Corner Стратегија

Стратегија

ПРЕЗЕМИ  

Мисија: Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија (Комитетот) е невладина организација за промоција и заштита на човековите права, без политичка и религиозна ориентација. Цел на Комитетот е заштита и унапредување на човековите права и слободи гарантирани со Уставот на РМ и меѓународните инструменти за граѓанските и политичките и за социјалните, економските и културните права и Завршниот документ од Хелсинки од 1975 година и градење на демократски услови во кои тие можат да се практикуваат врз основа на владеење на правото. 

Комитетот врши мониторинг на состојбата со човековите права, обезбедува правна помош на граѓаните во случаите на повреда или ограничување на правата и слободите, соработува со други организации и со државните органи во насока на зголемување на промоцијата, почитувањето и заштитата на човековите права и слободи.

Визија: Комитетот поаѓа од тоа дека сите луѓе треба да имаат можност да ги уживаат и практикуваат нивните основни права и слободи и да имаат можност да ги заштита во случај на нивно прекршување или ограничување. Ова претставува основа на владеењето на правото, човековите права и демократијата.

Програми и активности: Во настојувањето за унапредување и заштита на човековите права и хармонизирање на домашното законодавство и практика со она на Европската унија, Комитетот:

1. Oрганизира системско набљудувањe на состојбите со човековите права во земјата; 

2. Oбезбедува бесплатна правна помош и ги штити индивидуалните, колективните и правата на другите правни субјекти на територијата на Република Македонија и пред меѓународни организации; 

3. Подготвува месечни, годишни и посебни извештаи за состојбата со човековите права;

4. Подготвува  анализи и други стручни документи поврзани со состојбите со човековите права;

5. Организира конференции, семинари, трибини, јавни акции и други законски форми на граѓанска активност;

8. Го промовира и помага развојот на демократијата, владеењето на правото и граѓанското општество, и

9.  Врши други работи од јавен интерес согласно Законот за здруженија на граѓани.

Имајќи ги предвид критичните точки констатирани како главни слабости во заштитата и остварувањето на човековите права истакнати во нашите и други релевантни извештаи на домашни и меѓународни владини и невладини организации, а со цел да ја оствариме сопствената мисија и визија имаме утврдено неколку приоритетни цели кои ги определуваат нашите главни активности во следните три години:

1. Заштита од дискриминација

Сите луѓе се еднакви пред устав и законот и имаат право на еднаков третман и заштита без дискриминација. Државата треба да обезбеди ефективна заштита од сите форми на дискриминација и да им обезбедува на сите луѓе еднаков пристап до правда. Основната цел е унапредување на легислативата во насока на потполна имплементација на меѓународните стандарди во оваа област. Стратешка цел на Комитетот е натамошно зајакнување на механизмите за заштита и создавање практични предуслови за идентификување, спречување и  санкционирање на случаите на дискриминација. 

Во континуитет ќе се преземаат активности поврзани со дискриминацијата на ЛГБТИ заедницата, дискриминација по основ на политичка припадност и убедување, етничка припадност, верско уверување, пол и род и дискриминација по основ на телесна и интелектуална попреченост и сите други основи. Освен постапувањето по индивидуални и колективни претставки, Комитетот ќе врши застапување пред домашните и меѓународните судови и механизми за заштита од дискриминација. 

2. Правосудство

Домашните и меѓународните извештаи за човековите права, без исклучок, го посочуваат правосудството како главна пречка за целосно остварување на принципот на владеење на правото. Основниот проблем е  независноста на правосудството односно влијанието на извршната власт. Дополнително се констатира и недоволна стручност и обученост на судиите и јавните обвинители, нетранспарентност на работењето на правосудните органи, неконзистентност на судската пракса и непостоење на ефикасна правна заштита, особено пристапот до правда, повреда на правото на судење во разумен рок, фер судење и пресумпцијата на невиност. 

Во таа насока Комитетот ќе продолжи континуирано да ги набљудува судските постапки од граѓанска, кривична и управна материја, а особено оние кои поради својата специфика или политичка заднина имаат посебен ефект на општествените случувања.  

3. Слобода и безбедност на личноста (лишување од слобода и притвор)  

Постојаната пракса на јавно лишување од слобода со медиумска покриеност го повредува принципот на пресумпција на невиност и претставува своевидно етикетирање но и влијание врз судската власт, со што се нарушува владеењето на правото во земјата. Истовремено, во одредени полициски акции воочлива е прекумерна манифестација на сила со ангажирање на полициски службеници чија бројност и опременост е несразмерна на сериозноста на случаите.

Комитетот во повеќе наврати апелираше и на несоодветната примена на мерката притвор која во последните години особено се однесува на начинот на определување и продолжување, долготрајноста како и некористењето на алтернативните мерки. Долготрајноста на мерката притвор во одредени случаи остава простор за сомневање во непристрасноста на судот односно злоупотреба на мерката притвор која во овие случаи добива функција на казнена мерка. 

Како резултат на ова доаѓа до сериозни повреди на правото на слобода и принципот на пресумпција на невиност.  Тоа неминовно доведува до поткопување на правната држава и чувство на правна несигурност кај граѓаните. Комитетот посветува особено внимание и на третманот од страна на полицијата  врз луѓето во ситуации кога се применуваат полициски овластувања. Хелсиншкиот комитет во континуитет укажува на потребата од почитување на стандардите за примена на мерката притвор како крајно средство односно во случаи кога целта не може да се постигне со поблага мерка. 

4.Затворени институции 

Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да ја набљудува состојбата во затворените институции и други места во кои се ограничува или одзема слободата на движење, заради подобрување на третманот и остварување на правата утврдени во домашното и меѓународното право. 

Комитетот ќе постапува по сите претставки кои се однесуваат на условите, третманот, здравствената заштита, ресоцијализацијата и користењето на погодностите во установите од затворен тип но и во сите други места каде на луѓето им е делумно или целосно ограничена слободата.  Тука се третираат сместувачките услови, стручноста и односот на вработените како и евентуалните повреди на постапките за доброволна и присилна хоспитализација. 

Крајната цел на Хелсиншкиот комитет е воспоставување на основана и содржинска  соработка со надлежните институции за можноста на невладините организации непречено и ненајавено да вршат набљудување во затворените институции и другите места во кои се ограничува или одзема слободата на движење.

5.Тортура и друг облик на нехумано постапување или однесување

Несоодветното постапувањето на правосудните органи во случаите на мачење и нечовечно постапување се огледа во фактот дека во Република Македонија не е донесена ниту една пресуда која се однесува на кривичното дело Тортура. Овој факт говори за опстојувањето на феноменот неказнивост и солидаризирање на правосудните органи со претставниците на државната управа.      

Недостатокот на сериозна контрола врз полицијата како и отсуството на инспекциските служби надлежни да вршат надзор во установите од затворен и полузатворен тип доведуваат до непостоење на превенција и санкционирање на сторителите.  Заеднички недостаток на надлежните институции е непрофесионалност и отсуството на сериозна посветеност на улогата доверена во системот.

Работата на Комитетот ќе биде фокусирана на обезбедување на правна помош и застапување на жртвите од тортура, засилен притисок врз властите за  соодветно казнување на сторителите и унапредување на политиките за хуман пристап и рехабилитација на жртвите. Главниот фокус ќе биде насочен кон жртвите на тортура за кои државата е должна да обезбеди соодветна правна, медицинска, психолошка и социјална поддршка.  

6.Слобода на изразување и медиуми

Хелсиншкиот комитет посветува големо внимание на слободата на изразување  како и правото на примање и пренесување на информации особено во услови кога е значително намален бројот на независни медиуми, а со тоа и изразувањето на слободната мисла. Како резултат на тоа, Република Македонија во неколку релевантни меѓународни организации бележи сериозен пад кога станува збор за остварувањето на овие права.

Притисокот кој перманентно се врши на преостанатите независни медиуми многу често доведува и до феноменот на цензура и автоцензура. Сето тоа, доведува до користење на медиумите како алатка за контролирано информирање на јавноста од страна на властите. 

Комитетот ќе продолжи да ја набљудува состојбата и да работи на подигање на свеста за потребата од независно и објективно информирање како и промовирање на меѓународните стандарди во оваа област. Исто така, ќе бидат  набљудувани судските постапки против медиумски работници но и работата на регулаторните тела и јавниот сервис. 

7.Говор и дела од омраза

Република Македонија не собира податоци за говор и дела сторени од омраза и неизвесно е дали во блиска иднина ќе имаме сеопфатни и споредливи официјални податоци за овие дела. Направени се многу малку напори за преземање превентивни мерки, вклучувајќи едукација за човекови права и подигање на свеста кај јавноста. Говорот и делата сторени од омраза не се пријавуваат или истражуваат правилно од страна на надлежните органи. Со тоа, државата не нуди посебна заштита и поддршка на жртвите. Најчести жртви се младите луѓе, но исто така и припадниците на ЛГБТИ заедницата, а во Кривичниот законик сексуалната ориентација и родовиот идентитет не се препознаваат како основи за говор и дела сторени од омраза.

Хелсиншкиот комитет, на транспарентен начин, ќе продолжи да ги документира говорот и делата од омраза преку постоечките интернет платформи за евидентирање на овие појави. Преку платформите, на граѓаните им се овозможува пријавување на инцидентите и се подигнува свесноста за последиците од говорот и делата сторени од омраза. Дополнително, Комитетот ќе се залага во иднина да ги застапува жртвите на овие дела пред домашните и меѓународните заштитни механизми и судови и редовно ќе ја известува јавноста и Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ. 

8.Социјална правда

Енормниот пад на економскиот стандард, социјалната положба, сиромаштијата и кршењето на работничките права ја наметнува потребата од зголемена активност на Комитетот во насока на давање  бесплатна правна помош во делот на економските и социјалните права.  Ова дотолку повеќе што луѓето секојдневно се соочуваат со долготрајност на управните постапки и особено постапките пред управните судови што претставува една од причините поради кои не можат да ги остварат своите права.

Освен бесплатната правна помош, Комитетот ќе се фокусира и на зајакнување на капацитетите на синдикатите со цел да имаат услови за квалитетна заштита на работниците.  

Во оваа област Комитетот и понатаму ќе презема активности за вклучување на ранливите групи во општеството и ќе им обезбедува правна заштита за остварување на нивните права од социјална заштита.

Како членка на Националната мрежа за заштита од насилство  врз жени и семејно насилство, Комитетот и понатаму ќе ја следи состојбата со семејното насилство во земјата, процесот на ратификација на Истанбулската конвенција  и спроведувањето на новиот закон. 

9.Граѓански активизам, право на здружување и јавен собир

Граѓаните се соочуваат со различни форми на притисок со цел задушување на јавниот израз на незадоволство од јавните политики на властите. Согласно констатираните повреди на правото на здружување и јавен собир, Комитет продолжува со набљудување на незадоволство на граѓаните изразено преку протест, формално или неформално здружување во вид на граѓанска иницијатива како и други облици на учество во креирањето на јавни политики. 

Исто така, Комитетот ќе продолжи да обезбедува правна помош и совети за непречено остварување на овие права особено поради зголемено присуство на полициски службеници и неоснована примена на овластувања што резултира со  ограничување или смеќавање на протестите и јавните собири. Ограничувањата на овие права се манифестира со оневозможување на пристап до предвидено место за протест, легитимирање на присутните, прекумерна манифестација на сила, спротивно на Уставните и законските гаранции за овие права. 

Дополнително, Комитетот ќе посвети особено внимание на развој на младинскиот активизам преку вклучување на членовите на младинската група во активностите на Комитетот и младите во целост. 

Методологија на работењето

Организација: Комитетот ќе работи врз основа на Статутот и во рамките на утврдената  организациона структура. За исполнување на стратешки предвидените задачи членовите на Управниот одбор ќе бидат вклучени во водењето на конкретни проектни активности, а извршната канцеларија ќе се зајакнува  со  повремено ангажирање на адвокати и други експерти во рамки на проектите кои се спроведуваат. 

Активности: Активностите на Хелсиншкиот комитет се темелат на принципите на компетентност, објективност, непристрасност, недискриминација и транспарентност. Хелсиншкиот комитет реагира во случаи на прекршувања на човековите права кои се гарантирани со меѓународните документи и заштитени со Устав и законите на РМ. Активностите што Хелсиншкиот комитет ќе ги презема и врши во наредните  години треба да овозможат:

•Промовирање и застапување на човековите права и слободи пред  надлежните институции и развивање на свесноста на луѓето за нивното прекршување и воспоставување општествено прифатливи механизми за нивна заштита;

•Информирање, охрабрување и мобилизирање на јавноста и медиумите  за реагирање во насока на унапредување и заштита на индивидуалните и колективни праваи создавање култура на човековите права; и

•Подигнување на свеста, соработка и влијание врз правосудните и административни органи заради ефективно вршење на нивните надлежности во согласност со закон и меѓународните стандарди.

Активностите се систематизирани по следните дејности: 

1.Предметно работење (интервенција во конкретни случаи);

2.Следење на легислативата од аспект на човековите права и изготвување на извештаи и соопштенија;

2.1. Иницијативи до Уставниот суд на Република Македонија за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста, како и апликации до Европскиот суд за човековите права во Стразбур;

2.2. Давање мислења, забелешки и сугестии на законските проекти;

3.Мониторинг на исполнување на обврските на државата согласно преземените обврски кои произлегуваат од меѓународните документи;

-редовни месечни и годишни извештаи;

-Посебни анализи за одделни појави; 

-Посебни извештаи;

4.Едукација и промоција; и

5.Односи со јавноста (соопштенија, прес-конференции и брифинзи).

Соработка и партнерство: На меѓународно ниво ќе се одржува и продлабочува соработката со соседните и другите хелсиншки комитети, во рамките на постојни и нови мрежи на невладини организации кои работат на полето на човековите права  и со претставниците на ЕУ, ООН, Советот на Европа и мисијата на ОБСЕ во Република Македонија. На домашен план МХЦ ќе настојува да ја зголеми соработката со:

•Правосудни органи и Уставен суд;

•Невладините организации на територијата на Република Македонија (преку обезбедување помош, непосредна соработка и заедничка работа на проекти); 

•Со академски институции (правните факултети, факултетот за безбедност, истражувачки институти); 

•Други структури и асоцијации (синдикални организации, асоцијации на стручно ниво и развојни агенции);

•Државни институции со контролна функција (Народен правобранител, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Постојана анкетна комисија за човекови права при Собранието на РМ, Сектор за внатрешна контрола при МВР, Управа за извршување на санкциите, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Дирекција за заштита на личните податоци, Агенција за остварување на правата на заедниците и други)  

•Јавни установи и служби 

Финансирање: Финансиската независност е сегментот кој ја гарантира објективноста и непристрасноста  на Комитетот во неговото дејствува во насока на заштита на слободите и правата на луѓето. Комитетот и понатаму ќе се посветува на обезбедување финансиски средства кои гарантираат институционална поддршка на подолг временски период. Притоа, Комитетот ќе дејствува и во насока на обезбедување услови за самоодржливост и соработка со приватниот сектор.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo