Corner Извештаи

Месечен извештај - февруари 2017 16 Март 2017

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за јануари 2017 година опфаќа теми од областите: Специјално јавно обвинителство, Дискриминација, Дела од омраза и Социјална заштита.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк

СПЕЦИЈАЛНО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО

  • ОБВИНИТЕЛКИ ОД СЈО САНКЦИОНИРАНИ ПОРАДИ НЕПОЧИТУВАЊЕ НА СУДОТ

Судијката Татјана Михајлова го прекина последното судско рочиште за нарачување и извршување на насилствата во Општина Центар, откако обвинителките од Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева и Фатиме Фетаи, ги казни со по 2.000 евра поради „елементарно непочитување на судот“. Првата казна од 1.000 евра на обвинителката Фетаи дојде откако таа ја обвини судијката Михајлова за интелектуален фалсификат во записникот од претходното рочиште и дека ќе покрене кривична постапка против неа. Јанева доби иста казна откако на судијката и потенцираше дека не ги заслужува титулите судијка и В.Д. претседателка на судот и дека не знае да води записник. Потоа двете обвинителки одново ја обвинија судијката за интелектуален фалсификат по што беа казнети со по уште 1.000 евра.

Ова е прв случај во историјата на Основниот суд Скопје 1 - Скопје каде судија казнува Јавен обвинител за непочитување на судот, што претставува преседан. Од СЈО објавија дека ги обжалиле одлуките на судијката Михајлова пред Апелациониот суд.

Од Судот излегоа со соопштение[1] во кое тврдат дека во 72 годишната историја на институцијата не бил посведочен ваков напад врз судија, Судот и судската власт во државата воопшто. Судот го оцени однесувањето на обвинителките како дрско и крајно непрофесионално и смета дека Јанева и Фетаи го злоупотребиле правото на збор и го погазиле секој принцип од кодексот на јавно обвинителска етика. Во соопштението се вели дека судечкиот судија (Михајлова) мирно и достонинствено како што доликува на вршителка на судската власт, на записник го нотирала секој збор и навреда упатена кон неа лично како судија и судот пред кој се води постапката, при што за ваквото однесување повеќе пати ги опоменала јавните обвинителки, како странка во постапката, да се воздржат од навреди и да постапуваат во рамките на професионалната етика.

Од следењето на работата на СЈО во месец февруари, нотирано е дека обвинителството понатаму се соочува со пречки во работењето од аспект на тешка соработка примарно со Основниот суд Скопје 1, како и со други институции со кои соработува. Исклучително загрижувачки се последните распределби во Судот, со кои малкуте судии кои одлучија позитивно по барањата за претрес и изрекување мерка притвор на СЈО се распределени на пониски позиции или во други оддели.

Алармираат и санкциите изречени на обвинителките Фетаи и Јанева за непочитување на Судот, со што се направи преседан во 72 годишното работење на Судот. Никогаш претходно не се случило обвинител да биде санкциониран од страна на судечки судија. Со сето ова се доведува во прашање независноста и непристрасноста на работењето на Судот.

Препораки: Препораките одат во слична линија како претходните. Институциите на системот, а особено Основниот суд Скопје 1, мораат да се отворат за соработка со СЈО и да ја согледаат непроценливата важност на работата на обвинителството (а со тоа и на Судот) за враќање на владеењето на правото во земјата. Последниот извештај на ЕУ за напредокот на земјата нотираше дека Македонија е „заробена земја“, досега незапаметена квалификација за една земја кандидат, а тоа најмногу се однесува на заробеноста на институциите на правосудството.

  ДИСКРИМИНАЦИЈА

  • Дискриминација врз основа на пол и род, здравствена состојба, попреченост и религија во учебникот „Граѓанско образованиие“ЗА 8мо одделение

Со решение бр. 10-1602/1 од 19.06.2009 година, Министерот за образование и наука ја одобрил употребата на учебникот „Граѓанско образованиие“ за 8мо одделение, чии автори се Ксенофон Угриновски и Крсте Василевски. Министерството за образование и наука го издало учебникот, додека рецензентската комисија составена од Владо Петровски, Биљана Синадиновска Шотаровска и Татјана Георгиевска позитивно го вреднувала учебникот, кој содржи повреда на правото на образование преку дискриминаторски содржини врз основа на пол и род, здравствена состојба, попреченост и религија.

Во учебникот на страна 34 и 35 се учи за правата на жената и меѓу другото се вели дека само почитуваните жени и здрави мајки може да обезбедат здрави семејства, од што зависи и понатамошниот развој на општеството”.Ваквото тврдење претставува дискриминација врз основа на здравствена состојба и физичка и интелектуална попреченост кон сите жени со физичка и интелектуална попреченост, хронични заболувања или било какви здравствени проблеми бидејќи тие не се претставени како “здрави” според дефиницијата на авторите. Од друга страна ваквата дефиниција е исклучително дискриминаторска кон жените кои немаат или не може да имаат деца, бидејќи тие не се мајки, а според авторите на учебникот тие се изоставени и не може да придонесат во процесот на “понатамошен развој на општеството”.  Дополнително загрижувачки е што авторите велат дека ваквото тврдењето се наоѓа во Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација (CEDAW), што апсолутно не е точно и претставува погрешно толкување на Конвенцијата.

Во прилог на истата лекција има две фотографии од кои на едната фотографија е прикажана жена со престилка која истовремено готви и стои пред компјутер,  а на другата фотографија прикажана е жена која седи со прекрстени нозе и списание во рака, додека пред неа маж чисти со правосмукалка. Под фотографиите стои прашање “Која од овие жени се изборила за своите права?”. Ваквите фотографии воопшто не се соодветни за темата која се разработува во лекцијата, ниту пак може да даде одговор на прашањето “Која од овие жени се изборила за своите права?”, бидејќи ниту една од сликите не покажува дека некоја од жените на фотографиите не се избориле за своите права.

Во понатамошниот дел од истата лекција авторите прават осврт на улогата на жената во времето кога Адам и Ева живееле во рајот, со што се фаворизира христијанската религија, наспроти сите останати религии кои постојат во Република Македонија, со што се врши дискриминација врз основа на религија и верско уверување кон жените кои припаѓаат на други религии или не се религиозни. Обидувајќи се да ги објаснат женските права низ призматан на религијата авторите велат дека “се смета дека жената го сторила првиот грев во рајот. Го вкусила забранетото овошје, го довела Адам во искушение и оттогаш страда. Во првата книга ,,Постанок” на Мојсеј, Бог и вели на жената ,,Ке ти ги зголемам маките кога си бремена со болки ке раѓаш деца, ќе бидеш под власта на мажот свој и тој ќе ти биде господар”. Ваквиот обид за објаснување на женските права низ призма на една религија, со цитат во кој се наложува покорност на жената кон мажот, покрај тоа што претставува дискриминација врз жените врз основа на религија и верско убедување, поттикнува и дискриминација врз жените врз основа на пол и род.

Препорака: Апелираме до надлежните институции, како што се Државниот просветен инспекторат, Биро за развој на образование, Министерство за образование и наука, Народен правобранител и Комисија за заштита од дискриминација, да преземат чекори во нивна надлежност за отстранување на ваквата содржина и замена на истата со соодветна содржина која ќе ќе ги исполни целите на образованието и ќе ги почитува законите на Република Македонија.

  • СЕГРЕГАЦИЈА ВО СРЕДНОТО ОБРАЗОВАНИЕ НА УЧЕНИЦИ од ромска етничка припадност

До Хелсиншкиот комитет за човекови права пристигнаа неколку дојави за наводни појави на сегрегација на ученици од ромска етничка припадност во средното училиште “Арсени Јовков” во Скопје. Имено, до Kомитетот се обратија претставници од здружението на граѓани ИРИЗ, изнесувајќи го проблемот со кој Ромите ученици во средното училиште се соочуваат со години, односно нивната сегрегација во посебни паралелки одделени од учениците Македонци. Од тие причини двете здруженија поднесоа претставка до Народниот правобранител со која бараа истиот да испита неколку прашања. Прашањата се однесуваа на начинот на кој се формираат паралелките, евиденции за вкупниот број на ученици од ромска етничка припадност, дали постојат паралелки составени единствено од Роми и дали постои можност за трансфер од една во друга паралелка. Меѓу другото, по одржување на состанок со неколку ученици од именуваното училиште, Хелсиншкиот комитет и здружението ИРИЗ дојдоа до нови сознанија дека во последните години дел од учениците, во некој случаи и цели паралелки се префрлуваат во новоотвореното средно училиште во населбата Шуто Оризари, “Шаип Јусуф”, што е уште поголем чекор кон целосна сегрегација на овие ученици и допринесува за зголемување на разликите помеѓу етничките заедници и за намалување на квалитетот на образованието на Ромите. И ова прашање беше поставено како дел од прашањата во претставката поднесена до Народниот правобранител. 

Народниот правобранител постапувајќи по поднесената претставка, во насока на проверка на наводите изнесени во претставката за утврдување на состојбата, преку свои претставници оствари посета на средното училиште “Арсени Јовков” и средното училиште “Шаип Јусуф”. Од посетата Народниот правобранител утврдил дека во средното училиште”Арсени Јовков” не постои посебен акт за формирање на паралелките и дека учениците се распоредуваат врз основа на барањата на учениците и нивните потреби. Неспорно е дека низ годините бројот на ученици од ромската етничка заедница се намалувал, што се должи токму на нивното запишување во новоотвореното училиште “Шаип Јусуф”. Од остварената посета Народниот правобранител не констатирал сегрегација бидејќи во повеќе паралелки имало запишано Роми, иако не бил проверен нивниот број бидејќи од нашите сознанија во дел од паралелките има по еден до двајца ученици од ромска етничка припадност, а дел од паралелките се составени исклучиво од Роми. Од друга страна Народниот правобранител констатирал дека по отварањето на училиштето “Шаип Јусуф” неспорно е дека учениците Роми се запишуваат во ова училиште, што на долг рок може негативно да се одрази на нивната интеграција во едно мултикултурно општество. Ваквата пракса според Народниот правобранител може да доведе до скриени форми на сегрегација и дискриминација на припадници на една заедница.

Препораки: Хелсиншкиот комитет препорачува Министерството за образование и наука и другите надлежни институции од областа на образованието да преземат мерки и активности да се укаже на можниот проблем со одливот односно запишување на ученици Роми само во едно училиште. Доста критично е што ова училиште нема специјализирана програма за една област, туку обезбедува образование за повеќе професии, односно за фризери, градежници, економисти, келнери. Сова сериозно се доведува во прашање и квалитетот на образование кој се добива во ова средно училиште. Неопходно е уште еднаш да се преиспита одлуката за постоење на ова средно училиште и да во текот на основното образование да се спроведат активности меѓу учениците и нивните родители со цел да се подигне степенот и свеста за меѓуетничката интеграција и предностите на истата во образованието. За спроведување на даденото мислење, Народниот правобранител смета дека како појдовни точки треба да се искористат Стратешкиот план на Министерството за образование и наука 2016-2018 година и Националната стратегија за недискриминација и еднаквост 2016-2020 година во делот на образование, наука, спорт и култура.

ДЕЛА ОД ОМРАЗА

  • ПОЛИТИЧКАТА КРИЗА ГЕНЕРИРА КРИМИНАЛ ОД ОМРАЗА

Хелсиншкиот комитет, преку порталот www.zlostorstvaodomraza.mk, од 2013 година го регистрира криминалот сторен од омраза, односно инциденти мотивирани од нетолеранција или предрасуди кон припадници на одредена група во општеството. Зголемување на бројот на ваквите инциденти особено е забележливо пред и за време на изборните циклуси. За време на изборната кампања за предвремените парламентарни избори во 2016 година, регистриравме 25 кривични дела сторени поради различната политичка припадност на жртвите.

За разлика од минатите години, ваквиот вид дела од омраза во 2017 година продолжи и по завршетокот на предвремените парламентарни избори. Иако инцидентите стивнаа набргу по изборите и во текот на втората половина од декември 2016 година и јануари 2017 беше регистриран само еден инцидент, делата од омраза се интензивираа откако политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не успеа да обезбеди мнозинство пратеници за формирање на Влада.

Во текот на февруари беа регистрирани 17 кривични дела од омраза. 14 инциденти се случија во Скопје, 2 во Прилеп и 1 во Битола. Поради различната етничка припадност нападнати и повредени беа десетици младинци, а каменувани се 8 штабови на политичката партија СДСМ. Инцидентите во кои беа нападнати младиници се случија во центарот на Скопје (улица Македонија, Транспортен центар, НБРМ, Градски стадион) и автобуски станици на кои застануваат автобуси на ЈСП што транзитираат низ населби во кои живеат припадници на македонскиот народ и албанската етничка заедница. Инцидентите вклучуваат каменување на автобус, групни тепачки, но и сериозни напади со ладно оружје. Штабовите на партијата СДСМ беа каменувани во Скопје, Прилеп и Битола. Каменувањето најчесто се случува навечер, односно по полноќ.

Еден од инцидентите сторен поради различната етничка и верска припадност на жртвата се случи на 23 февруари, на Плоштад Македонија во Скопје, кога од група машки лица физички и вербално била нападната девојка, студентка на Правниот факултет Јустинијан I, која носeла марама на главата. Напаѓачите се обиделе да и ја извлечат марамата од глава, нарекувајќи ја „терорист", „гнасна шиптарка" и велејќи и „мрш во Арабија". На местото на настанот неколку граѓани ја предупредиле групата, по што нејзините членови веднаш се разбегале.[2] На 28 февруари кај Народната банка во Скопје се степале две групи при што се повредени двајца младинци на возраст од 17 и 19 години. Постојат сериозни сомненија дека инцидентот е сторен од страна на припадници на албанската заедница, како одмазда за физичкиот и вербален напад над студентка Албанка на Плоштадот Македонија.[3]

Препорака:Министерството за внатрешни работи да ја искористи картата од порталот на Хелсиншкиот комитет на која се мапирани „црни точки“ каде најчесто се извршуваат делата од омраза, да вложи повеќе напори за откривање на сторителите и да делува превентивно во насока на спречување на ваквите инциденти во иднина.

СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА

  • НЕМОЖНОСТ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА СЕМЕЈНА ПЕНЗИЈА ОД СТРАНА НА ЛИЦЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ

До Хелсиншкиот комитет се обрати лицето П.З. со барање за правна помош. Имено, се работи за лице со церебрална парализа кое има поднесено барање до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за наследување на семејната пензија од својата мајка која е почината во 2011 година. Семејната пензија ја има наследено неговиот татко, не знаејќи за можноста неговиот син да биде носител на правото. По добиените сознанија за оваа можност, таткото во име на П.З. испратил барање до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за пензијата да биде префрлена на неговиот син П.З., а се со цел неговиот син да биде заштитен и да има примања бидејќи истиот не е работоспособен. Ваквото барање на П.З. било одбиено од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со образложение дека Комисијата за оцена на работната способност е со мислење дека лицето е способно за самостоен живот.  Незадоволен од ваквото решение П.З. поднел жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, која жалба му била одбиена. Против ова решение на второстепената комисија П.З. повел управен спор со поднесување на тужба до Управниот суд. Управниот суд одлучувајќи по тужбата го поништил решението на второстепената комисија и го вратил предметот на повторно разгледување и одлучување. Одлучувајќи по вратениот предмет, второстепената комисија ја уважила жалбата на П.З. и го поништила решението на првостепениот орган враќајќи го предметот на повторно разгледување и одлучување. Фондот за пензиско и инвалидско осигурување одлучувајќи по овој предмет повторно донел исто решение со кое на лицето П.З. не му се признава правото на семејна пензија, со истото образложение дека лицето е способно за самостоен живот. И на ова решение П.З. поднел жалба до второстепениот орган, а второстепениот орган жалбата ја уважил, решението го поништил и предметот повторно го вратил на разгледување и одлучување. Меѓутоа Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и по трет пат не отстапува од своето мислење и донесува исто решение со кое барањето се одбива. Странката и на ова решение поднесува жалба и во моментот е во очекување на одлуката на второстепениот орган.

Во конкретниот случај целата постапка трае исклучително долго, а лицето е приморано на неколку месеци да се појавува на проценка од Комисијата за оцена на работната способност. Нејасно е зошто оваа комисија во конкретниот случај смета дека лицето е способно за самостоен живот, наспроти фактот што лицето е со доживотна дијагноза на церебрална парализа за што има неколку наоди од лекари во кои јасно е констатирано дека се работи за лице со тешки пречки во физичкиот развиток. На овој начин на лицето му е ускратено правото на користење на семејна пензија, кое право е предвидено и уредено со споменатиот закон.

Правото на остварување на семејна пензија во Република Mакедонија е регулирано со Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Овој закон предвидува дека дете стекнува, односно користи право на семејна пензија ако пред смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензијата кој го издржувал, било неспособно за работа или таквата неспособност настанала во рок од една година од денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензијата. Дополнително, овој закон предвидува дека доколку во текот на користењето на правото на семејната пензија детето стане неспособно за работа, трајно го задржува правото на семејна пензија и дека детето инвалид има право на семејна пензија по престанокот на работниот однос. Меѓутоа, праксата покажува дека одредбите од овој закон не се применуваат, односно дека постои нивна селективна примена.

Препорака: Хелсиншкиот комитет апелира до надлежната институција за одлучување по барања за остварување на правата на семејна пензија, односно Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, да се придржува до законот и насоките на повисоките органи при одлучувањето за остварување на правото на семејна пензија. Ова особено во случаите на лица со трајна попреченост и неспособност за работа и самостоен живот како ранлива категорија.

  • НЕМОЖНОСТ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА СЕМЕЈНА ПЕНЗИЈА поради погрешно утврдена фактичка состојба

До Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати странка која не може да си го оствари правото на семејна пензија поради погрешно утврдена фактичка состојба и примена на материјално право од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија. 

Имено, станува збор за лице на 16 годишна возраст на кое со решение од 1968 година донесено од Комунален завод за социјално осигурување Битола, му е утврдена инвалидност од прва категорија сметано од рано детство и притоа е потполно и трајно неспособно за самостоен живот. Со ваквото решение на странката не и се признава право на професионална рехабилитација и привредување, со што не и е овозможено да се оспособи за работа и самостоен живот, а како резултат на инвалидноста од прва категорија.

По смртта на родителот на странката од кого се изведува правото на семејна пензија, поднесено е барање за семејна пензија по основ на неспособност за самостоен живот и работа, согласно решението од Комуналниот завод за социјално осигурување  Битола од 1968 година. За целите на постапката било побарано од странката да се обрати пред Комисијата за оценка на работна способност, иако веќе постои категоризација на инвалидноста. Во постапката биле побарани списите по решението од Комуналниот завод за социјално осигурување Битола, при што е констатирано дека истите не се во архивата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување – Битола, како правен наследник на Комуналниот завод иако согласно прописите за чување на ахривска граѓа треба да се чуваат 50 години.

Како резултат на ваквите пропусти од страна на институциите, од страна на Комисијата за оцена на работна способност, како и Комисијата за ревизија на наод, оцена и мислење на инвалидност, односно неспособност за работа оцениле дека странката е способна за работа на сегашни 63 години.  При донесување на ваквото решение, воопшто не се земени предвид правата и интересите на странката во постапката, со оглед на фактот дека се очекува на 63 години за првпат да заснова работен однос, на возраст која во услови кога би била рехабилитирана и следствено на тоа оспособена за работа и самостоен живот веќе би исполнувала услови за стекнување право на старосна пензија.

Препорака: При работењето и одлучување на органите на државната управа предвидени се начела согласно Законот за општата управна постапка, кои органите се должни да ги почитуваат. При постапувањето мора да се утврди правилно фактичката состојба на работите, а за таа цел мора да се утврдат сите факти што се од важност за донесување на законито и правилно решение. При водењето на постапките и при решавањето во конкретни предмети, органите на државната управа се должни на странките да им овозможат што полесно да ги заштитат и остварат своите права.


[1] http://www.osskopje1.mk/Novosti.aspx?novost=592

[2] http://www.zlostorstvaodomraza.mk/reports/view/377

[3] http://www.zlostorstvaodomraza.mk/reports/view/380

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo