посета до Управата за извршување на санкциите, согласно член 149 став 4 Законот за извршување на санкциите, со образложение на целите на посетата, меѓутоа Управата остана доследна во праксата на игнорирање и непостапување по овие барања.

Препорака: Нужно е доследно почитување на одредбите од Законот за извршување на санкциите од страна на казнено-поправните установи, особено оние кои се однесуваат на заштита на човековата личност и достоинство, а притоа водејќи сметка за остварување на целите на одделните санкции. Управата за извршување на санкциите како надлежна институција, треба да ги искористи законски предвидените надлежности кои се однесуваат на надзор над примената на прописите за извршување на санкциите, со кои може суштински да придонесе за доближување кон современите пенолошки принципи за унапредување и развој на системот за извршувањето на санкциите.

ГОВОР НА ОМРАЗА

СЕКСУАЛНАТА ОРИЕНТАЦИЈА И РОДОВИОТ ИДЕНТИТЕТ НАЈЧЕСТИ ОСНОВИ ЗА ГОВОР НА ОМРАЗА

Во текот на јуни 2017 година, Хелсиншкиот комитет забележа сериозно зголемување на говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет и регистрираше шест пријави со говор на омраза врз овие основи. Ваквата појава се поврзува со два настани кои ја одбележаа појавата и фреквенцијата на говорот на омраза во овој период и тоа, веста за првата операција за промена на пол која се изведе во Република Македонија, како и одржувањето на Викендот на гордоста.

Објавената вест на бројни медиуми за изведување на првата операција за промена на пол во приватната болница „Аџибадем Систина“, беше проследена со навредливи коментари и коментари кои содржат говор на омраза врз основа на родов идентитет, на социјалните мрежи. Коментарите изобилуваат со омаловажување, навредување и деградирање на трансродовите лица, нарекувајќи ги „умноболни“, „лудаци“ и „грешки на природата“. Интензитетот на говорот на омраза достигна и посериозно ниво, повикувајќи на истребување на трансродовите лица и забрана за нивно постоење. Хелсиншкиот комитет најстрого ја осудува појавата на коментарите со говор на омраза, кои лесно може да провоцираат дела од омраза.

Оваа година, по четврти пат во Република Македонија се организираа серија настани во рамките на Викендот на гордоста. Споделувањето на информациите околу настаните, како и јавно изразената поддршка на јавни личности кон ЛГБТИ заедницата, предизвика коментари со говор на омраза, повторно на социјалните мрежи. Еден таков пример е споделувањето на Миленко Неделковски на видео во кое актерот Сашко Коцев изразува свој став.1 Објавата на социјалната мрежа Фејсбук беше проследена со значителен број коментари со говор на омраза, кои покрај навредите и деградирањето, содржеа и повици за насилство кон ЛГБТИ заедницата.

Препорака 1: Хелсиншкиот комитет ги повикува сите медиуми и интернет портали да ги следат и отстрануваат коментарите на нивните објави на социјалните мрежи кои содржат говор на омраза. Медиумите и интернет порталите имаат законска обврска и сносат кривична одговорност доколку го толерираат ширењето на говорот на омраза кон нивните објавени вести.

Препорака 2: Хелсиншкиот комитет апелира до Министерството за внатрешни работи, односно Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика да ги следи случаите на ширење говор на омраза, кое што претставува кривично дело и соодветно да ги гони сторителите.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

ИНСПЕКТОРАТОТ не ги познава и спроведува законите

Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе барање за спроведување на инспекциски надзор во една текстилна фабрика во Штип која на своите вработени им нема исплатено регрес на годишен одмор за изминатата 2016 година. По извршениот инспекциски надзор, од надлежниот инспекторат бевме информирани дека инспекторатот излегол на терен и утврдил дека предметниот работодавец на своите вработени не им има исплатено регрес за годишен одмор со што работодавецот не постапил согласно неговата обврска од Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Понатаму во известувањето кое инспекторатот го достави до Хелсиншкиот комитет, се наведува дека управителот на друштвото како образложение на констатираната повреда изјавил дека во изминатата година друштвото работело во многу негативни услови и покажало лоши финансиски резултати и дека со крајни напори редовно се исплатуваат платите на вработените. Поради наведеното надлежниот инспекторат констатирал дека кај работодавецот не се утврдени неправилности во работењето.

Наспроти вака утврдената сосојба законските прописи предвидуваат нешто сосема поинаку. Во Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството[4] регресот за годишен одмор е уреден на следниот начин: “ Регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор.” Согласно Спогодбата за изменување и дополнување на општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството [5] “Кај работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско - финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна предходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор.” Согласно овие одредби, повеќе од јасно е дека работодавецот во ниту еден случај не е ослободен од исплата на регрес за годишен одмор, туку единствено износот може да се намали со потпишување на спогодба.

Препорака:Апелираме до Државниот инспекторат за труд при вршење на надзор и утврдување на неправилности, да се води од законските прописи, а не од приложената документација од субјектот кој е предмет на надзор. За конкретниот случај инспекторатот погрешно ја утврдил фактичката состојба и не утврдил неправилности кај конкретниот работодавач, спротивно на законот и своите надлежности.


[1]http://www.jonsk.mk/2017/06/16

[2] http://www.jonsk.mk/2017/06/29/изјава-од-прес-конференцијата-на-спец/

[3] http://5do12.org.mk/petition/

[4]http://www.ssm.org.mk

[5] http://www.pravdiko.mk/

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo