Corner Статут

Статут

ПРЕЗЕМИ  

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија е неполитичка, нерелигиозна, невладина организација. 

Член 2

Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија е  независно здружение и не служи  за потребите на политичките партии, политичка коалиција или лице кое дејствува врз основа на Законот за политичките партии.

Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија  својата работа ја заснова врз основа на принципите на јавност и транспарентност и слободно ги промовира своите ставови и мислења, поведува иницијативи и учествува во градење на јавно мислење и креирањето на политиките.

Член 3

Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија има својство на правно лице.

Името на здружението е Здружение ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА - Скопје.

Во тековното работење здружението може да го користи и своето кратко име "Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија."

Седиштето на Комитетот е во Скопје, на ул. “Даме Груев” бр. 8/5.

Член 4

Целта на Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија е да работи на почитувањето, промоцијата и заштита  на основните човекови права и слободи содржани во Хелсиншкиот Завршен Акт од 1975 година и други меѓународни договори за човекови права.

Посебни цели се:

1. Да организира системско набљудувања на ситуацијата со човековите права во Македонија.
2. Да подготвува извештаи за состојбата со човековите права и да ги дистрибуира во земјата и во странство.
3. Да изработува, преведува, подготвува  и дистрибуира материјали поврзани со теоријата и праксата на човековите права.
4. Да организира конференции, семинари, јавни акции и други законски форми на граѓанска активност во врска со заштитата на човековите права.
5. Да ги штити правата на одделни физички и правни лица на територијата на Република Македонија и пред меѓународни организации.
6. Да обезбеди бесплатна правна помош на одделни физички и правни лица во насока на заштита на нивните слободи и права
7. Развој на демократијата, граѓанското општество и човековите права и вршење на други дејности од јавен интерес согласно Законот за здруженија на граѓани и фондации.
8. Следење, заштита и промоција на правата на детето како посебни човекови права.

Член 5

За постигнување на своите цели и задачи Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија дејствува врз основа на Уставот и законите на Република Македонија, кои вклучуваат:

1. Организирање и одржување на контакти и соработка со правни и физички лица во Македонија и во странство;

2. Организација на мисии за пронаоѓање на факти, одржување на информатички база и други средства за следење на ситуацијата со човековите права во Македонија;

3. Собирање на информации за меѓународното и домашното законодавство,  за судството и друга практика во областа на човековите права;

4.  Pазвива активности во форма на застапување, лобирање,  преговарање, медијаторство, едукација по пат на семинари и работилници, експертско – консултативни активности,  вклучувајќи и подготовка на студии, организирање трибини и тркалезни маси во функција на јавна расправа, иницирање законски и подзаконски промени и новелирање, и издавачки дејности;

5.  Прибира  средства со кои ќе се овозможат активностите на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

  Член 6Работата на Комитетот е јавна. Јавноста во работењето се обезбедува со редовно известување на членовите на Комитетот за сите облици на работење, со увид во спроведувањето на програмските задачи, со поднесување извештај за работа на органите и телата на Комитетот, за материјално- финансиското работење и друго.

Органите на Хелсиншки Комитет се обврзуваат да обезбедат систем на информирање на јавноста.

За информирањето на пошироката јавност се користи печатот, радиото и телевизијата, како и други електронски облици на информирање (официјална web страна, e-mail листа). 

 II. ЧЛЕНОВИ НА КОМИТЕТОТ

Член 7

Член на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, може да биде секој полнолетен граѓанин, без оглед на неговата национална, расна или верска припадност, кој е државјанин на Република Македонија или странец со постојан престој во Република Македонија.

Член на Хелсиншкиот Комитет исто така може да биде и малолетно лице со наполнети 14 години со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник за зачленување во организацијата во согласност со закон. Овој член ќе биде без право на глас до негово полнолетство.

Членовите на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија се врвни и истакнати професионалци во различни области, како и сите активни граѓани кои се посветени на човековите права и кои доброволно ќе пристапат кон Комитетот со потпишување пристапница.

Со потпишувањето на пристапницата членовите го прифаќаат Статутот на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и изразуваат готовност да членуваат како личности и да ја понудат својата експертиза од одредени области во спроведувањето на активностите и работењето. 

Член 8

За прием на нов член одлучува Управниот одбор кој го разгледува  барањето за пристапување и утврдува дека кандидатот го прифаќа овој Статут и Програмата на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија за своите членови води регистар на членството, кој се ажурира еднаш годишно.

Член 9

Членовите на Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија имаат права и одговорности согласно со одредбите на овој Статут и позитивните законски одредби.

Членот има права и обврски:

• да избира и да биде избиран во органите на Комитетот;
• да предлага решавање на прашања од заеднички интерес;
• да работи  на развивање и унапредување на општествените и другите активности кои произлегуваат од Статутот, програмските цели и задачи  и од усвоените одлуки и заклучоци;
• да зема активно учество во спроведување на програмата и активностите на Комитетот преку редовно присуство на состаноци
• да ги спроведува во целост одредбите од Статутот и програмските активности;
• да ги застапува интересите и ставовите на организацијата;

Член 10

Секој член може доброволно да истапи од Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, за што задолжително писмено ќе го извести Комитетот.

Член 11

Членот може да биде исклучен поради нанесување штета на дејноста и угледот на организацијата и поради делување спротивно на Статутот и актите на Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија.

Постапка  за исклучување можат да поведат:

• пет члена на собранието;
• двајца членови на управниот одбор;
• претседателот на Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија.

Одлука за исклучување донесува Управниот одбор, а истата ја потврдува Надзорниот одбор. Во случај на несогласување помеѓу одлуките на Управниот и Надзорниот одбор, за истата ќе одлучува Собранието. 


III. ФИНАНСИРАЊЕ НА КОМИТЕТОТ

Член 12
Комитетот остварува средства од:

- доброволни прилози, донации, подароци и легати;
- донации врз основа на проекти
- приходи согласно законот за бесплатна правна помош
- донации од трговски друштва и поединци
- од други услуги и извори .

Член 13

Користењето и располагањето со средствата на Комитетот добиени по основите од предходниот член се врши на начин утврден со овој Статут и останатите законски норми.

Член 14

За користењето и располагањето со средствата одлучуваат органите на Комитетот, согласно надлежностите утврдени со овој Статут, кои преземат мерки за економско целесообразно користење на средствата и за спречување и отстранување на незаконитостите.

Член 15

Комитетот донесува годишен финансиски план за приходите и расходите на Комитетот.

Финансискиот план ги содржи приходите кои се стекнуваат по чл.12 од Статутот, како и расходите за општествената активност, за плати на вработените, за заедничка потрошувачка на вработените, материјални трошоци за работа на Комитетот и други расходи сврзани со работата.

Член 16

Комитетот има своја жиро-сметка.


IV. ОРГАНИ  НА  ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Член 17

Со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија управува членство непосредно или преку свои претставници.

Органи на Комитетот се:

1. Собрание;
2. Управен одбор
3. Претседател;
4. Надзорен одбор;
5. Извршен директор и Стручна служба.

Член 18

Собрание

Собранието е највисоко тело на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и го сочинуваат сите негови членови. Собранието се состанува по потреба, а најмалку еднаш годишно.

Член 19

Во надлежност на собранието е да :

• донесува Статут, програма и други акти;
• усвојува годишен извештај за работа, финансиски план и финансиски извештај кој се објавува на веб страницата на Комитетот
• доставува финансиски извештај до надлежниот орган на државната управа, односно до органот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во случаите кога користи средства од Буџетот на Република Македонија, односно буџетите на единиците на локалната самоуправа;
• одлучува за промена на целта на здружението;
• одлучува за внатрешната организација и организационите форми на органите на здружението,
• избира и разрешува членови на Управниот одбор и Надзорниот одбор  со мнозинство гласови од присутниот број членови;
• одлучува за статусните измени на здружението;
• одлучува за престанок на здружението со двотретинско мнозинство гласови од сите членови на здружението и;
•  врши и други работи во согласност со статутот и актите на здружението.

Член 20

Собранието работи на седници и по правило, одржува седница најмалку еднаш годишно по традиција во ноември месец.

Собранието полноважно одлучува ако се присутни повеќе од една половина од вкупниот број членови.

Собранието по правило одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови, со тајно гласање.  Секој член на Собранието има право на еден глас.

Собранието за секоја седница одделно избира претседавач.

Одлуките на Собранието се задолжителни за сите органи и членови на Комитетот.

За собранието се води записник, кој го потврдуваат претседавачот на Собранието и Управниот одбор.

Член 21

Седници на Собранието се свикува по предлог на:

•  Претседателот на Комитетот;
• 1/3 од  членовите на Управниот одбор на Комитетот или на 1/3 од членовите на Собранието.

Вонредна седница на Собранието се свикува на ист начин како и редовната, а се одржува најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за одржување.

Извршниот директор е задолжен за администрирање на седниците на собранието.

Начин на свикување на седница на Собранието на Комитетот се определува со Деловник за работа.

Член 22

Управен одбор

Управниот  одбор на Комитетот е управен орган на Комитетот во кој секој член има еднакви права, обврски и одговорности за работењето и развојот на Комитетот во согласност со Статутот.

Управниот одбор го сочинуваат најмалку пет а не повеќе од девет члена, но во секое време бројот на членовите на Управниот Одбор мора да биде непарен.

Поради почитување на принципот на родова балансираност, минимум 40% од членовите на Управниот Одбор треба да припаѓаат на немнозинскиот пол.

Членовите на Управниот одбор ги избира Собранието, со мнозинство од бројот на членови присутни на Собранието. Во случај на престанување на функцијата на член на Управен одбор од било кои причини, во рок од 30 дена од денот на престанокот се свикува Собрание на кое се избира нов член на Управниот Одбор. 

Член 23

Кандидат за член на Управниот одбор можат да предложат најмалку три члена на Собранието.

Доколку не се избере потребниот број на членови на Управниот одбор, постапката за избор на непополнетите места во Управниот одбор се повторува во рок не подолг од два месеца.

Измените за бројот на членови на Управниот одбор го утврдува Собранието.

Членовите на Управниот одбор се членови на Собранието, односно членови на Хелсиншки Комитет.

Мандатот на членовите на Управниот одбор е четири години, со право на избор во уште еден мандат.

Член 24

Управниот одбор:

• ги подготвува, утврдува и спроведува статутарните и програмските задачи на Комитетот, како и одлуките и заклучоците на Собранието;
• донесува и реализира годишна програма за работа;
• Донесува деловник за работа на комитетот;
• предлага измени и дополнување на Статутот;
• Одобрување на идеја - дали е во склад со целите и задачите на Комитетот, како оценка за потребата на проектот во активностите на Комитетот како прв  чекор во дефинирањето на  проектот и барањето потенцијални донатори за негова реализација
• одредува раководители на проектите, донесува одлука за аплицирање, ги усвојува апликацијата, договорот со донаторот и извештајот, редовно го следи и насочува реализирањето за секој проект кој го реализира Комитетот;
• усвојува програмски и финансиски извештај, во склад со барањата на донаторот содржани во договорот за проектот
• ги усвојува извештаите, анализите и другите документи кои произлегуваат од активностите на Комитетот;
• на конститутивната седница на Управниот одбор предлага кандидати и врши избор на Претседател на Комитетот од своите редови;
• избира Извршен директор;
• одлучува за здружување или разделување од друго здружение и за зачленување во сојузи и меѓународни организации;
• свикува седници на Собранието и подготвува материјали;
• управува и одговара за управувањето со имотот на Комитетот;
• донесува одлуки за формирање на постојани и повремени комисии, проектни и мрежи од соработници и ја насочува нивната работа;
• донесува одлуки за награди и признанија по предлог на Извршниот директор;
• донесува  Правилник за организацијата на работите и работните задачи  и надоместоци на стручната служба на Комитетот.
• Одлучува во втор степен по жалба на решенијата донесени од страна на Извршниот Директор
• подготвува годишен или периодичен извештај за својата работа
• врши и други работи кои произлегуваат од потребите на Статутот на Комитетот, а кои не се во надлежност на друг орган на Комитетот.

Член 25

Управниот одбор работи и одлучува на седници, кои редовно се одржуваат еднаш месечно. Управниот одбор се состанува најдоцна 14 дена по одржувањето на Собранието, на конститутивна седница на која се избира претседател на Комитетот.

Редовните седници на управниот одбор ги свикува и со нив раководи Претседателот на Комитетот или во негово отсуство било кој од членовите.

Предлог за свикување на вонредна седница може да даде и член на Управниот одбор. Во тој случај, Извршниот директор е должен да закаже седница и без присуство на Претседателот на Комитетот.

Предлог за свикување на вонредна седница може да дадат и минимум пет члена на Собранието, Извршниот директор како и една третина од членовите на стручната служба.

Претседателот на Комитетот е должен да свика седница во рок од пет  дена од денот кога е поднесено барањето.

Свикувањето се врши со покана со време, место и предлог дневен ред на седницата.

Управниот одбор може да работи и да одлучува ако на седницата се присутни минимум половина од бројот на членовите.

Членот на Управниот Одбор се иззема од гласање за прашања поврзани со него, со неговиот брачен другар или роднина до втор степен и за прашања кои се однесуваат на некое правно лице врз кое тој има контрола или економски интерес.

Секој раководител на проект, кој не е член на Комитетот и Управниот одбор,  има право да учествува на состаноците на Одборот, без право на глас, кога се расправа за проектот.

Секој член на Комитетот и на Стручната служба, има право да учествува на состаноците на Одборот, без право на глас.

Управниот одбор своите одлуки ги носи со мнозинство гласови.

За работата на седниците се води записник кој се усвојува на следната седница на одборот.

Член 26

Претседател на комитетот

Претседателот е законски застапник на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија. Тој го претставува Комитетот во односите со трети лица.

Претседателот е полноправен член на Собранието и на Управниот одбор, и е одговорен за спроведувањето на Статутот, одлуките, ставовите и политиките на Собранието и Управниот одбор.

Претседателот е одговорен за спроведувањето на активностите на Комитетот и Одборот меѓу два состанока на Управниот одбор.

Член 27

Предлог за избор на претседател можат да поднесат најмалку двајца членови на Управниот одбор.

Претседателот, по правило се избира на конститутивната седница на Управниот одбор или на седница по оставка, разрешување или друга неможност за вршење на функцијата на претседателот. На седницата треба да присуствуваат повеќе од половина членови.

Мандатот на претседателот е четири години, со можност за еден реизбор.

Член 28

Претседателот ќе биде разрешен:

• поради делување спротивно на Статутот и актите на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија,
• поради отсуство надвор од земјата подолго од една година
• поради било која друга причина заради која е спречен да ја извршува функцијата претседател

Предлог за разрешување на претседател можат да поднесат најмалку двајца членови на Управниот одбор, а одлуката за неговото разрешување се носи со мнозинство од гласовите на членовите на Одборот. 

Член 29

Надзорен одбор

Надзорниот одбор ја следи примената на Статутот и програмата, се грижи за работењето и имотот на организацијата, ја прегледува годишната завршна сметка и други акти на организацијата и врши други работи на начин утврден со овој статут.

Надзорниот одбор е составен од три истакнати члена од редовите на собранието  на Комитетот, со мандат од четири години.

Членовите на надзорниот одбор ги избира Собранието на Комитетот со мнозинство гласови. Секој член на Собранието може да даде свој предлог за член на надзорниот одбор.

Членовите на Надзорниот одбор не можат да бидат членови на други органи во чии што рамки вршат надзор, како ни вработени во организацијата.

Врши контрола на спроведувањето на финансиските активности на Комитетот и контрола на наменското располагање со средствата и приходите на Комитетот. Своите наоди и одлуки Надзорниот одбор ги доставува до Собранието и до Управниот одбор.

Надзорниот одбор го разгледува тековното финансиско реализирање на секој од проектите на Комитетот во согласност со потпишаниот договор за реализација на проектот.

Во случај да констатира поголеми отстапувања и недостатоци во остварувањето на буџетот на проектот за своите констатации и став го известува Управниот одбор кој по негово барање за тоа мора да расправа најдоцна за седум дена.

Надзорниот одбор ги разгледува и евентуалните забелешки на начинот на кој се остварува финансискиот дел од проектот, кои доаѓаат од учесници во проектот или пак од донаторот и за тоа го известува Управниот Одбор и ако е потребно му предлага како да се разреши проблемот.

Покрај финансиската контрола, Надзорниот одбор во целост го контролира начинот на работењето на органот на управување  и поединечно ја потврдува секоја негова одлука. 

Член 30

Извршен директор и Стручна служба

За своето административно - деловно и стручно работење Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија има Извршен директор и Стручна служба.

Извршниот директор се избира од страна на Управниот одбор со мнозинство  од вкупниот број на членови на Управниот одбор.

Работата, дејствувањето како и другите активности кои се однесуваат на Извршниот директор и стручната служба се уредуваат со Правилникот за организацијата на работите и работните задачи и надоместоци на стручната служба на Комитетот.

Член 31

Членовите на Собранието, Управниот одбор и на Надзорниот одбор (членовите на органите) во секое време имаат право и должност да учествуваат во работата на органите, да даваат иницијатива за подготвување општи акти и да учествуваат во вршењето други надлежности на Собранието, Управниот одбор и Надзорниот одбор.

Член 32

Младинска група

Во рамките на Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија подмладокот и младината се организирани во рамките на Младинската група на Хелсиншкиот Комитет на РМ, а нејзината организација и работа се уредува со правилник за организација и работа на Младинската група на Хелсиншки Комитет.

Членовите на младинската група со  потпишувањето на  пристапница, стануваат дел од младинската група која делува како дел од Хелсиншкиот Комитет.

На секоја нова седница на Собранието, младинската група избира двајца полнолетни претставници,  кои ќе ги застапуваат интересите на членовите на Младинската група на Комитетот.

Претставниците на подмладокот имаат право да гласаат, но не и да бидат бирани во органите на Комитетот.

III. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 33

Комитетот ќе престане со работа ако е:
• донесена одлука за престанок на постоење во согласност со Статутот
• поминато двојно повеќе време од времето предвидено за одржување на седница на највисокиот орган утврден со статутот, а таа не е одржана,
•  во две последователни години не е поднесена завршна сметка во согласност со закон,
•  донесена одлука на надлежен суд,

Одлука за престанок на Комитетот донесува Собранието со двотретинско мнозинство од членовите на Комитетот.

Член 34

Право на автентично толкување на одредбите од овој Статут врши Собранието, а помеѓу две собранија Управниот одбор на Комитетот.

Член 35

Измени и дополнувања на овој Статут се вршат по иста постапка како и за неговото донесување.

Предлогот го разгледува Управниот одбор и, заедно со своето мислење, го доставува до сите членови на Собранието, петнаесет дена пред одржувањето на седницата на Собранието.

Собранието го донесува Статутот со  мнозинство од присутните членови.

Член 36

Овој Статут  влегува во сила со денот на донесувањето, а со тоа престанува да важи Статутот на Хелсиншкиот комитет за човекови права од  19.04.2007 година.


ПРЕТСЕДАТЕЛ

--------------------------------------------------------------------------------

[1] ЗАКОН ЗА ЗДРУЖЕНИЈА И ФОНДАЦИИ Службен весник на РМ, бр. 52 од 16.04.2010 година Член 104
(1) Организациите се должни во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги усогласат актите со овој закон и да извршат пререгистрација во Регистарот.
(2) За организациите кои биле запишани во Регистарот, пререгистрацијата во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе се врши без плаќање на такса или друг вид на надоместок.
[2] ЗАКОН ЗА ЗДРУЖЕНИЈА И ФОНДАЦИИ Службен весник на РМ, бр. 52 од 16.04.2010 година Статут и содржина на статутот Член 18 став 1-„ Здружението има статут”
[3] ЗАКОН ЗА ЗДРУЖЕНИЈА И ФОНДАЦИИ Службен весник на РМ, бр. 52 од 16.04.2010 година Член 24 став 1-„ Собранието работи на седници“.
[4] СТАТУТОТ НА ХЕЛСИНШКИОТ  КОМИТЕТ - донесен и усвоен на  Собранието на Комитетот на седницата одржана на 19 Април 2007 година, во  член 27 е наведено – „Во надлежност на Собранието е следното: - го донесува Статутот на Комитетот и врши измени и дополнувања на истиот,“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo