Corner Извештаи

Месечен извештај - мај 2017 19 Јуни 2017

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за мај 2017 година опфаќа теми од областите: Специјално јавно обвинителство, Правосудство, Дискриминација, Семејно насилство и Текстилни работнички.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк.

СПЕЦИЈАЛНО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО

Укинување на решенија за притвор од Врховниот суд во случајот “Труст” на СЈО

На 27 март, Јавното обвинителство на Република Македонија до Врховниот суд поднесе барање на заштита на законитоста во врска со притворот на бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“, под надлежност на СЈО. Јавното обвинителство на РМ побара Врховниот суд да ги укине решенијата на кривичниот совет на Основниот суд Скопје I од 7 март 2017 година и на Апелациониот суд Скопје од 15 март 2017 година и предметот да го врати на повторно одлучување. На 11 мај 2017 година, Врховниот суд одлучи во согласност со предлогот на Јавното обвинителство на РМ, по што предметот е вратен на повторно одлучување пред нов кривичен совет во Основниот Суд Скопје I.

Согласно член 5, став 3 од Законот за СЈО, специјалната обвинителка Катица Јанева е овластена да презема дејствија и да застапува предмети пред основните, апелационите судови и Врховниот Суд на Република Македонија. Ставот 4 од Член 5 од Законот уште поконкретно ја пропишува исклучивата надлежност на обвинителката Јанева за преземање обвинителски дејствија. Имено, Јавниот обвинител кој раководи со СЈО има целосна надлежност и овластување независно да ги извршува сите истражни и обвинителски функции на Јавното обвинителство, кои вклучуваат учество во судски постапки и започнување каква било судска постапка, вклучувајќи граѓанска и кривична, кои ги смета за потребни. Дополнително, истиот став од Законот за СЈО предвидува дека ова обвинителство има надлежност за водење на сите аспекти на било кој нивни предмет.

Правното правило изразено во латинската максима lex specialis derogat legi generali предвидува дека во услови кога во правниот систем постои правен акт што уредува специфична тема (Законот за СЈО и прислушуваните разговори) тој го заменува законот што уредува општа тема (Законот за кривичната постапка). Во конкретниот случај, Врховниот суд, со постапувањето по барањето на Јавното обвинителство на РМ и повикувајќи се на Законот за кривичната постапка за одлучување по барање за заштита на законитоста, донесе незаконско решение и отвори преседан кој е во спротивност со принципот на владеење на правото.

Покрај ова, наоѓањето на Врховниот суд дека немало доволно докази за основаноста на сомневањето како општ услов за притворот е фактичко прашање кое што овој суд не можел да го цени во постапка за вонреден правен лек, бидејќи истиот ниту ги извел ниту може да ги цени доказите презентирани пред надлежните судови пред кои се водела контрадикторна расправа и е донесена мериторна одлука. Од друга страна, ова е прв пат кој и да било суд во РМ да одлучи дека лицето против кое е опрделил притвор треба да се пушти на слобода до донесување на одлука по жалба. Ако се знае дека советот на Врховниот суд со учество на истиот (старо/нов) претседател Јово Вангеловски пред неколку години го разреши судијата Јордан Митриновски затоа што оценил дека наместо привор е доволно да се определи куќен притвор со гаранција, не сме многу убедени дека сега Врховниот суд и Републичкото јавно обвинителство одеднаш и преку ноќ станаа ултралиберални поборници за правата на осомнилените.

Напротив, постапувањето на Врховниот суд отвора сериозен сомнеж за политички влијанија за усвојување на незаконското решение што произлеугаваат од прераспределувањата на судии во Врховниот суд и Основниот Суд Скопје I, непосредно пред усвојувањето на решенијата, односно за време на целокупната постапка што сега треба да биде повторена. Потсетуваме дека поради предлози за разрешување на судии поднесени од претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски во неговиот претходен мандат (2008-2012) и неговото гласање за прифаќање на таквите предлози, државата изгуби два предмета пред Европскиот суд за човекови права. Во предметите Митриновски против Македонија од 2015 година и Попчевска-Геровска против Македонија од 2016 година, Судот во Стразбур го прогласи целиот Судски совет за зависен и пристрасен затоа што прифатил претседателот на Врховниот суд да биде и предлагач и гласач во постапка за разрешување на судии.

Препорака: Јавното обвинителство на Република Македонија и Врховниот суд на Република Македонија мора да престанат да се замешуваат во автономијата и стварната надлежност на Специјалното јавно обвинителство.

Отворени три нови истраги на СЈО

Специјалното јавно обвинителство на прес-конференција објави отворање на три нови истраги: „Тревник“, „Траекторија“ и „Талир“. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева истакна дека станува збор за две финансиски истраги, а едната се однесува на незаконитости во постапка при градење.

Истрагата „Тревник“ обвинителството ја отвори како резултат на прислушувани, јавно необјавени разговори и опфаќа основано сомнение за кривичноправни дејствија на три лица за изградба на три викенд-куќи во Општина Зелениково, без да имаат право на таква градба, односно градење без одобрение за градење. Според прибавените докази, меѓу кои и сателитски снимки, нивно вештачење, како и друга документација, овие три викенд-куќи биле започнати да се градат во 2011 година, а одобрение за градење од општината е добиено во 2013 година, кога веќе биле и завршени. Законот за градење предвидува обратен редослед, односно најпрвин правосилно одобрение за градење, па отпочнување со градење, а надвор од тој редослед таквите противзаконски дејствија се предвидени и казниви со соодветното кривично дело, бесправно градење од член 244 а став 1 од КЗ, за кое е и отворена оваа истрага.

Истрагата „Траекторија“ е отворена против четири службени лица, поранешни високи владини функционери, за кои постои основано сомнение дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија изведувач за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања и му нанеле штета на Буџетот на РМ во износ од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата-изведувач ѝовозможиледасестекнесоимотнакорист.

Истрагата „Талир“ е последната истрага која беше презентирана се однесува на незаконско финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Според СЈО постои основано сомнение дека и покрај тоа што на првоосомничениот како претседател на политичката партија му биле добро познати законските ограничувања, сепак тој во периодот од 2009 до крајот на 2015 година овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби, при што мотивите на дејствување на првоосомничениот биле исклучиво од лична природа и биле поврзани со зацврстување на неговата политичка моќ и позиција во партијата и во државата и обезбедување целосна контрола над политичката партија. Во наведениот период обвинителството тврди дека во партијата се нелегално внесени 4.900.000 евра. Во презентацијата на истрагата обвинителството истакна дека поседуваат материјални докази во вид на 12 000 банкарски трансакции и биле сослушани над 260 сведоци.

Воедно, СЈО тврди дека постои основано сомнение дека ова не бил единствен начин на незаконско финансирање на политичката партија. Посочија дека постои основано сомнение дека првоосомничениот како одговорно лице спротивно на законските ограничувања предвидени во Законот за финансирање на политичките партии, овозможил за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да бидат обезбедени услуги од правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје, кое во време на обезбедување на услугите имало склучено договори за доделување на јавни набавки.

За случајот „ Талир“, Кривичниот суд не прифатил ниту едно барање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, стои во соопштението на судот. Одбиени се сите 12 барања за замрзнување на имотот, меѓу кои и оној за седиштето на партијата.  Според предистражната постапка на СЈО, од 2009 до 2015 година, осомничените од раководството на партијата прифатиле незаконски средства за финансирање на партијата во вредност од 4,9 милиони евра. Овие пари, наместо да се вратат во буџетот како што налага законот, биле искористени за незаконско финансирање на партијата. Судии на претходна постапка првично изразиле несогласување да се замрзне имотот, а потоа судиите од Кривичните совети на Одделението за организиран криминал и корупција ја уважиле нивната несогласност. СЈО исправило дел од укажувањата на Кривичниот суд и повторно побара замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, стои во соопштението на СЈО . Овојпат, обвинителството побара замрзнување само на еден објект – седиштето на партијата. Кривичниот суд по втор пат, одби да ја замрзне седумкатницата на партијата во центарот на градот. Тројцата судии, Горан Бошевски, Верка Петковска и Ленка Давитковска оцениле дека нема докази и елементи на кривично дело дека седиштето на партијата е изградено незаконски. На овие решенија СЈО нема право на жалба.

Препорака: Имајќи ја предвид експедитивноста на истрагата на СЈО и обемните докази приложени со барањето за привремена мерка – забрана за неотуѓување на недвижен имот, не треба да постои колебање од страна на Кривичниот суд за прифаќање на ваквото барање кое е круцијално за ваква постапка. Особено поради тоа што целта на ваквата привремена мерка која произлегува од доказите на истрагата е веројатноста дека до крајот на кривичната постапка ќе биде особено отежнато или оневозможено одземањето на имотот или предметите.

ПРАВОСУДСТВО

Неразумно траење на притворот на новинарот Зоран Божиновски

Претставници на Здружението на новинари на Македонија и на Хелсиншкиот комитет, на 5 мај 2017 година, во притворското одделение на Затворот Скопје, го посетија новинарот Зоран Божиновски. Тој е обвинет за наводно сторени три кривични дела (злосторничко здружување, шпионажа и уцена).

Од досегашното следење на судењето, иако беа закажани десетина судски расправи, повеќето беа одложени поради вина на Судот (прераспределување на судија, необезбедување на присуство на сведоци, неспроведување на новинарот до Судот итн.). Сè уште не се изведени докази за тоа дека новинарот Божиновски е припадник на злосторничка група и дека имал умисла да создаде таква група, ниту дека стапил во контакт со странска разузнавачка служба на која и предал државни тајни.

Несфатливо е новинар да се држи две и пол години во притвор од кои 18 месеци во екстрадициски притвор во Србија и 13 месеци притвор во Македонија.

Препорака: Очекуваме итно укинување на притворот, а на новинарот Божиновски безусловно да му се дозволи да се брани од слобода.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

Утврдена повеќекратна дискриминација во пристап до вработување

Комисијата за заштита од дискриминација на 19.05.2017 донесе мислење со кое утврди директна повеќекратна дискриминација, односно дискриминација врз повеќе од еден основ. Се работи за оглас за вработување објавен на ден 23.03.2017 година на веб страната kariera.mk од страна хотелот "Глам" во Скопје, во кој се бара "женска особа на возраст од 30 до 45 години за работа во кујна - сервирање појадок (шведска маса)". Хелсиншкиот комитет за овој случај поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација. Комисијата постапувајќи по претставката во конкретниот случај утврди директна повеќекратна дискриминација, бидејќи со ваквиот оглас се оневозможува пристап до работното место за мажите, со што е направена директна дискриминација врз основа на пол, но во исто време се оневозможува пристап до работното место за жените кои се помлади од 30 години и постари од 45 години, со што е направена директна дискриминација врз основа на возраст. При носењето на своето мислење Комисијата за заштита од дискриминација не се обратила до правното лице против кое е поднесена претставката, бидејќи како доволен факт и доказ е огласот за вработување, а заради природата на работното место, опишана во огласот, не може да се применат никакви исклучоци од дискриминација, односно огласот на може да се оправда заради неговата дискриминаторска содржина бидејќи дадениот опис на работното место не бара исклучување на одредена возрасна или полова група. Во своето мислење Комисијата му препорачува на хотелот "Глам" да го повлече објавениот оглас и истиот повторно да го објави без споменатите ограничивања врз основа на пол и возраст. 

Препорака: Имајќи го предвид фактот дека многу огласи за вработување во себе содржат ограничувачки и дискриминаторски елементи, Хелсиншкиот комитет го поздравува ваквото мислење на Комисијата за заштита  од дискриминација и смета дека тоа треба да биде поттик и охрабрување за сите оние кои сметаат дека биле дискриминирани во пристапот до вработување, истото да го пријават во иднина. Дополнително упаќаме апел до Комисијата за заштита од дискриминација и во иднина да продолжи во оваа насока со цел во рамките на своите надлежности еднакво да ги заштитат сите граѓани во пристапот до вработување. 

СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Основниот суд во Виница додели деца на чување и воспитување кај осуден насилник

Хелсиншкиот комитет за човекови права во двомесечниот извештај септември-октомври 2016 извести за недолседна примена на Законот за превенција, заштита и спречување на семејно насилство од страна на Основниот суд во Виница, со одбивање на предлог за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство, при тоа не ценејќи ја комплетната медицинска документација за претрпените повреди на жртвата која била доставена во прилог на предлогот, а која јасно говори дека жртвата претрпела физичко семејно насислство.

Oвој пат, истиот суд, одлучувајќи по тужба за развод на брак, поднесена од насилникот – сопругот на жртвата на семејното насилство, и доделување на нивните малолетни деца на чување, одгледување и воспитување, одлучува двете малолетни деца да ги додели кај таткото. Како одлучувачки факт за ваквата одлука Судот ја наведува желбата да бидат со таткото. При носењето на ваквата одлука, Основниот суд во Виница не го цени фактот што токму истиот тој суд има донесено, а Апелациониот суд во Штип има потврдено судска пресуда со која таткото на децата се прогласува за виновен за извршено кривично дело “Телесна повреда при семејно насилство”, казниво според чл. 130, ст. 2 од Кривичниот законик на Репбулика Македонија. Нејасно и скандалозно е како при носењето на ваквата одлука Основниот суд во Виница не го цени мислењето на Центарот за социјална работа од Виница дека е во најдобар интерес децата да бидат доделени кај мајката заради ревоспоставување на односот деца – мајка. Во истото мислење ЦСР Виница образложува дека негативниот став на децата кон мајката се должи на влијанието на таткото и дека желбата да бидат со такткото не е градена независно и без притисок. Дополнително за времетраењето на бракоразводната постапка, ЦСР Виница донесува решение со кое на мајката и се одобрува остварување на лични односи и непосредни контакти со нејзините деца два пати месечно во просториите на град Виница. Од моментот на носењето на ваквото решение до носењето на пресудата на Основниот суд во Виница мајката не остварила ниту еден непосреден контакт со децата затоа што таткото не ги почитувал задолженијата од споменатото решение. Со други зборови Основниот суд во Виница при носењето на одлуката за доделување на децата на чување, одгледување и воспитување кај таткото, не го ценел ниту овој факт.

Симптоматично е што во постапката за изрекување привремени мерки за заштита од семејно насилство (број на предмет ВПП2-3/16) и постапката за развод на брак и доделување на малолетните деца на чување, одгледување и воспитување (број на П2 17/16) одлучувала иста судијка.

Препорака: Хелсиншкиот комитет изразува загриженост за континуираната недоследна и неправилна примена на законите од Основниот суд во Виница во предметите ВПП2-3/16 и П2 17/16 и апелира во иднина доследно и прецизно да се применуваат законските одредби во водењето на постапките и материјалното одлучување.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

Инспекторатот и работодавците на иста страна

Во месец мај имавме неколку пријави за една текстилна фабрика во Штип која континуирано и во повеќе области ги прекршува работничките права. Се работи за работодавец кој согласно пријавите не им исплаќа на своите вработени додатоци на плата за прекувремена работа, за работен стаж и минат труд согласно Законот за работни односи. Дополнително пријавите беа и во насока на непочитување на мерките за безбедност и здравје при работа од страна на работодавачот и необезбедување на соодветни санитарно хигиенски услови во фабриката и производните погони. Од овие причини Хелсиншкиот комитет испрати барања за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за труд, Секторот за инспекциски надзор од областа на здравје и безбедност при работа и Секторот за инспекциски надзор во областа на трудот, како и до Државниот санитерен и здравствен инспекторат. Целта беше да се испитаат наводите по пријавите и при евентуално утврдување на прекршувања на работничките права, непочитување на мерките за безбедност и здравје при работа и/или необезбедување на соодветни санитарно-хигиенски услови, надлежните инспекторати согласно своите надлежности да преземат соодветни дејствија.

Известувања од спроведен вонреден инспекциски надзор добивме само од Државниот инспекторат за труд. Во поглед на наводите за неисплатени надоместоци на плата за прекувремена работа и работен стаж, инспекторатот утврдил дека работодавецот на своите вработени им издава писмени пресметки на исплатена плата, придонеси од плата и надоместоци на плата. Од истите инспекторатот констатирал дека работодавачот на вработените им исплаќа редовно прекувремена работа, ноќна работа и додаток за работен стаж. Исто така инспекторатот констатирал дека за секое воведување на прекувремена работа, работодавачот претходно писмено го известувал подрачниот државен инспектор на труд и дека работодавачот води електронско евидентирање на полното работно време и на прекувремената работа. Хелсиншкиот комитет од пријавителите набави писмени пресметки кои работодавачот им ги дава на вработените и од увид во истите утврди дека точно е дека на пресметките стојат ставки за прекувремена работа, ноќна работа, работа на празник и минат труд, меѓутоа сите се со врдност 0,00 односно такви исплати нема. Токму ова е доказ дека не се исплаќаат, бидејќи работничките работеле прекувремено во конкретниот период.

Во поглед на наводите за непочитување на мерките за безбедност и здравје при работа, инспекторатот не извести дека работодавачот ги поседува сите одобренија за користење на хемиските супстанци кои ги користи во производство и има изготвено проценка на ризик на работни места согласно Законот за безбедност и здравје при работа. Од увидот инспекторатот утврдил дека на сите вработени им се обезбедени лични заштитни средства согласно закон и дека работодавецот води евиденција за здравствената состојба на сите вработени. Врз основа на извршениот инспекциски надзор, надлежниот инспектор донел решение со кое утврдил дека треба да се направи ревизија на проценка на ризик, да се изврши испитување на хемиските, биолошките и физичките штетности, осветленоста, влажноста и прашината, да се обезбедат периодични систематски прегледи за 11 вработени и да се изврши обука на 11 вработени. Согласно Законот за инспекциски надзор, член 42, “Ако инспекторот при вршењето на инспекцискиот надзор утврди дека е повреден закон или друг пропис, со записник ги констатира утврдените неправилности и со решение го определува рокот во кој треба да се отстрани недостатокот.” Од добиеното известување за спроведен инспекциски надзор не се гледа дека надлежниот инспектор за нешто го задолжил работодавачот и дека за тоа му дал рок, единствено е констатирано што треба да се преземе и толку. Со давање на рок согласно закон, инспекторатот по истекот на рокот врши повторен контролен надзор и констатира дали се исполнети засолженијата од страна на работодавецот (член 32 од Законот за инспекциски надзор). Со ваквото постапување инспекторатот го прекршил Законот за инспекциски надзор и не постапил согласно своите надлежности.

Препорака:Правата, обврските и овластувањата на Државниот инспекторат за труд се предвидени во Законот за инспекциски надзор и истите мора да се почитуваат. При вршење на надзор надлежниот инспекторат мора да ја води постапката согласно овој закон, изготвувајќи записник и донесувајќи решение доколку констатира повреди и неправилности со предвивување на рок за нивно отстранување. Секое непостапување согласно овој закон подлежи на одговорност и е основа за поведување на постапка за дисциплинска одговорност на инспекторот.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo