Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 23.01.2017– 29.01.2017 година 01 Февруари 2017

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 23.01.2017 – 29.01.201 година и може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во текот на седмицата се задржа на 69 луѓе. Покрај минималниот број на бегалци пренесени кон Грција, не се забележани значителни промени. 

Хигиената во кампот е на загрозувачко ниво, со исклучок на ретки денови кога се чисти. 

Институционално постапување

Во текот на седмицата беа пренесени вкупно 13 бегалци кон грчката територија, со различно потекло. На 25.01.2017 година, двајца возрасни мажи со потекло од Сирија кои биле затекнати на автобуската станица во Гевгелија, се донесени во кампот. Тие со автобус се вратиле од Табановце до Гевгелија, со намера да се вратат во Грција од каде што ќе бараат семејно обединување со роднини во Германија. Откако им е доделена хуманитарна и медицинска помош и се регистрирани од страна на полицијата, за кратко време се пренесени на грчка страна. Наредниот ден, петмина бегалци со потекло од Мароко се донесени во кампот, меѓу кои една бремена жена во петти месец. Тие се затекнати во товарен воз од Грција и според нив, ова е нивни прв обид да ја преминат границата. По остварени разговори со полицијата тие се префрлени на грчка страна. На 27ми пак, во кампот се донесени шестмина возрасни мажи, сите со потекло од Пакистан. Тие биле фатени од страна на полицијата во близина на грчко-македонската граница во с. Богородица, по пријава на локалното население. Обезбедена им е медицинска и хуманитарна помош од страна на Црвен Крст, а безбедносните служби остварија разговор и проверки, по што се пренесени на грчка страна. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Бројот на бегалци во кампот варира од 95 до 105. Постојано пристигнуваат групи на кои им се дозволува да влезат во кампот и да добиваат храна, но има и групи кои не се задржуваат долго и за кратко го напуштаат кампот. 

Проблемите со водоводот се сè уште присутни поради лоши временски услови. Поради тоа, хигиената во кампот е влошена, а на бегалците им се издаваат нови, чисти ќебиња. 

Институционално постапување  

Голем број од бегалците најавуваат дека за брзо време ќе го напуштат кампот, со цел да се вратат кон Грција. Неколку семејства веќе се обратиле до полицијата со барање да бидат вратени кон Грција. По нивното барање, сè уште не е постапено. 

На 25.01.2017 година, четворица бегалци со потекло од Сирија се затекнати во воз кој доаѓа од Гевгелија. Бегалците се згрижени во кампот и им е овозможен престој, но по само неколку дена тие доброволно заминаа кон Прешево, Србија. 

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци во прифатните центри е недостапен.

Нерегуларна миграција 

Во текот на оваа седмица, Министерството за внатрешни работи не регистрирало ниту еден нов кривично-правен настан поврзан со криумчарење мигранти и бегалците. Министерството известува дека е поднесена кривична пријава против лице со потекло од Грузија поради постоење на сомневање за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“. Имено, лицето на 02.02.2016 година со патничко возило превезувал три лица со потекло од Авганистан, од Гевгелија кон Куманово. Притоа, во близина на Демир Капија лицето не застанало на предупредувањето од полициски службеник за да застане, при што го напуштил возилото, ги оставил бегалците и пеш побегнал од местото на настанот. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo