Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 28.11.2016– 11.12.2016 година 15 Декември 2016

Двонеделен извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 28.11.2016 – 11.12.2016 година и може да се преземе на следниов  линк. 

Гевгелија

Просторни услови и капацитети 

Бројот на бегалци во кампот изнесува 99 во текот на двете седмици, но забележано е поголемо раздвижување на групи кои се затекнати надвор од кампот, а потоа депортирани кон Грција.

Институционално постапување

Присуството на припадници на странски полициски служби се уште се забележува во кампот и во околината на Гевгелија. Присутни се полициски службеници на Србија, Хрватска, Австрија, Чешка и Словачка.

Седумчлено семејство со потекло од Сирија, кое имаше поднесено барање на азил и на 04.11.2016 година беше пренесено од кампот во Гевгелија во Прифатниот центар за баратели на азил[1] во Визбегово, се врати во кампот на 10.12.2016 година. Поради лошите услови во Центарот во Визбегово тие се одлучиле да го напуштат, со намера да се вратат кон Република Грција. Според нив, тие се последното семејство кое останало во Прифатниот центар од групата баратели на азил кои беа сместени во Центарот во Визбегово. Во текот на ноќта, семејството е пренесено кон Грција.

Во текот на овие две седмици, вкупно 35 бегалци се затекнати по илегални патишта низ државата и пренесени кон грчка територија. Меѓу нив има групи со различно потекло односно од Сирија, Авганистан, Пакистан, Ирак и Алжир. Карактеристично меѓу групите е тоа што една група од 7 члена со потекло од Сирија, се фатени од страна на полицијата на косовската граница, што е прв случај. Речиси сите од бегалците кои се фатени, веќе во неколку наврати се обидуваат да транзитираат и се вратени од Србија по неколку пати (некои и по три пати), кон Македонија и потоа кон Грција. Меѓу групите, затекнато е и малолетно лице (16 години) на кое откако му е назначено старател, најавено е дека ќе биде преместено во Безбедната куќа во Скопје, додека трае постапката за спојувањето со неговата фамилија во Атина, Грција. Малолетникот, заедно со уште едно лице, бил затекнат како дел од група која патувала со такси, по што била фатена од полицијата. Непознато е што се случило со остатокот од групата.

Претставници на Секторот за азил при МВР остварија посета во кампот со цел да разговараат со шестчлено семејство со потекло од Ирак кои изразија намера да поднесат барање за азил. По остварениот разговор, семејството се откажа од намерата.

Куманово

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот е околу 100, од кои околу 60 се официјално регистрирани, а остатокот се нерегистрирани. Во околината на кампот престојуваат дваесетина бегалци на кои им се обезбедува храна од кампот и повремено се пуштаат внатре за да се затоплат. Меѓу нив има голем број малолетни деца.

На 29.11.2016 година, во кампот остварија посета претставници на Народниот Правобранител, како и француска делегација, која се запозна со секој аспект од работата на кампот.

Кампот е отворен, па сите бегалци имаат можност да излезат во било кое време. Во текот на овие две седмици е организирана прошетка на децата од кампот во Скопје.

Во употреба се пуштени машини за перење и сушење алишта. Топла вода има редовно во тоалетите.

Институционално постапување

Две семејства кои престојуваат во кампот, од кои една самохрана мајка со две деца од Палестина и друго четиричлено семејство со потекло од Ирак, изразија намера да побараат азил. По тој повод во кампот остварија посета претставници на Секторот за азил при МВР, кои што извршија разговор со бегалците, во присуство на полициски службеници. По остварениот разговор, семејствата се откажале од барањето за азил.

Хелсиншкиот комитет забележува два случаи (еден во Гевгелија и еден во Табановце), во кои по остварувањето на разговор со претставници на Секторот за азил, бегалците се откажуваат од својата намера да побараат азил. Сметаме дека ваквите случаи се индикативни односно дека се воспоставува пракса на одвраќање на бегалците да побараат азил во Република Македонија од страна на државни службеници. Предупредуваме дека ваквата пракса не смее да продолжи бидејќи истата може да се смета дека го загрозува правото на барање азил на бегалците кои се затекнати на територијата на државата.

Во текот на седмицата, семејство од Авганистан пристигна во кампот, при што му беше овозможен привремен пристап односно им беше дозволено да се затоплат и да земат храна, по што беа принудени да го напуштат кампот. Во друг случај, жена која пристигна во кампот со четири деца, по инсистирање на Црвен Крст беше привремено згрижена во кампот.

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија

Бројот на бегалци кои се сместени во Прифатните центри е недостапен.

Нерегуларна миграција

Во текот на овие две седмици, Министерството за внатрешни работи не регистрирало ниту еден кривично-правен настан во своите билтени, поврзан со бегалците или криумчарењето мигранти.


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“


[1] http://mhc.org.mk/reports/485#.WFKOsuYrLIU

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal_normal_banner-stop-mk Normal_strategy_mk_photo