Corner Извештаи

Конечен извештај: Претседателски и Предвремени парламентарни избори 2014 29 Април 2014

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија согласно својата мисија и визија ги следи повредите на избирачкото право на граѓаните. Покрај поплаките на граѓаните, Комитетот ги следеше и говорот на омраза и кривичните дела сторени од омраза со особен интерес за анализа во однос на нивното зголемување или намалување во предизборниот, изборниот и пост-изборниот период. Овој посебен извештај претставува кратка анализа на состојбите во однос на повредите на избирачкото право, но и податоци во однос на говорот и делата сторени од омраза кои Хелсиншкиот комитет ги регистрира на две посебни веб платформи: www.zlostorstvaodomraza.com и www.govornaomraza.mk. Во овој извештај се содржани и поплаките на граѓаните во однос на избирачкото право што беа  поднесени до Комитетот во првиот круг на Претседателските избори. Дополнително, содржани се и предлог-мерки за надминување на нерегуларностите. 

Прв изборен круг – Претседателски избори 2014

Најголем број на поплаки како до Хелсиншкиот комитет, така и до други организации и институции се однесуваа на лесното отстранување на мастилото како средство за обележување и проверка на гласачите. Употребата на мастилото се предвиде во најновите измени на Изборниот законик од јануари 2014 година, усвоени од Собранието во скратена постапка. Овој метод во последните 10 години е користен за време на избори во Авганистан (2004), Казахстан (2011) и Малезија (2013). Во сите овие држави се појавил проблемот кој беше забележан за време на денот на гласањето во Македонија, односно мастилото можело да се отстрани многу бргу по нанесувањето како што беше случај со дел од избирачите. Усвојувањето на измените на Изборниот законик за кој е неопходно двотретинско мнозинство во никој случај не смееше да се одвива во скратена постапка и без вклучување на стручната и научна јавност. Последиците од ваквото постапување на Собранието се очигледни уште по првиот круг на Претседателските избори.

Претставници на Државната изборна комисија (ДИК), во чија надлежност беше набавката и нанесувањето на мастилото, за употребата на овој метод во февруари 2014 година учествуваа на консултативна средба во Албанија каде успешно беа организирани парламентарите избори во 2013 година. Според извештаите за овие избори, мастилото користено во Албанија не можело да се отстрани и по изминување на неколку денови од гласањето. Оттука ДИК треба да одговори на неколку прашања: Дали мастилото користено за време на Претседателските избори е истото како она користено во Албанија? Која е земјата на потекло, производителот и снабдувачот на мастилото користено во Македонија? Кои се техничките спецификации на мастилото користено за време на изборите? Одговорите на овие прашања се неопходни поради тоа што самата ДИК на една од седниците одржани во февруари 2014 година заклучила дека „постапката за набавка на маркерите ќе биде квалитетна и во согласност со законот и ДИК ќе ја спроведе без никаков проблем“ и дека „ДИК ги усвои карактеристиките на мастилото од техничка гледна точка“.

Според ДИК, за Претседателските и за Предвремените парламентарни избори неопходни биле 8 милиони евра, но од предвидените буџетски средства како и од дополнително одобрените средства од Министерството за финансии доделени биле околу 7 милиони евра. Поради оваа причина, Министерството за финансии треба да одговори на прашањето како планира ДИК да ги организира изборите со недостаток на околу 1 милион евра и зошто не биле одобрени онолку средства колку што биле неопходни за успешно спроведување на изборите? 

До Хелсиншкиот комитет пристигнаа пријави и за јавувања од Контакт центарот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ 4 часа по почетокот на гласањето, со цел да се добијат информации дали граѓаните го искористиле своето избирачко право, гласно читање на името и презимето од личната карта во изборното место број 0669 во Општина Кавадарци, стоење на полициски службеници покрај избирачките кутии на избирачко место во Општина Центар, без да биде нарушен редот и мирот во избирачкото место, закани по живот во Општина Штип, од страна на еден од кандидатите за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, во изборното место број 2250, по објавување на видео како се вади маркерот од прст, пријава до Претседателот на избирачката комисија и по давање на изјава во медиуми. Според граѓанинот поради оваа пријава истиот станал мета на подбив и омаловажување на локалните медиуми и негативната кампања против него ја води токму лицето кое му упатило закани по животот на денот на гласање. 

За Општина Струга е пријавено дека на избирачкото место број 1847 нема присуство на полициски службеници, а во просториите за гласање никој од присутните не води евиденција за гласачките ливчиња. Покрај тоа, во пријавата беше наведено дека има сознанија за граѓани кои имаат повеќе лични карти и кои можат повеќепати да гласаат. Во Општина Аеродром во близина на избирачкото место во ОУ „Блаже Конески“ има штаб на ВМРО-ДПМНЕ кој е отворен во текот на целиот ден и дел од гласачите по гласањето одат за да се потпишат во штабот.

Втор изборен круг – претседателски и парламентарни избори, 2014 година

И покрај констатацијата од првиот изборен круг околу практиката за одбележување и проверка на гласачите со користењето на маркери како несоодветна практика, и во вториот изборен круг беше нотиран најголем дел од поплаките кои се однесуваа на лесното отстранување на мастилото, веднаш по остварувањето на правото на глас. При тоа, на реакцијата на некои гласачи за несоодветната практика на одбележување и проверка при остварувањето на правото на глас да се забележи во записниците на избирачките одбори, членови на тие одбори не се согласувале со барањето на гласачите и таквите забелешки изостанаа од записниците на избирачките одбори.

Понатаму, во однос на одговорноста на членовите во избирачките одбори, во вториот изборен круг, во голем број на гласачки места на гласачите автоматски им биле доделувани гласачки ливчиња за двата вида избори, спротивно на точка 2 од Упатството за гласање, каде што е наведено: ,,Ако избирачот одлучи да гласа само за еден вид избори, тогаш му се дава соодветното гласачко ливче и се потпишува само во соодветниот извод од Избирачкиот список.’’ Дополнително, поплаки имаше и заради работата на некои претседатели на избирачките одбори, каков што е случајот со с. Коњари, каде што некои гласачи биле враќани назад на гласање и за пратеничката листа со кандидати, откако го оствариле своето право на глас само за избор од претседателската листа со кандидати.

Во тој правец на забележување на изборни неправилности, беше доставена и преставка до Државната изборна комисија за неправилности општина Шуто Оризари, каде што имало посебни избирачки списоци за листата со претседалтски кандидати и за листата со пратенички кандидати, така граѓаните кои ги имало во избирачките списоци за претседателски избори, истите ги немало во избирачкиот список за парламентарните избори со што било оневозможено остварување на правото на глас на граѓаните и за двата вида избори – истовремено. Слична ситуација е забележана и во Кавадарци, преку поплака до Комитет, при што еден гласач бил спречен да гласа и за кандидатите од пратеничката листа и за кандидатите од претседателската листа, затоа што фигурирал само во избирачкиот список за парламентарните избори. Дополнително бизарно е што на реакцијата на овој гласач, од Општината му посочиле дека новата лична карта требало претходно да ја однесе на увид, и потоа да биде забележан во избирачкиот список.    

Вториот изборен круг, повторно, беше негативно контекстуализиран со активностите на членовите на владеачката партија кои нарушувајќи го правото на приватност, и демократскиот амбиент на тајност и независност во остварувањето на правото на глас, врешеле проверка на граѓаните кои гласале – каква што беше поплаката до Хелсиншкиот Комитет на РМ од страна на анонимен јавувач, за таквата практика од страна на Унијата на млади сили во населбата Скопје Север. Исто така, од големиот број на изборни неправилности директно предизвикани од членови на владејачката партија, значајно е да се истакне и случајот со нерегуларно заокружување и користење на избирачките ливчиња – каков што беше случајот во с. Цреша, каде во автомобил биле однесени гласачки ливчиња и заокружени политичките опции на владеачката ВМРО – ДПМНЕ.

Имајќи ја предвид предизборната злоупотреба на професионалните позиции, некои членови на владеачката ВМРО – ДПМНЕ на своите работни места и во работно време агитирале за владеачките кандидати за претседател и пратеници, воедно, делејќи и изборен материјал. Но она што е исклучително загрижувачки е занемарувањето на работните обврски, врз база на спротивставените политички убедувања и определеност. Така, во однос на некои згрижени лица во домот ,,Мајка Тереза’’ во Злокуќани, врз база на таквата политичка спротивставеност, е забележано пристрасно и непрофесионално поведение на вработен во домот. Имено, и покрај организираниот превоз за згрижените со цел да го остварат своето право на глас, едно од згрижените лица намерно е оставено во домот и оневозможено му е да го оствари правото на глас, имајќи предвид дека тоа лице е инвалид. Поплаката што се однесува на овој случај до Хелсиншкиот Комитет на РМ, јасно укажува на селективниот третман по основа на различна политичка припадност, со обзир кон исказот на лицето кое го пријави овој случај и кое тврди дека нејзиното политичко убедување му било познато и било во спротивност со политичкото убедување на вработениот кој го организирал превозот и технички го овозможил остварувањето на правото на глас за лицата кои се згрижени во домот ,,Мајка Тереза’’ во Злокуќани.

Говор на омраза и кривични дела сторени од омраза

Што се однесува до говорот на омраза во предизборниот, за време на изборниот и пост-изборниот период, Комитетот преку досега собраните пријави за говор на омраза доставени од граѓани,  волонтери и правно-политичкиот тим формиран да ги следи сите кандидати за Претседател и политички партии констатира дека:

1. Говорот на омраза е застапен во најголем дел кај големите политички партии. Согласно доставените пријави говорот на омраза преминува и во дела сторени од омраза. Најзастапен основ кај говорот на омраза и кривичните дела сторени од омраза е етничката припадност, но не изостануваат и оние по основ на сексуална ориентација. Констатирани се повеќе инциденти сторени поради политичка припадност или политичко уверување кои покрај тоа што содржат елементи на омраза резултираа со сериозни кривични дела сторени од омраза кон носители на јавни функции, кандидати за Претседател, партиски штабови, но и физички пресметки помеѓу граѓани.*  

Како резултат на зголемениот говор на омраза се јавуваат и инциденти сторени од омраза кои не се процесуираат од страна на надлежните институции како кривични дела сторени од омраза. Овие инциденти започнаа уште во месец јануари со демолирање на возило на Либерално-демократската партија и продолжија со каменување на штаб на политичката партија ГРОМ во две населби, бомба подметната во близина на штаб на СДСМ, каменување на возила на учесници на митинг на ДУИ, оштетување на билборди, судир на активисти на ВМРО-ДПМНЕ со граѓани во населбите Чаир и Радишани.**  

2. Говорот на омраза не изостанува и од социјалните мрежи и медиуми. Впрочем истиот е најзастапен на социјалната мрежа „Фејсбук“.  Во извештаите на правно-политичкиот тим кој го следи говорот на омраза кај политичките партии и кандидати за Претседател, се констатира дека во официјалните програми и страници на социјалните мрежи не е забележан директен говор на омраза. Сепак, изобилуваат коментари од страна на поддржувачите на партиите кои во голем дел содржат говор на омраза. Исто така согласно извештаите на тимот, говорот на омраза е позастапен на неофицијалните страници на партиите зад кои стои анонимен сторител.***

Она што е загрижувачко во однос на говорот на омраза и, воопшто, говорењето омраза и изборниот процес, е што таквиот говор се користи за мобилизација на гласачи или мобилизација на политички противници. Таков беше случајот со деградирачкото користење на етничката припадност (конкретно на албанската етничка група) во директните вербални напади кон претседателскиот кандидат Стево Пендаровски при неговата посета на скопско Лисиче, каде што беше наречен ,,шиптар’’ и со таквото говорење омраза беше негативно и навредувачки контекстуализирана албанската етничка припадност. При тоа, низ целата предизборна кампања, се потенцираше врската помеѓу овој претседателски кандидат и албанската етничка група како штетна за политичките состојби во Република Македонија, односно се поттикнуваше негативен резон за политичката соработка со Албанците

Поради констатираните состојби, Комитетот изразува загриженост за ескалацијата на физичко насилство мотивирано од омраза независно од основите поради тоа што оваа појава не наидува на осуда од учесниците во изборните процеси, институциите и активистите со што на насилството му ава легитимитет и се охрабрува неговото користење. Ваквиот третман кон говорот и делата сторени од омраза се игнорира правната рамка, а со тоа се злоупотребуваат и овластувањата на носителите на јавни функции во државната управа, особено во извршната власт чија основна функција е да ги обезбедат и штитат правата на граѓаните во Република Македонија. 

Заклучок

Комитетот и во овој изборен процес со жалење констатира дека избирачкото право на граѓаните и понатаму се загрозува од страна на директни учесници во изборниот процес односно политичките партии и активисти. Целокупната изборна атмосфера и нарушувањето на тајноста и неповредливоста на избирачкото право укажува на демократски дефицит, а со тоа и недостаток на капацитет за унапредување на законодавната рамка и овозможување на слободни, фер и демократски избори во Република Македонија. 

Во навидум мирниот ден на изборите се рефлектираше она што се нарекува структурално насилство врз граѓаните и нивното избирачко право кое станува пракса во Македонија. Овие констатации беа присутни и кај претставниците на набљудувачката Мисија на ОБСЕ во Скопје и други акредитирани организации. Исто така, притисокот врз вработените во државната и јавна администрација продолжува да биде ефикасно средство за уцена и манипулација на избирачкото тело односно граѓаните со право на глас. Појавата на лесно отстранување на мастилото кај одреден број на граѓани ја отвора можноста за дополнителни злоупотреби и компромитирање на целокупниот изборен процес.

Појавата на издавање на лични карти со непостоечки адреси на живеење, како и издавање на десетици лични карти на граѓани со иста адреса на живеење укажува на вклученост на Министерството за внатрешни работи при нивното издавање. Продолжува гласањето на некои изборни места во име на починати граѓани. Министерствотот за внатрешни работи според досегашните изнесени наводи е активно вклучено во неконтролирано издавање на фалсификувани лични карти. Оваа појава ја регистрираа акредитирани набљудувачи односно едно лице гласа со повеќе лични карти на повеќе избирачки места. Воедно, продолжува манипулацијата на граѓаните од Пустец, Република Албанија кои како и за локалните избори во 2013 така и за првиот круг на претседателските избори беа присутни на неколку избирачки места.  Покрај горенаведеното, акредитирани набљудувачи на невладини организации и претставници на политички партии беа изложени на закани дури и пред преставниците на изборните одбори. 

Воедно забележително беше тоа што веќе два до три месеци пред изборите се зачестија говорот и делата сторени од омраза на кои немаше соодветна реакција од надлежните институции како што се Комисијата за заштита од дискриминација, Народниот правобранител, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство. Исто така претставниците на овие институции не излегоа во јавноста со осуда за незаконски дејствија кои ги превземаат политичките партии, активистите и симпатизерите. 

Наведеното доведува до заклучок дека во Република Македонија не постои демократска зрелост, ниту пак почитување на принципот на поделба на власта и независност на институциите. Со тоа се поткопува кредибилитетот на институциите, што истовремено резултира со прекшување на човековите права во државата. 

________________________________________

*http://www.zlostorstvaodomraza.com/reports/index?sw=21.375967%2C41.933333&ne=21.516667%2C42.0611&s=1359673200&e=1398895199&z=8&c=12   

** Ибид.

***http://www.govornaomraza.mk/reports/index?sw=21.415878%2C41.985393&ne=21.448644%2C41.997498&s=1277935200&e=1398895199&z=8&c=3  

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo