Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 10.10.2016– 16.10.2016 година 19 Октомври 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 10.10.2016 – 16.10.2016 година и може да се преземе на следниов линк.  

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот се движи од 122 до 128 во текот на оваа седмица. 

Генерално, условите во кампот се непроменети, со исклучок на преместувањето на неколку семејства во други контејнери (куќарки). 

По извршено чистење од страна на ЈП Комуналец, во кампот е забележано подобрување на хигиената. 

Поради опаѓањето на температурите во кампот се донесени грејни тела. 

Во текот на седмицата во кампот оствари посета Министерот за одбрана на Република Чешка, Мартин Стропницки, придружуван од Министерот за одбрана на РМ, Зоран Јолевски. 

Институционално постапување

На 14.10.2016 година, во кампот се донесени шест бегалци, меѓу кои еден маж со потекло од Ирак и петмина Сиријци, од кои 3 се малолетни лица. Тие се фатени на патничкиот воз Гевгелија- Скопје. Сите од нив поседуваа исправни патни документи, кои им беа проверени од страна на полициски службеници. За прв пат, полициските службеници извршија дактилоскопирање и регистрирање на бегалците во нова база на податоци. Откако им е укажана хуманитарна помош од страна на Црвен Крст, бегалците се пренесени кон грчка територија. Истиот ден, во кампот се донесени двајца бегалци со потекло од Пакистан, кои со автобус од Куманово пристигнале до полициската станица во Гевгелија. И ним им е извршена регистрација, по што се пренесени на грчката страна. 

На 15.10.2016 година, во кампот се донесени тројца бегалци, од кои двајца со потекло од Авганистан и еден од Пакистан. Истиот ден, откако им е укажана хуманитарна помош, се пренесени на грчка територија. 

На состанок на надлежните институции и организации во кампот е донесена одлука дека на барателите на азил кои престојуваат во кампот, ќе им биде дозволен излез од кампот до Гевгелија, еднаш на три дена. Црвен Крст ќе асистира во превозот, но и во целосно придружување на бегалци од кампот кои не се баратели на азил, а имаат потреба да одат до градот.

Хелсиншкиот комитет ја поздравува ваквата одлука, која претставува прв обид досега да им се овозможи излез на бегалците од кампот.  

Во моментот, вкупно 23 бегалци се баратели на азил. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Бројот на бегалци во кампот од почетокот на седмицата кога беше 61, до крајот на седмицата се искачи на 114, со тоа што пристигнатите групи на бегалци со различно потекло се задржаа во кампот неколку дена. 

По иницијатива на УНХЦР, во кампот е одржан состанок меѓу сите организации кои се присутни на терен, претставници на институциите и бегалците, на кој е дискутирано за проблемите и потребите на бегалците. 

Хелсиншкиот комитет го поздравува одржувањето на состанокот, кој е од исклучителна важност за состојбата на бегалците во кампот. 

Бегалците, незадоволни од квалитетот на храната која им се дели, изразуваат желба да им се носат намирници за самите да си ја подготвуваат храната. Исто така, побараа да им се донесат машини за перење алишта. 

И покрај падот на температурите и лошите временски услови, на бегалците не им е поделена зимска/топла облека. 

Неколку дена има недостаток на топла вода, а бојлерите сè уште не се поправени. 

Институционално постапување  

На 12.10.2016 година, во кампот се донесени 7 бегалци со потекло од Сирија и Ирак. Тие доброволно се вратиле од Србија, со објаснување дека не можеле да ги издржат лошите услови и ниските температури. Од страна на полицијата му е дозволено да добијат хуманитарна помош од Црвен Крст (облека и храна) по што мора да го напуштат кампот. 

На 13.10.2016 година, во кампот се донесени две групи бегалци. Првата група е со потекло од Ирак, а се состои од две жени, еден маж и 6 деца. Тие во кампот стигнале од Грција. Втората група пристигна од српска страна откако биле пренесени од српската полиција. Во групата има 7 бегалци со потекло од Судан и Пакистан. 

Наредниот ден, во кампот се донесени 13 нови бегалци, 10 со потекло од Сирија и тројца со потекло од Авганистан. Тие се пристигнати во кампот од српската страна. 

Сите овие групи се задржани во кампот и им е овозможен престој се додека не се донесе одлука како ќе се постапува понатаму со нив. 

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци во прифатните центри е недостапен. 

Нерегуларна миграција 

Во дневните билтени на Министерството за внатрешни работи за оваа седмица се регистрирани два настани поврзани бегалците и криумчарењето мигранти. Имено, на 12.10.2016 година, во координирана акција на полициските служби, во близина на село Лојане, општина Липково се откриени и фатени 53 бегалци со потекло од Авганистан и Пакистан. Наредниот ден, на патот кон Свети Николе, село Петршино, при проверка на две возила, полициските службеници затекнале 5 бегалци со потекло од Пакистан. Возачите на автомобилите се во бегство, а бегалците спроведени во полициската станица во Пробиштип, за понатамошна постапка. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo