Corner Судство

10-та Седница на Уставниот суд на РМ 13 Април 2016

На 13.04.2016 година, со почеток од 9:10 часот, се одржа 10-та седница на Уставниот суд, на која присуствуваа претставници на Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“. Во судската сала присутни беа претставници на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. За време на седницата, Уставниот суд расправаше во полн состав од 9 судии.

Уставниот суд расправаше по следниов:

Дневен ред

I.РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.Член 28-а став 4 (Измените на договорот за вработување можат да бидат извршени ако и двете страни се договорат за истото.) од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015 и 129/2015).

Реферат У.бр.3/2015

2.Член 233 став 1 алинеја 3 (опремени со соодветен уред (камера со двострано снимање со сопствен извор на напојување) кој овозможува видео и аудио запис со можност за архивирање и документирање на снимените податоци кои се чуваат во автошколата 90 дена од денот на издавањето на потврдата за оспособеност на кандидатот за возач)и член 284 ставовите 1 и 2 (1) Автошколата е должна за време на оспособувањето на кандидатот за возач, да има вклучено камера во:
-просторијата од членот 231 алинеја 2 од овој закон и  - возилото од членот 241 став (1) алинеја 5 од овој закон.(2) Автошколата е должна за време на оспособувањето на кандидатот за возач, во случај кога во просторијата и возилото од ставот (1) на овој член, не се вклучени камерите или истите се исклучиле, односно не постои соодветен доказ дека е спроведено оспособување, истото по тој наставен час од програмата ќе се повтори на товар на автошколата.) од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“бр.169/2015).   Реферат У.бр.109/2015 

3.Член 7 ставовите 3 и 4 ((3) Против решение, кое во управна постапка го донесува царинскиот орган, може да се поведе управен спор пред надлежниот суд.  (4)Тужбата не го одлага извршувањето на решението.) од Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 39/2005, 4/2008, 48/2010, 158/2010, 44/2011, 53/2011, 11/2012, 171/2012, 187/2013, 129/2015, 154/2015 и 192/2015).  Реферат У.бр.28/2016

II.ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ПРЕДМЕТИТЕ: 

1. Предлог за одлучување, со нацрт-одлука по предметот

У.бр.147/2014

Точка I.1

Судија известител: Никола Ивановски

Судијата Ивановски накратко го изложи својот реферат и наводите на иницијаторот кој сметал дека оспорената одредба не е во согласност со членовите 32 и 50 од Уставот на РМ. Според судијата, не постои споредбена пракса за овој случај, но Уставниот суд одлучувал во слични предмети во врска со судска заштита. Судијата Ивановски извести дека во предметот е пристигнат одговор од страна на Владата на РМ. Тој се осврна на одредби од Законот за работни односи и колективен договор. Според него, договорањето е во согласност со Уставот и работодавачот и работникот се слободни да се договараат за меѓусебните односи. Доколку за првобитниот договор имало судска заштита тогаш логично е дека таа заштита важи и за измените во договорот.

За збор се јави судијката Гзиме Старова која истакна дека не се согласува дека со договорот за вработување работодавачот и работникот може да се договараат за што сакаат. Нивниот договор мора да биде склучен на начин како што предвидува законот. Според судијката Старова оваа интервенција е во насока на корекција во нацрт-решението што Судот би го усвоил. Според судијката, договорањето може да оди во насока да се утврдат дополнителни права за работникот, но не и на негова штета, односно треба да биде исполнет законскиот минимум.

Точка II.1

Судија известител: Сали Мурати

Судијата Мурати подетално го изложи својот реферат и наведе дека предметот се однесува на авто-школите, опремување на моторните возила и местата за тренинг и полагање со аудио-визуелна опрема. Според судијата, се поставува прашање дали со оваа опрема се повредува физичкиот и морален интегритет на кандидатите за возачка дозвола и дали авто-школите треба да бидат законски обврзани за воведување на оваа опрема. Според судијата Мурати, доколку се гледа само првиот оспорен член може да се помисли дека има уставно-правни повреди, но кумулативно со вториот член ограничувањето може да биде дозволено. Целта на ограничувањето е разумно за заштита на луѓето и општите добра во сообраќајот. Според тоа, не постои нееднаквост. Кандидатите знаат дека ќе бидат снимени и дека снимениот материјал ќе се чува 3 месеци по нивното успешно полагање, но тоа не е проблематично, односно Уставниот суд нема надлежност да одлучува за архивирањето на видео материјалите.

За збор се јави судијката Наташа Габер-Дамјановска која истакна дека се работи за интересен предмет, но може да се поврзе со праксата на Европскиот суд за човекови права што се однесува на приватноста. Според судијката, од одговорот на Владата на РМ во предметот произлегувало дека во минатото се случувале многу злоупотреби од страна на авто-школите. Одредбите за авто-школите биле доста детални и содржеле казни. Оспорените одредби се однесувале на начинот на настава. Според судијката Габер-Дамјановска, сè се снимало, па ако се собереле сите часови на снимање тоа бил преобен материјал. Таа го цитираше Член 9а од Законот за заштита на личните податоци (што се однесува на дозволената обработка на личните податоци преку вршење на видео надзор) што го споменала и Владата на РМ во својот одговор, но наведе дека е испуштен Член 9б кој утврдува дека видео надзор во службени или деловни простории може да се врши ако тоа е потребно за: 1) заштита на животот или здравјето на луѓето; 2) заштита на сопственоста; 3) заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата или 4) обезбедување на контрола над влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории. Бидејќи не постои ниту една од овие причини и непостоењето на соодветен баланс помеѓу приватноста и снимањето, судијката нема да го поддржи предлогот за неповедување на постапка.

За збор се јави судијката Гзиме Старова која упати комплименти кон судијата Мурати како човек кој е професионалец и кој во минатото се истакнувал во предмети за заштита на приватноста. Сепак, токму поради тоа таа била изненадена од овој реферат и предлог да не се поведе постапка. Судијката Старова запраша што се сака да се постигне со камери што снимаат сè и сешто, а во случајот и теоретскиот и практичниот дел од обуката. Спорeд Владата, причината била подобро обучени возачи за подобра безбедност во сообраќајот. Според судијката, тестовите се стресни сами по себе. Потоа судијката истакна дека не ја гледа потребата нејзината внука да биде снимана и тие материјали да ги чуваат 3 месеци откако ќе положи. Според неа, повреден е Член 11 од Уставот. Таа запраша кога младите знаат дека ќе се снима, каква ќе им биде комуникацијата со обучувачите? Каков ќе биде ефектот ако нема таква комуникација? Според судијката Старова, нападната е интимата на младите. Снимањето врз нив ќе влијае психолошки, но тоа ќе биде случај и со постарите кандидати, бидејќи психологијата на луѓето нема возраст. Некои деца се емотивни, таа како професорка имала студенти што на испит се расплакувале без причина затоа што имало некој од другата страна. Судијката запраша како ова прашање е регулирано во други земји? Таа лично немала дилема околу неуставноста на одредбите.

За збор се јави судијата Мурати кој се заблагодари за комплиментите на судијката Старова. Истакна дека останува кон изнесеното во рефератот. Според судијата Мурати, оспорените одредби имале причинска врска со Законот за заштита на личните податоци. Целта била да се биде транспарентен и сите знаеле како се полагало до сега, па со новите одредби ќе имало објективна оцена. Точно е дека можело да дојде до повреда на личните податоци, но тоа било возможно секаде. Постоеле начини да се заштитат тие права. Според Европскиот суд за човекови права, приватноста може да се ограничи доколку тоа е од јавен интерес.

За збор се јави судијката Старова која го запраша судијата Мурати дали е сигурен дека на овој начин ќе се подигне нивото на сообраќајна култура?

На тоа судијата Мурати одговори дека сака да верува дека тоа ќе биде случај.

За збор се јави судијката Габер-Дамјановска која инсистираше дека е повредено правото на приватност. Според неа, мерењето на јавен интерес е различен по однос на субјектот. На пример дали се снима инструкторот или кандидатот.

За збор се јави судијата Владимир Стојановски кој прочита дел од одговорот на Владата на РМ. Целта била обезбедување повисок стандард, непристрасност и објективност при обучување и се штитело здравјето на луѓето. Според судијата Стојановски, не треба да се прави паралела помеѓу оспорените одредби и Законот за заштита на личните податоци. Оние кандидати што не положиле често приговарале и тужеле. Сега со видеата ќе имало поголема правна сигурност и за комисијата за полагање и за кандидатот. Ќе се зголемела безбедноста, но и одговорноста на авто-школите.

За збор се јави судијата Мурати кој истакна дека и во Србија има правилници преку кои на сличен начин ја регулирале оваа материја.

За збор се јави судијката Старова која истакна дека ќе било добро таа пракса да ја имало во рефератот, а не да се истакнува сега откако судијата ја прочитал на интернет. Според судијката Старова, во последно време судиите како да се скарани со компаративните анализи.

Бидејќи никој друг не побара збор, претседателката Гошева ја затвори расправата и се премина на

Точка I.3

Судија известител: Јован Јосифовски

Судијата Јосифовски истакна дека нема никаква дилема дека оспорената одредба е во согласност со Уставот и дека не треба да се поведе постапка.

Бидејќи никој друг не побара збор, претседателката Гошева ја затвори расправата и се премина на

Точка II.1

Судија известител: Никола Ивановски

Судијата Ивановски истакна дека нема што да додаде.

Бидејќи никој друг не побара збор, претседателката Гошева ја затвори седницата по што се премина кон тајно гласање по предлозите.

Седницата заврши во 10:20 часот.

Видување на Хелсиншкиот комитет за седницата

Хелсиншкиот комитет смета дека седницата генерално беше водена во согласност со Деловникот на Уставниот суд. Претседателката Елена Гошева ја водеше седницата коректно и на сите судии им беше дадено збор да дискутираат по однос на изложените реферати.

Во врска со Точката I.2, за поздравување е подолгата дебата која се разви во врска со приватноста и заштитата на личните податоци наспроти јавниот интерес односно наводите дека со оспорените одредби се придонесува кон заштита на луѓето и општите добра во сообраќајот. Хелсиншкиот комитет смета дека за вака важни теми неопходно е организирање јавни расправи од страна на Уставниот суд (членови 33-50 од Деловникот на Уставниот суд). Ќе беше од корист за време на таква расправа да беа повикани учесниците во постапката (авто-школите што ги оспореле одредбите), како и органи, организации, научни и стручни работници во оваа област. Без компаративна анализа во рефератот и без учество на повеќе засегнати страни, уставните судии ризикуваат да донесат одлуки што би оделе на штета на граѓаните и нивните уставни права.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo