Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 19.12.2016– 25.12.2016 година 28 Декември 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 19.12.2016 – 25.12.2016 година и може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот изнесува 98, а по заминувањето на едно семејство од кампот се намали на 91.  

Поради лошите временски услови и ниските температури, во тоалетите во кампот се поставени грејни тела за да се избегне замрзнување на водоинсталацијата. Извршено е тампонирање на патот кој од Сува река води кон кампот. 

Од страна на хуманитарната организација Легис на децата им се поделени новогодишни пакетчиња. 

Институционално постапување

Бегалците кои престојуваат во кампот подолго време, се револтирани поради нивниот нерешен статус и условите во кои престојуваат во кампот. Тие усно го изразуваат својот револт и најавуваат протест со глад доколку наскоро не се реши нивниот статус. 

Во текот на седмицата, во неколку наврати во кампот се донесени поединци со различно потекло. На самиот почеток на седмицата, донесено е едно лице со потекло од Пакистан, кој по испрашувањето и регистрирањето од полициските служби е пренесен кон Грција. Во текот на ноќта група од 7 бегалци со различно потекло од Сирија, Ирак, Пакистан и Палестина. Двајца од нив биле во значително лоша здравствена состојба, при што кај едниот е утврдена хипотермија, а кај другиот исчашување на зглоб. Од страна на Црвен Крст им е укажана медицинска и хуманитарна помош по што во текот на ноќта 6 од нив се пренесени кон Грција, а едниот од нив со повреда е задржан уште неколку часа. Наредниот ден се донесени двајца бегалци кои се фатени од страна на полицијата во близина на Богданци, едниот со потекло од Пакистан, а другиот од Еритреја. Откако се регистрирани од страна на полицијата, веднаш се префрлени кон Грција. 

На 22.12.2016 година, во кампот се донесени околу 17 бегалци со потекло од Пакистан. Во текот на попладнето тие се пренесени кон грчка страна.  

Седумчлено семејство со потекло од Ирак кое престојува во кампот околу еден месец, на 25.12.2016 година е пренесено кон Грција, по сопствено барање. Како причина за нивното доброволно заминување ја наведуваат безизлезната ситуација на бегалците во кампот. Жената од семејството која е во деветти месец од бременоста, потпишала изјава дека се откажува од медицинската грижа на Црвен Крст и своеволно го продолжува патувањето. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во текот на седмицата е значително намален, поради повторното активирање на криумчарските групи во околината на Куманово. Во последните денови, бројот на бегалци изнесува 68, од кои 48 се официјално регистрирани, а останатите 28 не се. 

Бегалците се жалат дека во пресрет на ниските температури, не им се доделуваат доволно ќебиња или ќебињата што ги добиваат се стари и употребувани.  

Институционално постапување  

Во текот на седмицата, едно семејство и еден бегалец со потекло од Алжир кој претрпи напад од електрична енергија качувајќи сè на воз, го напуштија кампот. Се претпоставува дека се упатиле кон Србија, со помош на криумчарски групи. 

Министерството за внатрешни работи предупредува на повторно активирање на криумчарските групи кои делуваат во околината на Табановце и притоа, активно ги следи и истражува. 

Од страна на надлежните институции е донесена одлука дека во идниот период во кампот задолжително ќе се примаат сите бегалци од ранлива категорија односно малолетни деца, бремени жени или други лица во ранлива состојба. 

Во текот на 23.12.2016 година, во кампот пристигна бегалец со потекло од Иран кој бил „депортиран“ од Србија кон Македонија. Бидејќи бил регистриран во Србија, според неговите кажувања српските полициски служби му ги уништиле документите. Во кампот му е дозволено да земе храна, по што му е кажано да го напушти.  

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци кои се сместени во Прифатните центри е недостапен. 

Нерегуларна миграција 

Во текот на оваа седмица од страна на Министерството за внатрешни работи се регистрирани два кривично-правни настани поврзани со криумчарење мигранти. Едниот од нив се однесува на 20 бегалци со потекло од Авганистан кои на 10.04.2016 година биле затекнати во возило на патниот правец Кавадарци- Мушов Гроб, за што се поднесени кривични пријави против пет македонски државјани за кривично дело „криумчарење на мигранти“. 

Во вториот настан, на 22.12.2016 година, 10 бегалци со потекло од Авганистан се затекнати во шума во близина на село Дражево, во придружба на македонски државјанин. Лицето е лишено од слобода, а бегалците се спроведени во полициската станица во Струмица за расчистување на случајот, по што ќе бидат сместени во Прифатен центар за странци. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo