Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 13.03.2017– 26.03.2017 година 29 Март 2017

Двонеделен извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 13.03.2017 – 26.03.2017 година и може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот, од 8 на почетокот на седмицата се зголеми на 16 до крајот на седмицата, откако неколку групи кои беа донесени, се задржаа за престој во кампот.

Од страна на хуманитарната организација Легис на децата во кампот им се поделени обувки. 

На 24.03.2017 година во кампот остварија посета група на студенти од Германија. 

Бегалците од кампот се изнесени на прошетка во придружба на Црвен крст. 

Во текот на овие две седмици, во кампот остварија посета претставници на меѓународните организации, УНХЦР и Каритас, како и посета на делегација на ФРОНТЕКС.

Институционално постапување

На 18.03.2017 година, во кампот со полициска придружба е донесен еден бегалец со потекло од Мароко. Според него, тој прв пат се обидува да премине преку Македонија. Пристигнал во Македонија пред 3 дена заедно со еден пријател, по што пеш стигнале до Градско. Во близина на Градско биле нападнати од група од четворица, според него македонски граѓани. Еден од нив имал пиштол, при што ги натерале да им ги дадат сите пари. Тој успеал да избега, по што со воз од Градско стигнал на железничката станица во Гевгелија. Откако со него е остварен разговор, и му е укажана медицинска и хуманитарна помош, тој е пренесен кон грчка страна. 

Истиот ден, при рутинска проверка на товарен воз кој превезвал од Турција до Скопје, во приколката на камионот откриени се девет лица со потекло од Авганистан. Грпата ја сочинувале еден поединец и две семејства, меѓу кои 6 малолетни деца. Тие, своето патување го започнале од Турција, а од страна на криумчарите им било ветено дека возот ќе ги однесе до Италија, при што секој човек поединечно платил 6000 долари, освен едно 4 годишно дете, за кое се платило 3000 долари. Никој од нив не поседуваат патни исправи. Откако им е пружена медицинска и хуманитарна помош, лицата се примени во кампот и им е обезбеден престој. Непознато е до кога ќе се задржат. 

На 19.03.2017 година, во кампот се донесени 6 бегалци со потекло од Иран, кои по своја волја се вратиле од Белград, Србија. Откако со нив се остварени разговори, подготвен им е простор во кампот за да се сместат. Наредниот ден се пренесени кон Грција.

На 21.03.2017 година во кампот се донесени 4 лица со потекло од Иран кој по свое барање се враќаат од Србија кон Грција. Бегалците се испрашани и им е извршен детален преглед на личните работи од страна на безбедносните служби. По неколку часа, тие се пренесени кон Грција. 

На 24.03.2017 година, еден бегалец со потекло од Иран, сам се вратил од српска граница односно од Табановце со воз пристигнал до Гевгелија. Откако му е обезбедена вода и храна, тој е пренесен во Грција по свое барање. Истиот ден, при рутинска контрола на товарен воз на релација Грција- Македонија, од страна на полицијата фатени се шест бегалци со потекло од Алжир и еден бегалец со потекло од Палестина кои се криеле во вагоните. Откако сите се регистрирани во кампот, пренесени се на грчка страна. 

Наредниот ден, во кампот се донесени двајца бегалци со потекло од Сирија, фатени во близина на железничката станица во Гевгелија. Според нив, тие се враќаат од Србија. Само еден од нив поседува документи, поради што само едниот е регистриран и веднаш се пренесени кон Грција. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот во текот на овие две седмици се движи околу 30 и тој постојано варира, поради секојдневното пристигнување и заминување на одреден групи или поединци. Околу кампот се забележани дека престојуваат околу десетина бегалци кои воглавно се со потекло од Алжир, на кои не им е дозволен влез или престој во кампот. 

Во текот на овој период, во кампот остварија посети високи делегации на УНХЦР и ФРОНТЕКСТ.  

Институционално постапување  

На 16.03.2017 година во кампот е примено 8 члено семејство со потекло од Сирија, меѓу кое има 4 малолетни деца. Семејството се вратило од Србија. На нивното барање да бидат пренесени кон Грција им е кажано да почекаат додека да се собере поголема група, за да се организира превоз. По два дена, заедно со двајца бегалци од Сирија кои се вратени од Бујановац, Србија, на своја рака тргнаа со комбе од Табановце кон Скопје, од каде што треба да продолжат кон Гевгелија. Патот го започнаа на своја рака, откако институциите не успеаа да им организираат превоз. 

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци сместени во Прифатните центри е недостапен. 

Нерегуларна миграција 

Во текот на овие две седмици, Министерството за внатрешни работи во своите билтени не регистрирало ниту еден кривично-правен настан поврзан со криумчарење мигранти или бегалците. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo