Corner Судство

11-та Седница на Уставниот суд на РМ 20 Април 2016

На 20.04.2016 година, со почеток од 09:00 часот, се одржа 11-та седница на Уставниот суд, на која присуствуваа претставници на Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“. За време на седницата, Уставниот суд расправаше вополн состав од 9 судии. Присутен беше и претставник на ОБСЕ.

Уставниот суд расправаше по следниов:

Дневен ред

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.  Член 68 во целина и посебно ставовите 2, 3, 4, 5 и 7 од Законот за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр. 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015 и 5/2016)

Реферат У.бр.20/2015

2.  Член 2 став 1 алинеја 2, во делот „или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје“, член 14 став 2 алинеја 20, во делот „во областа на комуналните дејности“и член 20-б став 1 алинеја 3, во делот „и јавните претпријатија“, од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014 и 199/2014).

Реферат У.бр.112/2015

3.  Одлука за давање согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на Урбанистички план за село Јосифово, донесена од Влада на Република Македонија под бр.42-5719/1 од 15 јуни 2015 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2015).

Реферат У.бр.54/2016

Точка I.1

Судија известител: Вангелина Маркудова

Судијката Вангелина Маркудова накратко го изложи својот реферат. Таа истакна дека подносителот на иницијативата го оспорува член 68 од Законот за административни службеници и дека во рефератот е подетално образложено. Оспорените одредби не се во согласност со член 8, 9, 51 од Уставот на Република Македонија. Имено, само 5% од вработените службеници можат да имаат највисока оценка, а другите може да бидат казнети за најслаб учинок. Таа дополнително истакна дека не постои објективност во оценувањето. Различните бројки на вработени даваат различни квоти на 5% од вработените. Ваквата состојба доведува до правна несигурност. Судијката Маркудова изјави дека по сопствена иницијатива како судија известител, со државниот советник сметале дека согласно овие оспорени одредби, треба да бидат оспорени и одредбите од членот 65 од истиот закон, затоа што бил во директна корелација со членот 68. Дополнително судијката Маркудова се произнесе дека има уставно-судска пракса што е во корелација со овие оспорени членови. Таа истакна дека суштината на оспорените одредби се можните последици, што произлегуваат со тие пропишани членови.

За збор се јави судијката Гзиме Старова и кажа дека е очигледна ангажираноста на државниот советник во изработката на рефератот. Доста се вложиле и инвестирале во рефератот и се гледа дека е пишуван со голема мотивација. Во рефератот се гледа дека го подржувале подносителот на иницијативата. Таа истакна дека уставно-судската пракса наведена во рефератот е несоодветна. Дополнително, таа кажа дека судијата известител Маркудова со друг државен советник, минатата недела имале различен став за Законот за јавни службеници. Имено, тие сметале дека е во ред утврдување на престанок на работниот однос со колективен договор, а во овој случај оспоруваат со закон регулирана материја. Судијката Старова кажа дека ако пројде овој предлог, ќе го повредиме член 9 и 32 од Уставот на РМ. Дополнително таа се запраша зошто нема наведено соодветна уставно-судска пракса, кога пред само една недела имале ваков предмет. Стануваше збор за Законот за високо образование, односно за фактот дека на професор кој не остварил импакт фактор може да му престане работниот однос и тогаш овој суд ценеше дека нема ништо спорно со оваа одредба.

За збор се јави судијата Јован Јосифовски и истакна дека рефератот не бил добро изготвен и се согласува дека треба да се дискутира. Тој се запраша како можело наградата да се смета за правна несигурност. Исто така дополни дека дадената уставно-судска пракса е несоодветна, со што кажа дека се согласува со судијката Старова. Судијата Јосифовски кажа дека не можел да гласа за поведување на постапка.

За збор се јави судијата Владимир Стојаноски и истакна дека се согласува со судијата Јосифовски и нема да го прифател предлогот за членот 68 став 7, со кој се уредувала жалбата. Законодавецот утврдил, така и ние како Уставен суд немаме право да се мешаме во неговото право на креирање на норми. Тој дополни дека ќе се водел од амандманот 21 од Уставот на РМ и нема да го подржел предлогот даден во рефератот кој се однесува на жалбата.

За збор се јави судијата Јосифовски и дополни дека е неприфатливо закон што е надвор од правниот поредок да биде аргумент во рефератот за поведување на постапка.

За збор се јави судијката Наташа Габер-Дамјановска и истакна дека ќе го поддржи рефератот во делот за правната сигурност. Овие одредби ускратувале некои права на вработените во државната администрација. Дополнително таа истакна дека тие што ги исполнуваат бараните оценки за успех се можеби повеќе од 5% од вработените, а можеби и помалку. Таа запраша кој е тој арбитер кој ќе одлучи кој ќе влезе во тие 5% и токму тоа длабоко задирало во работничките права на граѓаните.

За збор се јави судијата Јосифовски и истакна дека има мислење за членот 65 кој е оспорен по сопствена иницијатива на изготвувачот на рефератот. Тој кажа дека неможе со закон да се ускратуваат права загарантирани со Уставот на РМ.

За збор се јави судијата Стојаноски и истакна дека има цела глава за оценување на административните службеници и тој смета дека процентуално определување на наградените е противуставно.

За збор се јави судијата Сали Мурати и побара да се одложи рефератот и да се доработи, бидејќи Уставниот суд има многу работено на оваа проблематика и затоа може да се понуди соодветна судска пракса.

За збор се јави судијата Јосифовски и кажа дека правната ситуација е јасна и дека нема потреба од одложување.

За збор се јави судијката Маркудова и истакна дека ѝ е мило што се развила голема дискусија по однос на рефератот. Дополнително кажа дека наводите истакнати во рефератот се согледување на државниот советник и нејзино, а судот бил тој што ќе одлучел на крајот. Таа кажа дека членот 65 што е оспорен по сопствена иницијатива бил во директна корелација со оспорениот член 68. Исто така, судијката Маркудовакажа дека не прифаќа одложување на рефератот.

За збор се јави судијата Јосифовски и имаше технички забелешки во врска со рефератот.   

Бидејќи никој друг не побара збор, претседателката Елена Гошева ја затвори расправата по првата точка.

Точка I.2

Судија известител: Владимир Стојаноски

Судијата Стојаноскиистакна дека останува на наводите и предлогот во изготвенито реферат.  

Бидејќи никој друг не побара збор, претседателката Елена Гошева ја затвори расправата по првата точка.

Точка I.3

Судија известител: Сали Мурати

Судијата Мурати накратко го изложи својот реферат и истакна дека останува на наводите во истиот. Тој кажа дека се работи за трајна пренамена на градежно земјиште, а тоа било спротивно од член 14 и 15 од Законот за градење. Дополнително истакна дека Уставниот суд не бил надлежен да решава и дека подносителот на иницијативата требал да се обрати до другите судови за правна заштита на своите права. Согласно ова, судијата Мурати предлага да се отфрли иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.

За збор се јави судијката Старова и имаше само технички забелешки.

Бидејќи никој друг не побара збор, претседателката Елена Гошева ја затвори седницата.

Седницата на Уставниот суд заврши во 11.00 часот по што се премина на тајно гласање по предлозите од рефератите.

Видување на Хелсиншкиот комитет за седницата

Хелсиншкиот комитет смета дека седницата генерално беше водена во согласност со Деловникот на Уставниот суд. Претседателката Елена Гошева ја водеше седницата коректно и на сите судии им беше дадено збор да дискутираат по однос на изложените реферати. Претставниците на Хелсиншкиот комитет имаат забелешка што се однесува на начинот на кој судиите го презентираат својот реферат. Имено, иако рефератот во писмена форма е доставен до сите судии, неопходно е судиите известители да го образложат подетално, особено кога во судската сала се наоѓаат претставници на јавноста. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo