Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 12.12.2016– 18.12.2016 година 21 Декември 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 12.12.2016 – 18.12.2016 година и може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот на почетокот на седмицата изнесуваше 99, а до крајот се намали за само 1 бегалец. 

Нема значителни промени во инфраструктурата на кампот. 

На бегалците кои имаат потреба им се овозможува да остварат прошетка во градот, со придружба на Црвен Крст. 

Институционално постапување

На 14.12.2016 година во кампот се донесени 26 бегалци, меѓу кои најголем дел со потекло од Пакистан. Откако им е обезбедена хуманитарна помош од страна на Црвен Крст и извршена проверка од безбедносните служби, сите се пренесени кон грчка страна. Наредниот ден, донесени се петмина бегалци, од кои двајца со потекло од Пакистан и тројца со потекло од Ирак. По укажувањето на хуманитарна помош и испрашувањето од страна на безбедносните служби, сите се пренесени кон Грција. 

На 16.12.2016 година, бегалците одбија да примат вечера во знак на протест за тоа што сè уште не е решена нивната ситуација. 

На 17.12.2016 година, во кампот се повторно донесени 7 бегалци со потекло од Сирија, кои се регистрирани и им е извршено дактилоскопирање. Откако се испрашани од безбедносните служби, за кратко време се пренесени на грчка страна.

Бегалец кој во кампот престојува подолго време, во текот на денот (16.12.2016) е префрлен во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово, во придружба на претставници на Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, од каде што ќе ја започне постапката за азил.  

На 18.16.2016 година, во кампот се донесени четворица бегалци потекло од Пакистан. Еден од нив е фатен на железничката станица во Гевгелија, во патнички воз кој пристигнал од Скопје, откако претходно бил вратен од Република Србија. Останатите тројца се фатени од страна на полицијата во обид да ја преминат грчко-македонската граница. Од страна на Црвен Крст им е обезбедена медицинска и хуманитарна помош, по што сите се пренесени на грчка територија. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови

Официјалната бројка на бегалци во кампот е непозната, додека неофицијално бројот на бегалци изнесува околу 100. На бегалците кои престојуваат во околината на кампот, не секогаш им се дозволува да влезат во кампот за да добијат храна. 

При крајот на седмицата, во кампот оствари посета делегација од Јапонија која на децата им подари оригами и школски прибор. 

Институционално постапување  

Регистриран се два успешни случаи на семејно обединување. Семејство со потекло од Сирија, односно мајка која со своите три деца престојува во кампот ќе бидат соединети со таткото кој престојува во Германија. Истовремено, жена со потекло од Сирија ја заврши својата постапка за семејно обединување со нејзината сестра, која исто така се наоѓа во Германија. Во текот на седмицата, во придружба на Црвен Крст, жената е пренесена до Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, од каде што заминува за Германија. 

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци сместени во Прифатните центри во Република Македонија за странци и баратели на азил е недостапен. 

Нерегуларна миграција 

Во текот на оваа седмица, Министерството за внатрешни работи регистрирало само еден кривично-правен настан поврзан со бегалците. Имено, на 15.12.2016 година, полициски службеници регистрирале две возила кај Демир Капија на кои што им дале знак да застанат. Едното од нив не застанало, додека другото возило застанало кај клучката „Неготино“, а возачот се дал во бегство. Во возилото се пронајдени 11 бегалци со потекло од Сирија и Пакистан. Како што известува МВР, дел од лицата се вратени кон Грција, а дел се сместени во државата заради разјаснување на случајот. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo