Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 21.11.2016– 27.11.2016 година 30 Ноември 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 21.11.2016 – 27.11.2016 година и може да се преземе на следниов  линк. 

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот во текот на целата седмица остана ист и изнесува 98. 

Поради протест на хигиеничарите заради неисплатени плати и неизвршување на обврските, хигиената во кампот е значително загрозена. 

На 22.11.2016 година, во кампот остварија посета словенечкиот амбасадор во Република Македонија, Милан Јазбец, заедно со заменик министерот за внатрешни работи, Оливер Андонов. Во текот на седмицата, посета исто така оствари делегација од француска амбасада. 

Децата кои се сместени во кампот остваруваат редовни прошетки со придружба. Возрасните се упатуваат на прошетка по нивно барање и потреба, придружувани од претставници на Црвен Крст. 

Институционално постапување

На 21.11.2016 година, во кампот се донесени тројца бегалци со потекло од Иран кои биле затекнати во близина на железничката станица. Откако им е укажана медицинска и хуманитарна помош од страна на Црвен Крст, тие се пренесени на грчка страна, без посебни задржувања од страна на полицијата. 

Во текот на ноќта меѓу 22 и 23.11.2016 година, во кампот се донесени две групи бегалци. Едната група ја сочинувале 12, а другата група 14 бегалци со потекло од Сирија, Ирак, Алжир и Мароко. Тие се фатени во близина на железничката станица, а откако им е укажана медицинска и хуманитарна помош се пренесени на грчка страна уште во текот на ноќта. На 23.11.2016, во кампот пристигна еден бегалец со потекло од Тунис, кој по своја волја се вратил од Скопје, со намера да се врати кон Грција.

На 24.11.2016 година, во кампот е донесен еден бегалец со потекло од Пакистан кој бил фатен од страна на полицијата на железничката станица во Гевгелија, откако од Табановце пристигнал со воз. Според него, со група од 14 бегалци биле фатени во Србија и вратени на македонска територија. Подоцна во денот, донесени се уште двајца бегалци со потекло од Тунис и Алжир, кои успеале пеш од Грција да стигнат до Скопје, а потоа намерно се предале на полицијата, за да бидат вратени кон Грција. Откако безбедносните служби оствариле разговор со нив, сите тројца бегалци се пренесени на грчка страна. 

На 26.11.2016 година, во кампот е донесена група од 8 бегалци со потекло од Алжир, кои наводно се затекнати во близина на Куманово, откако 5 дена спиеле во воз, без храна. Откако се спроведени разговори со безбедносните структури, тие се пренесени на грчка страна. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови

Неофицијалниот број на бегалци во кампот изнесува околу 100-110 бегалци, меѓу кои поголем дел се нерегистрирани. Поголемиот број на бегалци кои престојуваат во околните места, спијат во џамии или напуштени куќи, се во лоша состојба односно личната хигиена и здравје им се влошени, а во кампот доаѓаат исклучиво да се затоплат и да добијат храна. Пристап во кампот не им е секогаш дозволен.

На 23.11.2016 година, во кампот оствари посета делегација од Брисел. Делегацијата ги посети и бегалците кои престојуваат во близина на кампот, но и во околните села. 

Инфраструктурата на кампот е унапредена. Делот од кујната кој беше на отворено, сега е затворен и затоплен и бегалците може да го користат. 

Институционално постапување  

На 23.11.2016 година, во кампот пристигна поголема група бегалци во лоша здравствена состојба, со рани по телото и нозете. Веднаш штом се упатиле во кујната за да побараат храна, полицијата ги избркала сите надвор од кампот. 

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија

Бројот на бегалци во Прифатните центри е недостапен. 

Нерегуларна миграција 

Во текот на оваа седмица, Министерството за внатрешни работи во своите билтени не регистрирало ниту еден кривично правен настан поврзан со бегалците или криумчарењето мигранти. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo