април 8, 2019

Меѓународен ден на Ромите – најранливата етничка заедница, дискриминирана во сите сфери на општеството

На 8-ми Април се одбележува Меѓународниот ден на Ромите, кој придонесува за подигнување на свесноста и потсетува на долгогодишната борба за подобар и подостоинствен живот на оваа група луѓе. Ромите се најранлива етничка заедница која се соочува со дискриминација во речиси сите сфери на општественото делување.

Одбележувајќи го денешниот ден, сакаме да ја истакнеме нашата загриженост поради неимплементирањето на активностите од важечката Стратегија за Ромите во нашата земја. Ја повикуваме државата декларативните заложби за подобрување на статусот на Ромите да ги преточи во конкретни акциски планови и афирмативни мерки за подобрување на статусот и интеграција на Ромите во сите општествени сфери.

Имајќи предвид дека кон нив се уште постои системска дискриминација, особено во непристапноста на жените Ромки до здравствена заштита и гинеколошки услуги, како и сегрегација на децата Роми во образованието, ја повикуваме државата да преземе активни мерки за спречување на дискриминацијата врз основа на етничка припадност, боја на кожа и маргинализирана група. Особено сме загрижени за системската сегрегација на децата Роми во образовниот процес, кои без никаква категоризација посетуваат училишта за деца со интелектуална попреченост или пак се распределени во посебни паралелки во редовните училишта, наместо да бидат вклучени и интегрирани во редовните паралелки.

Дополнително ја повикуваме државата да ги имплементира последните препораки на Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација, кои се однесуваат на носење на акционен план со привремени мерки за заштита за сите Ромки кои се соочуваат со каков било вид на нееднаков третман, зголемување на учеството на Ромките во процесите на донесување одлуки, носење мерки за исипување на Ромките од образование, развивање на посебни програми за намалување на сиромаштијата и вклучување во социјално инклузивни програми.