Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово - април, 2017 година 18 Мај 2017

Месечниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово кој ги опфаќа темите: просторни капацитети и услови во камповите, институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и нерегуларната миграција, за периодот 01.04.2017 – 30.04.2017 година, може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија 

Во текот на април, 2017 година состојбите во транзитниот центар (ПТЦ) Винојуг, Гевгелија не достигнаа значителни промени во споредба со претходниот период. Бројот на бегалци остана мал поради што и динамиката на настаните е бавна. Во инфраструктурата на кампот нема поголеми промени. Фреквенцијата на бегалци кои се фатени низ територијата на Република Македонија од страна на полициски службеници останува со ист интензитет. Најголем дел од нив се вратени на грчка територија, а само мал број се задржани во земјата. 

Просторни капацитети и услови 

Бројот на бегалци во кампот на почетокот на месецот изнесуваше 14 од кои 8 лица со потекло од Авганистан, а останатите од Ирак и Сирија. Бројот на бегалци понатаму се намали на 9 поради пренесување на 5 члено семејство во Грција. 

За бегалците кои престојуваат во кампот се организираат прошетки во градот со придружба на претставници од кампот. За децата во кампот, кои сега се во значително помал број сè уште се спроведуваат часови по различни јазици. 

На бегалците редовно им се обезбедува пристап до стоматолошки прегледи и интервенции. Воедно, бегалците кои имаат потреба од медицинска помош или интервенција се редовно згрижени од претставниците на Црвен Крст во кампот или однесени до локалната болница во Гевгелија. 

Започнувајќи од април, хигиеничарите во кампот, кои дотогаш беа вработени преку Министерството за труд и социјална работа, склучија договори за работа со ИОМ (Меѓународна организација за миграција). По ова, хигиената во кампот е значително подобрена и кампот редовно се чисти. 

Институционално постапување 

Припадниците на странските полициски служби сè уште патролираат по македонско-грчката гранична линија. Во текот на април, забележано е присуство на полициски единици од Чешка.

Во текот на овој месец, вкупно 47 бегалци се фатени по илегални патишта низ Република Македонија и „депортирани“ во Грција. Процесот на депортација и понатаму се одвива илегално, без било каква формална процедура на пренесување на бегалците, како и без известување или соработка со грчките безбедносни служби.  

Бегалците кои се затекнати по илегалните патишта се со потекло од Сирија (13), Пакистан (10), Авганистан (13), Мароко (6), Ирак (2) и по еден од Иран и Палестина. Меѓу нив, најчесто се поединци кои патуваат сами или во група, а ретко се забележуваат семејства. Најголем дел од нив не поседуваат лични документи, а при проверката од страна на безбедносните служби на одредени лица им се врши и проверка и претрес на личните ствари. Во еден наврат, семејство со потекло од Сирија, неколку денови е задржано во кампот поради лоша здравствена на мајката во семејството. По неколку дена, откако и е подобрена здравствената состојба, семејството е вратено во Грција. Во речиси сите случаи, бегалците се пренесени кон Грција на свое барање. 

Хелсиншкиот комитет во повеќе наврати ја критикува ваквата пракса и итно повикува истата да прекине да се применува од страна на полициските службеници. Наместо тоа, да се пронајде законски начин на кој што бегалците кои доброволно сакаат да се вратат кон Грција да бидат пренесени по законски пат и соработка со грчките полициски службеници со цел да бидат соодветно згрижени и третирани. 

Куманово 

За разлика од кампот во Винојуг, фреквенцијата на бегалци во ПТЦ Табановце е значително поголема, пред се поради отворениот карактер на кампот. Бројот на бегалци кои се постојано присутни е мал, но секојдневно се менува поради постојано пристигнување на бегалци од надвор. Покрај повремени прилагодувања, инфраструктурата на кампот не е значително променета. Се забележува зголемување на бројот на бегалци кои се вратени во Македонија од страна на српската полиција, бегалци кои направиле неколку обиди да ја преминат границата или поради неможност да го продолжат патувањето, се враќаат кон Грција. 

Просторни капацитети и услови 

Во кампот нема поголеми инфраструктурни промени. Направена е промена на бравите на сите контејнери (куќарки) во кампот и поставени се нови тоалети. 

Поради водење на различни статистики помеѓу ЦУК и МТСП, не секогаш има точни податоци за бројот на бегалци во кампот. Бројот на бегалци се движи од 25 до 35, но секојдневно се менува, поради постојано заминување и пристигнување на бегалци. Околу кампот пак, постојано се забележуваат бегалци со потекло од Мароко кои ноќите ги поминуваат под отворено небо, околу пругата. 

Во кампот е спроведена студиска посета на дваесетина студенти од Данска, кои се запознаа со состојбите во кампот и разговараа со присутните бегалци.  

На почетокот на месецот, во непосредна близина на кампот и железничката пруга изби пожар. Поради брза интервенција на противпожарна екипа, не беше предизвикана материјална штета од поголем размер. Преземени се мерки и се работи на утврдување на причините за пожарот.  

Институционално постапување 

Во текот на месецот, зајакнати се полициските сили на граничната линија со Србија, поради дојава дека поголема група бегалци ќе бидат вратени од српска страна. 

Полициски службеници извршија проверки на контејнерите во кампот со детектори за оружје. 

Во кампот секојдневно пристигнуваат бегалци кои се вратени од Србија, откако престојувале таму или само се обиделе да ја преминат границата па биле затекнати од српската полиција. Според нивните сведочења, често пати се жртви на насилство од страна на полициски службеници или организирани групи во Србија. 

Како и во претходниот период, продолжува политиката на селективно пропуштање на бегалци во кампот. Нејасно е како се прави селекцијата, бидејќи нема предвидени и константни критериуми. Во најголем дел од случаите се пропуштаат ранливите групи, но и тука понекогаш се прават исклучоци. Во една прилика, на група од 26 бегалци која пристигна во кампот не ѝ беше дозволен пристап. Непосредно потоа, во друга група пристигнало лице кое имало убодна рана од нож, но и него не му бил дозволен пристап во кампот. На одредени бегалци (повторно, по непознати критериуми) понекогаш им се дозволува да преноќат во кампот, но наредниот ден веќе да им е наредено да го напуштат. Чести се случаите и кога бегалците на кои им е дозволено да преноќат во кампот и да добијат храна и вода, по краток одмор, по своја волја да го напуштат кампот со цел да се вратат во Грција. За бегалците кои не се примаат во кампот, се грижи мобилната екипа на Црвен крст, која ги снабдува со облека, храна и хигиенски средства. 

Хелсиншкиот комитет предупредува да не се врши селективен пристап кон бегалците кои се обраќаат во кампот за престој, храна или вода и медицинска помош. Пристап до овие услуги мора да им биде обезбеден во секое време. 

Состојба во Прифатни центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци во прифатните центри е недостапен за Хелсиншкиот комитет. 

Нерегуларна миграција

Според дневните билтени на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, во текот на април е пронајдена само една група бегалци. Групата од 12 бегалци со потекло од Пакистан, е затекната на 12.04.2017 година, во близина на с. Лојане, општина Липково од страна на полициски патроли, при обид за нелегално преминување на српско- македонската граница. Лицата се однесени во полициска станица во Сопот, со цел да бидат испрашани, а не е познато како е понатаму постапено со нив. 

Министерството за внатрешни работи, исто така известува дека на 24.04.2017 година е поднесена кривична пријава против лице од с. Пирава, валандовско, управител на компанија за такси превоз, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“. Имено, пријавениот во три наврати превезувал мигранти на релација Гевгелија- Табановце со автобус, без притоа да поседува лиценца за вршење јавен превоз.


  „Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo