Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 13.06.2016– 19.06.2016 година 21 Јуни 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 13.06.2016 – 19.06.2016 година и може да се преземе на следниов линк

 

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови 

Вкупниот број на бегалци во текот на оваа седмица остана константен и изнесува 133. 

Поради високите температури и рамазанските постови бегалците намалено се движат низ кампот. 

Поставено е осветлување на патот на Сува река кој води кон кампот. 

Во пресрет на светскиот ден на бегалците на 20.06.2016 година, во кампот се правеа подготовки за разновидна богата програма за бегалците, забава за децата и готвење национална храна. 

Институционално постапување

14 бегалци од кампот во Винојуг побараа азил во Република Македонија. Тие беа однесени во полициската станица во Гевгелија, каде што беа интервјуирани од страна на Комисија задолжена за одлучување по барања за азил. Комисијата ги одби нивните барања, по што бегалците беа вратени во кампот. 

Во текот на седмицата, вкупно 80 бегалци кои беа затекнати по илегални патишта, беа пренесени кон грчка територија откако им беше укажана хуманитарна помош. Меѓу нив се наоѓаа бегалци со различно потекло, како Египет, Мароко и Пакистан. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Во текот на оваа седмица во транзитниот центар Табановце бројот на бегалци се движи околу 125. 

Инфраструктурата на кампот постојано се унапредува, односно се поставуваат нови контејнери, а се градат и нови тушеви. 

Институционално постапување 

Во текот на седмицата, неколку бегалци во различни пригоди се обидоа да го напуштат кампот, меѓутоа беа спречени од страна на полициските службеници. Бегалците пробаа да го напуштат кампот и преку товарните возови кои одат за Србија. Меѓутоа, полициските службеници вршат проверка на товарните возови, па таквите обиди беа спречени. 

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Моменталната бројка на бегалци во Прифатниот центар за баратели на азил во Република Македонија изнесува 14. Во Прифатниот центар за странци во Гази Баба пак, бројот на бегалци изнесува 25. 

Нерегуларна миграција 

Во текот на седмицата, од билтенот на Министерството за внатрешни работи, регистрирани е само еден кривично- правен настан поврзан со криумчарење мигранти, кој се случил на 14.06.2016, на локалниот пат во близина на струмичкото село Раборци. Притоа, од тројцата осомничени кои се затекнати на лице место, двајца од нив избегале, додека 1 бил фатен од страна на полицијата. Kако жртви се пронајдени 26 бегалци од Авганистан. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo