февруари 28, 2019

Имаат ли работниците права во Северна Македонија? – презентација на две анализи за работничките права

Хелсиншкиот комитет за човекови права на денешната прес конференција, која се одржа во хотелот Арка во Скопје, презентираше два анализи посветени на состојбата со работничките права во земјава. Конференцијата ја отвори извршната директорка, Уранија Пировска, која посочи дека Хелсиншки и пристапува на темата за работничките права со посебен ентузијазам, особено во последните три години. Според неа, анализите кои се презентираат и препораките кои произлегуваат од нив, ќе бидат искористени за лобирање и застапување при подготовката на новиот Закон за работни односи.

Анализата на стандардите за работнички права и нивна примена во Република Северна Македонија, беше презентирана од една од авторките, Мирјана Најчевска, која посочи дека во регулативите на ЕУ, работничките права се третираат како составен дел на човековите права. Основен проблем во земјава е дека работниците не ги уживаат гарантираните права. Во голем број случаи праксата не ги следи меѓународните стандарди, и во голем број случаи фактичката заштита не соодветствува на меѓународната регулатива и на национално законодавство.Според Најчевска, во основа, законската регулатива не е основниот и најголемиот проблем во Република Северна Македонија. Тоа не значи дека таа е идеална и не треба да се прават одредени промени, како што е кај заштитните механизми кои се разбиени во различни закони. Сепак, според неа, праксата е најголем проблем: она на што се инсистира со директивите на ЕУ се прецизни колективни договори, и тоа прецизирање соодветно на различните области. Проблематична е неинформираноста на работниците, како и барањето на самите институции за преголемо регулирање. Исто така, инспекторатите секогаш делуваат реактивно, наместо проактивно. Постои цел систем на обесхрабрување на работниците да пријават. Синдикатите, исто така, не ја вршат својата работа, но и не се обучени за да застапуваат.

Кире Василев, како еден од авторите на Анализата на степенот на задоволство од механизмите за заштита на работничките права во Република Северна Македонија, изјави дека истражувањата покажуваат дека работниците најмалку доверба имаат во синдикатите. Потребен е нов закон за синдикати кој ќе доведе до некоја форма на плурализам. Државниот инспекторат за труд е втор по незадоволство. Тој се соочува со недоволно ресурси, инспектори (од кои дел се веќе пред пензија со што капацитетите ќе се намалат за 40% и нема да може да се одговори на потребите), а во три поголеми градови нема инспекторати. Здруженијата на работодавачи се на високо место при мерењето незадоволство, па следат апелационите и основните судови, а најмалку незадоволство работниците чувствуваат кон невладините организации.

На прес конференцијата се обрати и Игор Јадровски од Хелсиншкиот комитет кој направи пресек на активностите на Хелсиншки во однос на заштитата на работничките права, во смисла на обезбедување на бесплатна правна помош, пријавување проблем на работното место, како и активностите во насока на подобрување на легислативата. Во таа насока, давањето бесплатна правна помош е најголемиот инпут кој го обезбедува Комитетот. Само во 2018 година, 5000 работници пријавија некакво прекршување, претежно од текстилната, кожарската и чевларската индустрија. Сепак, моменталниот Закон за бесплатна правна помош е прилично рестриктивен, што спречува многу вработени да добијат ваков тип на заштита. Јадровски нагласи дека поради високите трошоци, и судската правда е се уште недостапна за поголем дел од работниците.

Презентираните анализи се подготвени во рамки на проектот ,,Зголемување на продуктивноста преку подобрување на законската рамка за работните односи во Македонија’’, финансиран од Фондот за добро владеење на Велика Британија. Мислењата и ставовите наведени во анализите, како и на овој настан, не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Владата на Обединетото Кралство.

На линковите во продолжение може да ги преземете анализите на македонски, албански и англиски јазик:

1. Анализа на стандардите за работнички права и нивна примена во Република Северна Македонија, од автор(к)ите: д-р Мирјана Најчевска, д-р Анета Цекиќ, д-р Ана Блажева, д-р Јордан Шишовски и м-р Соња Стојадиновиќ.

2 .Анализа на степенот на задоволство од механизмите за заштита на работничките права во Република Северна Македонија, од автор(к)ите: м-р Кире Василев, Мариглен Демири, Наташа Нешевска и Никола Штериов. 

Документи