Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 20.02.2017– 05.03.2017 година 08 Март 2017

Двонеделен извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 20.02.2017 – 05.03.2017 година и може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

На самиот почеток на седмицата бројот на бегалци во кампот се намали од 54 на 49, откако семејство од пет члена е пренесено кон грчка страна на свое барање. 

Поради намалениот број на бегалци во кампот, намален е бројот на тоалети за употреба. 

Децата од кампот со придружба на организациите и институциите од кампот, се носат на еднодневни прошетки надвор од кампот, во околината на Гевгелија. 

На 23.02.2017 година, делегација на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) оствари посета во кампот, со цел да се запознае со ситуацијата. 

На жените во кампот им се обезбедуваат редовни гинеколошки прегледи. 

Институционално постапување

Покрај пет членото семејство кое кампот го напушти на почетокот на седмицата, поголем број од останатите семејства изразуваат намера да го напуштат кампот и да бидат пренесени кон Грција. Нивното заминување единствено се пролонгира поради временските услови.

Во текот на овие две седмици има само еден бегалец со потекло од Пакистан кој е затекнат во обид пеш да ја премине границата кај граничниот премин Богородица. Според неговите кажувања ова му е прв обид за преминување на границата. Откако е испрашан и регистриран од страна на полицијата и му е понудена медицинска и хуманитарна помош, тој е веднаш пренесен на грчка страна. Симптоматично е тоа што ова е единствениот ваков случај во изминатиот период. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Во текот на овие две седмици бројот на бегалци варира помеѓу 45 и 55. Точната бројка во кампот останува неутврдена поради нерегистрираните бегалци кои моментално се присутни во кампот и поради честото заминување и пристигнување на бегалци. 

Голем е бројот на бегалци кои се движат околу кампот, со потекло од Алжир, Мароко и Пакистан. Иако повремено прават обиди да влезат во кампот, често пати не им се дозволува, освен во итни случаи кога е потреба медицинска помош. 

Храната која им се дели на бегалците е релативно лоша. Најчесто им се дели конзервирана храна и оскудни оброци. 

Институционално постапување  

Во кампот редовно се одржуваат координативни состаноци на надлежните институции и невладините организации во кампот. Поради големата раздвиженост на нови бегалци кои влегуваат во кампот во ноќните часови, се препорачува зголемена патрола на полицијата. 

Бегалците кои се сместени во кампот се во загрижувачка, депресивна состојба.  

На бегалец кој од надвор дошол во кампот со повреда односно бил каснат од куче, му е овозможен пристап во кампот и обезбедена медицинска помош. 

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци во Прифатните центри е недостапен. 

Нерегуларна миграција 

Во текот на овие две седмици, Министерството за внатрешни работи регистрирало неколку настани поврзани со криумчарење мигранти. 

Првиот настан се случил на 25.02.2017 на автопатот Гевгелија- Скопје, каде што во товарно возило со велешки регистарски ознаки се затекнати 15 бегалци со потекло од Ирак, Сирија и Пакистан, меѓу кои имало и деца. Возилото е запрено во близина на село Удово, поради движење со голема брзина, а при сопирањето возачот се дал во бегство. Со бегалците е остварен разговор од страна на полициски службеници по што е непознато каде се спроведени. 

Министерството за внатрешни работи известува дека е поднесена кривична пријава против лице од Скопје, осомничено за кривично дело „криумчарење мигранти“, кој на 20.02.2017 година бил затекнат како превезува 6 бегалци со потекло од Сирија и Пакистан на релација од Грција до границата со Република Србија. Лицето било затекнато во Струмица, откако предизвикал сообраќајна незгода по што сите патници биле пренесени во медицински центар во Струмица. 

На 03.03.2017 година, при проверка на возило кое се движело по автопатот Гевгелија – Скопје се затекнати 16 бегалци, а возачот е приведен за постоење основи на кривично дело „криумчарење мигранти“, откако претходно за него била распишана потерница. Истиот ден, на регионалниот пат Валандово- Удово при сопрено возило со скопски регистарски таблици, приведени се две лица, возачот и совозачот, поради основи на сомневање за кривичното дело криумчарење мигранти. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo