март 12, 2019

„Правните предизвици пред Специјалното јавно обвинителство“ – нов документ за јавни политики

Фондацијата Отворено општество – Македонија издаде нов документ за јавни политики, со наслов „Правните предизвици пред Специјалното јавно обвинителство“, во кој проф. д-р Гордан Калајџиев го анализира статусот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во правосудниот систем, кое е исправено пред неколку сериозни правни и политички искушенија.

Досега не е водена отворена расправа и не се анализирани многу значајни проблеми врзани со работењето на СЈО, познати речиси од самиот почеток на работата на специјалното обвинителство. Затоа, целта на оваа анализа е отворено да се прикажат позначајните правни проблеми и искушенија пред кои стои ова обвинителство и да се понудат можни решенија за нивно надминување. Анализата пред сé се занимава со трансформацијата на СЈО, но и со можностите, проблемите и предизвиците со кои ќе се соочи обвинителството. Исто така, во документот се анализира проблемот со уставноста на СЈО, рокот за гонење (подигање обвиненија), неговата уставност и новите истраги, незаконитите докази, помилувањата на Претседателот Иванов и можноста за идни помилувања или амнестија и нивните правни (и политички) последици, како и последиците од евентуалните постапки пред судот во Стразбур.

Анализа е подготвена при изработката на студијата за меѓународен судски мониторинг во Македонија, во рамките на проектот „Поддршка на Македонија за интеграција во ЕУ и во НАТО“, кој се реализира од страна на организациите Коалиција Сите за правично судење, Хелсиншки комитет за човековите права на Република Македонија, Македонско здружение на младите правници, Институт за човековите права и Центар за правни истражувања и анализи, со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Документи