Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 06.02.2017– 12.02.2017 година 15 Февруари 2017

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 06.02.2017 – 12.02.2017 година и може да се преземе на следниов линк. 

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Во текот на оваа седмица бројот на бегалци во кампот изнесува 68. 

Нема значителни промени во инфраструктурата и условите во кампот. 

На бегалците им се обезбедува бербер и посета на стоматолог. 

На крајот на седмицата посета остварија Министерот за надворешни работи на Германија, Себастија Курц, во придружба на Министерот за надворешни работи на РМ, Никола Поповски. Официјалните претставници не го посетија кампот, туку местото Камен 59 на граничната линија со Грција.  

Институционално постапување

Во почетокот на седмицата, едно лице од кампот по своја волја е пренесено кон Грција. 

На 07.02.2017 година, едно лице од Сирија пристигна во кампот со барање да биде пренесено кон Грција. По извршените проверки од страна на полицијата, лицето е пренесено кон Грција. Наредниот ден во кампот се донесени двајца бегалци со потекло од Алжир. Полицијата ги затекнала скриени во товарен воз и лицата не поседувале лични документи. Откако им е обезбедена хуманитарна помош од страна на Црвен Крст, за кратко време се депортирани во Грција. 

Постои најава дека 14 бегалци од кампот кои веќе имаат започнато процедура и се разгледува нивното барање за азил, во текот на наредната седмица ќе бидат пренесени во Прифатниот центар за баратели на азил – Визбегово. По ваквата најава, дел од бегалците го откажаа своето барање за азил, истакнувајќи дека сакаат да бидат вратени во Грција. 

На 12.02.2017 година, полицијата затекнала шестмина бегалци во товар воз од Грција, со различно потекло од Алжир, Либија и Тунис. Тие не поседуваат документи за лична идентификација туку само документи дека се регистрирани во Грција. Откако полицијата оствари разговор со нив, а хуманитарна и медицинска помош им е обезбедена од страна на Црвен крст, тие се пренесени на грчка страна. Во текот на денот од железничката станица во Гевгелија беше донесено едно петчлено семејство со потекло од Сирија, односно мајка со три малолетни деца и внук од нејзина сестра. Поради влошена здравствена состојба на едно од децата, семејството е сместено и задржано во кампот. Истовремено, донесени се уште 8 бегалци, меѓу кои еден со потекло од Пакистан и 7 со потекло од Бангладеш, кои биле фатени од страна на полицијата во текот на ноќта во близина на Кавадарци. Веднаш потоа, донесено е уште едно лице, кое по своите кажувања потекнува од Сирија. По укажувањето на медицинската и хуманитарна помош и извршените проверки од страна на полицијата, сите се префрлени на грчка страна. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Бројот на бегалци во текот на седмицата значително се намали, од 95 на почетокот до 46 до крајот на седмицата.

Во инфраструктурата на кампот нема поголеми промени.  

Институционално постапување  

Во кампот секојдневно пристигнуваат нови бегалци со различно потекло, меѓу другите и од Алжир и Мароко. 

Поголема група бегалци (50) кои престојуваат во кампот од затворањето на границите во март, 2016 година, во текот на ноќта помеѓу 8ми и 9ти февруари, со автобус се пренесени кон Грција откако од страна на припадниците на Министерството за внатрешни работи биле известени дека e постигнат договор за реадмисија со Република Грција. Според наводите, процедурата била започната од август и конечно завршена, по што бегалците кои поседуваат документи за регистрација во Грција ќе бидат вратени назад и ставени на листа за реалокација кон земјите на Европската Унија. 

За пренесувањето, бегалците биле известени во текот на ноќта, околу 11 часот, кога ми било кажано веднаш да ги спакуваат своите работи и дека за кратко време ќе заминат за Грција. Нејасна е причината за спроведувањето на бегалците на полноќ, без притоа да им се даде навремено известување и доволно време за да се спакуваат. Во утринските часови, бегалците пристигнаа на граничниот премин Богородица за кратко време ја преминаа границата, по што се сместени во прифатен камп во Солун. 

Бегалците кои останаа во кампот се вознемирени и во неизвесност за нивната ситуација. Во наредните денови, на неколку бегалци кои пристигнаа во кампот од надвор не им беше дозволен пристап. 

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци сместени во Прифатните центри за баратели на азил и странци е недостапен. 

Нерегуларна миграција 

Во текот на овој период, Министерството за внатрешни работи во своите билтени нема регистрирано ниту еден кривично правен настан поврзан со бегалци или криумчарење. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal_normal_banner-stop-mk Normal_strategy_mk_photo