февруари 27, 2019

Изјава на Игор Јадровски за Цивил медиа – најава за презентацијата на анализи за работнички права

Хелсиншкиот комитет за човекови права подготви две анализи посветени на состојбата со работничките права во земјава, кои ќе бидат презентирани утре, во хотел Арка, со почеток од 11 часот.

Игор Јадровски од Хелсиншкиот комитет вели дека станува збор за две различни анализи кои паралелно биле спроведувани од експертски тима. Автор(к)и на двете анализи се д-р Мирјана Најчевска, д-р Анета Цекиќ, д-р Ана Блажева, д-р Јордан Шишовски, м-р Соња Стојадиновиќ, м-р Кире Василев, Мариглен Демири, Наташа Нешевска и Никола Штериов.

„Првата анализа се однесува на задоволството од механизмите за заштита на работничките права и ги таргетира сите заштитни механизми кои што можат да бидат активирани кога работничките права се прекршуваат. Тоа е анализа што треба да ни покаже колкава е ефикасноста од една страна на заштитните механизми, колкава е достапноста и пристапноста на на тие механизми, колку е информираноста на работниците за постоњето на овие механизми, колку се користат и на крајот од денот кој е резултатот од користењето на овие механизми. Втората анализа се однесува малку повеќе на стандардите што треба да се испочитуваат за работничките права и колку истите имаат своја примена во Македонија. Кога зборувам за стандарди, прво мислам на домашните кои се пропишани во домашната легислатива, директивите на Европската унија, меѓутоа и сите оние стандарди што ги пропишува Меѓународната организација на трудот. Оваа е една анализа која треба да каже и да даде резултат во однос на тоа колку е досега спроведеноста и што треба да се спроведе“, вели Јадровски.

Во однос на тоа дали очекуваат некаква реакција од надлежните, Јадровски вели дека сакаат анализите да бидат разгледани и дека сметаат дека овие анализи ќе им помогнат на донесувачите на одлуки и на институциите подобро да си ја завршат работата од една страна, од друга страна тоа да резултира со подобра легислатива, со посреќни и позадоволни работници.

„Генерално веќе три години се бавиме со оваа проблематика, иако имаме фокус подолг период на текстилната индустија. Генерално можам да кажам дека се соочуваме со неколку проблеми, акцентот го ставам повторно на текстилната индустија, има некакво подобрување во исплаќање на минимална плата, на поголемо почитување на работничките права, но сè уште треба да се работи посебно во однос на прекувремената работа и плаќањето за истата, во однос на давањето и користење на годишниот одмор…“, вели Јадровски.

За тоа колку често работниците ги користат заштитните механизми Јадровски вели дека имаат прилично често пријавување на повреда на работничките права.

„Во изминатата 2018 година ние имавме опфат од преку 5000 работнички коишто се вработени во текстилната индустрија, една петина од целата индустрија која пријавила потенцијално кршење на работничките права. Не секогаш кога работниците пријавуваат кршење на работничките права се утврдува, меѓутоа самото тоа што имаме толкава бројка која што пријавиле значи дека има прилично големо ниво на свесност и прилично ниво на информираност“, додава Јадровски.

Ангела Петровска
Камера и фотографија: Дехран Муратов 
Монтажа: Биљана Јордановска