Corner Извештаи

Месечен извештај - април 2017 19 Мај 2017

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за април 2017 година опфаќа теми од областите: Специјално јавно обвинителство, Дискриминација, Говор на омраза, Дела од омраза и Текстилни работнички.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк.

СПЕЦИЈАЛНО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО

Континуирано се компромитира работата на СЈО

СЈО води финансиски истраги за поголем број физички и правни лица

СЈО соопшти дека води повеќе предистражни постапки кои за цел имаат спроведување на финансиски истраги против поголем број на физички и правни лица. Целта на овие предистражни постапки според СЈО е да се провери имотната состојба на сите лица за кои се отворени постапки и нивното севкупно финансиско работење. Проверката на имотната состојба подразбира детални проверки за целокупниот имот што лицата може да го поседуваат и тоа како недвижен, така и подвижен имот. СЈО укажува на државните институциите да преземат мерки со кои ќе се оневозможи јавно објавување на податоци за предистражни постапки кои согласно законските прописи се тајни. Обвинителството напоменува дека е недозволиво државни институции да им овозможат увид на лицата за кои се вршат проверки во видот и карактерот на проверките кои ги врши ова Јавно обвинителство, согласно законските овластувања и прописи.[1]

Средба помеѓу обвинители на СЈО и раководители на „Македонски Телеком“

СЈО соопшти дека во просториите на „Македонски Телеком“ е одржана работна средба на повисоко ниво со претставници на оваа компанија, со цел да се изнајде решение за предметите од интерес на ова Јавно обвинителство. Од обвинителството велат дека очекуваат воспоставената соработка да продолжи и во претстојниот период.[2] Во изминатиот период некои медиуми објавија информации дека „Македонски Телеком“ не соработувал со СЈО и дека останатите мобилни оператори ВИП и ОНЕ (сега веќе споени во еден оператор) соработувале, но од Телеком одбивале да бидат дел од истрагата на СЈО. „Македонски Телеком“ го контролира поголемиот дел од пазарот на мобилна телефонија во Република Македонија.

Препораки:Уште од почетокот на својот мандат, СЈО се соочува со пречки во размената на информации со државните институции. Набљудувачите постојано укажуваа државниот административен апарт целосно да се отвори за комуникација и да се стави на располагање на СЈО. Овој пат обвинителството укажува дека неговите проверки и увиди во државните институции се компромитирани, односно на лицата за кои се води постапки им е овозможен увид во видот и карактерот на проверките на СЈО. Препорачуваме државните институции да ја почитуваат тајноста на предистражните и истражните постапки кои ги води СЈО и раководните лица да ги пријават случаите на прекршување на тајноста на постапката од страна на службениците, што претставува кривично дело согласно Кривичниот законик на РМ.

Што се однесува на мобилниот оператор „Македонски Телеком“, за кој неколку медиуми известија дека недовoлно соработува и не одговара на барањата на обвинителството, препорачуваме раководните лица да ја сфатат исклучителната важност на соработката на операторот и СЈО, со оглед на тоа што Телеком го контролира поголемиот дел од пазарот на мобилна телефонија во земјата и неговите податоци се инструментални за СЈО да може да спроведе ефикасни истраги и затоа е неопходно итно да овозможи целосен пристап до информации за обвинителството.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

Афирмативни мерки за вклучување на лицата со попреченост во културниот живот

До Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати родител на дете со физичка попреченост кој редовно со своето дете посетувале претстави во Македонскиот народен театар. По наводите на родителот, со извршеното реновирање на театарот обезбедени се неколку партери до кои има пристапност за лица во инвалидска количка. Проблемот со кој се соочил родителот е во висината на цената на годишен билет, за која тој тврди дека е повисока од порано, но и дека е повисока за партерот до кој има пристапност за лица во инвалидска количка, во споредба со цената на годишниот билет за останатите партери. По вака добиените сознанија, Хелсиншкиот комитет се обрати до Македонскиот народен театар со барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, со цел да добие податоци за капацитетот на театарот, колкав дел од вкупниот капацитет е приспособен и пристапен за лицата во инвалидски колички, каков е ценовникот за билетите за театарските претстави, како и информација за евентуални афирмативни мерки при купување на билети од страна на лицата со физичка попреченост. Бидејќи одговор од театарот немаше, поднесена беше претставка до Народниот правобранител од кој се бараше да ги испита истите прашања, а поради постоење на основано сомнение за дискриминација од страна на театарот кон лицата во инвалидски колички по основ на телесна попреченост и социјален статус. Дополнително во претставката се бараше од Народниот правобранител доколку утврди дискриминација, согласно своите надлежности, да даде соодветни препораки за менување на дискриминаторската пракса од страна на театарот.

Со допис од Народниот правобранител, Хелсиншкиот коимитет беше известен дека врз основа на поднесената претставка поведена е постапка за испитување на наводите од претставката. Во текот на постапката, Народниот правобранител се обрати до директорот на Македонскиот народен театар, од каде доби писмен одговор во кој се содржани информациите кои беа побарани. Во одговорот е наведено дека театарот располага со капацитет од 724 седишта на големата сцена и 213 седишта на малата сцена. Секоја од двете сцени има предвидена бројка од 20 местата за инвалидска количка и истите се од 1-ви до 10-ти ред во партерот, по две од левата и десната страна од редот, од кои едно за лицето во инвалидска количика и едно за неговиот придружник. По однос на цените на билетите, од театарот наведуваат дека не нудат месечни или годишни билети и дека билетите за лицата во инвалидска количка не се наплаќаат, додека цената на билетот за придружниците на овие лица е намалена за 50%. Согласно утврденото, Народниот правобранител не утврди дискриминација по основ на телесна попреченост и социјален статус.

Препорака:Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поздравува политиката на Македонскиот народен театар и афирмативните мерки кои овој театар ги има усвоено, а со цел намалување на нееднаквоста и заштита на оваа група на лица. Позитивниот пример кој овој театар го дава треба да биде поттик за останатите институции да преземат ваков или друг вид на афирмативни мерки, со цел вклучување на лицата со попреченост во културниот живот и општо подобрување на нивниот квалитет на живот.

Нестручно мислење на Комисијата за заштита од дискриминација

Во месец април Комисијата за заштита од дискрииминација утврди индирeктна дискриминација врз основа на здравствена состојба сторена од страна на ЈЗУ Општа Болница Охрид при давање здравствени услуги на лице кое живее со ХИВ. Во мислењето Комисијата образложува дека утврдила индиректна дискриминација од страна на ЈЗУ Општа Болница Охрид, бидејќи вработените не внимавале на приватноста на пациентот во однос на неговиот ХИВ статус. Приватноста била нарушена спротивно на законските одредби за заштита на приватноста на пациентот, што е видно од отпусното писмо на пациентот во кое е наведено дека пациентот е ХИВ позитивен. Според Комисијата, во конкретниот случај станува збор за индиректна дискриминација бидејќи немало нееднаков третман врз пациентот, односно тој добил ист третман како останатите пациенти, а неутралната практика со која не се запазува анонимноста на неговиот ХИВ статус, доведува до индиректна дискриминација.

Загрижувачки е фактот што Комисијата за заштита од дискриминација во постапувањето по споменатата претставка, не ги цени наводите од претставката кои индицираат постоење на директна  и продолжена дискриминација која со своите последици особено тешко го погодува дискриминираното лице. Овие наводи се однесуваат на излолирањето на пациентот во посебна просторија со лепење на заштитна лента со натпис “ЗАБРАНЕТ ВЛЕЗ”, однесувањето на персоналот во болницата преку ословување на пациентот како “оној со сидата”, поставување на масичка пред собата на пациентот на која се наоѓале повеќе заштитни одела, раствори за дезинфекција, заштитни очила и ракавици, оставање на болничката облека и постелнината на пациентот 24 часа во медицински раствор, нечистење на собата на пациентот и слично. Уште поконтрадикторно е што Комисијата нотира дека наведените повреди се констатирани во мислење на Народниот правобранител со кое се утврдува дискриминација, но во делот на своето мислење кој се однесува на анализа на фактите и доказите, Комисијата воопшто не ги споменува и не ги цени овие наводи.

Потсетуваме, директната дискриминација претставува неповолно постапување, разликување исклучување или ограничување кое како последица би можело да има одземање, нарушување или ограничување на еднаквото признавање или уживање на човековите права и слободи, во споредба со третманот кој го има или би можело да го има друго лице во исти или слични услови. Индиректната дискриминација oд друга страна е секое ставање на некое лице или група во неповолна положба во споредба со други лица, со донесување очигледно неутрални одредби, критериуми или со преземање на определени практики, освен кога таквите одредби, критериуми или практики, произлегуваат од оправдана цел, а средствата за постигнување на таа цел се соодветни и неопходни.

Од доставените наводи во претставката, па и од самото образложение на Комисијата јасно е дека предметната дискриминација е резултат на неповолно постапување и разликување кое како последица имало нарушување на еднаквото уживање на човековите права во споредба со третманот кој би го имало друго хоспитализирано лице кое нема ХИВ инфекција. Со други зборови, во конкретниот случај станува збор за директна и продолжена дискриминација која со своите последици особено тешко го погодува дискриминираното лице.

Препорака: Хелсиншкиот комитет го поздравува позитивното мислење на Комисијата за заштита од дискриминација. Меѓутоа иако ваквото мислење претставува позитивен пример, укажуваме дека и понатаму продолжува трендот на Комисијата за заштита од дискриминација на донесување мислења кои во себе содржат формални и суштински недостатоци. Апелираме Комисијата во иднина при преземањето на дејствија и изработувањето на своите мислења, целосно да ја цени фактичката состојба со цел правилна квалификација на видот и обликот на дискриминација. 

Повреда на правото на слобода на движење

До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија се обрати странка во името на неговата вонбрачна партнерка, која била противправно задржана во болница после породување поради непоседување на документи за лична идентификација. Имено, вонбрачната партнерка на странката се породила во Државната болница - Гинекологија во Скопје, со спонтано породување без компликации. Поради фактот што не поседувала никакви документи за лична идентификација, а следствено на тоа ни здравствено осигурување, не ѝбилдозволенотпустодболницатасéдодеканејаподмирифактурата која болницата ја изготвила на име на здравствени и болнички услуги. Сокрајнодискриминирачкиипонижувачкиодноснеѝбилодозволенодасиговидибебето,порадинеоснованстраводстрананавработените во болницата дека истата ќе избега со бебето. За ваквиот однос и противправното задржување во болницата, поднесена е претставка и до Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Претставници од Хелсиншкиот комитет и невладината ИРИЗ одржаа состанок со претставници од управата на болницата, меѓутоа не наидоа на поволно решение со оглед на тоа што претставниците од управата на болницата инсистираа на задржување на пациентката сé додека не ја плати фактурата.

Родилката била задржана во болница до 21.03.2017 година, односно била пуштена откако нејзината мајка потпишала спогодба за плаќање на фактурата на рати.

Согласно Законот за заштита на правата на пациентите, личноста и достоинството на секој пациент мора да се почитува. Во овој случај, неспорен е фактот дека постои фактура за здравствени и болнички услуги, меѓутоа во никој случај не е оправдана мерката на неосновано задржување на пациентот додека не си ги надмири финансиските обврски. За наплатување на парични побарувања се предвидени соодветни механизми во смисла на судска заштита и присилно наплатување преку извршител, доколку пациентот не ги намири паричните обврски доброволно. Со горенаведенато постапување од страна на болницата, личноста и достоинството на родилката се повредени. Фактот дека родилката не поседува документи за лична идентификација воопшто не ги оправдува мерките на болницата за нејзиното задржување со цел намирување на долгот. Дотолку повеќе, болницата е должна да предвиди правила и протокол за постапување во ваков случај, па во отсуство на такви правила неспорна е примената на одредбите од Законот за заштита на правата на пациентите.

Препорака: Согласно член 27 од Законот за заштита на правата на пациентите,  предвидено е дека пациентот има право самоволно да ја напушти болничката здравствената установа, освен во случаите пропишани со друг закон, како и во случаите кога тоа би било штетно за неговото здравје или здравјето или безбедноста на други лица, па ваквата пракса на задржување на пациентката поради намирување на долгот кон болницата е недвосмислено противправна. Потребна е измена или дополнување на општиот акт на болницата за постапување во вакви или слични случаи, а со цел спречување на идни прекршувања на правата на пациентите. Противправното задржување на пациенти не може во никој случај да биде оправдано со фактот што истите не поседуваат документи за лична идентификација.

ГОВОР НА ОМРАЗА

Политиката, главен провокатор на говорот на омраза

Политичките случувања во Република Македонија се главниот провокатор и производител на говор на омраза во текот на април. Всушност, реториката со која е проследена политичката криза, се состои од чести повици за насилство кон политички неистомисленици и кон припадници на албанската етничка заедница. Дотолку пострашни се пораките за насилство со политичка и етничка основа споделени на јавни собири и протести, пред поголема маса на луѓе. Во обид да се манипулира со јавното мислење, индиректен говор на омраза беше забележан и во говорите на јавни личности и политичари, кои недвосмислено повикуваа на насилство во текот на целиот период. Говор на омраза претставуваат и секојдневните повици на демонстрантите за „чиста и унитарна Македонија“ со кои се омаловажуваат етничките заедници во државата. Во изолирани случаи беше забележан директен говор на омраза кон политички претставници, во вид на повици за нивната смрт или линчување. Секојдневните настани пренесувани од медиумите и интернет порталите, значително го зачестија и говорот на омраза по социјалните мрежи.

Препорака:Индиректниот говор на омраза кој секојдневно се користи на актуелните протести под слоганот „За заедничка Македонија“, на крајот на месецот резултираше со долго-повикуваното насилство кон пратениците во Собраните на Република Македонија. Настаните се директен показател дека доколку говорот на омраза не се спречи навремено, ќе резултира со неизбежни негативни последици, односно со насилство.

ДЕЛА ОД ОМРАЗА

Насилство во Собранието на РМ

На 27 април, непосредно по изборот на претседател на Собранието на РМ од страна на парламентарното мнозинство, организаторите и учесниците во протестот „За заедничка Македонија“ насилно влегоа во собраниската зграда. Видно од многубројните видео снимки, полициските службеници задолжени за чување на јавниот ред и мир и безбедноста на присутните во собраниските сали, дозволија непречен влез на протестантите. Влезот им беше дозволен и на лица кои беа маскирани со качулки и кои со себе носеа тврди и остри предмети наменети за загрозување на физичкиот интегритет на присутните во Собранието.

Набрзо потоа повредени беа десетина пратеници (од кои најмалку еден со потешки повреди), над 70 граѓани и над 20 полициски службеници. Министерството за внатрешни работи во координација со Основното јавно обвинителство Скопје идентификуваше дваесетина сторители на кривични дела. Дел од нив беа приведени, а за дел беше определен притвор, куќен притвор и други мерки на претпазливост. Идентификуваните сторители се осомничени дека сториле три вида на кривични дела – Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, Учество во толпа што ќе изврши кривично дело и Предизвикување општа опасност.

Во врска со погрешната квалификација на делата од страна на Основното јавно обвинителство, Хелсиншкиот комитет подготви Посебен извештај кој се однесува на кривични дела идентификувани преку фотографии, аудио-видео материјали и сведоштва, како и на кривичните дела за кои постојат сомненија, но сè уште не е истражено дали биле сторени и од кого.[3] Извештајот се осврнува на повредите на права и слободи гарантирани со Уставот и санкционирани со Кривичниот законик. Извештајот содржи вкупно 28 кривични дела, од кои за 18 веќе постојат значителен број на докази и 10 кривични дела за кои постои сомнение дека се извршени. Можните сторители се поделени во четири групи: 1) организатори, 2) извршители, 3) полициски службеници и 4) нивни претпоставени. Кривичните дела произлегуваат од 8 поглавја од Кривичниот законик, а беа насочени против: 1) животот и телото, 2) слободите и правата на граѓаните, 3) имотот, 4) сигурноста, 5) државата, 6) службената должност, 7) правосудството и 8) јавниот ред.

Препорака: Хелсиншкиот комитет ги повикува Секторот за внатрешна контрола при МВР и јавното обвинителство да спроведат итна и сеопфатна истрага за утврдување на одговорност кај сите инволвирани во насилни немири. Улогата на правосудните органи е да утврдат дали и кои од посочените кривични дела се сторени или имало обид за нивно сторување и да не дозволат погрешна квалификација, колективизирање на одговорноста или паушално санкционирање. При квалификацијата на делата, Основното јавно обвинителство мора има предвид дека со извршувањето на кривичните дела, сторителите создадоа чувство на несигурност и страв кај граѓаните и поради тоа гонењето за „учество во толпа“ во конкретниот случај е крајно несоодветно.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

Продолжува прекршувањето на работничките права

Во месец април продолжија пријавите за случаи на неправилности и прекршувања на права во текстилната и чевларската индустрија од страна на работодавците во овие индустрии.  По добиени сознанија за прекршување на работнички права во една конфекција во Виница, Хелсиншкиот комитет испрати барање за вонреден инспекциски надзор до надлежниот инспекторат за труд. Се работи за работодавец кој не им ја испатил платата на своите вработени за 8 последователни месеци, а не им ги уплатил ниту придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување на работниците за овие месеци. Во меѓувреме работниците и работничките од конфекцијата во Виница, излегоа на штрајк барајќи ги заостанатите плати од работодавецот.

Државниот инспекторат за труд од ПЕ Виница излезе на терен и спроведе инспекциски надзор кај предметната конфекција. Од извршениот надзор, инспекторатот утврди дека во конкретниот случај се работи за конфекција која се има разделено во две посебни фирми, во кои инспекторатот и претходно во текот на месец октомври 2016 година извршил надзор. Од извршениот надзор инспекторатот утврдил прекршувања во делот на исплатата на плати на вработените за месеците: февруари, март, април, мај, јуни, јули, август и септември 2016 година, со што работодавецот сторил повреда на Законот за работни односи. Врз основа на утврдената состојба и прекршувања, надлежниот инспекторат го извести Хелсиншкиот комитет дека согласно Законот за прекршоци им издал на работодавецот и одговорното лице прекршочни платни налози со утврдени глоби за сторени прекршоци. Изречените глоби работодавецот и одговорното лице ги имале платено во законски предвидениот рок. Дополнително инспекторатот го извести Хелсиншкиот комитет дека 90 лица, поранешни вработени кај овој работодавец, имаат покренато судски спорови пред надлежниот суд за кои имаат добиено 90 правосилни пресуди кои во моментот се предмет на извршување. Инспекторатот констатирал дека во моментот нема вработени лица во двете конфекции. 

Препорака: Состојбата во овие индустрии е повеќе од загрижувачка. Континуирано се прекршуваат законските прописи и колективните договори и на тој начин се прекршуваат правата на вработените. Вработените остануваат без примања и по неколку месеци, здравствено неосигурани, оставени да ја бараат правдата пред надлежните судови. Фактот што заостанатите плати не се во можност да си ги наплатат ниту преку извршител, е показател дека тие никако не биле и не се заштитени за времетраењето на работниот однос и по неговиот прекин. Ги охрабруваме сите работници/чки кои се соочуваат со било каков проблем и прекршување на нивните права да пријавуваат. Апелираме до надлежните инспекторати да вршат засилени контроли и надзори со цел почитување на законските прописи, но и казнување секогаш кога има непочитување и прекршување на законот.  


Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo