Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 30.01.2017– 05.02.2017 година 07 Февруари 2017

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 30.01.2017 – 05.01.2017 година и може да се преземе на следниов линк. 

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во текот на седмицата остана непроменет и се задржа на 69 бегалци. 

Нема поголеми промени во инфраструктурата на кампот. 

Бегалците се жалат на секојдневната исхрана во кампот, која е конзервирана храна. Хуманитарната организација Легис се погрижи бегалците добијат топол оброк два пати во седмицата. 

Институционално постапување

Во текот на седмицата во кампот оствари посета Одделението за азил при Министерството за внатрешни работи и изврши разговор со семејствата и поединците кои изразија намера да побараат азил во Република Македонија. 

На 04.02.2017 година во кампот е донесено едно лице со потекло од Иран кој бил фатен како ја преминува границата во близина на граничниот премин кај Дојран. Полицијата оствари разговор со лицето и изврши регистрација, а Црвен Крст му обезбеди хуманитарна и медицинска помош. Според него, тој подолго време престојувал и работел во Грција. Истиот ден е пренесен на грчка страна. 

На 05.02.2017 година, во кампот е донесена група од 5 луѓе со потекло од Авганистан. Според нивните кажувања тие во Македонија се депортирани од кампот во Прешево, Србија од каде што самите, со воз, се упатиле кон Скопје, а потоа и Гевгелија. Откако се регистрирани и профилирани од страна на полицијата, се вратени на грчка страна. 

Децата и родителите од кампот, со придружба на претставници на МТСП или други организации кои работат во кампот, во два наврати се однесени на прошетки надвор од кампот. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Бројот на бегалци во кампот постојано варира од 95 до 105. Меѓу нив има и бегалци кои пристигнале во кампот во скоро време, се задржуваат кратко и потоа го напуштаат. 

Поради ниските температури е оневозможено работењето на машините за перење облека. Заради тоа, на бегалците еднаш неделно им се даваат нови ќебиња. 

Институционално постапување  

Се зголемува бројот на бегалци кои во околните села Лојане и Ваксинце се затекнуваат со сериозни повреди од премрзнатост. Критичните случаи веднаш се пренесуваат во болница во Куманово и го добиваат потребниот третман. 

Одреден број од бегалците во кампот најавуваат дека сакаат да бидат вратени кон Грција. 

При полициска акција во селото Табановце, кај едно лице е затекната поголема количина на разновидна стока која била во сопственост на Црвен крст, а потекнувала од Прифатно- Транзитниот центар Табановце. Против лицето се преземени дејства, а робата е вратена во кампот. 

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци кои се присутни во Прифатните центри е недостапен. 

Нерегуларна миграција 

Во текот на оваа седмица, Министерството за внатрешни работи не регистрирало ниту еден кривично-правен настан поврзан со бегалците или криумчарењето мигранти. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal_normal_banner-stop-mk Normal_strategy_mk_photo