Corner Извештаи

Месечен извештај - мај 2016 12 Јули 2016

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за мај 2016 година ги опфаќа темите: Претседателот Иванов ги повлече аболициите; Протест на осудените лица што издржувааат казна затвор; КЗД утврди дискриминација врз слепите лица од страна на банките во РМ; Уставниот суд не носи одлука за дискриминацијата врз жените во Законот за работни односи; Народниот правобранител утврди дискриминација врз мажите од страна на јавните и приватните здравствени установи; Престанок на право на социјална помош.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ ГИ ПОВЛЕЧЕ АБОЛИЦИИТЕ

На 27.05.2016 Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов донесе одлука за поништување на помилувањата за 22 лица, како што наведе, сите политички експонирани лица. Претседателот Иванов посочи дека сите други лица кои беа помилувани на 12 април, согласно законските измени, имаат можност  да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување. Тој истакна дека ваквата одлука ја носи со цел веќе никој да има сомнеж дека ниту еден политичар не е над законот. Ниту пак е недопирлив. Според зборовите на Претседатлот секој ќе одговара за своите постапки

На 12 април, Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов објави колективното помилување на 56 осомничени сторители на кривични дела, за кои се поднесени кривични пријави и поведени кривични постапки. За одлуката што ја донесе на 12 април за помилување – ослободување од гонење без спроведување постапка, за поголем број лица, согласно Уставот и Законот за помилување, рече дека како тогаш, така и сега смета оти ја донел исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија. Претседателот Иванов изјави дека одлуката од 12 април била разбрана како одлука за селективна правда и за заштита на политичарите, за што немал намера. Потенцира дека искрено верувал и сѐ уште верува оти одлуката за помилување била најдобрата можност за излез од политичката криза. 

Откако се најде под огромен притисок на домашната и меѓународна јавност Претседателот Иванов на 06 јуни одлучи целосно да ја повлече одлуката за за помилување – ослободување од гонење без спроведување постапка што ја донесе на 12 април. 

Препорака: Комитетот ја поздравува оваа одлука на Претседателот Иванов и препорачува во иднина да се воздржи од преземање дејствија и носење одлуки кои ја загрозуваат правната сигурност и владеењето на правото во Република Македонија и претставуваат чин на рушење на правната држава и повреда на меѓународните обврски за заштита на човековите права ратификувани од Република Македонија. 

ПРОТЕСТ НА ОСУДЕНИТЕ ЛИЦА ШТО ИЗДРЖУВААТ ЗАТВОРСКА КАЗНА

Во врска протестот на осудените лица, би сакале да ве информираме за тековните состојби во македонските казнено-поправни установи и условите за живот во нив. Со состојба од 12 април 2016 година, вкупниот број на лица што се наоѓаат во некоја од тринаесетте затворени установи е 3.446. Од нив, 3.159 се осудени лица што издржуваат затворска казна, а 287 притворени лица. Вкупниот капацитет за осудени лица е 2.026, што значи дека постои пренатрупаност од 156%, односно во просек 156 лица престојуваат во просторни услови за 100 лица. Најалармантна е состојбата во Затворот Струмица каде има капацитет за 62 лица, а престојуваат 150 лица, односно пренатрупаноста изнесува 242%. Пренатрупаност од 200% има во Затворот Тетово, а над 170% има во КПД Идризово и затворите во Штип и Гевгелија. 

Според Управата за извршување на санкциите бројот на осудени лица што издржуваат затворска казна од 2010 до 2016 година се зголемил за 46%. 

Затворите се со суб-стандардни услови за живот. Пренатрупаноста ја загрозува приватноста, го нарушува достоинството на луѓето и резултира со нечовечки и нехумани услови за живот. Механизмите за надзор се нефункционални. Третманот кој лицата го добиваат често е нечовечки што е во спротивност со принципот на апсолутна забрана за тортура. Проектот за Реконструкцијата на пенитенцијарите и воспитните установи требаше да започне во 2011, но до денес освен новоизградениот Затвор Куманово кој не е изграден според стандардите за институција од ваков тип,  не е завршена планираната реконструкцијата на ниту еден друг затвор или воспитен дом. Куќниот ред во затворите се применува премалку или воопшто не се применува. Oсудените лица што се обраќаат до Хелсиншкиот комитет најчесто се жалат на несоодветната здравствена заштита, пренатрупаноста, неефикасноста на правната помош, неспроведување на програмите за ресоцијализација, непостоењето на образовни програми, нехигиената, немањето активности, неможноста да се помине подолго од 1 час на отворено, ограничена кореспонденција итн.  

Според Комитетот за превенција од тортура, во некои од затворските соби има наезда од бубачки и разни инсекти, а душеците за спиење се стари и оштетени. Ова меѓународно тело укажува на присуство на голем степен на корупција меѓу затворските служби и затворениците. Комитетот наведува дека во затворот изгледа дека може да се купи сè, од мобилни телефони, дрога, условен отпуст и подобро сместување во затворот. Според Комитетот, опстојува насилството од страна на затворските служби, во форма на шамари, удари, клоци и удари со палка по телото. Насилство се употребува како казна за поседување недозволени предмети, како средство за дисциплина или разрешување на насилство меѓу затворениците. Забележано е и расистичко однесување кон затворениците од Ромска етничка припадност.

Системот на поплаки од осудените лица до директорите на затворите, Управата за извршување на санкциите и судовите е целосно нефункционален. Државната комисија за вршење надзор во казнено-поправните и воспитно-поправните установи предвидена со Законот за извршување на санкциите  е формирана само на хартија  и не функционира. Надзорот од страна на судиите за извршување на санкции е исто така непостоечки. Освен Народниот правобранител, чии укажувања се незадолжителни, не постојат механизми за независна контрола ниту на затворите, ниту на Управата за извршување на санкциите. Управата континуирано ги одбива невладините организации и медиумите да ги посетуваат затворите и да разговараат со осудените лица. 

Препорака: Хелсиншкиот комитет го поддржува протестот на осудените лица и апелира активностите предвидени во Проектот за реконструкција на пенитенцијарите установи да се забрзаат. Административниот и судскиот надзор мора да биде зајакнат. Невладините организации и медиумите мора да бидат во можност слободно да ги посетуваат затворите и да известуваат за условите за живот во нив. 

КЗД УТВРДИ ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ СЛЕПИТЕ ЛИЦА ОД СТРАНА НА БАНКИТЕ ВО РМ

Хелсиншкиот комитет, заедно со членките на Мрежата  за заштита  од дискриминација, Националниот  сојуз на слепите на Република Македонија  и Националниот  сојуз на цивилни инвалиди  од војната  на Македонија, ја поздравуваат позитивната одлука на Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) со која се утврдува директна и продолжена дискриминација врз основа на телесна попреченост врз слепите лица од страна на банките во Република Македонија. 

Претставката беше  поднесена  на 24.10.2013 година против сите банки во Република Македонија со цел утврдување  на дискриминација која се врши врз оваа група луѓе. Нееднаквиот третман се однесува на користењето на банкарски услуги и производи за кои е неопходен потпис на корисникот при што банките не го признаваат потписот од слепите лица, не дозволуваат користење на факсимил и ги принудуваат да ополномоштат трето лице кое би потпишувало во нивно име и за нивна сметка. Слепите лица се соочуваат со проблеми и при користењето на електронско банкарство поради внатрешните прописи на банките (употреба на токени, кодови и слични сигурносни  алатки кои слепите лица не се во состојба да ги користат).  Дополнително, банките не обезбедуваат употреба на асистивна технологија, како што е на пример говорниот банкомат, браевиот печатач, софтверските решенија за пристапност до електронски услуги итн.

Од овие причини КЗД препорачува банките да не бараат ополномоштено лице да делува во име на слепите и лицата со оштетен вид и да создадат услови за личен потпис и факсимил. КЗД препорачува секоја банка да направи разумно прилагодување на специфичните потреби на овие лица, како во своите експозитури, така и на интернет. Во однос на контролата на работењето на банките, КЗД дава препорака кон Народната банка на Република Македонија, како одговорна институција за супервизија на работењето на банките, да ја засили контролата во остварувањето на еднаков пристап до услугите и производите на банките од страна на слепите лица и лицата со оштетен вид.

Досега подготвеност за промена на ваквиот нееднаков третман покажа единствено Комерцијална банка АД Скопје,  која ги промени своите внатрешни прописи и овозможи приемот и испраќањето на финансиските средства и користењето на останатите услуги, слепите и лицата со оштетен вид, да го вршат самостојно, директно и со помош од страна на банкарските службеници, без притоа да биде неопходно присуство на полномошник.  

За оваа цел, банката обучи вработени лица кои веќе постапуваат во делот на електронското банкарство, отворање на тековни сметки и отворање на сеф.

Исто така, банката досега обучи повеќе слепи и лица со оштетен вид за користење на услугите и производите на електронското банкарство (интернет, еапликации итн.). Банката ја прилагоди и постапката за изнајмување на сеф од страна на слепите и лицата со оштетен вид, на начин што сега истите можат да отворат сеф во присуство на двајца банкарски службеници.

Воедно,  сакаме  да потенцираме  дека КЗД и во овој случај не донесе одлука во законски предвидениот рок од 90 дена, поради што ја повикуваме во иднина да го почитува овој рок и навремено да ги штити правата на граѓаните. 

Препорака: Сметаме дека е неопходно останатите банки да ја променат дискриминаторската пракса во најскоро време согласно позитивниот  пример  на Комерцијална  банка, која значително придонесе за надминување на проблемите со кои се соочуваат слепите и лицата со оштетен вид. 

УСТАВНИОТ СУД НЕ НОСИ ОДЛУКА ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈАТА ВРЗ ЖЕНИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ

До Хелсиншкиот комитет се обрати странка која е во редовен работен однос во Државниот комунален инспекторат, распоредена на работно место советник, на која и престанува работниот однос со ден 30.05.2016 година, а поради навршување на 64 години возраст и најмалку 15 години работен стаж. 

Законската одреба од членот 104 од Законот за работните односи што се однесува на продолжување на договорот за вработување до 67-годишна возраст(маж), односно 65-годишна возраст(жена) со доброволна писмена изјава која се поднесува еднаш годишно е дискриминаторска. Имено, со оваа законска одредба на мажите им се дава можност што на жените им е ограничена, односно жените не можат да го продолжат догововорот за вработување до 67 години што претставува директна дискриминација и се негира половата еднаквост. Ваквата законска одредба во Законот за работните односи уште повеќе го зголемува јазот на нееднаквост помеѓу мажите и жените, имајќи предвид дека жените работат пократко, што пак резултира со помали пензии и допринесува за стереотипното прикажување на жените како мајки и негувателки, промовирајќи го на тој начин нерамноправното унапредување во кариерата на мажите. 

Уставниот Суд на РМ на седница одржана на 01.04.2015 донел решение заведено под У.бр. 114/2014-0-0 за поведување на постапка за оценување на уставноста на чл. 104, став 2 во делот: “(маж), односно до 65 години возраст (жена)” и став 4 во делот: “(маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена)” од Законот за работни односи. Со ова решение се запира извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на одредбите од Законот до донесувањето на конечната одлука. Имајќи го ова предвид, дополнително и фактот дека Уставниот Суд се уште нема донесено одлука по поведената постапка за оценување на гореспоменатите одредби од Законот за работни односи,  решенијата донесени за престанок на работниот однос по сила на закон во моментов не може да произведуваат правно дејство. 

Препорака: Хелсиншкиот комитет смета дека Уставниот суд на РМ треба во најкус рок да се произнесе  и да донесе конечна одлука со која ќе го поништи оспорениот дел од членот 104 став 2 и став 4 од Законот за работни односи. Поништувачка одлука е потребна затоа што жените што се пензинирале по сила на закон, а се уште сакаат да го продолжат работниот однос ќе можат да го направат тоа. Ваквата одлука на Уставниот суд би обезбедила правна сигурност и би ја отстранила дискриминацијата која ја предизвикааоспорените делови од од членот  104 став 2 и став 4 од Законот за работни односи.

НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ УТВРДИ ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ МАЖИТЕ ОД СТРАНА НА  ЈАВНИТЕ И ПРИВАТНИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ

На 31.12.2015 година Хелсиншкиот комитет поднесе претставка до Народниот Правобранител за сторена директна дискриминација по основ на пол и род од страна на јавните и приватните здравствени установи кон лицата од машки пол поради неможноста мажите (родители и старатели) да бидат придружба на децата кои треба да се хоспитализираат во јаните и приватните здравствени установи.

Ограничувањето на пристапот на мажите како придружба на хоспитализираните деца во јавните здравствени установи, претставува системски проблем со кои се соочуваат машките машките родители/старатели. Ваквиот проблем за прв пат е актуелизиран во 2011 година кога во јавноста реагирал Народниот Правобранител, наведувајќи дека оваа пракса претставува дискриминација по основ на пол. Народниот правобранител се однесувала најмногу на измените на Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување, според кои правото на придружба на хоспитализирано дете било дадено единствено на мајката. Ваквите дискриминаторски одредби биле променети во Правилникот и била дадена можноста машките родители/старатели да ги придружуваат децата во случај на хоспитализација, но истата не се применува од страна на јавните здравствени установи, односно болниците со детски одделенија.

Во доставениот одговор Народниот Правобранител констатира сторена дискриминација врз основа на пол. Со цел спречување на понатамошна појава на дисркминација по основ на пол, при одобрување на придружник на хоспитализираното дете, Народниот Правобранител во доставената информација до Министерството за здравство и на здравствените установи им препорачува преземање неопходни мерки за обезбедување на просторни капацитети и хигиено-санитарни предуслови во одделенијата во кои се хоспитализира дете со придружник и ова право подеднаква основа да го користат родителите односно старателите без разлика на полот.

Поднесената преставка се темели на телефонско тестирање на ситуација. Тестирањето на ситуација претставува метод кој се користи во случаи на дискриминација во кои недостасуваат факти и докази и која е тешко да се докаже. Тестирањето на ситуација вклучува употреба на организирани актери или апликанти за да се истражи појава на дискриминација по различни предмети, процеси и области по различни основи. Тоа е особено важно за случаи на директна дискриминација, која често е скриена зад разни изговори и тестирање на права кои се веќе содржани во законодавството и меѓународните стандарди. Имајќи го ова предвид, особено значајно и за поздравување е фактот што Народниот Правобранител го прифаќа тестирањето на ситуација како подобно доказно средство за докажување на дискриминација.

Препорака: Хелсиншкиот комитет апелира јавните и приватните здравствени установи да ги преземат сите неопходни мерки за обезбедување на услови во одделенијата во кои се хоспитализира дете со придружник и ова право во пракса под еднакво да го користат и машките и женски родители.

ПРЕСТАНОК НА ПРАВОТО НА СОЦИЈАЛНА ПОМОШ

Во мај 2016 година лицето Ж.Д. се обрати до Хелсиншкиот комитет за човекови права и побара правна помош . Имено,на 07.07.2012 постапувајки по службена должност Центарот за социјална работа на град Скопје донел решение за престанок на социјална парична помош со кое е констатирано дека престанува правото на социјална помош од 01.06.2012 година во наредните 12 месеци и е констатирана  незаконска исплата од 01.01.2010 до 31.05.2012 година, со образложение дека лицето дал нецелосни и невистинити податоци за материјална состојба и состојба на имотот и имотните права и не пријавил приход остварен од добивки од игри на среќа и други награди во 2010 година, кој што приход според правилникот за начинот и утврдување на состојбата на приходите имотот и имотните права на домачинството воопшто не влегува во категорија на приход. Министерство за труд и социјална политика како второ степенорган кој одлучувал по жалбата да подносителот, донел решение со кое ја одбил жалбата како не основана. Ж.Д. покренал управен спор до Управниот суд донел Пресуда со која судот го поништил решението на Министерство за труд и социјална политика и предметот го вратил на повторно одлучување и укажал на незаконитоста на решението. Вишиот управен суд кој одлучувал по жалба на Државното правобранителство на РМ на подрачје на Скопје ја потврдил Пресудата на Управниот суд и дал насоки за постапување на првостепениот орган по пресудите на Вишиот управен суд и Управниот Суд. На 09.12.2014 година Центарот за социјални политика повторно носи Решение и не се води од насоките укажани во Пресудите на Управен суд и Виш Управен Суд.Незадоволен од одлуката на првостепениот орган лицето го обжалил решението, а Министерство за труд и социјална политика ја одбива жалбата како не основана. Незадоволен од Решението на 04.12.2015 година лицето поднело тужба до Управен Суд, тужбата била уважена и предметот повторно вратен на повторно одлучување. Во 15.04.2016 година првостепениот орган повторно по трет пат носи исто решение, кое повторно од страна на лицето е обжалено.

Препорака: Хелсиншкиот комитет изразува загриженост за непрофесионалното  однесување на Центарот за социјална работа, особено кога истите треба да имаат во предвид дека на лицето е материјално необезбедено и му била прекината парична помош која е добиена за остварување на основните егзистенционални потреби на лицето и неговото семејство. Центарот за социјални работи и Министерството за труд и социјална политика  во ниту едно свое Решение не се воделе од насоките на Управниот и Вишиот управен суд и понатаму ја одолговлекуваат постапката.  Хелсиншкиот комитет препорачува државните органи да се водат од начелото на ефикасност и утврдување на материјалана вистина како и да постапуваат по  напатствијата на Управниот суд и Вишиот Управен суд.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo