Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 25.01.2016 – 31.01.2016 година 04 Февруари 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 25.01.2016 – 31.01.2016 година и може да се преземе на следниов линк 

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови 

Во овој период се регистрирани 12.209 бегалци, што е за 37% повеќе од минатонеделниот период, каде што бројот на регистрирани бегалци изнесуваше 7.698. Бројката на бегалци кои транзитираат низ кампот варира, во зависност од состојбата на грчката страна, како и повремените блокади во знак на протест од страна на домашните такси превозници. Ваков протест се одржа на 30 и 31.01.2016, што предизвика застој во пропуштањето на бегалците кон Табановце. 

Во кампот, во просторот меѓу двата шатори кој води до возот (каде што сега веќе е поставена  настрешница), поставени се неколку огради за одржување на редот и формирање колони при качување во возот. Меѓутоа, со поставените огради понекогаш се предизвикува поголем застој и колоните се движат побавно. И понатаму се пријавуваат нерегуларности при купувањето на билети (наплаќање на деца помали од 10 години, погрешно вратен кусур и сл.) 

Во кампот се поставува инсталација за видео надзор, кој ќе го опфаќа целиот простор во кампот. 

Институционално постапување 

Во поголем дел од времето полициските службеници професионално и совесно ги извршуваат своите задачи, освен неколку изолирани ситуации каде поединечни полициски службеници искажале непочитување кон активистите или бегалците во кампот. 

Караници и физички пресметки меѓу бегалците се случуваат во неколку наврати, но тие се успешно разделени или од самите бегалци или од полицијата. 

На 29 јануари, околу 23 часот, во близина на Железничката станица во Демир Капија, неколку непознати лица извршиле разбојништво над К.Ф. (26) од Ирак. Насилниците виделе дека бегалецот спие, почнале да го удираат со тупаници и клоци по телото и главата, па му украле мобилен телефон и 50 евра. Подоцна, локалната полиција привела еден малолетник за кој постоеле сомневања дека е вмешан во инцидентот, а полицијата трага по другите насилници.

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Бројот на бегалци кои транзитираат низ кампот во Табановце варира, зависно од состојбата во Гевгелија, но и пропуштањето на бегалците на српската граница. Така на пример, на 27.01.2016 српската полиција не ги пропушти групите кои се упатија од кампот во Табановце се до вечерните часови. Наводно, објаснување за таквата ситуација било дека хрватската граница била кратко затворена.  

На 27.01.2016 посета во кампот оствари еден од директорите на Хјуман рајтс вотч. 

Институционално постапување 

Најголемиот проблем во кампот се појавува со таканаречените „економски мигранти“ кои пристигнуваат во кампот од околните села или од кампот се разотидуваат по околните села, со цел да пронајдат пат за да ја поминат српската граница. Во конкретен пример, еден бегалец- „економски мигрант“ пристигна во кампот пешки од село Лојане во лоша состојба, каде што бил „заробен“ од пакистанска група која три дена го препраќала од Лојане, до Ваксинце и Миратовац. 

На 31.01.2016, во кампот пристигна група од 20 таканаречени „економски мигранти“ со потекло од Алжир. Групата патувала помеѓу вагоните на редовниот воз за Србија. 

Хелсиншкиот комитет изразува загриженост за последиците предизвикани од селективното пропуштање на бегалците (поделени на бегалци и економски мигранти во зависност од земјата на потекло) кое значително ја зголеми појавата на криумчарските во околните села. Ваквата пракса значително ја загрозува безбедноста на бегалците и нивните животи. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo