Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 13.02.2017– 19.02.2017 година 22 Февруари 2017

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 13.02.2017 – 19.02.2017 година и може да се преземе на следниов линк. 

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот од 73 на почетокот на седмицата, се намали на 54 до крајот на седмицата, поради заминување на неколку бегалци од кампот. 

Поради намалувањето на бројот на бегалци сместени во кампот, неколку куќарки се празни. 

Нема промени во инфраструктурата на кампот. 

Бегалците на свое барање и со придружба на службени лица од кампот, остваруваат посети во градот, како и редовни медицински прегледи или посети на стоматолог. 

Институционално постапување

Поради безизлезната ситуација во која се наоѓаат бегалците од кампот се почесто изразуваат желба и најавуваат дела сакаат да се вратат во Грција. 

Група од 8 бегалци со потекло од Ирак се пренесени во Прифатниот центар за баратели на азил- Визбегово, додека 8 бегалци со потекло од Сирија кои што имаа поднесено барање за азил, со писмена изјава се откажале од истото. 

Семејството од Палестина (мајка со три малолетни деца и нејзин внук) кое поради лоша здравствена состојба на едно дете беше задржано минатата седмица, по своја волја е пренесено на грчка страна. 

На 15.02.2017 година, петчлено семејство со потекло од Сирија кое престојува во кампот скоро една година, по свое барање е пренесено во Грција. Наредниот ден, бегалец со потекло од Ирак кој престојуваше во кампот подолго време, побара да биде пренесен кон грчка страна. Со тоа, бројот на бегалци во кампот се намали на 54. 

На 16.02.2017 година во кампот е донесено едно лице со потекло од Албанија, кое полицијата го фатила во близина на Дојран. Лицето не поседува документи за лична идентификација, по што е регистриран и дактилоскопиран од страна на полицијата. 

На 17.02.2017 година, двајца мажи на возраст од 25 и 32 години со потекло од Сирија и Пакистан се донесени од страна на полицијата која ги затекнала на железничката станица во Гевгелија, каде што пристигнале со воз од Табановце. И двајцата поседуваат грчки документи за регистрација, а не им бил прв пат да се обидат да преминат преку Р. Македонија. Од страна на Црвен крст им е пружена медицинска и хуманитарна помош, по што веднаш се префрлени кон Грција. Истиот ден во кампот е донесено лице со потекло од Мароко, кој со товарен воз од Грција ја преминал границата. Укажана му е медицинска помош поради повреда на ногата. Лицето не поседува лични документи и според неговите кажувања, тој не се поврзал со криумчари туку сам се обидел да помине. По безбедносните проверки, лицето е пренесено на грчка територија. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови  

Бројот на бегалци во кампот изнесува 49, по реадмисијата на 50 бегалци во Грција во текот на минатата седмица. Од моменталниот број на бегалци во кампот, најголем дел се со потекло од Мароко и Алжир. Меѓу нив, има 3 жени и 13 деца, од кои 7 непридружувани малолетници на возраст од 15 до 17 години на кои по одлука на Министерството за труд и социјална политика им е назначен старател. 

Поради преместувањето на бегалците во Грција, откажани се образовните активности за децата кои се спроведуваа од страна на невладините организации. 

Институционално постапување  

Полицијата ги заостри безбедносните мерки во кампот. Секој од вработените има обврска да се легитимира со лична карта и пропусница за да оствари влез во кампот. Според непознати критериуми, полицијата селективно (не) им дозволува пристап на нови групи бегалци кои пристигнуваат во кампот. Во последните денови е забележано поголемо присуство на бегалци околу кампот, на кои не им се дозволува пристап. Група од 20 бегалци на кои не им е дозволен пристап, запалија оган во близина на кампот, со цел да се згреат. 

На 14.02.2017 година, во кампот пристигнаа 11 бегалци на кои им е дозволен краток престој во кампот за да добијат храна, облека и прва помош. Не им е дозволено да останат подолго од тоа. 

Меѓу бегалците кои во моментот престојуваат во кампот нема баратели на азил. 

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци во Прифатните центри е недостапен. 

Нерегуларна миграција 

Министерството за внатрешни работи во својот билтен регистрирало само еден кривично правен настан поврзан со криумчарење мигранти. Настанот се случил на 12.02.2017 година после полноќ, полициски службеници се обиделе да сопрат возило на автопатот во близина на Демир Капија кон Неготино. Притоа, возачот се исклучил на спореден пат, по што изгубил контрола на возилото и излетал од патот, по што избегал. Во возилото и негова близина, откриени се 11 бегалци, меѓу кои 8 бегалци со потекло од Бангладеш и по еден со потекло од Сирија, Ирак и Пакистан. По извршените проверки е утврдено дека претходниот ден возилото било сопрено при редовна контрола, при што е извршено легитимирање на лицето што го управувало возилото и неговиот сопатник. Полицијата презема мерки за утврдување на сторителите, додека бегалците се спроведени во ПС Неготино за понатамошна постапка. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo