декември 5, 2018

​Промоција на интернет платформа за антикорупција

По повод Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ќе ја промовира интернет платформата prijavikorupcija.mk пред студентите на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

На настанот кој ќе се одржи на 6 декември 2018 (четврток) со почеток во 10 часот, во аулата на Правниот факултет при УКИМ, изјави за медиумите ќе дадат претставници на Хелсиншкиот комитет. Презентацијата ќе биде неформална, на штандови поставени на сите факултети во кампусот на УКИМ, каде студентите и професорите ќе имаат шанса директно да се информираат и интерактивно да ја тестираат платформата.

Корупцијата и судирот на интереси претставуваат феномени за кои во сите релевантни анализи се истакнува дека сѐ уште остануваат во значителна мера неказнети, а перцепцијата на граѓаните е дека антикорупциската борба не дава задоволителни резултати. Токму од овие причини, борбата против корупцијата е дел од програмата за Владеење на правото, односно од Стратегијата за работа на Хелсиншкиот комитет 2018-2020 година. Преку интернет платформата за пријавување на корупција, покрај евидентирање и мониторинг на случаи, Комитетот ќе овозможи и соодветна бесплатна правна помош на жртвите на коруптивни дејствија.

Интернет платформата prijavikorupcija.mk е изработена со финансиска поддршка од Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД), во Република Македонија. За содржината одговорен е авторот на интернет платформата и во никој случај не ги рефлектира позициите на Амбасадата на САД во Република Македонија.