Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 31.10.2016– 06.11.2016 година 08 Ноември 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 31.10.2016 – 06.11.2016 година и може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во почетокот на седмица изнесуваше 125, кој до крајот на неделата се намали на 104 поради заминување на една група бегалци од кампот. 

Хигиената во одредени делови од кампот е влошена.

Во кампот се донесени два нови контејнери кои ќе се користат за медицинските екипи односно амбуланти. 

Кон крајот на седмицата во кампот оствари посета претставник на Германскиот Бундестаг.  

Институционално постапување

На 31.10.2016 година, во кампот се донесени тројца бегалци со потекло од Пакистан, со кои е остварен разговор од страна на безбедносните служби, по што бегалците се депортирани на грчка страна. Наредниот ден, утрото се донесени татко со две деца со потекло од Ирак кои биле фатени од страна на полицијата во близина на Гевгелија. Подоцна во денот, уште тројца бегалци со потекло од Пакистан се пресретнати во близина на железничката станица. Откако им е укажана хуманитарна помош, сите шестмина се пренесени на грчка страна. 

Бегалката со потекло од Сирија, која успешно ја заврши постапката за семејно обединување е пренесена до Аеродромот Александар Велики, од каде што поаѓа за Германија за обединување со својот сопруг.

На 04.11.2016 година, 21 бегалци со потекло од Сирија, Ирак и Авганистан кои имаат поднесено барање за азил, се пренесени во Прифатен центар за баратели на азил- Визбегово. 

На 06.11.2016 година, четворица бегалци со потекло од Алжир се фатено под вагоните на товарен воз од Грција кој пристигнал на железничката станица Гевгелија. По извршена безбедносна проверка, тие се вратени на грчка територија. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Официјалниот број на бегалци во кампот според Министерството за труд и социјална политика изнесува 61, но според Центарот за управување за кризи, изнесува 73. Меѓутоа, неофицијалната бројка на бегалци кои престојуваат во кампот изнесува околу 105. Дополнително, помали групи на бегалци доаѓаат повремено во кампот, со цел да добијат храна. 

На 03.11.2016 во кампот остварија посета делегации од Косово и Албанија. 

Објектот опремен со машини за перење и сушење алишта е подготвен единствено преостанува да се пушти во употреба. 

Институционално постапување  

Во кампот се забележува поголемо раздвижување на бегалци кои од надвор доаѓаат во кампот со цел да добијат храна и облека. Забележани се неколку такви групи со потекло од различни држави, Пакистан, Тунис, Алжир и други. 

На 05.11.2016 година, група од 12 луѓе со потекло од Авганистан (меѓу кои 4 деца) се обиде да влезе во кампот, но беше спречена од страна на полицијата. Од страна на Црвен Крст им е обезбедена облека и храна, по што мораа да го напуштат кампот. 

Во кампот се јавуваат изолирани расправии помеѓу новодојдени групи бегалци кои консумираат алкохол и бегалците кои подолго престојуваат во кампот. Расправиите се брзо решени од страна на присутните на терен. 

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци сместени во Прифатните центри во Република Македонија е недостапен. 

Нерегуларна миграција 

Во текот на овој период, Министерството за внатрешни работи не регистрирало ниту еден инцидент поврзан со бегалците или криумчарење мигранти. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo