Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 08.08.2016– 14.08.2016 година 15 Август 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 08.08.2016 – 14.08.2016 година и може да се преземе на следниов линк.  

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот се движи од 128 до 131, со тоа што секојдневно пристигнуваат нови бегалци во кампот и се депортираат кон грчка територија. 

Седумчлено семејство од Сирија е преместено во контејнер во надворешниот дел од кампот како баратели на азил, заедно со семејството од Авганистан.

Институционално постапување

Во текот на оваа седмица, вкупно 97 бегалци се затекнати по илегални патишта низ државата, донесени во кампот и пренесени на грчката територија. На почеток на седмицата, 35 бегалци со потекло од Пакистан и Авганистан се донесени во кампот. Откако им е пружена медицинска и хуманитарна помош, најголем дел од нив се пренесени на грчка територија, освен една жена и нејзиниот син, кои поради повреда на ногата на мајката се пренесени подоцна. 

На 11.08.2016 на железничката станица во Гевгелија, во товарен воз од Грција се затекнати 14 бегалци со потекло од Алжир и Мароко. Во текот на денот, прво се донесени двајца бегалци од Алжир, а подоцна уште 13 бегалци со потекло од Авганистан и Мароко. Еден дел од нив се затекнати во товарен воз, додека останатите се пронајдени во автомобили при криумчарење. Наредниот ден, донесени се 18 бегалци од кои едно лице со потекло од Иран, а останатите со потекло од Авганистан. Меѓу нив, маж и жена се пренесени во Скопје, како сведоци за криумчарење, додека нивното бебе е задржано во кампот, па откако му е назначен старател е пренесено во Скопје. 

Едно семејство кое 5 месеци престојува во кампот, доброволно е пренесено на грчка територија.

На 13.08.2016, полицијата затекнала 8 бегалци од Авганистан во близина на Стар Дојран, меѓу кои и една бремена жена која се породила на пат кон болницата. Жената и бебето се сместени во болницата во Гевгелија и се во добра здравствена состојба.  

Семејството од Авганистан кое има поднесено барање за азил, доби одлука дека барањето им е одбиено. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Официјалниот број на бегалци во кампот изнесува 81, од кои 74 со потекло од Сирија и 7 од Ирак. Неофицијално, бројот на бегалци во кампот е поголем, но тие не се регистрирани. 

Кампот постојано се надоградува, односно моментално се работи на изградба на игралиште и поставување на канализација. 

Институционално постапување  

На 08.08.2016 година, 15 бегалци од Авганистан и еден од Сирија се фатени од страна на полицијата во близина на граничниот премин. Поради лошите хигиенски услови во кои престојувале подолго време, тие се веднаш однесени во болница во Куманово, со полесни повреди и појава на кожни болести. 

Две семејства од кампот, кои пред два дена го напуштиле кампот со цел да заминат за Србија, биле фатени од страна на српската полиција и се вратија во кампот. 

Во текот на седмицата во неколку наврати во кампот пристигнаа бегалци на кои не им беше дозволен пристап, ниту до хуманитарна или медицинска помош.  

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци во прифатните центри е непознат. 

Нерегуларна миграција 

Во текот на седмицата, Министерството за внатрешни работи регистрирало 5 кривично правни настани поврзани со криумчарење мигранти. Во првиот случај, во близина на село Прдејци, ан автопатот е фатен еден криумчар кој превезувал 11 бегалци со потекло од Авганистан. На 12.08.2016 година, во близина на тунелите кај Демир Капија е пронајдено возило со 10 бегалци, меѓу кои и 8 месечно бебе, кои се пренесени во ПТЦ Гевгелија. 

На 12.08.2016 година, двајца бегалци од кампот се упатиле на бербер во Куманово, при што биле пресретнати од разбојничка група и нападнати со нож. Едниот од нив се здобил со рана од нож на раката. Кога бегалците го пријавиле настанот, полицијата и медицинската екипа брзо интервенирале. 

На 13.08.2016, во близина на село Дамјан е пронајдено напуштено возило чиј возач не е пронајден. Непосредно потоа, 39 бегалци со потекло од Сирија се пронајдени во атарот на с. Дамјан. Полицијата трага по сторителот. Истиот ден, во близина на село Богданци се пронајдени 8 бегалци со потекло од Авганистан, меѓу кои една бремена жена која итно е пренесена во болница. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo