Corner Стратегија 2018-2020

Стратегија 2018-2020

СТРАТЕГИЈА НА ХЕЛСИНШКИОТ КОМИТЕТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 2018 – 2020 година 

Визија 

Визијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија (Комитетот) е општество во кое сите луѓе ги уживаат и практикуваат нивните основни права и слободи и имаат заштита во случај на нивно прекршување или ограничување.

Мисија 

Мисијата на Комитетот е заштита и унапредување на човековите права и слободи гарантирани со Уставот на РМ и меѓународните инструменти за граѓанските, политичките и за социјалните, економските и културните права, како и Завршниот документ од Хелсинки од 1975 година и градење на демократски услови во кои тие можат да се практикуваат врз основа на владеење на правото.

Мисијата Комитетот ја исполнува преку дејствување во областите:

  • 1.Човекови права
  • 2.Демократија
  • 3.Владеење на право
  • 4.Еднаков третман

Стратешки цели 

Во наредните три години, Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе биде посветен на остварување на трите основни стратешки цели кои произлегуваат од Визијата и Мисијата на организацијата:

  • 1.Унапредување и заштитата на човековите права и слободи
  • 2.Подигнување на свеста на граѓаните за нивните права и слободи и механизмите за нивна заштита.
  • 3.Создавање на овозможувачка средина за остварување на правата на граѓаните во општеството како целина;

Програми

Имајќи ги предвид критичните точки констатирани како главни слабости во заштитата и остварувањето на човековите права истакнати во нашите и други релевантни извештаи на домашни и меѓународни владини и невладини организации, а со цел да ја оствариме сопствената мисија и визија имаме утврдено неколку приоритетни цели кои ги определуваат нашите главни програми во следните три години:

1. Владеење на правото

Правосудство

Домашните и меѓународните извештаи за човековите права, без исклучок, го посочуваат правосудството како главна пречка за целосно остварување на принципот на владеење на правото. Основниот проблем и натаму останува независноста на правосудството односно влијанието на извршната власт врз судството. Дополнително, се констатира и недоволна стручност и обученост на судиите и јавните обвинители, нетранспарентност на работењето на правосудните органи, неконзистентност на судската пракса и непостоење на ефикасна правна заштита, особено ограничен пристап до правдата, повреда на правото на судење во разумен рок и фер судење и нарушување на презумпцијата на невиност. Во таа насока, Комитетот ќе продолжи континуирано да ги набљудува судските постапки од граѓанска, кривична и управна материја, а особено оние кои поради својата специфика или политичка заднина имаат посебен ефект како врз почитувањето на човековите права на определени лица, така и врз општествените случувања во поширока смисла.

Комитетот и натаму ќе вложува напори за реформи на правосудниот систем, преку активна вклученост во сите реформски процеси и иницијативи за промени во законската и институционалната рамка на правосудството, притоа секогаш потпирајќи се врз принципите на владеење на правото, пристап до правда и еднаквост.

Борба против корупцијата

Корупцијата и судирот на интереси претставуваат феномени за кои во сите релевантни анализи се истакнува дека сѐ уште остануваат во значителна мера неказнети, а перцепцијата на граѓаните е дека борбата против корупцијата не дава задоволителни резултати. Уште повеќе, Република Македонија континуирано бележи значителен пад на ранг листата на индексот за перцепција на корупцијата.

Токму корупцијата во правосудната сфера особено загрижува имајќи го предвид посебното значење на правосудството за градењето на систем на владеење на правото, како и во фактичката борба против корупцијата на носителите на другите две власти. Воедно, зголеменото ниво на корупција влијае негативно врз ефективното уживање на загарантираните слободи и права на граѓаните и ја намалува нивната правна сигурност.

Поради сево ова, Комитетот останува посветен на мониторингот на судските процеси за предмети кои инволвираат организиран криминал и корупција, како и на пружање на соодветна правна помош на лицата- жртви на коруптивни дејствија. Истовремено, преку лобирање во насока на поголема одговорност и транспарентност на сите институции, со посебен акцент на правосудните, Комитетот ќе настојува да се влијае врз спречување и ставање крај на неказнивоста и да се овозможи кривична одговорност за сите оние кои лица кои преку нивните коруптивни дејствија влијаат врз загрозување на индивидуалните слободи и права и врз целосно уривање на системот на владеење на правото во државата.

2. Еднаков третман

Заштита од дискриминација

Сите луѓе се еднакви пред устав и законот и имаат право на еднаков третман и заштита без дискриминација. Државата треба да обезбеди ефективна заштита од сите форми на дискриминација и да им обезбедува на сите луѓе еднаков пристап до правда. Основната цел е унапредување на легислативата во насока на потполна имплементација на меѓународните стандарди во оваа област. Стратешка цел на Комитетот е натамошно зајакнување на механизмите за заштита и создавање практични предуслови за идентификување, спречување и санкционирање на случаите на дискриминација и овозможување пристап до правда. Комитетот ќе продолжи со набљудување на работата на телата за еднаквост, судовите и останатите институции во заштитата од дискриминација.

Во континуитет ќе се преземаат активности поврзани со дискриминацијата на ЛГБТИ заедницата, етничка припадност, верско уверување, пол и род, дискриминација по основ на телесна и интелектуална попреченост, политичка припадност и убедување, и сите други основи. Освен постапувањето по индивидуални и колективни претставки, Комитетот ќе врши застапување пред домашните и меѓународните судови и останатите механизми за заштита од дискриминација.

Ранливи групи

Лицата со попреченост, Ромите, текстилните работнички, жените од руралните средини, жртвите на семејно и други форми на родово базирано насилство се уште се едни од најранливите групи во нашето општество, за кои државата се уште не презема суштински мерки за унапредување на нивниот социјален и општествен статус. Образованието останува недостапно за многу лица од овие групи, главно поради непристапноста на образовните објекти за лицата со попреченост и девојчињата од руралните средини, како и поради испишувањето на голем број ученици од ранливите групи поради сиромаштија на семејствата и влегувањето во малолетнички бракови.

Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да ги набљудува реформите на системот за социјална и здравствена заштита, како и образовниот систем со цел подобрување на еднаквиот пристап на граѓаните до сите добра и услуги кои државата ги обезбедува, а со тоа подобрување и на квалитетот на живот. Особено внимание ќе се посвети на ранливите групи, за кои конечно треба да се применат ефикасни политики за подобрување на нивниот социјален и општествен статус. Ова секако ги опфаќа политиките за вработување на овие лица и механизмите за заштита при прекршување на нивните права.

Говор и дела од омраза

Во Република Македонија не постои систематски и суштински институционален пристап кон делата сторени врз основа на предрасуди и нетолеранција, односно говорот и делата од омраза. Постапувањето на надлежните органи за гонење на овие дела целосно изостанува, а свеста кај граѓаните за пријавување е ниска. Не се преземаат доволно превентивни мерки, вклучувајќи едукација за човекови права и подигање на јавната свест. Со тоа, државата не обезбедува посебна заштита и поддршка на жртвите. Најчести жртви на говорот и делата од омраза се младите, а неретко се појавуваат и како сторители. Во текот на изминатите години, сексуалната ориентација и родовиот идентитет, етничката припадност и политичката афилијација се трите основи за говор на омраза и дела од омраза кои континуирано се појавуваат како најзастапени, а бројот на регистрирани случаи варира согласно општествено- политичките околности и индивидуални случувања. Хелсиншкиот комитет, користејќи ги воспоставените интернет платформи (www.govornaomraza.mk и www.zlostorstvaodomraza.mk ), ќе продолжи да ги документира говорот и делата од омраза. Преку платформите, на граѓаните им се овозможува пријавување на инцидентите и се подигнува свесноста за последиците од говорот и делата сторени од омраза. Дополнително, Комитетот ќе продолжи да ги застапува жртвите на овие дела пред домашните и меѓународните заштитни механизми и судови, ќе се залага за унапредување на правната рамка и редовно ќе ја известува јавноста и Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ.

3. Затворени институции и тортура, нехумано и деградирачко постапување и казнување

Затвори, притвори, полициски станици, психијатриски установи и други затворени институции

Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да ја набљудува состојбата во затворените институции и други места во кои се ограничува или одзема слободата на движење, каде што граѓаните се ставени во најранлива позиција и ризик за прекршувања на нивните права согласно националните и меѓународните стандард за човекови права.. Комитетот ќе постапува по сите претставки кои се однесуваат на условите, третманот, здравствената заштита, ресоцијализацијата и остварувањето на сите други права во установите од затворен тип, согласно меѓународните стандарди и принципи. Воедно, Хелсиншкиот комитет ќе вложи дополнителни напори во воспоставување суштинска и трајна комуникација и соработка со државните органи, со цел да се обезбеди непречен пристап во институциите од затворен карактер со можност за увид на условите и разгледувањето на индивидуални случаи на лица кои се лишени од слобода.

Постапување на полиција

Во текот на изминатите години, воочени се бројни постапувања од страна на полицијата во кои се злоупотребени полициските овластувања, употребена е несразмерна, нелегитимна и неоправдана сила и средства за присилба. Од постапување за време на јавни собири и протести, па се до спектакуларни, јавни приведувања и лишувања од слобода на јавни личности, полицијата се позиционира како апарат на репресија наместо сервис за заштита на правата на граѓаните. Механизмите за внатрешна контрола и надзор над полициското работење се речиси нефункционални и не постои одговорност за пречекорување на полициските овластувања. Со тоа, значително е нарушена довербата во полицијата од страна на граѓаните и нивното чувство за слобода и безбедност, како и правната сигурност на граѓаните заштита на нивните човекови права. Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да го набљудува полициското постапување и ќе обезбеди правна помош во индивидуалните случаи на пречекорување на полициските овластувања и заштита на жртвите на полициска бруталност. Воедно, ќе продолжи да се залага за професионализација на безбедносните служби, засилен надзор врз нивната работа и нивно сензибилизирање при постапувањето со ранливи групи на граѓани.

Тортура и друг облик на нехумано и деградирачко постапување или казнување

Апсолутната забрана за тортура, нечовечко или деградирачко постапување е еден од меѓународните императиви во човековите права, кој не секогаш се почитува во Република Македонија. Во изминатите години се регистрирани случаи на повреда на ова право, од суштински (непрепознавањето на тортурата) и процедурален карактер (неефективно истражување) во сите видови на затворени институции, како и во јавни установи, каде што е забележано телесно казнување, односно специјални заводи, згрижувачки домови за лица со попреченост, па се до државни болници. Несоодветното постапувањето на органите на прогон во случаите на тортура се гледа во фактот дека во Република Македонија не е донесена ниту една правосилна пресуда која се однесува на ова кривично дело. Состојбата на неказнивост и толеранција на ваквата појава, се смета за нејзино охрабрување. Поради тоа, работата на Комитетот ќе се насочи кон обезбедување на правна помош и застапување на жртвите од тортура, засилен притисок врз властите за соодветно утврдување на одговорност и казнување на сторителите и унапредување на политиките за рехабилитација на жртвите.

3. Социјална правда и кохезија

Социјална правда

Социјалната правда е основниот принцип за мирен и просперитетен соживот во и меѓу народите. Социјалната правда ја унапредуваме кога ги отстрануваме бариерите со кои се соочуваат луѓето поради нивните лични карактеристики, како пол, возраст, раса, етничка припадност, религија, попреченост, сексуална ориентација или родов идентитет.

Во Република Македонија регистрираме голем број на повреди на економските и социјалните права на граѓаните, што се должи на се поголемата сиромаштија во земјата, високиот степен на невработеност, но и на бавните реформи во делот на социјалната и здравствената заштита и образованието.

Работнички права

Кршењето на работничките права на ранливите групи ја наметнува потребата од зголемена активност на Комитетот во насока на давање правна помош за заштита на правото на работа. Во оваа област Комитетот ќе врши набљудување на политиките за подобрување на пристапот до вработување на ранливите групи и ефикасноста на механизмите за заштита кога правата од работен однос се повредени и загрозени. Хелсиншкиот комитет поактивно ќе работи со синдикатите и застапниците на работничките права во заедницата за да ги изложат повредите на правата на работниците и да го зајакнат локалниот капацитет за застапување за правата на работниците да организираат и преговараат за правични и достоинствени услови за работа и за искоренување на детскиот труд, принудната работа и дискриминацијата. Хелсиншкиот комитет ова особено ќе продолжи да го прави со текстилните работнички ширум државата, како една од најранливите групи во нашето општество.

Деинституционализација

Во најскоро време треба да биде донесена нова стратегија за деинституционализација и државата сериозно да започне со нејзина примена, со цел најранливите лица, сместени во институциите од системот, конечно да добијат соодветна вонинституционална грижа.

Хелсиншкиот комитет ќе продолжи активно да учествува во унапредување на стратегијата за деинституционализација. По донесувањето на новата стратегија, Хелсиншкиот комитет активно ќе биде вклучен во набљудување на имплементацијата на стратегијата, особено во делот кој се однесува на обезбедување на вонинституционална грижа на лицата со попреченост.

5. Мигранти, бегалци и баратели на азил

Човековите права важат за сите луѓе, секаде и во секое време. Поаѓајќи од овој принцип, во согласност со меѓународните документи за човекови права и уставно загарантираните права, Хелсиншкиот комитет се залага за непреченото почитување и заштита на правата на сите луѓе на територијата на Република Македонија, а не само на нејзините граѓани. Соочен со предизвиците и последиците на најголемата бегалска криза досега и потфрлањето на државата да ги гарантира и заштити нивните права, Хелсиншкиот комитет ќе се фокусира на унапредувањето и заштитата на правата на бегалците и мигрантите кои престојуваат во земјата или транзитираат низ неа. Покрај набљудувањето и известувањето на јавноста за прекршувања на човековите права на бегалците, Хелсиншкиот комитет ќе се залага и за покренувањето на свеста кај граѓаните за статусот на бегалците и проблемите со кои се соочуваат со цел да се надмине ксенофобијата и нетолеранцијата насочена кон нив и да се олесни процесот на нивна интеграција.

6. Бесплатна правна помош

Хелсиншки комитет како овластено здружение за давање на претходна бесплатна правна помош преку секојдневна директна комуникација со граѓаните им овозможува правна помош во вид на правни совети, иницијален совет и евентуално пополнување на барања за бесплатна правна помош во граѓански и управни постапки од областите на социјалното, здравственото, пензиското или инвалидското осигурување, работни односи, заштита на деца, заштита на жртви на семејно насилство, заштита на жртви од трговија со луѓе и признавање на правото на азил и имотно правни прашања на лицата кои со оглед на материјалната положба не се во можност да си го обезбедат пристапот до правда и судската заштита. Во пракса, преку спроведување на овој закон беа утврдени многубројни недостатоци и нефункционалност на постоечкиот закон и воопшто во целокупниот систем за бесплатна правна помош. Комитетот преку предлози и препораки работи на подобрување на законскиот текст, со цел новиот Закон за бесплатна правна помош во пракса да овозможи пристап до правда на поголем број граѓани, можност за судска заштита и квалитетно и правично фер судење.

7. Млади

Во рамките на Хелсиншкиот комитет, работата со млади е организирана преку формирањето на Младинската група на Хелсиншкиот комитет. Младинската група е неформална, неполитичка и не-религиозна група на млади луѓе кои доброволно се пријавуваат за учество и дејствување во рамките на групата, која функционира врз принципите на еднаквост и недискриминација, толеранција и непристрасност. Главната цел на воспоставувањето на Младинската група е на младите луѓе да им се обезбеди пристап до информации и едукативни содржини за почитувањето, промоцијата и заштитата на човековите права и слободи на сите луѓе. Истовремено, со членувањето во Младинската група младите ќе имаат можност да се запознаат и активно да се вклучат во општествените проблеми и случувања поврзани со човековите права и слободи.

Хелсиншкиот комитет преку координација на Младинската група ќе продолжи да го охрабрува младинскиот активизам и активното учество на младите во демократските процеси, како и да ги зајакнува нивните капацитети во насока на почитувањето, промоцијата и заштитата на човековите права и слободи.

8. ЛГБТИ Центар за поддршка

ЛГБТИ Центарот за поддршка функционира во рамките на Комитетот од 2012 година и раководејќи се од потребите на ЛГБТИ заедницата разви активности групирани главно во три програми:

Зајакнување на заедницата

Овозможувањето на безбеден простор каде ЛГБТИ луѓето можат да се сретнат, да ги споделат сопствените искуства и да добијат поддршка е основна појдовна точка за кршење на синџирот на изолација. Центарот ќе го поттикнува чувството на припадност кон заедница и солидарноста меѓу ЛГБТИ луѓето. Директните сервиси како бесплатната правна помош, правни и здравствени интервенции како и директната интеракција со заедницата ќе ни овозможи подобро разбирање на искуствата и потребите на ЛГБТИ луѓето. Центарот ќе продолжи со организирање на состаноци, образовни и социјални настани и дебати. Главен предизвик во следните три години ќе биде развивањето на Локалните активистички јадра надвор од главниот град и нивна регистрација како граѓански здруженија. Овие активности ќе придонесат за подигање на јавната свеста, зајакнување, мобилизација и ангажман на ЛГБТИ индивидуи и групи на локално ниво. Развивањето на соработка со други локални граѓански организации ќе го зајакне фронтот на заштита и унапредување на правата на луѓето во општините, соработката со локалните власти и ќе ја поттикне солидарноста меѓу различните групи на локално ниво.

Застапување/Правна програма

Следните три години има отворен прозорец за можни промени во правниот систем и напредок кон целосна заштита и еднаквост на ЛГБТИ луѓето. Во соработка со другите организации кои се застапуваат за правата на ЛГБТИ луѓето, ќе се развијат акциски планови за застапување во следните три години со специфична содржинска рамка за секоја година одделно. Како поткрепа на напорите ќе се работи интензивно на развивање на капацитетите и вклученоста на Меѓу-партиската ЛГБТИ група во Собранието на РМ. Исто така, како дел од напорите за приближување кон Евро-атлантското семејство, Центарот ќе соработува одблизу со Европската комисија, Советот на Европа и соодветните дипломатски претставништва во државата.

Правниот тим ќе биде сосредоточен на лоцирање и охрабрување на жртвите на дискриминација, говор и/или дела од омраза и нееднаков третман, да дејствуваат за своја заштита, градејќи судска пракса. Исто така правниот тим ќе работи на воспоставување на мрежа на пара-правници низ целата држава, пред сé преку локалните активистички јадра.

ЛГБТИ Центарот за поддршка е носител на тригодишен регионален проект за застапување, кој ќе се имплементира во шест држави од Западен Балкан и Турција, од тринаесет организации. Организациите го препознаа законодавството за правно признавање на родот како приоритетно и со капацитет за регионален пристап.

Ќе продолжиме да ги развиваме нашите капацитети за користење на механизмите на ЕУ и ОН со поднесување на извештаи во сенка, користејќи ги како алатки за застапување.

Интервентен фонд

Интервентниот фонд преку ефективна директна помош на ЛГБТИ индивидуи ја зајакнува довербата во Центарот, помагајќи ни да ги разбереме случувањата на терен и потребите на ЛГБТИ заедницата.

Во следните три години улогата на Интервентниот фонд ќе транзитира од работа исклучиво со индивидуални случаи (работа претежно преземена од Сигурната куќа), кон поддршка на Локалните активистички јадра, за постигнување на нивна регистрација во општините каде работат и одржлива независност на истите, преку подигнување на нивните капацитети за креирање, аплицирање и реализација на проекти од локален интерес на ЛГБТИ луѓето.

Сигурна куќа

Сигурната куќа во следните години, освен развивање на програми за зајакнување на корисниците и нивна ресоцијализација, ќе работи на постигнување на одржливост преку блиска соработка со други граѓански организации и мрежата на слични шелтер центри, како и Министерството за труд и социјални работи.

Активности

За реализација на програмите, во настојувањето за унапредување и заштита на човековите права и хармонизирање на домашното законодавство и практика со меѓународното и правото на Европската унија и Комитетот:

1. Организира системско набљудување на состојбите со човековите права во земјата;

2. Обезбедува бесплатна правна помош на територијата на Република Македонија и пред меѓународни организации и судови;

3. Подготвува месечни, годишни и посебни извештаи за состојбата со човековите права;

4. Подготвува анализи и други документи поврзани со состојбите со човековите права;

5. Организира конференции, семинари, трибини, јавни акции и други форми на граѓанска активност;

6. Го промовира и помага развојот на демократијата, владеењето на правото и граѓанското општество;

7. Врши други работи од јавен интерес согласно Законот за здруженија на граѓани.

Самоодржливост 

Социјално претприемништво

Една од целите на организацијата е промовирање на социјално претприемништво, како и визијата за поголема социјална инклузија на лица со социјален ризик, што отвара можност за идна соработка и меѓусебна промоција, како и можност за меѓусебна поддршка за претпријатието со различни организации или други претпријатија. Комитетот особено сака да оствари соработка за помош кај ЛГБТИ луѓе, групи кои се наоѓаат во социјален ризик и бездомни лица, односно сите групи под ризик со кои работи Комитетот. После првичната студија, Комитетот во следните три години ќе се посвети на развивање на овој концепт и како дел од напорите за самоодржливост.

Етичка политика

Комитетот нема да прифати средства добиени од нелегален извор, или од компании кои се занимаваат со трговија со оружје, детски труд или евидентирани кршења на човековите права. Ние нема да прифатиме средства кои создаваат судир на интереси. Секој случај го разгледуваме во согласност со нашите вредности.

Скопје, 20.04.2018 година

Претседател,

Проф. д-р Гордан Калајџиев

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo