Corner Извештаи

Месечен извештај - јануари 2017 01 Март 2017

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за јануари 2017 година ги опфаќа темите: Повреда на начелото на јавност и транспарентност во судските постапки; Отежната соработката на СЈО со Основен суд Скопје I – Скопје; Утврдена директна дискриминација врз основа на боја на кожа во ограничување на пристап до услуги во базенот “Бисер” во Аеродром; Говор на омраза во О.У. “Ѓорѓи Сугарев” во Битола; Состојбата со бегалците на граничните премини Гевгелија и Куманово.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк.

ПОВРЕДА НА НАЧЕЛОТО НА ЈАВНОСТ И ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО СУДСКИТЕ ПОСТАПКИ

Во текот на месец јануари, од страна на претставничка на Хелсиншкиот комитет за човекови права беше  утврдена повреда на начелото на јавност во судските постапки.

Имено, спротивно на одредбите од Уставот на Република Македонија (член 102), Законот за кривична постапка (член 353) и Законот за судовите (чл.10),на претставничка на Хелсиншкиот комитет не беше дозволено да присуствува на главна расправа која се одржуваше во Основниот Суд Гостивар. Согласно досега воспоставената практика, Хелсиншкиот комитет преку испраќање на факс, однапред ги известува судовите за присуството на претставник од Комитетот во својство на набљудувач на судските рочишта. Ваквиот начин на известување не е задолжителен со оглед на фактот што судските постапки се јавни и за присуството не е потребно прибавување на никаква согласност или дозвола.

На главната расправа по предметот К.бр.145/14 која се одржа на 26.01.2017 година во канцеларијата на судијката Драгослава Веселинова од Основниот Суд Гостивар, на претставничката на Хелсиншкиот комитет не ѝ беше дозволено да присуствува во својство на набљудувач на расправата, со образложение дека нема приложено потребни документи, иако согласно Законот за кривична постапка не се потребни документи за присуство на јавноста во расправите .

Откако на судијката ѝ беше образложено дека е испратено известување во кое Комитетот го најавува присуството на набљудувачката, како и дека присуствувала на минатото рочиште по предметот кога приложила и лична карта и службена легитимација, судијката Веселинова наведе дека такво известување не може да најде во списите на предметот, како и дека според неа, личната карта и легитимацијата не се соодветен начин на утврдување на идентитетот, бидејќи „легитимацијата содржи само име, презиме и печат од Хелсиншкиот комитет, но тоа не е доволно“. Истакна дека нема да ѝ го дозволи присуството на рочиштето и дека за идното рочиште е потребно да се достави посебно одобрение од Претседателот на Основниот Суд Гостивар. Од страна на претставничката на Хелсиншкиот комитет ѝ беше образложено дека ова постапување е спротивно на Уставот и на законите на Република Македонија и дека нејзиното присуство на записник може да биде констатирано како присуство на јавност, без дополнително легитимирање.

Повторно спротивно на Уставот и законите, судијката ги запраша обвинетиот и неговиот бранител дали се противат на присуството на претставник од Хелсиншкиот комитет на главната расправа, на што истите одговорија дека не се противат. Расправата продолжи со распит на вешто лице. Согласно методологијата за мониторинг на судски постапки, набљудувачката во својот бележник го нотираше текот на расправата. Судијката го прекина распитот на вештото лице, запрашувајќи ја зошто запишува белешки и зошто „доколку е толку заинтересирана за рочиштето не побара записник на крајот на расправата“. Откако од страна на набљудувачката ѝ беше посочено дека неа, бидејќи не е странка во постапката, законски не ѝ следува записник, судијката повторно реши да ја отстрани од канцеларијата, со зборовите „ова воопшто не ми се допаѓа, ова е шпиунска работа, вие гледате како работам и потоа пренесувате“. Истакна дека не може да дозволи претставничката на Хелсиншкиот комитет да присуствува на расправата, бидејќи со тоа ќе стори повреда на службената должност. Повторно ѝ беше посочено дека со ваквото постапување е сторена повреда на начелото на јавност во судската постапка, но и покрај тоа набљудувачката беше остранета од канцеларијата.

Препораки: Хелсиншкиот комитет најстрого го осудува непочитувањето на уставните и законските одредби од страна на судиите и нивниот непрофесионален однос. Потенцираме дека согласно чл.354 и чл.356 од Законот за кривична постапка, јавноста може да биде исклучена од текот на главната расправа само во таксативно наведени случаи и тоа исклучиво со донесување на решение, кое мора да биде образложено и јавно објавено. Укажуваме дека јавноста во судските постапки претставува неопходен услов за транспарентност и отчетност на судството и дека ваквото противзаконско постапување претставува сериозна повреда на Уставот и законите на Р.М. која не смее да биде толерирана. 

ОТЕЖНАТА СОРАБОТКАТА НА СЈО СО ОСНОВНИОТ СУД СКОПЈЕ 1 -СКОПЈЕ

Од Специјалното јавно обвинителство посочуваат дека продолжува отежнатата соработка со Основниот суд Скопје 1 – Скопје. СЈО веќе подолго време укажува дека Судот упорно ја кочи работата на обвинителството уште од неговото формирање во Собранието по Пржинскиот договор. Имено, ова последно известување доаѓа откако обвинтелството до дежурниот судија при Одделението за организиран криминал и корупција доставиле неколку барања за издавање наредби за претрес. Овие барања се однесувале на повеќе предистражни и истражни постапки кои ги води СЈО и во прилог на истите биле доставени докази и разговори од незаконското следење на комуникациите, врз основа на кои обвинителството бара издавање наредби за претрес. По доставувањето на барањата, од причини непознати за СЈО, дежурниот судија бил сменет и барањата биле доделени на други судии на постапување. СЈО информира дека од страна на судот била издадена само една наредба за претрес и тоа на ден 25.01.2016 година, при што од нивна страна извршен е претрес на една локација во Скопје, за потребите на истражната постапка во предметот под работен наслов „Титаник“.

Сите останати барања за издавање наредби за претрес, кои се однесуваат на високи поранешни и сегашни функционери, биле одбиени. СЈО посочува дека судиите за претходна постапка на кои им биле доделени овие предмети, Елена Јосифовиќ и Александра Поп Стефанија, изразиле несогласување за барањата, а кривичните совети во состав од судиите Љубинка Башеска, Горан Бошевски и Владимир Панчевски, од судиите Владимир Панчевски, Ленка Давиткова и Диана Груевска Илиевска и од судиите Ленка Давиткова, Диана Груевска Илиевска и Ивица Стефановски, ги уважиле изразените несогласности на судиите за претходна постапка.

Специјалното јавно обвинителство исто така истакна дека сè уште ги нема добиено записниците и снимките од оддржаните рочишта по повод поднесените обвинителни предлози во случаите за насилството во општина Центар и за уништената документација во Управата за безбедност и контраразузнавање.

Препорака:Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува сериозна загриженост за опструкциите кои се вршат врз работата на Специјалното јавно обвинителство и за континуираното отежнување на работата на овој орган од страна на Основниот суд Скопје 1 - Скопје. Апелираме до Основниот суд Скопје 1 во Скопје да биде отворен за соработка со Специјалното јавно обвинителство, имајќи во предвид дека извршувањето на правдата зависи од заедничката соработка меѓу сите актери во кривичните постапки, а ефикасноста и ефективноста на кривичната постапка во голема мера зависи од начинот на кој се остварува ваквата соработка.

УТВРДЕНА ДИРЕКТНА ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ ОСНОВА НА БОЈА НА КОЖА ВО ОГРАНИЧУВАЊЕТО НА ПРИСТАП ДО УСЛУГИВО БАЗЕНОТ “БИСЕР” ВО АЕРОДРОМ

Комисијата за заштита од дисркиминација на ден 11.11.2016 година донесе Мислење бр. 0802-1744/4, со кое се утврдува директна дискриминација врз основа на боја на кожа. Се работи за случај во кој на семејство од ромска етничка припадност му бил ограничен  пристапот до базенот “Бисер” во општина Аеродром.

Имено на 20.06.2016 година, лицето С.Х. заедно со својата сопруга и нивните две деца имале негативно искуство во обидот за пристап до базенот “Бисер”. Тие не биле пуштени во базенот од страна на персоналот на базенот заради бојата на нивната кожа. На 22.06.2016 година, тој повторно отишол на истиот базен со своето семејство. На неговата сопруга и неговата ќерка им бил дозволен пристап во базенот бидејќи имаат светол тен на кожата, додека С.Х. и неговиот син не биле пуштени во базенот од страна на персоналот. Како причина зошто не им е дозволен пристап, од билетарата на базенот им било кажано дека мораат да имаат пропусници, иако сите останати посетители влегле без пропусница, вклучувајќи ги и сопругата и ќерката на С.Х.

Ваквиот случај е најдобар показател на негативната пракса на континуирано попречување на пристапот на Ромите во базените. Иако во наведеното мислење на Комисијата за заштита на дискриминација се дефинира дека дискриминацијата е врз основа на боја на кожа, многу често на Ромите им се ограничува пристапот до базените и заради нивната етничка припадност. Комисијата за заштита од дискриминација и претходно со свое мислење има констатирано директна дискриминација извршена врз Роми во пристапот до базените[1], што уште повеќе ја нагласува потребата за преземање на активности од страна на државата во насока на подигање на свеста на граѓаните и сузбивање на овој негативен феномен.

По добивање на Мислењето и при советување со Хелсиншкиот Комитет, жртвата како оштетен реши да побара и судска заштита од дискриминација.

Препорака:  Хелсиншкиот комитет го поздравува донесеното Мислење на Комисијата и апелира до нејзините членови во иднина да продолжат во оваа насока, како во рамки на своите надлежности ефикасно би ги заштитиле подеднакво сите граѓани.

ГОВОР НА ОМРАЗА ВО О.У.“ЃОРЃИ СУГАРЕВ” ВО БИТОЛА

Во текот на јануари, Хелсиншкиот комитет регистрираше намален број пријави на говор на омраза на платформата www.govornaomraza.mk. Неизвесноста на политичката сцена и исчекувањето за решавање на политичката криза помина стихијно, во споредба со претходниот изборен период исполнет со говор на омраза. 

Хелсиншкиот комитет го издвојува следниот случај на регистриран говор на омраза во јавниот простор, кој беше позитивно проследен од страна на институциите. 

Случај: Графити со говор на омраза во Основно училиште “Ѓорѓи Сугарев” во Битола

На 21.01.2017 година, група на неформални граѓани- претставници на Ромската заедница во Битола, пријавија до Хелсиншкиот комитет дека во Основното училиште “Ѓорѓи Сугарев” во Битола се забележани графити со говор на омраза, односно нацртани кукасти крстови и испишани навредливи зборови кон ромската заедница, „Смрт за ѓупци“ и „Умрете ѓупци“. Ваквиот напис е особено загрижувачки ако се земе предвид дека најголем број од учениците кои го посетуваат училиштето се Роми.

По искажаната загриженост од бројни засегнати страни и здруженија на граѓани во јавноста и повиците за итно отстранување на графитите, тоа беше сторено во најскор можен рок. Имено, за само неколку дена, училиштето ги отстранило графитите. Хелсиншкиот комитет го поздравува брзото делување, кое во одредена мера ги намалува негативните последици предизвикани од говорот на омраза.

Препорака: Хелсиншкиот комитет апелира да се следи позитивниот пример на брзо отстранување на графити со говор на омраза кои ќе придонесат за намалување на негативните последици, особено кога станува збор за чувствителни средини како што се основни училишта. Обврската за отстранување која припаѓа на државните институции мора да се почитува во секој изолиран случај. 

СОСТОЈБАТА СО БЕГАЛЦИТЕ НА ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ ГЕВГЕЛИЈА И КУМАНОВО

Бројот на бегалци во Прифатно-транзитниот центар во Гевгелија на почетокот на втората седмицата од јануари изнесуваше 92, но во два наврати се намали откако семејства по своја волја беа вратени кон Грција, при што бројот на бегалци кон крајот на месецот се намали на 67. Вкупно 25 бегалци кои престојуваат во кампот подолго од 10 месеци со потекло од Сирија, по своја волја се „депортирани“ назад кон Грција. Според нив, причината за ваквата одлука се лошите услови, чувството на затвореници и немањето слобода, како и безизлезната ситуација во која се наоѓаат подолго време. Центарот во Гевгелија е од затворен тип, а излегување надвор од него е дозволено единствено со претходна најава и придружба од Црвениот крст на Република Македонија. Поради ниските температури, и покрај обидите за затоплување, водоводни цевки во тоалетите беа замрзнати. Хигиената во тоалетите и кампот генерално е на лошо ниво, со повремени подобрувања.

Официјалниот број на бегалци во Прифатно-транзитниот центар Табановце во Куманово е 48, неофицијалната бројка е поголема. Во текот на јануари бројот варираше околу 100, но поради постојана раздвиженост на бегалците тој постојано се менува. По одлуката на Генералниот штаб на Центарот за управување со кризи, во кампот да се примаат бегалците кои пристигнуваат од околните села, бројот на бегалци во кампот секојдневно се зголемува. Бегалците кои се во кампот се со потекло од различни држави: Сирија, Ирак, Палестина, Авганистан, Мароко, Алжир, Пакистан, Иран и Либија. На сите бегалци кои пристигнуваат им се издаваат картички за да може да добиваат храна.

Овој Центар е од отворен тип и бегалците што престојуваат во него можат да излегуваат и да се враќаат назад. Бегалците и мигрантите што транзитираат кон Србија или се наоѓаат во околните села (Лојане и Ваксинце) повремено доаѓаат до Центарот каде добиваат хуманитарна и медицинска помош.  Поради ниските температури кампот се соочува со проблеми со водоводната инсталација поради замрзнати цевки. Хигиената во кампот е влошена, а на бегалците им се издаваат нови, чисти ќебиња.

Препорака: Прифатно-транзитниот центар во Гевгелија да се пренамени во отворен, регистрираните бегалци да можат слободно да излегуваат и да се враќаат. Да се подобрат хигиенските услови и во двата центри.


[1] http://www.kzd.mk/sites/default/files/dokumenti/mislenja/2013/etn_pripadnost/07-778%20snupi%20bazen.pdf

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo