Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 14.12- 20.12.2015 година 22 Декември 2015

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 14.12- 20.12.2015 година и може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови 

Протокот на бегалци во последните неколку недели е намален. Во овој период се регистрирани 17.046 бегалци. Кампот е значително проширен, поставени се неколку нови шатори, како и поцврста конструкција, која е наменета за згрижување на деца и мајки. 

Во кампот се поставуваа грејни тела на плин- тајфуни, во трите нови големи шатори, како и во две тенди близу железничката пруга и отворениот простор каде што се служи чај. Ангажирани се нови 12 лица, кои се задолжени за одржување на грејните тела. Сепак, ноќите се значително студени, поради што има голема потреба од ќебиња. 

Посета во кампот оствари Чешкиот амбасадор во Македонија, како и претставници на Фронтекс.

Институционално постапување 

При спроведувањето на бегалците во шаторите и кон билетарницата на Македонски железници, не ретко се применува палка од страна на одредени полициски службеници. Мал број полициски службеници се распоредени да контролираат поголема маса на луѓе (на пример, во една смена, 5 полициски службеници распоредуваа група од 930 бегалци), при што постојано се забележува нервоза и вербални судири. При најмало отстапување на поединци од групите, индивидуални полициски службеници, со употреба на палка се обидуваат да ги вратат назад во ред. Останатиот дел од службените лица (припадници на униформирана полиција или посебна единица за поддршка) својата работа ја извршуваат професионално, изразувајќи почит кон бегалците и укажувајќи помош доколку има потреба. 

Хелсиншкиот комитет апелира до службените лица кои се распоредени на терен да го спречат непрофесионалното постапување на свои колеги кои не го почитуваат интегритетот и достоинството на бегалците, со цел да ги заштитат бегалците но и интегритетот на полициската професија во целина.  

Во повеќе денови од неделата, не се дозволува бегалците да користат автобус или такси возила за превоз до Табановце, туку бегалците се задржуваат и по повеќе од 10 часа во кампот, се додека не се исполни (односно преполни) капацитетот на возот. Воедно, продолжуваат злоупотребите на поединци, вработени во Македонски железници кои наплаќаат билети на деца под 10 години, наплаќаат значително поголема сума од 25 евра за билет под изговор дека немаат кусур и дрско и понижувачки се однесуваат кон бегалците. Единствено кон крајот на неделата, една група од 214 бегалци, беа пропуштени со автобуси и такси возила. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Континуирано се работи на проширување на кампот. Во двата големи шатори се поставуваат кревети за спиење, како и нов под. Исто така, поставени се и грејни тела на плин (тајфуни) кои се пуштени во употреба кон крајот на неделата. 

Најголем дефицит во кампот има од инвалидски колички. Пристигнуваат голем број инвалидни лица кои нема начин да се превезат, па најчесто нивните блиски ги носат на раце.  

Институционално постапување 

Се појавува проблем со бегалците кои ги губат своите документи кога патуваат со воз во вечерните часови и преспиваат во возот. Тие не можат да продолжат кон Србија без документи, па во понекогаш потребно е да се враќаат во Гевгелија за да добијат документи одново. Од страна на полицијата се прават напори телефонски да се проверува дали лицата биле регистрирани на граничниот премин во Гевгелија, па доколку се регистрирани им се издаваат документи. 

Секојдневно пристигнуваат бегалци од земјите од кои не се пропуштаат, таканаречени „економски мигранти“, кои преминале преку илегални премини и се движат пешки од Гевгелија до Табановце. Тие се изморени, гладни и во тешка состојба. На 20.12.2015 година, на регионалниот пат Градско- Велес се откриени двајца македонски државјани (17 и 19 години) кои со возило превезувале петмина бегалци (од Мароко и Алжир). Кога бегалците побарале да се симнат од возилото, дошло до физичка пресметка при што возачот бил повреден со нож. Бегалците биле пронајдени и приведени во СВР Велес, а полицијата презема мерки за расчистување на случајот.  

На 16.12.2015 година, во товарен воз се откриени околу 17 бегалци од различна возраст. По пријава на вработените во кампот и реакција на полицијата, било утврдено дека грчки државјани ги измамиле дека товарниот воз заминува директно за Србија. Притоа, им наплатиле по 2000 евра по лице за да се качат во товарниот воз. Во кампот биле згрижени, а полицијата им издала документи, по што го продолжиле патот. 

Во текот на неделата, полицијата поднела кривична пријава против двајца македонски државјани кои со кола краделе ќебиња од контејнерот во кој се собираат употребените ќебиња од бегалците. Од страна на бегалците е пријавен еден случај каде што хигиеничарите во кампот им украле мобилни телефони и пари. Откако случајот бил пријавен, еден од нив го вратил едниот телефон, а за останатите кажал дека не ги земал тој. Кражбите се зачестуваат, и иако се пријавуваат до полицијата, не се преземаат мерки за тие да се спречат.  

Хелсиншкиот комитет строго апелира до Министерството за внатрешни работи да постапи по ваквите пријави, да се спречат кражбите од страна на лицата ангажирани во кампот, како и да се преземат мерки за гонење на сторителите на кражби и нивно преземање на одговорност. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo