Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 16.11- 22.11.2015 година 26 Ноември 2015

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 16.11- 22.11.2015 година и може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови 

Започнато е постепеното проширување на физичките капацитети во кампот. 

Покрај организациите кои имаат редовно присуство, повремено се појавуваат и нови организации, кои најчесто доаѓаат за делење на храна, чај и облека меѓу бегалците. 

Институционално постапување 

Се случуваат повремени турканици при распоредувањето на бегалците, најчесто поради јазичната бариера, бидејќи не ги разбираат наредбите на службените лица за одржување на редот. Неколкуте такви недоразбирања беа мирно разрешени, без употреба на сила. 

Документи за регистрација не се издаваат на сите бегалци кои поминуваат низ кампот.

Сѐ уште не се издаваат фискални сметки за билетите во возот, а цената на билетот е сѐ уште 25 евра, исто колку што чини превозот со такси или автобус. 

Се зголемува потребата од топла облека и греење во кампот, особено во ноќта кога има пониски температури. 

Кон средината на неделата, започна дискриминаторска селекција на бегалците врз основа на нивната земја на потекло од страна на Словенија. Ваквата пракса како верижна реакција се одрази на сите гранични премини на балканската рута. Како последица на тоа, низ Република Македонија се пропуштаат само бегалци кои потекнуваат од Сирија, Авганистан и Ирак, а бегалци со документи за потекло од други земји не се пропуштаат. Вакват пракса придонесува голем број бегалци да бидат задржани во меѓу-граничниот простор. Тие преку протест го изразуваат својот револт и одбиваат да примаат храна и хуманитарна помош. 

Дополнително, се зголемува опасноста од илегални прминувања на државните граници, кои веќе се забележуваат, што повторно води кон појавата на криумчари и ја загрозува безбедноста на бегалците. Така, кон крајот на неделата е пријавен настан кај Катланово, при кој биле ограбени двајца марокански државјани, кои илегално влегле во Република Македонија. Ограбувачите, со огнено оружје и им украле 300 евра и патни исправи.

Наметнувањето на терминот „економски мигранти“ и неговата широко распространета употреба вклучително и од државните институции и медиумите, претставуваат паушално прејудицирање за статусот на бегалците, кој не може да биде утврден пред индивидуално да се испита секој случај.    

Поради зголемувањето на бројот на луѓе кои остануваат во меѓу-граничниот простор, често има потреба од медицинска интервенција (онесвестување, изнемоштеност, срцеви удари и слично). Екипите на Црвен крст успешно интервенираа во неколку ситуации, но тоа не е доволно. Чести се и ситуациите кога се разделуваат семејства, па настанува паника и вознемирување. Поради непропуштањето на бегалците, зголемено и е присуството на полициски служби на граничниот премин.

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Активно се работи на проширување на кампот во Табановце. Дел од објектите се веќе поставени, но се уште не се пуштени во употреба. Со проширувањето, капацитетот на кампот ќе се зголеми на 960 луѓе во седечка положба. 

Бегалците постојано се жалат на условите во возовите, каде и покрај тоа што плаќаат карта од 25 евра принудени се да седат на подовите. 

Институционално постапување 

Кон средината на неделата (18.11.2015), на српската граница започнаа да се селектираат бегалците, односно да се пропуштаат само тие кои доаѓаат од Сирија, Авганистан и Ирак, а да не се пропуштаат оние од Бангладеш, Иран, Мароко и други земји. Се забележува тензија меѓу бегалците и зголемено полициско присуство на теренот. 

Полицијата интервенираше кога жена, придружена од својот маж и дете, изгубила свест. Жената веднаш била пренесена во кампот, каде ѝ била укажана медицинска помош и била пренесена со медицинско возило до болница. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo