Corner Извештаи

Месечен извештај - март 2017 21 Април 2017

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за јануари 2017 година опфаќа теми од областите: Специјално јавно обвинителство, Дискриминација, Говор на омраза, Дела од омраза, Бегалска криза, Социјални и економски права и Текстилни работнички.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк.

СПЕЦИЈАЛНО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО

ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ НА РМ СЕ ВМЕШУВА ВО АВТОНОМИЈАТА И НАДЛЕЖНОСТИТЕ НА СЈО

На 27 март, Јавното обвинителство на Република Македонија до Врховниот суд поднесе барање на заштита на законитоста во врска со притворот на бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“, под надлежност на СЈО. Јавното обвинителство побарало Врховниот суд да го уважи барањето за заштита на законитоста, да ги укине решенијата на Основниот суд Скопје 1 од 7 март 2017 година и на Апелациониот суд од 15 март 2017 година и предметот да го врати на повторно судење и одлучување. Со барањето, државното обвинителство го напаѓа решението на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 во кое било наведено дека жалбата не го задржува извршувањето на решението, односно било повредено суспензивно дејство на жалбата. Со преземање на дејства за извршување на решението пред да стане правосилно, од јавното обвинителство наведуваат дека Советот сторил повреда на членот 134, став 5 од Законот за кривична постапка. Позитивното постапување по ваквото барање би значело одзимање на надлежноста на СЈО да поднесува вонредни правни лекови и укинување на притворот за г. Кочан.

Следеше брза реакција на СЈО. Јавната обвинителка Катица Јанева со допис до Врховниот суд го повлече барањето.[1]  Таа во кратко образложение истакна дека како Специјален јавен обвинител е исклучиво надлежна да постапува по предметите поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во сите судски инстанции, повикувајќи се на член 5, став 3 од Законот за СЈО каде се пропишува дека Јавниот обвинител кој раководи со СЈО е овластен да презема дејствија и да застапува по предмети пред основните, апелационите судови и Врховниот Суд на Република Македонија. Ставот 4 од Член 5 од Законот уште поконкретно ја пропишува исклучивата надлежност на Јанева за преземање обвинителски дејствија, каде стои дека Јавниот обвинител кој раководи со СЈО има целосна надлежност и овластување независно да ги извршува сите истражни и обвинителски функции на Јавното обвинителство, кои вклучуваат учество во судски постапки и започнување каква било судска постапка, вклучувајќи граѓанска и кривична, кои јавниот обвинител ги смета за потребни.

Откако претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски потврди дека сепак ќе се постапува по барањето за заштита на законитост на обвинителството на Марко Зврлевски, СЈО побара изземање на Вангеловски по одлучувањето за барањето да се укине притворот на Сеад Кочан. СЈО се сомнева во неговата непристрасност поради објавениот разговор помеѓу него кога беше претседател на Врховниот суд во првиот мандат и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески во врска со случајот “Глобал“.[2]

Препорака:Јавниот обвинител на РМ да престане да се замешува во автономијата на СЈО, а Врховниот суд барањето за заштита на законитоста на Јавното обвинителство на РМ да го отфрли како недозволено бидејќи е поднесено од ненадлежен орган.

  ДИСКРИМИНАЦИЈА

Дискриминација врз основа на религиско убедување и повреда на правото на правична постапка

До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија се обрати странка одбиена за прием во државјанство на Република Македонија со образложение декане ги исполнува условите за прием, односно дека неговиот прием во државјанство ја загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија.

Во случајот станува збор за државјанин на Република Србија, венчан со државјанин на Македонија, со која има две малолетни деца. Во Македонија престојува подолг период, односно го исполнува законскиот услов за прием во државјанство како странец кој е во брак со државјанин на Република Македонија најмалку три години и до поднесувањето на барањето законски престојува најмалку една година непрекинато на територијата на Република Македонија согласно член 9 став 1 од Законот за државјанството на Република Македонија.

Странката е свештеник во Православната Охридска Архиепископија, црква од која во текот на 2013 год., г. Вранишкоски, заедно со уште 18 други лица, беа обвинети за наводно перење на пари преку здружение на граѓани, кое планирало да изгради објект за средби помеѓу верниците. Полициската акција за апсење на обвинетите беше наречена „Расколник“ што е еднакво на предрасуда и претставува директна повреда на принципот на пресумпција на невиност на обвинетите. Понатаму, Р. Македонија одбива да ја регистрира Православната Охридска Архиепископија како црква или религиозна група уште од 2004 година. Со тоа е сторена повреда на Член 9 (слобода на вероисповед), Член 11 (слобода на собирање и здружување) и Член 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција за човекови права. Хелсиншкиот комитет ја застапува Православната Охридска Архиепископија пред Европскиот суд за човекови права од 2006 година, меѓутоа сé уште не е донесена пресуда по предметот.

Дискреционото право на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Управата  за безбедност и контраразузнавање (УБК) да прогласуваат лица кои аплицираат за државјанство во Република Македонија за закана на националната безбедност, а кои формално ги исполнуваат останатите услови за прием во државјанство, без притоа истото да биде образложено и да биде предвидена постапка вокоја овие лица би имале можност до одреден степен да го докажат спротивното, претставува проблем и повреда на принципот на прaвичност и владеење на правото во едно демократско општество. Дотолку повеќе, во овој случај имајќи предвид контекстот на дискриминација со кои се соочуваат припадниците на оваа црква, кои во јавноста се стигматизирани и нарекувани „предавници, расколници и криминалци“, странката се соочува со веројатноста да биде разделен од семејството кое го основал во Република Македонија.

Препорака: Имајќи го предвид зголемениот број на одбиени лица за прием во државјанство по слободна проценка со неконтрадикторна постапка пред МВР и УБК, потребна е промена во оваа област. Имено, нужно е предвидување на контрадикторна постапка пред надлежните институции во која што при вакви случаи на странките би им се овозможило да го оспорат тврдењето на надлежните институции дека со нивниот прием во државјанство се загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија. Иако проценката на надлежните институции за тоа што претставува закана за националната безбедност природно би имала значителна тежина, сепак независно тело или суд мора да биде надлежно да реагира во случаи кога повикувањето на овој основ нема разумна поткрепа врз основа на фактите или открива дека интерпретацијата на тоа што претставува загрозување на националната безбедност е неправична и арбитрарна.

Во домашното законодавство, за решенијата со кои се одбива барањето за прием во државјанство е предвидена судска заштита пред Управниот суд на Република Македонија. Меѓутоа фактот што не е предвидена контрадикторна постапка пред МВР и УБК, придонесува судот да нема увид во фактичката состојба во случајот поради тоа што проценките на надлежните институции немаат можност да бидат оспорени од странката во случајот, па оттаму продолжува праксата на Управниот суд да ги потврдува решенијата со кои се одбива барањето за прием во државјанство на Република Македонија.

Утврдена дискриминација врз основа на јазик во Општина Гази Баба

Комисијата за заштита од дискриминација утврди дискриминација по основ на јазик во областа на работата и работните односи во Општина Гази Баба. Случајот се однесува на вработен во Општината, кој неколку пати бил дискриминаиран од страна на секторски раководител кој му забранувал на вработениот да го користи својот мајчин јазик (албански) во секојдневната неформална комуникација со своите колеги. По добиено правно советување од страна на Хелсиншкиот комитет дискриминираната странка поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација. Комисијата во своето мислење констатира дека дека службениот јазик во Општина Гази Баба е македонскиот јазик и тој треба да се употребува во службената комуникација, но дека секој може да го користи својот мајчин јазик во неформална  комуникација и дека тоа право не може да му биде ограничено и да му биде забрането на ниту еден вработен во Општината. Мислењето на Комисијата завршува со препорака до Општина Гази Баба за отстранување на повредата во рок од 30 дена од приемот на мислењето.

Иако ваквото мислење претставува позитивен пример, укажуваме дека и понатаму продолжува трендот на Комисијата за заштита од дискриминација на  донесување мислења кои во себе содржат технички, формални и суштествени недостатоци. Во петитумот на конкретното мислење Комисијата констатира дека “Се утврдуваат елементи на дискриминација во еден дел од претставката”, но не е изрично наведено дали е утврдена или не е утврдена дискриминација. Заклучокот дека е  утврдена дискриминација се наоѓа на крајот на мислењето и во препораката, која е во склоп на мислењето. Исто така Комисијата во конкретното мислење нема наведено дали станува збор за директна или индиректна дискриминација. Исто така Комисијата во предметното мислење утврдува дека дискриминацијата се случила неколку пати, но изрично не утврдила повторена и продолжена дискриминација како потешки облици на дискриминација согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Препорака:Хелсиншкиот комитет го поздравува позитивното мислење на Комисијата за заштита од дискриминација и апелира во иднина Комисијата при изработување на своите мислења да внимава истите да немаат технички, формални и суштински недостатоци.

ГОВОР ОД ОМРАЗА

ПОЛИТИЧКО-ОПШТЕСТВЕНАТА КРИЗА РАЗГОРУВА ГОВОР НА ОМРАЗА

Следствено на продолжувањето и продлабочувањето на политичката криза и значителна поларизација на народот, говорот на омраза продолжува со истиот интензитет како и претходните месеци. Не стивнуваат повиците за насилство, дискриминацијата и нетолеранцијата кон етничките заедници во земјата, како и повиците за смрт на политички неистомисленици. Повторно, говорот на омраза е најзастапен на интернет просторот, провоциран од дневно- политичките случувања и наслови на интернет медиумите и порталите.

Во текот на февруари и март, Хелсиншкиот комитет регистрираше 21 пријави со говор на омраза на платформата www.govornaomraza.mk. И понатаму, најзастапени основи за говор на омраза се: етничката припадност, политичкото уверување и сексуалната ориентација како основ за исмевање и омаловажување. Забележани се и неколку случаи каде што говорот на омраза преминува во директни закани по сигурноста на одредени јавни личности.

Препорака: Хелсиншкиот комитет апелира до Министерството за внатрешни работи, особено до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, внимателно да ги следи социјалните мрежи и проактивно да делува за превенција за употребата на говор на омраза и закани по безбедноста и сигурноста на граѓаните кои лесно можат да преминат во дела од омраза. 

ДЕЛА ОД ОМРАЗА

Продолжуваат инцидентите сторени од омраза

Продолжија инцидентите што може да се окарактеризираат како дела од омраза. Во текот на месецот, Хелсиншкиот комитет регистрираше 12 вакви инциденти.[3] Во половина од инцидентите како сторители и жртви повторно се јавуваат младинци и малолетни лица, припадници на македонската и албанската заедница, кои меѓусебно се напаѓаа во автобуси и во близина на автобуски постојки. Дополнително 3 инциденти се однесуваа на каменување на штабови на политички партии во Скопје (2 на СДСМ и 1 на ВМРО-ДПМНЕ), а во Прилеп беше нападната активистка на СДСМ. Исклучително сериозен инцидент што можеше да предизвика етничка омраза беше нападот со молотови коктели врз Музејот на Албанската азбука во Битола.[4] Лицата сакале да го запалат објектот, но не успеале, а искршени биле прозорците. Кон крајот на месецот, МВР објави дека до ОЈО Битола поднело кривична пријава против четири лица на возраст од 16 -17 години од кои три лица се од Битола и едно лице од Демир Хисар, заради постоење на основ на сомнение дека извршиле кривично дело „Предизвикување општа опасност“ на начин што истите изработиле 4 „молотови коктели“ и се упатиле кон Музејот со цел да го опожарат објектот. Овој напад над Музејот е петти по ред во последните четири години.

Препорака:Министерството за внатрешни работи да ја искористи картата од порталот на Хелсиншкиот комитет на која се мапирани „црни точки“ каде најчесто се извршуваат делата од омраза, да вложи повеќе напори за откривање на сторителите и да делува превентивно во насока на спречување на ваквите инциденти во иднина.

БЕГАЛСКА КРИЗА

НАМАЛЕНА ДИНАМИКА НА БЕГАЛСКАТА КРИЗА

Во текот на март, бројот на бегалци во транзитните кампови, како и низ Република Македонија достигна најниско ниво во текот на целата бегалска криза. За разлика од почетокот на месецот, кога во кампот во Гевгелија имаше околу 50 бегалци, до крајот на месецот бројот се намали на само 8 бегалци, сите со потекло од Ирак. Бегалците кои повеќе од една година беа неоправдано задржани во кампот во Гевгелија во недостаток на регулиран статус во земјата, сами побараа да бидат вратени кон Грција со објаснување дека не можат да ја поднесат безизлезната ситуација во која се наоѓаат откако останаа заглавени во Република Македонија. Подоцна во месецот, во кампот е донесена група на бегалци кои биле затекнати од полицијата на товарен воз од Турција кон Скопје. Сите лица во групата се со потекло од Авганистан, а меѓу нив има 6 малолетни лица. Групата е примена во кампот и им е овозможен престој, со тоа што бројот на бегалци се искачи на 14.

Во транзитниот камп Табановце, Куманово, бројот на бегалци се намали и варира од 30 до 45. Бројот на бегалци во кампот постојано се менува поради честото пристигнување и заминување на бегалците од кампот. Околу кампот се забележуваат групи на бегалци со потекло од Алжир, Мароко или Пакистан, на кои не им е дозволен пристап во кампот. Повремено, на бегалци кои имаат итна потреба од медицинска помош им се дозволува краткотраен престој во кампот, но потоа мора да го напуштат.

Во текот на овој месец, Министерството за внатрешни работи не регистрирало ниту еден кривично правен настан поврзан со криумчарењето мигранти и илегалната миграција. Од набљудувањата на терен, полицијата затекнала вкупно 18 бегалци по илегални патишта и ги вратила кон грчка страна.

Препорака:Хелсиншкиот комитет за човекови права препорачува во најбрз можен рок, државата да го регулира статусот на бегалците и да го обезбеди целосното почитување на нивните основни човекови права и слободи. 

СОЦИЈАЛНИ И ЕКОНОМСКИ ПРАВА

Незаконито исклучување на корисници од користење на електрична енергија од страна на ЕВН Македонија

До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија се обрати странка исклучена од поради неподмирен долг за испорачана електрична енергија кон ЕВН Македонија. Станува збор за странка, самохрана мајка на малолетно дете која што веќе подолг период живее без електрична енергија во нејзиниот дом поради неподмирен долг кон ЕВН Македонија, иако нема добиено судска пресуда за истото, ниту пак има сознание за поведена судска постапка.

Праксата на ЕВН Македонија да исклучува корисници од електрична енергија поради неподмирен долг, а без правосилна судска пресуда, е незаконито, иако при вакво постапување ЕВН Македонија се повикува на одредбите од Законот за енергетика, како и Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија. Меѓутоа релевантните факти кои се однесуваат на неплатените обврски од користење електрична енергија, можат со сигурност да се утврдат само врз основа на правосилна судска одлука на надлежен суд. Неплатените обврски кои произлегуваат од испорачани фактури кои се однесуваат на месечно користење електрична енергија, сами по себе не претставуваат основ за исклучување од електрична енергија поради неподмирен долг доколку за истите не постои правосилна одлука од надлежен суд од која со сигурност може да се утврди дали постои или не постои долг. Ова е значително ако се има предвид дека согласно член 367 став 1 од Законот за облигациони односи побарувањето на надомест за испорачана електрична енергија застарува за една година, па оттамузастаруваат доколку истите не се отужени во рок од 1 година. 

Препорака: Неопходно е ЕВН да ги почитува законските прописи кога станува збор за исклучување на корисници од користење на електрична енергија врз основ на неподмирен долг кон ЕВН. Оттаму, секогаш е потребно со сигурност да се утврди дали за факти кои се однесуваат на неплатите обврски од користење на електрична енергија има правосилна одлука од надлежен суд, од која пак со сигурност може да се утврди дали постои или не постои долг врз основа на кој биле исклучени од електрична енергија.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

ПРЕКРШУВАЊЕ НА РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА И ШТРАЈК ЗА НЕИСПЛАТЕНИ ПЛАТИ И ПРИДОНЕСИ

Месец март беше исполнет со повеќе случувања во текстилната и чевларската индустрија кои не беа ни најмалку позитивни. По добиени сознанија за прекршување на работнички права во една фабрика во Крива Паланка, Хелсиншкиот комитет испрати барање за вонреден инспекциски надзор до надлежниот инспекторат за труд. По извршениот инспекциски надзор, инспекторатот утврди прекршување на работничките права во делот на неисплата на плати и придонеси за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување за месец јануари 2017 година. По утврденото прекршување, инспекторатот издаде наредба до работодавачот и одговорното лице да го отстранат недостатокот, односно на вработените да им исплатат плата и законски придонеси за месец јануари 2017 година и тоа во рок од 8 дена од извршениот инспекциски надзор. Бидејќи работодавецот не постапи по издадената наредба во предвидениот рок, Хелсиншкиот комитет поднесе ново барање до Државниот инспекторат за труд ПЕ Крива Паланка за продолжување на постапката по извршениот вонреден инспекциски надзор и поведување на прекршочна постапка. Во одговор на вака поднесеното барање, Државниот инспекторат за труд испрати известување дека извршил контролен инспекциски надзор и констатирал непостапување по издадената наредба од страна на работодавецот, со што тој сторил повреда на чл.109 од Законот за работни односи. Согласно оваа одредба од законот, “Платата се исплатува за периоди кои не смеат да бидат подолги од еден месец. Платата се исплаќа најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период. Ако денот на исплаќањето е слободен ден, платата се исплаќа најдоцна идниот прв работен ден. Работодавачот е должен претходно писмено да ги извести работниците за денот на исплаќањето и за секоја промена на денот на исплаќањето.” Врз основа на вака утврдената фактичка состојба, надлежниот инспекторат изрекол глоба за сторениот прекршок со рок на плаќање од 8 дена, а работодавачот уште следниот ден извршил уплата на одмерената глоба во полн износ на издадениот прекршочен платен налог.

Во меѓувреме, вработените во оваа фабрика не ја примија ниту следната плата за месец февруари 2017, а не им се исплатени ниту заостанатите плати и придонеси. Ова е показател дека иако работодавците се казнуваат, казните не ги поттикнуваат да си ги исполнат обврските спрема работниците и да им исплатат заостаната плата и придонеси. Уште повеќе, работодавците продолжуваат со истата пракса и не исплаќаат плати и придонеси ниту во следните месеци. Бидејќи револтот кај работничките и работниците беше голем, сите заеднички излегоа на штрајк за да го изразат своето незадоволство и јавно да си ги побараат своите права.И покрај одржувањето на медијациски состанок со претставници на работодавачот, на кој присуствуваа претставници од Хелсиншкиот комитет и Здружението на текстилните и кожарските работници Тивкото мнозинство, со цел итна исплата на платите и придонесите на плати на вработените,  бевме информирани од претставниците на работодавачот дека не можат да се исплатат плати и придонеси на плати за вработените бидејќи во моментот фабриката не располагала со парични средства на својата сметка.Од овие причини штрајкот продолжи.

Препорака: Хелсиншкиот комитет за човекови права го поздравува позитивниот пример кој го даде Државниот инспекторат за труд ПЕ Крива Паланка, постапувајќи согласно законот и своите надлежности. Меѓутоа, потенцираме дека казнувањето на работодавецот и плаќањето на изречената глоба не го менува фактот што работничките остануваат без плата и придонеси и тоа веќе за два последователни месеци, јануари и февруари 2017 година. Континуираната инертност на работодавците од овие индустрии на нивните обврски кои произлегуваат од законите, договорите за вработување и колективните договори од овие индустрии, е повеќе од загрижувачка. За да се надмине ваквата состојба, неизбежно е непречено функционирање на механизмите за заштита на правата во државата, како работничките од овие индустрии би имале директен бенефит и заштита на нивните права.


[1] http://www.jonsk.mk/wp-content/uploads/2017/03/2017-03-29-%D0%BD%D1%81%D0%BA-%D0%BA%D0%BE-4-17-%D0%BF%D0%BE%D0%B2%D0%BB%D0%B5%D0%BA%D1%83%D0%B2%D0%B0%D1%9A%D0%B5-%D0%BD%D0%B0-%D0%B1%D0%B0%D1%80%D0%B0%D1%9A%D0%B5-%D0%B7%D0%B0-%D0%B1%D0%B7%D0%B7-%D0%B4%D0%BE-%D0%B2%D1%80%D1%85%D0%BE%D0%B2%D0%B5%D0%BD.pdf

[2] http://www.jonsk.mk/wp-content/uploads/2017/03/2017-03-29-%D0%BD%D1%81%D0%BA-%D0%BA%D0%BE-4-17-%D0%B1%D0%B0%D1%80%D0%B0%D1%9A%D0%B5-%D0%B7%D0%B0-%D0%B8%D0%B7%D0%B7%D0%B5%D0%BC%D0%B0%D1%9A%D0%B5-%D0%B4%D0%BE-%D0%92%D1%80%D1%85%D0%BE%D0%B2%D0%B5%D0%BD-%D1%81%D1%83%D0%B4.pdf

[3] http://www.zlostorstvaodomraza.mk

[4] http://www.zlostorstvaodomraza.com/reports/view/395

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo