Corner Судство

12-та Седница на Уставниот суд на РМ 11 Мај 2016

На 11.05.2016 година, со почеток од 9:15 часот, се одржа 12-та седница на Уставниот суд, на која присуствуваа претставници на Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“. За време на седницата, Уставниот суд расправаше во состав од осум судии, а отсутна беше судијката Вангелина Маркудова. Во судската сала присутни беа и претставници на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Уставниот суд расправаше по следниов:

Дневен ред

I.РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Член 69-а (Заради проверка на стручната оспособеност на студентите за самостојна примена на стекнатите знаења, способности и вештини пропишани во самата студиска програма, во текот на студирањето и на крајот на завршната година се изведува и државен испит за студенти запишани на прв, односно втор циклус на студии, освен за студентите запишани на студиските програми по општа медицина. Државен испит не полага студентот за оние предмети кои ги положил во рамките на европските програми за мобилност.

Државниот испит за студенти го реализира Одборот за акредитација и евалуација на високото образование.

Државниот испит студентот го полага по завршување на втората студиска година, но може и порано доколку студентот има положено најмалку 50% од вкупниот број на предмети предвидени за конкретната студиска програма и на крајот на завршната година на студии, пред одбрана на дипломската работа, доколку студиската програма предвидува изработка и одбрана на дипломска работа.

Државниот испит студентот го полага на крајот на месеците: февруари, април, август и ноември, само еднаш во кварталот на академската година, при што првите две полагања се бесплатни.

Студентите запишани на втор циклус на студии државниот испит го полагат на крајот на последната студиска година.

Првите две полагања на државниот испит за студенти се бесплатни.

Доколку студентот не успее да го положи државниот испит двапати по ред, наредните пријавувања за полагање се на товар на студентот, и тоа за трет пат 1.000,00 денари, за четврт пат 6.000,00 денари и за секое наредно пријавување 12.000,00 денари. Средствата за полагање на државниот испит се уплаќаат на сметката на Одборот.

Државниот испит за студенти содржи пет прашања, односно студии на случај (во натамошниот текст: прашања) од секој од задолжителните и изборните предмети од членот 99 став 3 од овој закон. Прашањата се со различна тежина со четири понудени решенија, од кои едното решение е точен одговор на понуденото прашање.

Прашањата содржани во тестовите за полагање на државниот испит и нивните одговори, се чуваат во единствениот електронски систем за полагање на државниот испит.

Електронскиот систем од ставот 8 на овој член содржи и јавно достапна база на прашања од областа на клучните предмети за потребите на државниот испит.

Прашањата од секој предмет поединечно кои ќе им се достават, по случајен избор, на секој студент за време на полагање на државниот испит, преку посебен софтверски систем, ќе бидат од различно ниво на сложеност и тоа две прашања ќе бидат од најсложен вид на прашања, а останати три прашања ќе бидат составени со пониски нивоа на сложеност.

Државниот испит се полага во просторија за полагање на испит, посебно опремена со материјално-техничка и информатичка опрема, интернет врска и опрема за снимање на полагањето.

Студентите се информираат за датумот и времето на полагањето на државниот испитот најмалку три дена пред одржувањето на државниот испит.

Полагањето на испитот се снима и во живо се емитува на веб страницата на министерството надлежно за високото образование, а ако поради технички причини снимањето се прекине, сминката од целиот испит се поставува на веб страницата на министерството надлежно за високото образование.

Критериумите во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на просториите за полагање на државниот испит ги пропишува министерот надлежен за високото образование на предлог на Одборот.

Во просторијата за полагање на државниот испит, за време на полагање на државниот испит, се присутни еден претставник од високообразовната установа, двајца претставници од Одборот и двајца претставници од министерството надлежно за високото образование, од кои еден е информатичар.

Пред почетокот на полагањето на државниот испит, претставникот од Одборот го утврдува идентитетот на студентот со увид на лична карта или патна исправа.

На студентот за време на полагањето државниот испит не му се дозволува користење учебни помагала, мобилен телефон, преносни компјутерски уреди и други технички и информатички средства, претходно подготвени предмети и слично.

На студентот за време на полагањето на државниот испит не му се дозволува да контактира со други студенти или лица освен со информатичарот од ставот 15 на овој член, во случај доколку има технички проблем со компјутерот.

Ако техничките проблеми со компјутерот бидат отстранети за пет минути испитот продолжува, а дококу не бидат отстранети во овој рок испитот само за тој студент се прекинува и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на државниот испит.

Ако има проблеми со повеќе од пет компјутери и тие не бидат отстранети во рок од пет минути испитот се прекинува за сите студенти кои го полагаат државниот испит и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на државниот испит.

Во случаите од ставот 18 на овој член доколку студентот не се јави на државниот испит во рокот од најмногу три дена, се смета дека студентот не го положил државниот испит и истото се констатира во записникот за полагање нa државниот испит.

Овластените претставници од ставот 15 на овој член, за време на полагањето на испитот, не смеат да се задржуваат подолго од пет секунди во непосредна близина на студентот кој го полага испитот, освен во случај на отстранување на технички проблем кога не смеат да се задржат подолго од пет минути.

Ако студентот не поднесе молба за продолжување на државниот испит во рокот определен во ставот 23 на овој член ќе се смета дeка испитот не го положил.

На денот на полагањето на државниот испит, претставникот на одборот му дава на студентот пристапен код, односно лозинка со кој му се одобрува пристап во електронскиот систем.

По одобувањето на пристапот, студентот добива прашања, компјутерски генерирани, чија содржина по случаен избор ја одредува софтверот на електронскиот систем.

Во случај на спреченост на спроведување на државниот испит поради причини што доведуваат до техничка неможност на функционирање на електронскиот систем, полагањето на државниот испит се прекинува.

Доколку причините што доведуваат до техничка неможност на функционирање на електронскиот систем се отстранат во рок од 60 минути од прекинувањето на државниот испит, истиот продолжува веднаш по нивното отстранување.

Доколку причините што доведуваат до техничка неможност на функционирање на електронскиот систем не се отстранат во рок од 60 минути државниот испит се презакажува за друг термин.

Вкупното траење на времето определено за одговарање на прашањата од државниот испит изнесува 180 минути.

Државниот испит за студенти се смета за положен доколку студентот освоил најмалку 60% од вкупниот број предвидени бодови за секој предмет.

По исклучок од ставот 31 на овој член, државниот испит се смета за положен ако студентот за 20% од предметите постигнал најмалку 30% од бодовите од секој предмет поединечно, но вкупниот збир на бодовите да не биде помалку од 60% од вкупниот број на бодови за сите предмети.

По исклучок, државниот испит за студентите кои студираат на студиските програми од научното подрачје на техничките науки, од студиските програми од областа на спортот, односно на студиските програми од областа на уметностите се изведува на начин со кој соодветно се оценуваат и постигнувањата во решавање на проблеми за техничките науки, односно на совладување на уметничките и спортските вештини.

Прашањата за државниот испит се од листа на прашања кои ги изготвуваат и предлагаат наставниците од високообразовните установи, запишани во Регистарот од член 36 од овој закон.

Прашањата за државниот испит треба да се изготвени согласно методологија за изготвување на прашања за државен испит, која ја утврдува Одборот.

Избор од предложените прашања и нивна ревизија врши Одборот, на предлог на стручно тело, формирано од Одборот.

Студентот кој не го положил државниот испит по завршувањето на втората студиска година може да ги слуша предметите од третата студиска година и да полага најмногу една половина од испитите од предметите предвидени за третата студиска година, но не може да се запише во четвртата студиска година.

Посебните услови за начинот на изведување на државниот испит за студенти, начинот на изведување на посебниот дел од испитот од ставот 33 од овој член, на предлог на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование ги пропишува министерот надлежен за работите на високото образование, по претходна согласност од Владата на Република Македонија“) од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/2010, 17/2011, 51/2011, 123/2012, 15/2013, 41/2014, 116/2014, 130/2014, 10/2015, 20/2015, 98/2015, 145/2015 и 154/2015)

Реферат У.бр.19/2015

2. Член 137 став 1 точка 4( Kога користењето на авторското дело, односно предметот на сродните права се врши од страна на радио-телевизиска организација во која не е инсталиран системот за електронска евиденција, надоместокот за користење се определува во процентот од приходот кој ги опфаќа средствата од радиодифузната такса и/или претплатата, рекламите, спонзорствата, дотациите и приходите од промет на програми. Како приход не се сметаат средствата од данокот на додадена вредност, средствата од кредити и камати на кредити.) и член 144 став 4 (Средствата на организацијата остварени од камати на вложени средства во банка и други приходи, во износ од 30% се распределуваат меѓу авторите односно носителите на сродните права, сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле согласно со податоците за користени дела од членот 135 став (1) од овој закон, а во износ од 70% се распределуваат меѓу авторите односно носителите на сродните права, во согласност со податоците за користени дела од системот за електронска евиденција, односно во согласност со податоците од член 135 ставови (6) и (7) од овој закон.)

од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 140/2010, 51/2011 и 147/2013)

Реферат У.бр.68/2015

3. Член 10 став 2 во делот: „под услов пристапот до овие информации да не е забранет со посебен закон“( Јавниот орган е должен по службена должност да ги прибави, разгледа и обработи информациите кои се чуваат во службената евиденција и регистрите, под услов пристапот до овие информации да не е забранет со посебен закон.) од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015),

Реферат У.бр.10/2016

II. БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:

1. Барање за заштита на слободи и права по предметот

У.бр.23/2016

III. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ПРЕДМЕТИТЕ:

1. Предлог за одлучување, со нацрт-одлука по предметот

У.бр.67/2015

2. Предлог за одлучување, со нацрт-одлука по предметот

У.бр.114/2015

Точка I.1

Судија известител: Јован Јосифовски

Судијата Јосифовски извести дека подносител на иницијативата е Стрезо Стрезовски. Согласно Законот за високото образование, оспорената одредба што се однесува на Државниот испит (екстерно тестирање) ќе започне да се применува за учебната 2017-2018 година. Според судијата Јосифовски, иницијаторот најмалку се осврнал на оспорената одредба, а повеќе пишувал за други теми и приложил слики од ректори, пишувал за собири, доставил историски материјали итн. Според тоа, судијата Јосифовски предложи иницијативата да се отфрли согласно Член 28, алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд (Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата: постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата).

За збор се јави судијката Гзиме Старова која истакна дека најмалку битно е кој ја поднел иницијативата. Подносителот има слобода да аргументира како мисли дека е најсоодветно. Оспорената одредба има над 30 ставови и доколку тоа би биле членови ќе можело да се каже дека се работи за Закон за државен испит. Според судијката Старова, ваквиот начин на испитување ќе им отежне на студентите да се вклучат во Еразмуз програмата (по втората година од студии). Според неа треба да се поведе постапка преку која судиите ќе дадат став или размислување кое би му користело на законодавецот. Според судијката оваа одредба предизвикува и финансиски товар за студентите, па дури и за оние што се запишани во државна квота.

За збор се јави судијата Јосифовски кој истакна дкеа оспорената одредба има 38 ставови што иницијаторот можел да ги оспорува, но тој не оспорил ниту еден.

За збор се јави судијката Наташа Габер-Дамјановска која истакна дека одредбата го следи трендот во високото образование. Иницијаторот ја споменува автономијата на универзитетот која според судијката има 4 елементи: академска, финансиска, организациска и кадровска слобода. Според судијката Габер-Дамјановска оваа одредба води кон ерозија на универзитетот. Не може да се утврди знаењето преку тест со 4 алтернативни одговори.

За збор се јави судијата Сали Мурати кој истакна дека ја разбира загриженоста на судијката Габер-Дамјановски за за автономијата, но иницијативата е непотполна и тие не можат да постапуваат.

За збор се јави судијката Старова која истакна дека постои можност Уставниот суд да одлучува по сопствена иницијатива. Потребно е судиите да се вдлабочат во иницијативата за тема што го бранува општеството.

За збор се јави судијата Владимир Стојаноски кој истакна дека во иницијативата недостасуваат аргументи. За Законот за високо образование судиите дискутирале неколку пати. Даде краток осврт на Болоњскиот систем и според него имало полоши системи во Европа. Во некои земји доколку студентот двапати не положи испит го губи правото на студирање на тој факултет.

За збор се јави судијката Старова која го запраша судијата Стојановски дали тој зборува за државен испит? Таа не слушнала такво нешто.

Бидејќи никој друг не побара збор, претседателката Гошева ја затвори седницата и премина на:

Точка I.2

Судија известител: Исмаил Дарлишта

Судијата Дарлишта накратко го изложи својот реферат и истакна дека смета дека има елементи за мериторно одлучување и покрај тоа што еднаш е одлучувано по ваква иницијатива.

За збор се јави судијата Јосифовски кој истакна дека ќе го поддржи таквиот предлог. Според него иницијативата можела и да се отфрли затоа што истата одредба и претходно била оспорена, но постапка не била поведена.

За збор се јави судијата Мурати кој истакна дека Законот за општата управна постапка има многу слабости. Тој ќе гласал против рефератот затоа што граѓаните имаат сериозни проблеми во управната постапка. Требало да има има друг пристап кон овој закон кога тој во минатото бил оспорен во целост.

Бидејќи никој друг не побара збор, претседателката Гошева ја затвори седницата и премина на:

Точка II.1

Судија известиел: Гзиме Старова

Судијката Старова истакна дека предлогот е рефератот е за отфрлање на барањето. Иницијаторот барал Уставниот суд да се стави во улога на повисок суд кој на подносителот на барањето ќе му дозволи процесирање на тужба во судска постапка.

За збор се јави судијата Јосифовски кој истакна дека се согласува со предлогот и додаде дека е добро што подносителот во барањето навел на што се жали, односно дека сметал дека е дискриминиран врз основа на политичко уверување.

Бидејќи никој друг не побара збор, претседателката Гошева ја затвори јавната седницата по што се премина на предлози за одлучување со нацрт-одлука и тајно гласање, согласно дневниот ред.

Видување на Хелсиншкиот комитет за седницата

Хелсиншкиот комитет смета дека седницата генерално беше водена во согласност со Деловникот на уставниот суд. Претседателката Елена Гошева ја водеше седницата коректно, давајќи им збор на сите присутни судии кои учествуваа во расправата. За поздравување е поопширното излагање на судијата Јосифовски во врска со неговиот реферат од Точката I.1. За разлика од мнозинството судии при презентирањето на рефератот, судијата Јосифовски извести за тоа кој е подносителот и кои се неговите аргументи. Излагањето на судијата Стојаноски за тоа дека во Европа имало и „полоши“ системи на високо образование е индикатор за неговиот став за македонскиот систем, односно државен испит. Што се однесува на излагањето на судијата Мурати, дека пречка за одлучување е тоа што иницијативата на подносителот од Точка I.1 е непотполна, Хелсиншкиот комитет и порано укажувал, а и сега се согласува со излагањето на судијката Старова дека според Член 11 од Деловникот на Уставниот суд, постапката за оценување уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт може да се поведе и со решение на Уставниот суд, без претходно да биде поднесена иницијатива. Според тоа, доколку судиите сметаат дека некоја оспорена одредба треба да подлежи на уставно-правна проверка, дури и во ситуација на недоволно аргументирана иницијатива на подносителот, судиите можат да ја водат постапката по сопствена иницијатива. Имајќи предвид дека, како што забележа и судијката Старова, државниот испит ја брануваше јавноста и беа организирани масовни студенстски протести, Хелсиншкиот комитет смета дека Уставниот суд по ова прашање требаше да оточне постапка. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo