април 9, 2019

Хелсиншки поднесе пријава за говор на омраза за поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи

Поглаварот на ИВЗ доби кривична пријава. Хелсиншкиот комитет препознава ширење на омраза и излагање на подбив на македонскиот народ во неговиот говор кога дава квалификации на „див“ и „непримерен народ без идентитет“.

„Праксата на ЕСЧП особено става акцент на лицата кои имаат важна општествена улога, особено ваква значајна улога на поглавар на ИВЗ и дава дополнителен товар бидејќи понатаму видовме дека резултираше со разгорување на дискусијата и видовме појави дека таа изјава предизвикува понатамошен говор на омраза.“ – изјави Вилдан Дрпљанин.

Реџепи присуствувајќи на поставувањето на камен темелникот на џамијата во скопското село Арнакија и зборувајќи за историјата на џамијата, открил дека во минатото, еден македонски премиер, со 60 килограми динамит ја урнал џамијата.

„Нам не ни пречи да градат цркви, но никогаш нема да молчиме кога не попречуваат во градењето на џамиите, кога не се одобрува нивната изградба, оваа работа нема да ја дозволиме никогаш. Никогаш нема да молчиме. Се надеваме со Господ напред дека ќе дојдат подобри времиња. Ние имаме народ и места секаде. Во село Лажец, Битолско, повеќе од 100 години немаат џамија. Замислете вие со каков див народ живееме. Овие се безпримерен див народ, затоа немаат идентитет и нема да имаат никогаш, без разлика дека ние сакаме да им помогнеме. Не се помага, бездушниот, не се освестува.“ – изјави Сулејман Реџепи.

Оваа изјава на поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи ја осудува и Комисијата за односи со верски заедници.

„Во нашата држава се завршени времињата кога една личност, без разлика дели е верски челник,авторитет, политичар новинар може да го билда својот углед во општеството и давајќи дисквалификации со цел да провоцира одрена група а за тоа да има бенефит.“ – изјави Даријан Сотировски – директор на Комисија за односи со верски заедници.

Од ИВЗ велат дека изјавата на Реџепи е извадена од контекст, и дека во ниту еден момент Реџепи не споменува „Македонци“, а кога зборува на див и непримерен народ без идентитет мислЕЛ на жителите во село Лажец. Инаку, според демографските податоци од последниот попис во 2002 година ова битолско село важи за македонско-албанско село во кое живеат 161 Македонец и 135 Албанци и 4 Срби.