Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово - мај, 2017 година 13 Јуни 2017

Месечниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово кој ги опфаќа темите: просторни капацитети и услови во камповите, институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и нерегуларната миграција, за периодот 01.05.2017 – 31.05.2017 година, може да се преземе на следниов линк. 

Гевгелија 

Состојбата со бегалците во прифатно- транзитниот камп за бегалци во Винојуг е непроменета. Бројот на бегалци присутни во кампот е мал, а фреквенцијата на движење на бегалци кои се фатени по илегални патишта надвор од кампот е исто така намалена. 

Просторни капацитети и услови 

Бројот на бегалци во кампот константно изнесува 9, меѓу кои со потекло од Авганистан, Ирак и Сирија. Неколку од бегалците имаат започнато постапки за семејно обединување.    

Кујната која функционираше во кампот е официјално затворена. Должноста за делење храна е преземена од страна на Црвен крст. 

Инфраструктурни промени во кампот не се забележани. Хигиената е на задоволително ниво. 

Институционално постапување 

Во кампот се остваруваат повремени посети од страна на странски полициски единици. Така на пример, во текот на мај, 2017 година, посета остварија припадници на полициски служби на Република Чешка и Србија. По должината на граничната линија пак, патролираат и полициски претставници на Словачка, Полска, Словенија, Унгарија, Србија и Австрија. 

Продолжува праксата на нелегално „депортирање“ на бегалци кои се фатени по илегални патишта низ Република Македонија. Во текот на мај, 2017 година, вкупно 24 бегалци со потекло од различни земји, во 6 наврати се фатени од страна на полицијата по илегални патишта и „депортирани“ кон Грција. Во првиот случај, на 13.05.2017 година во кампот се донесени четворица бегалци меѓу кои двајца со потекло од Алжир, еден од Сирија и еден со потекло од Либија, кои биле затекнати од страна на полицијата кај железничката станица во Гевгелија. По испрашувањето од страна на полицијата, сите се брзо пренесени кон Грција. На 23.05.2017 година, повторно кај железничката станица се затекнати тројца бегалци со потекло од Иран. По кратко испрашување, веднаш се пренесени кон Грција. Наредниот ден, се донесени петмина бегалци со потекло од Авганистан, Египет и Либан, со кои е повторно спроведена вообичаената постапка. При крајот на месецот, на 28.05.2017 година, во кампот се донесени осум бегалци, меѓу кои четворица со потекло од Пакистан и четворица од Индија. Тие биле фатени од полицијата во близина на граничниот премин Богородица, а според нивните кажувања биле жртви на криумчари. На криумчари во Грција им платиле по 800 евра по човек за да бидат пренесени до Табановце, но откако биле предадени на криумчарски групи во Македонија, со возило биле оставени на одредени локација, по што криумчарот го напуштил возилото, а бегалците биле фатени од полицијата. По испрашувањето од полицијата во кампот, сите се спроведени во полициска станица, каде што полицијата ќе одлучи кои од нив ќе бидат задржани како сведоци во кривична постапка против криумчарите, а останатите ќе бидат вратени кон Грција. 

Интересна е појавата дека на 29.05.2017 година, во кампот се донесени тројца државјани на Косово и еден на Албанија, кои полицијата ги затекнала во близина на село Прдејци, без никакви документи за лична идентификација. Непознато е каде полицијата го однела по испрашувањето во кампот. 

За децата кои престојуваат во кампот се обезбедени редовни лекарски прегледи од страна на педијатар. 

Претставници на Црвен крст ги придружуваат бегалците кои сакаат да остварат прошетка во градот. 

Куманово 

Во текот на мај, покрај намалувањето на бројот на бегалци кои престојуваат во прифатно- транзитниот камп Табановце, намалена е и фреквенцијата на движење на бегалците во кампот. Наспроти тоа, зголемена е фреквенцијата на бегалци кои транзитираат околните села, како и бројот на бегалци кои престојуваат непосредно до кампот. 

Просторни капацитети и услови 

Бројот на бегалци во текот на овој месец изнесува околу 20 и овој број варира во мали граници. Кампот и понатаму е од отворен карактер, односно бегалците кои престојуваат, може да останат за подолг или пократок период, по што слободно може да го напуштат кампот. 

Нема значителна промена во инфраструктурата на кампот. 

Во текот на овој месец е забележано значително влошување на квалитетот на храната. Поплаките на бегалците се дека храната е недоволна и со лош квалитет. Истовремено, воспоставено е и ограничување на пристапот до вода за пиење, односно бегалците имаат право да добијат едно шише вода од 0.5 литри на ден. Лошиот квалитет и недостатокот на храна не се променети и покрај започнувањето на рамазанските пости.  

Хелсиншкиот комитет апелира да се подобри квалитетот на храна која ќе ги задоволи сите нутриционистички стандарди, како  и пристапот до неограничено количество вода. Ваквите пракси се недозволиви. 

Поголем број од бегалците кои престојуваат во кампот генерално не се задоволни од условите и изразуваат желба да го напуштат кампот, поради безизлезната ситуација во која се наоѓаат подолго време. 

Институционално постапување 

На почетокот на месецот, и понатаму продолжи праксата на селективно пропуштање на бегалците кои бараат престој во кампот. Меѓутоа, од средината на месецот беше најавена одлука на надлежните институции која предвидува обезбедување неселективен пристап на бегалците во кампот. Иако приемот на бегалците кои доаѓаат во кампот е зачестен, сепак не е забележана целосна примена на неселективен пристап.

Повремено се забележани групи кои доаѓаат во кампот, а се вратени од страна на српските полициски службеници. Меѓутоа, зачестени се групи на бегалци кои се затекнуваат во околните села (околу кампот и низ отворено поле), а кои не сакаат да се сместат во кампот поради страв од депортација кон Грција или друга соседна земја. 

Во почетокот на месецот, четиричлено семејство со потекло од Сирија побара од надлежните институции да биде пренесено кон Грција. Нивното барање беше одобрено и по неколку дена е организирано нивното пренесување кон Грција. 

Состојба во Прифатни центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци сместени во прифатните центри е недостапен. 

Нерегуларна миграција

Во текот на овој период, во билтените на Министерството за внатрешни работи е регистриран само еден кривично- правен настан поврзан со бегалците. Имено, на 28.05.2017 година, полицијата го затекнала возилото кое пренесувало 8 бегалци со потекло од Пакистан и Индија. Откако возилото излетало од патот, во близина на с. Прдејци, возачот се дал во бегство. МВР известува дека дел од бегалците ќе бидат пренесени во Прифатниот центар за странци- Гази Баба за понатамошна постапка, а останатите се предадени на полициските служби во Гевгелија. 


   „Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo