Corner Извештаи

Месечен извештај - февруари 2016 14 Март 2016

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за февруари 2016 година ги опфаќа темите: Институциите да не ја попречуваат работата на СЈО; Уставниот суд ненадлежен за одлуката за распуштање на Собранието; Уставниот суд во одбрана на изборниот криминал; Предизборно разгорување на етнички и верски тензии.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк.

ИНСТИТУЦИИТЕ ДА НЕ ЈА ПОПРЕЧУВААТ РАБОТАТА НА СЈО

На 12 февруари 2016 година СЈО преку прес-конференција ја извести јавноста дека е отворена истражна постапка против повеќе лица за кривични дела: Злосторничко здружување од чл.394 од КЗ, Повреда на избирачкото право од чл.159 од КЗ, Повреда на слободата на определување на избирачите од чл.160 од КЗ, Поткуп при избори и гласање од чл.162 од КЗ, Уништување на изборен материјал од чл.164 од КЗ и Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања од чл.165-а од КЗ. 

СЈО извести дека во 2012 година, осомничените во својство на министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски и секретар на Владата на Р.Македонија, сите членови на извршен комитет на партија, заедно со други, засега непознати лица, искористувајќи го своето реално влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво и особено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група, која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето, а за кои кривични дела може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна. Дополнително, СЈО извести дека е отворена истрага и против членови на општинската изборна комисија во Чаир, затоа што постои основано сомнение дека сториле кривично дело Изборна измама, како и истрага и против пет судии на Управниот суд во Скопје и четири членови на Државна изборна комисија од 2013 година за кривично дело - Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ. 

Следниот ден, 13.02.2016 година, СЈО поднесе два предлози за определување мерка притвор против осомничените лица во Основниот суд Скопје 1 Скопје и тоа еден предлог до судија на претходна постапка од Одделот на организиран криминал за 8 лица и еден предлог до судија на претходна постапка во Одделот кривично полнолетни за едно лице. По сослушување на осомничените лица, судијата на претходна постапка од Одделот на организиран криминал донесе решение со кое ги одби предлозите за определување на мерката притвор, кое потоа беше потврдено од страна на Кривичниот совет на основниот суд Скопје 1 Скопје. Судија на претходна постапка во Одделот кривично полнолетни донесе решение со кое определи мерка на претпазливост Забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица, која потоа беше преиначена од страна на Кривичниот совет на начин што предлогот за определување на мерка притвор се одби како неоснован. 

Во овој извештаен период СЈО извести дека се соочува со потешкотии во соработката со институциите, особено Основниот суд Скопје 1 Скопје, Агенцијата за катастер, петтата управа на УБК на МВР, единицата за заштита на сведоци во МВР, општина Битола, Управниот суд, Основното јавно обвинителство Скопје и обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. што влијае на одолговлекување на одредени предистражни постапки. Сметаме дека ваквиот однос на одредени институции е неприфатлив поради тоа што може да доведе до спречување на истрага и до оневозможување да се поведат судски постапки против лица за кои има основано сомнение дека извршиле тешки кривични дела, кои го загрозуваат и уставниот поредок.

Препорака: Институциите да соработуваат со СЈО и да ги доставуваат сите потребни документи и информации со цел овозможување на спроведување на истрага против сите осомничените лица и поведување на соодветни кривични постапки. 

УСТАВНИОТ СУД НЕНАДЛЕЖЕН ЗА ОДЛУКАТА ЗА РАСПУШТАЊЕ НА СОБРАНИЕТО

По поднесените иницијативи на пратениците Павле Трајанов и Тодор Петров за оценка на уставноста на одлуката за распуштање на Собранието, Уставниот суд се прогласи за неднадлежен и ја отфрли ваквата иницијатива. Главните поенти од иницијативите со кои се спореше одлуката на Собранието за распуштање, се однесуваа на одложената примена на одлуката за распуштање на Собранието, односно дали постои законска и уставна можност Собранието да носи одлуки со одложено дејство; дали после одлуката за распуштање, пратениците можат да носат закони и законски измени; дали изборите закажани на 24 април се уставни, бидејќи од денот на стапување во сила на одлуката за распуштање на Собранието (24 февруари 2016), до денот на одржување на вонредните избори (24 април 2016) ќе поминат 61 ден, со што ќе се пробие законски предвидениот рок за одржување на предвремени избори после распуштање на Собранието, кој изнесува 60 дена. На јавната расправа на Уставниот суд акцент се стави на прашањето дали Уставниот Суд е надлежен да расправа за ваквата одлука на Собранието, односно дали ваквата одлука е интерен акт на Собранието, за кој Судот нема надлежност  или е општ акт за кој Судот, согласно Деловникот, има надлежност да одлучува. Дел од уставните судии, вклучувајќи ги судиите Наташа Габер Дамјановска, Гзиме Старова, Сали Мурати и Исмаил Дарлишта, сметаа дека ваквата одлука на Собранието е erga omnes и се однесува на целиот електорат, па Уставниот Суд е надлежен да расправа. Дополнително Собранието не може да носи одлуки со одложено дејство, дека тоа е проширување на надлежностите на Собранието и дека изборите не може да се одржат на 24 април, бидејќи истите би биле нерегуларни и противуставни. Останатите уставни судии сметаа дека Уставниот суд нема надлежност да одлучува за конкретен правен акт на Собранието, кој не е општ акт или закон и сметаа дека ако Уставниот суд се вмеша во одлуката за распутшање на Собранието, тоа значи дека може да се меша во секоја одлука на Собранието.  По завшрената јавна расправа, Уставниот суд донесе решение дека не е надлежен да одлучува за спорната одлука на Собранието и се прогласи за ненадлежен. 

Препорака: Хелсиншкиот комитет е длабоко загрижен за  толкувањето на Уставниот суд околу природата на одлуката на Собранието за распуштање и карактеризирање на ваквата одлука како интерен акт на Собранието. Хелсиншкиот комитет остро реагира на континуираната пракса на Уставниот Суд да се прогласува за ненадлежен за работи кои согласно Уставот, законите и деловникот на Судот спаѓаат во делокругот на работа на Судот, а се однесуваат на исклучително важни политички и правни процеси во земјава. 

УСТАВНИОТ СУД ВО ОДБРАНА НА ИЗБОРНИОТ КРИМИНАЛ

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија остро реагира на одлуката на Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување(„Службен весник на Република Македонија бр.12/2009“).  Оваа одлука практично претставува најава за она што ќе се случи, а тоа е укинување или поништување на законските измени на Законот за помилување со кои се утврдува дека помилувањето не може да се даде на лица осудени за кривични дела против изборите и врз основа на кој законски се утврдува постоењето на Комисијата за помилување.

Ваквото законско решение беше донесено заради заштита на јавниот интерес и процесот на демократизација како и поголема правна сигурност на граѓаните, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Оттука, симптоматично е што Уставниот суд денес одлучи дека има потреба за  оценување на уставноста на овој закон, особено ако се земе предвид фактот дека  оваа иницијатива е поднесена на почетокот на месец февруари 2016, веднаш по отварањето на случајот „Титаник" од страна на Специјалното јавно обвинителство, во кој во својство на сомничени за изборни измами се поранешните министри Миле Јанакиевски и Гордана Јанкуловска и останати лица блиски до владејачката коалиција. 

Експедитивноста која ја покажа Уставниот суд во овој случај е единствен пример за брзо постапување по одредена иницијатива, со што многу транспарентно се разоткрива неговата улога на инструмент за одбрана на партиските интереси на владејачката коалиција. 

Во конкретниот случај не изненадува што Владата и Собранието на РМ дале мислења дека законското решение е во согласност со Уставот, поради тоа што владејачката коалиција била таа која го предложила и изгласала овој закон во 2009 година, се со цел да ги ограничи ингеренциите на тогашниот претседател на РМ, кој доаѓаше од редовите на опозициската партија. Напротив, она што изненадува е фактот што и покрај ваквите мислења Уставниот суд дозволува да биде искористен од страна на партиите на власт и да поведе постапка за законско решение кое може да се толкува во позитивна насока, особено во делот за изборите. 

Препорака: Хелсиншкиот комитет го повикува Уставниот суд да се издигне над партиските и индивидуалните интереси и да донесе одлука со која нема да утврди неуставност на законот и нема да го укине или поништи.  Уште еднаш потенцираме дека со тоа нема да се остави можност лицата кои се осудени за изборни измами да можат да бидат помилувани, со што ќе се заштити општествениот и државниот интерес и ќе се обезбеди простор да може повторно да се гради правната сигурност и владеењето на правото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. 

ПРЕДИЗБОРНО РАЗГОРУВАЊЕ НА ЕТНИЧКИ И ВЕРСКИ ТЕНЗИИ

Хелсиншкиот комитет, преку порталот www.zlostorstvaodomraza.mk, од 2013 година го регистрира криминалот сторен од омраза, односно инциденти мотивирани од нетолеранција или предрсауди кон припадници на одредена група во општеството. Зголемување на бројот на ваквите инциденти беше особено забележливо пред и за време на Предвремените парламентарни избори и Претседателските избори од 2014 година. Во овој период беа регистрирани над 20 кривични дела сторени поради различната етничка и политичка припадност на жртвите. По завршетокот на изборите беше регистриран драстичен пад на дела сторени од омраза.

Во текот на февруари 2016 година, односно три месеци пред закажаните Предвремени парламентарни избори оваа година, регистриравме зголемување на инцидентите сторени поради етничка или верска припадност. Во текот на месецот беа забележани вкупно дванаесет инциденти, од кои десет во Скопје, еден во Тетово и еден во близина на Гостивар. Особено загрижува фактот што во осум инциденти како жртви и сторители се малолетни лица. Инцидентите се случија во и околу средни училишта во Скопје (СУГС „Димитар Влахов“, СУГС „Лазар Танев“, и СУГС „Зеф Љуш Марку“), во автобуси на ЈСП Скопје (бр. 19 и 65), но и на јавни места. Физичките напади најчесто се извршени од група сторители против едно лице. Сторителите за време на нападите се користат со ладно оружје, а во еден инцидент жртвата била прободена со нож при што и била нанесена тешка телесна повреда (пробиена белодробна марамица).

Кон крајот на месецот, се случи и еден поголем инцидент во кој се забележани елементи на предизвикување национална и верска омраза и нетрпеливост. Се работи за иницијативата на Светскиот македонски конгрес (СМК) за поставување на 51-метарски крст на кружен тек во Општина Бутел. Иницјативата следува откако во Општина Чаир во февруари беше поставено спомен-обележје - двоглав орел - во чест на Ослободителната народна армија (УЧК), поддржано од политичката партија Демократска унија за интеграција (ДУИ). Откако на 27 февруари група на граѓани се собраа да го одбележат почетокот на градежните активности кај локацијата за крстот, претседателот на СМК, Тодор Петров беше нападнат и повреден од група граѓани припадници на албанската заедница во Македонија, вклучително и од членови на ДУИ. Во болницата беше посетен од страна на поранешниот премиер Никола Груевски и актуелниот градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски. Помала група на граѓани во почетокот на март кампуваше во знак на протест, а еден ден се приклучи и група на контра-протест. За време на протестите беа оштетени темелите на крстот, дојде до конфронтација помеѓу двете групи (фрлање на камења и шишиња), а повредени беа и тројца полициски службеници. 

Препорака: Партиите од владејачкото мнозинство ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ наместо да протестираат против сопствените иницијативи за подигање на спомен обележја што водат кон предизвикување на етничка и верска омраза и нетрпеливост треба да се посветат на унапредување на меѓуетничкото разбирање, толеранција и соживот. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo